feature

ЕХФ ги суспендира Начевски и Николов, нема да судат и на Европското првенство

Mакедонските ракометни судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски останаа без можност да судат на Европското првенство (ЕП) кое се игра од 15 јануари до 1 февруари, откако ЕХФ ја повлече нивната номинација.

Од Европската ракометна федерација соопштија дека за време на подготовките за ЕП, сите судиски двојки мора да ги исполнат барањата и да поминат фитнес тест.

Начевски и Николов се обвинети од Куќата на ракометот дека наводно го лажирале фитнес тестот и поради тоа се суспендирани од претстојното ЕП.

-Овој процес е осмислен со цел да се обезбеди физичката подготвеност на судиите и нивната усогласеност со перформансните стандарди на турнирот. Тој вклучува доставување на две видео-снимки од т.н. „Мултистејџ фитнес тест“ – едната направена осум недели, а другата четири недели пред почетокот на ЕХФ ЕУРО. Снимките ги оценува фитнес-партнерот на ЕХФ, компанијата Fitgood Pro. По доставувањето на видеата од страна на Николов и Начевски, Европската ракометна федерација кон крајот на декември беше известена дека поднесените снимки можеби биле изменети и дека не претставуваат веродостоен и целосен запис од тестот. Поради тоа, ЕХФ го подложи материјалот на дополнителна анализа од експертите на „Фитгуд Про“, а снимките беа предадени и на интегритетниот партнер на федерацијата, објавија од ЕХФ.

Од ЕХФ најавија дополнителна истрага, по што ќе објават детали.


Артета го сака Арда Ѓулер во Арсенал

Лондонски Арсенал има намера да му достави понуда на Реал Мадрид за турскиот напаѓач Арда Ѓулер. Договорот би можел да достигне 80 милиони евра, според новинарот и инсајдер Екрем Конур, кој го објави ова на својот профил на социјалните мрежи.

Претходно се шпекулираше дека Ливерпул и Манчестер Јунајтед се заинтересирани за играчот. Сепак од Реал Мадрид не сакаат да го пуштат 20-годишниот напаѓач, гледајќи го како дел од долгорочниот проект на клубот.

Во тековната сезона 2025/26, напаѓачот одигра 27 натпревари, постигна три гола и имаше осум асистенции. Арда Ѓулер игра за Реал Мадрид од јули 2023 година. Договорот на турскиот играч од средниот ред со клубот е до јуни 2029 година, а неговата пазарна вредност се проценува на 90 милиони евра.


Трабзонспор спремен да ја плати клаузулата за Мато

Според пишувањата на турските медиуми, екипата на Трабзонспор го насочи вниманието кон Роџер Мато, 22-годишнот лево крилен играч од Уганда кој игра за нашиот најтрофеен клуб Вардар.

Мато, кој е ѕвезда оваа сезона во ПМФЛ со 15 гола и 2 асистенции во 17 настапи, доби позитивни извештаи од скаутинг тимот. Со одобрение на главниот тренер Фатих Теке, раководството започна официјални преговори за трансферот. ФК Вардар вчера излезе со соопштение дека откупната клаузула на Мато ќе биде 1,5 милион евра, но се шпекулира дека тој би можел да ги исполни очекувањата на Трабзонспор.

Турските медиуми исто така пренесуваат дека пред неколку дена шкотскиот тим Хартс му понудил на Вардар 350.000 фунти за Мато, но клубот ја одбил понудата.


Вон победи на спустот во Заухензе

Легендарната Линдзи Вон беше најбрза на спустот од Светскиот Куп во Заухензе, Австрија и на тој начин ја забележа својата 84 победа во кариерата.

Трката се одржа на изменета (пократка патека од првично планираната), а Линдзи Вон ја заврши за 1:06,24. Второто место го освои Норвежанката Кајсе Викоф, која заостануваше 0,37 секунди, додека друга Американка, Жаклин Вилс, беше трета (+0,48).

Ова е втора победа на Линдзи Вон откако се врати од пензија, а прва во спустот. Ова беше нејзин шести пласман на подиумот откако се врати, 143. во нејзината кариера и 70. во спустот. Вон има вкупно 45 победи во спуст, и е рекордерка во оваа дисциплина.


Снегот одложи два натпревари од Бундеслигата

Натпреварот од Бундеслигата меѓу Сент Паули и Лајпциг, кој требаше да се игра в сабота, е одложен поради обилен снег и мраз на теренот на стадионот во Хамбург, соопшти денеска Германската фудбалска лига.

Германија е погодена од обилни снежни врнежи и температури под нулата во последните денови, кои се очекува да продолжат и во текот на викендот. Фудбалската сезона во Германија продолжува овој викенд, откако заврши тринеделната зимска пауза.

„Одговорните лица на стадионот Милернтор го затворија објектот по консултација со локалните власти. Ова се должи на обилните снежни врнежи и мраз низ целиот стадион и поврзаните безбедносни ризици за сите учесници на денот на натпреварот, како и критичната општа ситуација во Хамбург. Наскоро ќе биде објавен нов датум за натпреварот“, соопшти Бундеслигата.

Под знак прашалник е одигрувањето и на дуелите Унион Берлин – Мајнц 05 и Вердер Бремен – Хофенхајм.


Македонија меѓу 50 најголеми извозници на фудбалери

Македонија е меѓу Топ 50. светски извозници на фудбалери во последните пет години, покажува најновиот извештај на Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС).
Овој статистички завод, со седиште во Швајцарија, го анализираше периодот од 2020 до 2025 година.

Во тој период, вкупно 182 фудбалери родени во Северна Македонија играле во странство, од кои 180 во европските земји. Според податоците на ЦИЕС, Северна Македонија се наоѓа на 49. место според бројот на домашни фудбалери кои настапувале надвор од границите на државата од 2020 до 2025, а на 39. место според бројот на фудбалери кои изминатите пет години настапувале во европски клубови. Споредено со другите европските земји, Северна Македонија се наоѓа на 30. место според бројот на извезени фудбалери.

Во апсолутни бројки, Бразил е најголем светски извозник на фудбалери, со бројка од 3.020 во последните пет години. По Бразил следуваат Франција (2.293 фудбалери), Аргентина (2.171), Англија (1.151), Шпанија (1.106), Германија (1.095), Колумбија (1.077), Нигерија (926), Србија (915) и Хрватска (855).


Арсенал има 87% шанси за титула според ОПТА

Арсенал е апсолутен фаворит за титулата во Премиер лигата и има речиси 87 проценти шанса да стане нов англиски шампион, покажува најновата симулација на статистичката компанија Опта.

Арсенал ремизираше 0-0 во четвртокот вечер во дербито со Ливерпул, но е лидер на табелата по 21 коло со шест бодови предност пред второпласираниот Манчестер Сити.

Според Опта, Арсенал има 86,8 проценти шанса за освојување на титулата, додека Сити има 8,9%. Астон Вила е трета (4,2%), додека Ливерпул има само 0,1 проценти шанса да ја одбрани титулата. Ова се единствените четири тима на кои статистичарите на Опта им даваат шанса да ја освојат титулата.

Според Опта, Вест Хем, Барнли и Вулверхемптон со сигурност ќе испаднат од Премиер лигата оваа година.е


Дембеле одбил нов договор, дали ќе замине од Париз?

Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Усман Дембеле, ја одбил првата понуда на клубот за продолжување на договорот во вредност од 30.000.000 евра, објавија француските медиуми.

ПСЖ започна разговори за продолжување на соработката со францускиот репрезентативец, кој има важечки договор до 2028 година, со цел да го задржи освојувачот на „Златната топка“ и еден од клучните играчи во историската сезона 2024/2025, во која тимот ја освои Лигата на шампионите.

Според извештаите, Дембеле веќе добил првична понуда од клубот, но таа не е во согласност со неговите финансиски барања.

Како што се истакнува, понудената плата е околу 30.000.000 евра по сезона, проблем е што менаџерот на фудбалерот бара речиси двојно поголема сума, поради што договорот во моментов е далеку.

Во сезоната 2024/2025, Дембеле ги освои најважните индивидуални награди, вклучувајќи ја Златната топка, наградата „Најдобар“ на ФИФА и наградата за најдобар играч на Лигата на шампионите, а одигра и клучна улога во освојувањето на првиот европски трофеј во историјата на ПСЖ.


Нов пех на Дејвис, центарот пак се повреди

Екипата на Далас повторно се соочува со проблеми поради новата повреда на Ентони Дејвис.

Тој мечот го заврши натпреварот против Јута со 21 поен, 11 скокоа и четири асистенции, недоволни за да го избегнат поразот (116-114).

Но, ако мора да има уште една долга пауза, тоа ќе биде голем проблем за Маверикс. Дејвис ја повреди раката на две минути до крајот на натпреварот и мораше предвреме да оди во соблекувалната.

Инаку, тој беше во центарот на вниманието минатата година, кога реши Далас да го размени Лука Дончиќ за него, и сето тоа им се удри од глава. Дејвис е почесто повреден отколку што е на теренот, а Далас игра очајно веќе подолг период.

-Нормално е за нас, ништо ново. Имаме многу проблеми со повредите и со болестите. Губиме еден човек, следниот доаѓа – порача тренерот Џејсон Кид.

Дејвис пропушти 20 натпревари оваа сезона и има просек од 20,3 поени, со околу 50 % шут од поле.


Вавринка ќе игра во Мелбурн, Кирјос го откажа настапот

Австралискиот тенисер Ник Кирјос го откажа настапот во сингл конкуренција на претстојниот Австралија Опен, а негово место со „специјална покана“ го доби Стан Вавринка (рангиран е како 156-ти тенисер) и на тој начин ќе ги прескокне квалификациите.

„Не сум доволно подготвен за настап во Мелбурн и ќе се појавам само во конкуренција на машки двојки, каде ќе настапам со Танасис Кокинакис и ќе се обидеме како пред четири години да стигнеме до пехарот. Подготвен сум за враќање на терен, но не сум подготвен да играм пет сета, сепак тоа е нешто друго“, изјави Кирјос.

Вавринка објави дека ова ќе биде негов последен настап во Мелбурн каде во 2014 година освои Грен слем титула со победата над Рафаел Надал.