Ракометарот на репрезентацијата на Хрватска, Давид Мандиќ, го заврши настапот на Светското првенство 2025.
Мандиќ на натпреварот против Словенија доби скршеница на прстот од раката, а селекторот на Хрватска, Дагур Сигурдсон, изјави дека играчот ќе мора да оди на оперативен зафат.
Членот на Мелсунген само што се врати по повредата добиена на пријателски меч со Словенците, а сега оди на подолга пауза.
Волкановски најави враќање во октагонот
Австралискиот ММА борец со македонско потекло, Александар Волкановски најави камбек во октагонот по тешкото завршена 2023 година и лошата 2024 година во кои доживеа нокаути, а и го загуби шампионскиот појас.
„Како што кажав, ништо не е договорено. Ќе бидам подготвен во март или во април. Се уште немаат точен датум, но реков дека враќањето за неколку месеци е реална опција. Април звучи како добра шанса, но никогаш не можеш да бидеш сигурен“, изјави Волкановски.
Последната борба на Волкановски беше во февруари 2024 година.
Пјер Саж доби отказ, Фонсека пред промоција во Лион
Олимпик Лион остана без тренер само неколку дена пред натпреварот од Лига Европа. Американскиот претседател на францускиот клуб Џон Текстер го отпушти тренерот Пјер Саж и веќе 10 дена преговара со Пауло Фонсека, пишува „Л‘Екип“.
Саж беше ослободен поради неодамнешните слаби резултати на тимот и особено по срамниот пораз од аматерскиот тим Бургоњ (2:2 и 2:4 по пенали) во 1/16-финалето на Купот на Франција. Лион загуби и од Брест со 1:2 во Лига 1 и ремизираше 0:0 со Тулуз. Американецот Текстер лично отпатувал за Лион денес за да го извести Саж за својата одлука, бидејќи тој лично го назначи со изненадувачки потег во декември 2023 година.
Се очекува Пауло Фонсека да биде назначен во текот на денот и најверојатно ќе го води Лион против Лудогорец в четврток во Лига Европа. Американецот е во контакт со него од 2021 година. 51-годишниот поранешен тренер на Лил е слободен откако беше отпуштен од Милан на 30 декември.
Јонас Урбиг од Келн е нов голман на Баерн
Баерн Минхен официјално го објави потписот со младиот голман на Келн, Јонас Урбиг. Баварците за него ќе платат сума од седум милиони евра плус уште три милиони евра во вид на разни бонуси. Самиот 21-годишен Урбиг потпиша договор до летото 2029 година.
Новиот голман ќе го носи бројот 40 и најверојатно ќе биде вклучен во тимот на Баерн уште на натпреварот против новајлијата во Бундеслигата Холштајн Кил викендов.
Сезонава Урбиг одигра 11 натпревари за Келн, прими 22 гола. Тој исто така има осум натпревари за младинската репрезентација на Германија.
„Баерн е еден од најголемите клубови во светот. Горд сум што сум овде сега и со нетрпение очекувам што побрзо да го запознаам мојот нов тим. Мојата цел е да работам на себе професионално секој ден и да продолжам да се развивам во друштво на Мануел Нојер“, изјави Урбиг за официјалниот сајт на Баварците.
Нико Ковач пред промоција во Дортмунд
Нико Ковач наскоро би можел да стане нов тренер на Борусија Дортмунд.
Членовите на бордот на Борусија сакаат да го доведат Ковач како замена за Нури Шахин, кој беше отпуштен во средата.
Германските медиуми јавуваат дека челниците на Борусија одлетале за Салцбург на тајна средба, со намера да постигнат договор со 53-годишниот тренер за краткорочен договор.
„Дортмунд сака да го доведе Ковач, но поранешниот тренер на Баерн и Франкфурт не сака да биде „пожарникар“, што јасно им го кажа“, напиша инсајдерот, Патрик Бергер за целата ситуација.
Германскиот новинар на крајот нагласи дека жолто-црните гледаат резервна опција во Данецот Мајк Тулберг, кој е тренер на младинските тимови на Борусија.
Ковач целата своја кариера ја помина во Германија, тренирајќи ги Ајнтрахт, Баерн и Монако, а беше и селектор на Хрватска.
Дортмунд е 11. во поредокот со седум победи, седум порази и пет нерешени во домашното првенство.
Исак ќе добие нов договор во Њукасл
Александер Исак игра фантастично оваа сезона во Премиер лигата, што е повод многу големи клубови да се обидат да го ангажираат. Сепак, Њукасл има други планови.
Клубот од северна Англија би сакал да го задржи најдобриот играч на сезоната нудејќи му нов, подобрен договор.
Бројни европски гиганти се распрашуваат за Исак, вклучувајќи ги и ривалите од лигата на Њукасл, Арсенал и Манчестер Јунајтед. Сепак, Еди Хау не сака да остане без својот најдобар напаѓач и на раководството на клубот им било јасно дека нешто мора да се преземе.
На шведскиот интернационалец ќе му биде понуден нов договор, а од него зависи дали ќе го прифати или ќе сака нов предизвик. Како и да е, Њукасл не сака да го продаде Исак во овој момент и инсистира дека тој не е на продажба.
Брилијантниот напаѓач оваа сезона постигна 17 гола и даде пет асистенции на 21 натпревар, а неговиот актуелен договор е до 2028 година.
Ако Исак сепак биде продаден, тоа нема да се случи пред летото.
Ѓоковиќ шест недели надвор од тениските терени
Питер Ларкинс, познат доктор од Австралија, се изненадил кога видел со каква повреда Новак Ѓоковиќ успеал да го заврши мечот против Карлос Алкараз и да излезе на терен во полуфиналето против Александар Зверев.
„Тоа е сериозна повреда. Не е крај на кариерата, но мислам дека е прилично неверојатно што тој дури успеа да одигра неколку натпревари“, изјавил Ларкинс.
Според лекарот ваков тип на повреда бара мирување во период и до шест недели.
Жесус потврди дека Нејмар заминува од Ал-Хилал
Како што сега стојат работите, Нејмар ќе ја напушти Саудиска Арабија, поточно Ал-Хилал и кариерата ќе ја продолжи во Сантош, најави трансфер експертот Фабрицио Романо.
Очигледно веќе е постигнат вербален договор, а и Бразилецот го посакува трансферот.
Од клубот неодамна потврдија дека Нејмар нема да добие пријавен за вториот дел од шампионската сезона во Саудиска Арабија.
-Тој веќе не може да игра на нивото на кое сме навикнати од него, изјави Жорге Жесус.
Бразилскиот напаѓач би имал право само да игра во азиската Лига на шампиони.
Нејмар ја започна својата кариера како играч на Сантош, а од 2013 до 2017 година играше за Барселона, со која освои се.
Во трансфер вреден 222 милиони евра во 2017 година, тој пристигна во ПСЖ со кој беше петкратен француски шампион, а потоа минатата година за 90 милиони евра се пресели во Ал-Хилал.
Повредата на лигаментите е причината поради која одигра вкупно седум натпревари за клубот од Саудиска Арабија и постигна само еден гол.
Јуве го сака Чави за наследник на Мота
Јувентус го контактираше Чави Хернандез и оствари информативен разговор за потенцијалната соработка.
Оваа вест ја лансираше францускиот весник Екип, кој тврди дека Чави е кандидат да го замени Тијаго Мота на клупата на Јувентус.
Не може да се каже дека Мота ги исполнил очекувањата, иако токму минатиот викенд го доживеа првиот пораз во Серија А, поголем проблем е огромниот број на нерешени резултати и само петтото место на табелата, со 16 бода помалку од лидерот Наполи.
Чави е без работа откако летово ја напушти Барселона и најави дека ќе паузира до следната работа, па не е исклучено да ги започнал преговорите со Јувентус.
Тој ја освои титулата со Барса во сезоната 2022/23, но се раздели со Каталонците по лошата минатата сезона без ниту еден трофеј.
Чави во еден момент беше поврзуван со Милан и Манчестер Јунајтед, но немаше сериозни преговори.
Словенците и Исланѓаните бесни на судењето на клучниот меч на Хрватска
Исланѓаните не успеаја да се пласираат во елиминациската фаза, откако хрватска синоќа ја победи Словенија. Натпреварот го водеа Чесите Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни, а незадоволните од исходот на натпреварот исландските фанови имаа жестоки реакции, пред се на судиската арбитража.
„На Хрватска и помогна тоа што 55 минути играше со девет против седум“, „Судиите многу им помогнаа“, „Натпреварот беше наместен“, „Каква срамота за судиите“, „Ракометот никогаш нема да биде сериозен спорт додека ИХФ не го реши прашањето за очигледно корумпираните судии“…, се само дел од коментарите на исландските фанови.