feature

Ѓоковиќ не сака ни да чуе за пензија

Отвореното првенство на Австралија започнува утре, 18 јануари, а во текот на следните две недели, најдобриот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, ќе се бори за освојување на титулата на Гренд слем турнирот во Мелбурн. Србинот 10 пати во кариерата го освои трофејот во Австралија.

Пред почетокот на натпреварувањето, Новак Ѓоковиќ одржа прес-конференција, а едно од прашањата на новинарите беше за кариерата на српскиот тенисер. Индиректно беше прашан кога ќе се пензионира, со оглед на тоа што има 38 години.

„Често ме прашуваат кога ќе дојде крајот, но сè уште не размислувам за тоа, тука сум и се натпреварувам. Кога ќе ми созрее во главата, ќе споделам со вас, а потоа можеме да разговараме за прошталната турнеја, но сега сум сè уште број четири во светот, се натпреварувам со најдобрите во светот, нема потреба од таа дискусија“, рече Новак Ѓоковиќ.

Освојувачот на 24 Гренд слем трофеи во кариерата. рече дека не жали за ништо во својата кариера, за што сведочат многуте соборени рекорди.

„Некои спортисти жалат што можеби не постигнале цел, но има голем број, барем оние што ги слушав, кои го ценат она што го направиле. Сето тоа е прашање на лична перспектива. Јас сум последниот што треба да се жали, успеав да ги срушив речиси сите рекорди, благодарен сум му на тенисот за можноста да го живеам сонот, да патувам низ светот… Успесите се најголемата мотивација и ѕвезда-водилка, но тоа не е единственото нешто, интеракцијата со луѓето, љубовта кон играта, адреналинот кога излегувате на теренот, тоа е како дрога, мислам дека многу други спортисти се согласуваат со тоа“, додаде Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер е четврти носител, а освојувачот на 10 титули во Мелбурн ќе се бори во првото коло против Шпанецот Педро Мартинез. Проектираниот ривал во второто коло ќе биде Теренс Атман, 64-тиот играч на АТП листата. Во полуфиналето, тој би можел да се сретне со Јанико Синер, додека Карлос Алкараз е на спротивната страна од костурот.


Почина претседателот на Фиорентина

Фиорентина објави дека претседателот на клубот, Роко Комисо, починал по долго боледување.

Шефот на „виолетовите“ наполни 76 години минатиот ноември, а во долга порака на веб-страницата на клубот, Фирентинците изразија благодарност за успесите на првиот тим во Италија и на меѓународните турнири, како и сочувство до семејството на Роко.

„Во овој момент на голема тага, искрена мисла им упатуваме на сите во Фиорентина – персоналот, играчите и вработените – на сите што го познаваа Роко, на целата заедница и пред сè на сите момчиња и девојчиња кои ќе продолжат да ги носат боите во сеќавањето на нашиот Роко низ цела Италија и светот. Ни недостигаш и секогаш ќе ни недостигаш.“ – напиша клубот по смртта на Роко.


Лазаров: Португалија овде дојде по медал, но го нема квалитетот на Данска!

Македонската ракометна репрезентација по натпреварот со Данска и поразот на стартот на Европското првенство, сега веќе размислува за следниот натпревар со Португалија.

Селекторот Лазаров, на денешната средба со новинарите, зборуваше и за следниот противник.

„Португалија е одлична селекција и тука дојде да се бори за медал. Сепак, не е на нивото на Данска. Мораме да бидеме позитивни и реални и да се обидеме да одиграме подобро од вчера. Сите посакуваме изненадување, но мора да стоиме цврсто на земја и да бидеме компетитивни. Португалија е фаворит, цела ноќ се занимавам со нив, како и минатите шест месеци. Нивните апетити пораснаа, мислат дека можат дури и до медал. Ќе се обидеме да им го пореметиме планот“, рече Лазаров.
Селекторот зборуваше и за тоа како ги поминуваат ноќите подготвувајќи се следните противници:

„Ноќите за тренерите на големите натпреварувања се непреспиени. Мораме да сработиме и тоа што било, и тоа што ќе биде. Дали можеше подобро или полошо не се прашуваме само ние. Се прашува Данска и така е против секоја репрезентација. Тие се спремаат да бидат европски прваци и можеш да ги изненадиш 5-10 минути. Ова е едно големо искуство за сите нас и треба побрзо да го заборавиме овој натпревар“, заврши Лазаров.

Македонија својот натпревар со Португалија го игра утре од 18:00 часот во Хернинг.


Миовски блесна и запиша хет-трик против Анаи

Бојан Миовски беше главниот играч на Глазгов Ренџерс во денешниот куп натпревар против Анан, гигантот победи со 5-0, а нашиот фудбалер даде три гола.

Миовски го отвори резултатот уште во 12. минута од натпреварот.

Во 32. минута Македонецот погоди со глава за 2-0.

Третиот гол Миовски го постигна од пенал, тоа беше погодок за 4-0.


Сомнежи за наместен меч на Европското првенство во ватерполо

Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.

Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.

Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21-12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22-13), Унгарија (21-6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:-15.


Тер Штеген се согласил на позајмица во Џирона

Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.

Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.

Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.

Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.


Томовски: Против Португалија на сè или ништо!

По натпреварот во Хернинг на стартот на ЕП во ракомет нашиот прв голман вечерва, Мартин Томовски го анализираше дуелот со светскиот и олимпискиот шампион.

„Без разлика што Данска е најдобра, ние излеговме на терен и дадовме максимум. Техничките грешки на стартот не чинеа скапо, а тим како Данска знаеше тоа да го казни. Мислам дека овој меч може многу да ни помогне, да анализираме и да направиме добра подготовка за следниот меч со Португалците. Мора да ги поправиме грешките, да се консолидираме во одбраната и да атакуваме на позитивен резултат. Верувам дека ќе имаме поинаков меч, иако и Португалците играат брзо и тие имаат слабости. Добро ги анализиравме. Овој меч беше само увертира и патоказ како не треба, мораме да коригираме грешки и да одиме на се или ништо против Португалија“, рече нашиот голман.


Лазаров: Вакви резултати им се случуваат и на посилни репрезентации од нас

Македонската ракометна репрезентација со пораз од 36:24 против домаќинот Данска го започна настапот на Европското првенство, но селекторот Кирил Лазаров вели дека е задоволен од прикажаната игра, и покрај двоцифрениот резултат.

Лазаров истакна дека неговите избраници храбро се спротивставиле на една од најдобрите селекции во светот и дека вакви порази им се случуваат и на многу поквалитетни репрезентации.

„Иако е тешко да се каже по пораз од дванаесет гола, задоволен сум од начинот на кој се бореа моите момци. Добро го подготвивме натпреварот, ротиравме и им дадовме шанса на сите играчи, што е важно со оглед на напорниот ритам“, изјави Лазаров, додавајќи дека фокусот веќе е насочен кон дуелот со Португалија.

Како клучен момент за поразот, селекторот ги посочи почетните минути, кога Данска ги искористи македонските грешки и направи серија од 5-0. Сепак, тој нагласи дека одбраната во поголем дел од натпреварот била добро поставена и дека тимот ќе се обиде да се прикаже во уште подобро светло на следниот меч“, рече Лазаров.

Репрезентативците добија поштеда и утре нема да тренираат, а во утринските часови ќе одржав брифинг со новинарите.


Светскиот првак пресилен, Македонија загуби во Хернинг од Данска

Македонската машка ракометна репрезентација загуби од Данска со 36-24 (17-12) во првиот натпревар на Европското првенство. Во натпревар од кој реално немавме големи очекувања, нашиот настап треба да биде само вовед во она што ги очекува репрезентативците во продолжението од првата фаза.

Избраниците на Кире Лазаров покажаа борбеност, мотивираност и квалитет и против селекција каква што е Данска, првото полувреме кодомаќинот го доби со 17-12, а во продолжението успеа да изгради и поголема предност. Фаворитот на крајот славеше со 36:24 пред своите фанови во Хернинг, а Македонија сигурно ќе извлече и добри моменти, односно ситуации во кои му се спротивставуваше на актуелниот светски шампион.

Серафимов со шестголови беше најефикасен во нашата репрезентација, Митев и Кузмановски постигнаа по четири, додека на спротивната страна доминираа Питлик со девет и Гидсел со осум голови. Нашата репрезентација во недела веќе има нов предизвик и соочување со Португалија, репрезентација која исто така има една победа откако ја совлада Романија во првиот натпревар од групата.


Мусијала конечно се враќа: Компани потврди дека „магионичарот“ е подготвен за Лајпциг

Frontview of Jamal Musiala as Bayern Munich player

Џамал Мусијала викендов се враќа во тимот на Баерн Минхен, по мачната седуммесечна рехабилитација од тешката повреда на ногата. Веста ја потврди тренерот Винсент Компани, со што значително ги зголеми амбициите на „Баварците“ пред дербито во Бундеслигата против РБ Лајпциг.

Младата 22-годишна ѕвезда доживеа скршеница на фибулата и дислокација на скочниот зглоб во јули 2025 година, за време на четвртфиналето од Светското Клупско Првенство против ПСЖ. Иако неговиот пат беше проследен со потешкотии, вклучувајќи и помал застој на почетокот на јануари оваа година, Мусијала успешно ги помина сите фази на тренинзите во базата Зебенер Штрасе. Компани го опиша овој период како „излегување од мрачен тунел“, фалејќи ја менталната сила и издржливост на фудбалерот.

„Ако сè помине во ред на денешниот тренинг, планот е тој да биде во комбинација за настап“, изјави Компани на петочната прес-конференција.

Со оглед на тоа што Баерн моментално е лидер на табелата, стручниот штаб нема намера да форсира и планира постепено да му дава минутажа на Мусијала за да се избегне нов премор. Неговото враќање, заедно со Алфонсо Дејвис и Хироки Ито, значително ја подобрува ротацијата и длабочината на тимот.

Како еден од најдобрите креативци во светот, Мусијала му носи на Баерн неопходна инвентивност и ефикасност во нападот. Навивачите со нетрпение го очекуваат неговиот препознатлив стил, кој треба да биде клучен мотор во трката за титулата, но и за надежите на Германија пред претстојното Светско Првенство. Ова е пресвртен момент за младиот ас, кој помина точно 195 дена надвор од фудбалските терени.