Арсенал е прв фаворит за титулата во Премиер лигата. „Топчиите“ продолжуваат да напредуваат на врвот на табелата и сега се 7 бода пред најблискиот противник.
Арсенал ја продолжи својата серија без пораз на 12 натпревари во сите натпреварувања. Тимот ја забележа својата седма последователна победа без примен гол, израмнувајќи го клупскиот рекорд поставен во 1987 година. Победничката серија на Арсенал е девет натпревари. Последниот тим што не загуби од „топчиите“ беше Манчестер Сити по нерешениот резултат 1-1 на 21 септември. Единствениот пораз на тимот досега оваа сезона беше од шампионот Ливерпул, со 0-1 на „Енфилд“ кон крајот на август.
Јанг се повреди, го чека пауза од четири недели
Плејмејкерот на Атланта Хокс, Трае Јанг, ќе отсуствува најмалку четири недели поради повреда на коленото.
Бекот на „Хокси“ се повреди пред четири дена во натпреварот против Бруклин (117-112) во НБА.
„Јанг беше подложен на магнетна резонанца, која потврди скинат лигамент на десното колено. Играчот започна со рехабилитација и ќе биде повторно евалуиран за приближно четири недели“, се вели во соопштението на Атланта.
Јанг (27) досега оваа сезона во НБА има просек од 17,8 поени, 7,8 асистенции и два скока по натпревар. Американските медиуми објавуваат дека кошаркарот на Атланта ќе пропушти најмалку 15 натпревари од НБА поради повредата.
Струмица со победа ја започна одбраната на одбојкарската титула
Актуелниот шампион во најсилната машка одбојкарска лига, Струмица 47&72 имаше сигурен старт на новата сезона, со победа од 3-0 на гостувањето кај Лирија, во рамките од второто коло. Поради обврските во ЦЕВ Лигата на шампионите струмичани беа принудени да го одложат првиот натпревар од домашното првенство против Јанта Волеј, па во одбрана на титулата тргнаа една недела подоцна и тоа без посериозни проблеми.
Вториот викенд кај мажите не донесе изненадувања, односно Штип УГД ја потврди фаворитската улога против дебитантот Скопје. Сушево со максимален резултат ја совлада Македонија Џио во регионалното дерби, додека Шкендија во три сета се радуваше над Весна Пробиштип пред својата публика. Дуелот од ова коло кој го носеше епитетот дерби се одигра уште во четвртокот и заврши со 3-0 победа на Работнички 71&22 над Борец. Последниот дуел од втората рунда меѓу Јанта Волеј и Универзитет во Тетово е одложен и ќе добие дополнителен термин за одигрување.
Манчестер Јунајтед и Њукасл ќе играат на „Боксинг деј“
Англиската Премиер лига направи преседан и официјално потврди дека оваа сезона на „Боксинг деј“, 26 декември, ќе се одигра само еден натпревар. Единствениот дуел на тој ден ќе биде дербито меѓу Манчестер Јунајтед и Њукасл на „Олд Трафорд“.
Оваа промена претставува отстапување од долгогодишната англиска традиција, бидејќи „Боксинг деј“ отсекогаш бил симбол на празничната фудбалска еуфорија, ден кога стадионите низ земјата се полнат до последно место.
Премиер лигата оваа година реши да направи порамномерна распределба на натпреварите од 18. коло за да им овозможи на клубовите подобар одмор во напорниот зимски период.
Покрај мечот Манчестер Јунајтед – Њукасл, седум средби ќе се одиграат во сабота, а преостанатите две се закажани за недела.
Синер и Оже-Алијасим ќе играат за титулата во Париз
Италијанецот Јаник Синер и Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим ќе играат во утрешното финале на тенискиот АТП турнир од серијата Мастерс 1000 во Париз.
Синер обезбеди место во финалето, откако вечерва во второто полуфинале без поголеми проблеми го совлада Германецот Александар Зверев од Германија со 6-0, 6-1, кој одлучи да игра и покрај проблемите со глуждот.
За 24-годишниот Синер ова ќе биде деветто финале оваа година, откако освои четири титули, последната пред една недела во Виена.
Претходно освои два грен слем турнири, Австралија Опен и Вимблдон, а триумфираше и на турнирот во Пекинг, додека четири пати загуби во финалињата, на Ролан Гарос и на УС Опен, како и на турнирите Мастерс 1000 во Рим и Синсинати.
Претходно денеска, канадскиот тенисер Оже Алијасим со 2-0 во сетови го совлада Казахстанецот Александар Бублик и се пласираше во своето второ мастерс финале во кариерата.
Филип Кузмановски: Одиме во добра насока
Македонската ракометна репрезентација загуби од Јапонија (31-32) во вториот пријателски натпервар на оваа ЕХФ седмица.
Азискиот ривал покажа брза игра која на моменти беше проблем за нашата селекција.
По мечот во Куманово даде капитенот Филип Кузмановски.
„Во овој момент Јапонија беше најдобар можен противник. Тие играат многу брз ракомет, а моментално во Европа и светот ова е ракометот игра на брз центар и контра веднаш по примен гол. На овие два меча кои ќе ги анализираме не бевме комплетни и имаме што да покажеме. Сепак, ова е насоката во која треба да движи Македонија. Ова е прв чекор кон Европското првенство за тешката група. Имаме доволно материјал за анализра, па иако не сме среќни со поразот покажавме доста добри работи. Ќе се поправиме сигурно, а со попрецизна и пофокусирана игра оваа Македонија на ЕП ќе биде многу подобра“, изјави Кузмановски.
Македонија следниот собир ќе го има во декември кога ќе ги стартува подготовките за Европското првенство. На континенталниот собир избраниците на Кирил Лазаров ќе играат во група во Хернинг со домаќинот Данска, Португалија и Романија.
Барса и Виљареал ќе играат во Шпанија, а не во САД на 20 декември
Барселона побара натпреварот од Ла Лига против Виљареал да се одржи на 20 декември, како што првично беше планирано. Претходно се очекуваше тимовите да играат на 20 декември во Соединетите Американски Држави, но тие планови пропаднаа.
Сега, Барса има понуда да одигра пријателски натпревар во Перу против локален ол-стар тим на 22 декември. Патувањето би можело да му донесе на клубот меѓу 7 и 8 милиони евра.
Сепак, за Ла Лига и Фудбалската федерација да дозволат натпреварот да се одржи на 20 декември, треба да добијат официјална понуда од перуанскиот промотер. Во исто време, времето за одмор на играчите на Барса мора да биде во согласност со минималните барања од договорот на Шпанската асоцијација на фудбалери.
Младост УГД и Работнички слават гостински победи во Битола и Скопје
Одбојкарките на Младост УГД ја запишаа третата победа во четвртото коло во Првата лига жени, откако во натпревар во пет сета се радуваа на гостувањето во „Боро Чурлевски“ во Битола, кај Пелистер Волеј. Натпреварот кој имаше хуманитарен предзнак во чест на прерано починатата спортска битолска легенда, Зоран Петковски, понуди одлична одбојка пред околу 1.500 гледачи. Битолскиот состав иако има епитет на дебитант во најсилното женско одбојкарско друштво втор викенд во низа игра натпревар во пет сета, потврдувајќи ги неговите сериозни амбиции. Младост УГД одигра на искуство и успеја да си замине како победник.
Нашиот претставник во ЦЕВ Челинџ Купот, Работнички Скопје имаше успешна последна проверка на силата со максимална победа над Вардар ЕМ во пресрет на двомечот во естонски РАЕ Спордикол, кој го игра на 4 и 5 ноември на гостински терен.
Два натпревари беа одложени, Јанта Волеј КВ и Фит Фан Волеј поради настап на шампионот во квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите, додека средбата Наковски Волеј против Ускана беше предвидено да се игра викендов, но е одложена.
В понеделник во СЦ „Форца“ од 20:15 часот се игра дуелот меѓу Газели и Струмица жени.
Познати деветте олимписки стипендисти на МОК
Управниот одбор на Македонскиот Олимписки комитет ја одржа својата редовна седница на која едногласно беа донесени низа клучни одлуки за успешното работење и идниот развој на олимпизмот. Во главните точки спаѓаа усвојувањето на извештајот за ЕМОФ, именувањето на нов менаџерски тим и одобрувањето на новите олимписки стипендии за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, по што беа свечено потпишани и договорите со стипендистите.
Одобрени се девет стипендии, со вкупен месечен износ од 9.000 американски долари, кои ќе се исплаќаат директно на спортистите. По завршувањето на седницата, беа и свечено потпишани договорите со стипендистите.
Седницата ги потврди успешните резултати од изминатиот период и постави јасни насоки за иден раст и модернизација на Олимпискиот комитет.
Зверев последен полуфиналист на Мастерсот во Париз
Германскиот тенисер Александар Зверев е последниот полуфиналист на АТП Мастерсот од серијата 1000 во Париз, откако синоќа по голема борба го победи Русинот Данил Медведев со 2-6, 6-3, 7-6(5).
Зверев до пласманот во полуфиналето во кое ќе игра против Италијанецот Јаник Синер, дојде со пресврт и воедно спаси две меч топки на 4-5 во третиот сет.
Медведев сè уште има голема предност во меѓусебните натпревари против Зверев (14-8), но со победата во Париз, германскиот тенисер ја прекина серијата од пет порази во меѓусебните пресметки.
Полуфиналето меѓу Зверев и Синер ќе биде реприза на финалето од минатата недела во Виена, каде Италијанецот славеше победа по неизвесни три сета.
Во второто полуфинале на Мастерсот во француската престолнина ќе играат Казахстанецот Александар Бублик и Канаѓанецот Феликс Оже Алиасим.