Играчот од средниот ред на Наполи, Скот Мектоминеј, беше избран од страна на навивачите за најдобар фудбалер за месец април во Серија А.
Интернационалецот беше клучен во трите последователни победи на неговиот тим. Тој во изборот за наградата ја доби битката со Асане Диао (Комо), Дан Ндој (Болоња), Јакоб Ондрејка (Парма), Николо Ровела (Лацио) и Матијас Шуле (Рома).
Мектоминеј е првиот Шкотланѓанец кој ја освоил наградата за играч на месецот во Серија А.
Мекинли Рајт прогласен за МВП на АБА лигата
Кошаркарот на Будуќност, Мекинли Рајт, го доби трофејот „Дејан Милојевиќ“ како најкорисен играч (MВП) од регуларниот тек на АБА лигата.
Американецот победи со 39,1 процент од гласовите пред неговиот клупски соиграч Кенан Камењаш (26,8 проценти) и Брајс Џонс (Игокеа, 23,9 проценти).
Рајт оваа сезона имаше просек од 12,8 поени, 2,4 скока, 4,9 асистенции и една украдена топка.
Претходни победници:
2014/15 Никола Јокиќ (Мега);
2015/16 Миро Билан (Цедевита);
2016/17 Никола Јанковиќ (Олимпија);
2017/18 Лука Жориќ (Цибона);
2018/19 Гога Битадзе (Иднина);
2020/21 Филип Петрушев (Мега);
2021/22 Никола Калиниќ (Црвена звезда);
2022/23 Лука Божиќ (Задар);
2023/24 Лука Божиќ (Задар);
2024/25 Мекинли Рајт (Будуќност).
Чави: Притисокот врз тренерите во Шпанија е огромен
Поранешниот тренер на Барселона, Чави, ги нарече прекумерните критики кон тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, неправедни, истакнувајќи дека фудбалот во Шпанија е фокусиран на непосредни резултати, а не на долгорочен развој.
-Погледнете го Анчелоти – тој освои 30 титули за 10 години, а тие го критикуваат како да не постигнал ништо. Како што забележа Ернесто Валверде: „ако Анчелоти е напаѓан, тогаш што можеме да очекуваме ние останатите?“ Притисокот во Шпанија е огромен, особено во Барселона и Реал Мадрид, вели Чави, цитиран од „Марка“.
Реал Мадрид ќе даде изјава во врска со иднината на Анчелоти по натпреварот со Барселона. Натпреварот од 35-то коло на Ла Лига ќе се одржи на 11 мај.
Бекам и Гери Невил го купија Салфорд Сити
Поранешните фудбалери на Манчестер Јунајтед и Англија, Дејвид Бекам и Гари Невил, го купија мнозинскиот удел во англискиот клуб од четвртата лига, Салфорд. Новите сопственици си поставија цел да стигнат до Чемпионшип, втората лига на англискиот фудбал, во следните пет години.
Салфорд Сити објавува дека клубот е преземен од нова група сопственици предводена од Дејвид Бекам и Гари Невил, а во која се вклучени и американскиот бизнисмен Деклан Кели, како и Мервин Дејвис. Последните двајца ќе бидат новите копретседатели на одборот на директори на клубот, се наведува во соопштението на клубот.
Салфорд ја заврши сезоната на осмото место во Лига Два, еден бод зад Честерфилд, кој ќе игра во плејофот за да ја пополни Лига Еден на седмото место.
Бетис првпат ќе игра европско финале, против Челзи за титула во КЛ
Бетис и Челзи ќе се борат за трофејот во Конференциската лига. Финалето на Конференциската лига е закажано за 25 мај во Вроцлав.
Бетис прв пат во 117-годишната историја ќе игра европско финале. „Зелено-белите“, по продолженија ја елиминираа Фиорентина со 4-3
Првиот меч во Севилја заврши со победа на Бетис 2-1, а со ист резултат заврши и реваншот во Фиренца.
Бетис поведе со голот на Антони, а потоа Фиорентина направи пресврт со головите на Робин Госенс. Херојот на Бетис стана Ез Абде кој успеа да погоди во 98.минута.
Челзи го одработи реваншот против Ѓургарден. По убедливиот триумф во Шведска 4-1, „сините“ на домашен терен славеа со 1-0. Единствениот гол во 38.минута го постигна Дузбери-Хол.
Јунајтед и Тотенхем го потврдија финалето на ЛЕ во Билбао
Манчестер јунајтед и Тотенхем ќе се борат за трофејот во Лига Европа, „ѓаволите“ и „спарси“ со нови победи над Атлетик Билбао, односно Бодо/Глимт го потврдија настапот во финале.
Манчестер јунајтед и Тотнем на 21. мај на Сан Мамеш ќе бркаат спас на сезоната, односно триумф во Лига Европа, успех што ќе им донесе и настап во Лигата на шампиони.
„Ѓаволите“ вечерва со 4-1 го совладаа Атлетик Билбао и покрај тоа што првите 45 минути не навестуваа ваков резултат, гостите на пауза заминаа со предност од 0-1 и беа подобар противник.
Но избраниците на Аморим се разиграа во финишот, односно откако во игра влегоа Шо, Маунт и Диало.
Токму Маунт ја почна и ја заврши гол серијата, во 72. минута одлично се ослободи од противникот и пласираше на подалечната статива за 1-1, за во 91. минута да погоди од речиси половина терен.
Помеѓу двете мајстории на Англичанецот, Касемири по едне прекин донесе 2-1, а Хојлунд рутински реализираше за 3-1 во 85. минута.
Тотнем ја доби и втората пресметка со Бодо/Глимт, вечерва во Норвешка триумфираше со 0-2.
Соланке го отвори резултатот во 63. минута, а Поро ги реши сите дилеми во 69. минута.
Лазаров: Ме радува што бевме константни цели шеесет минути!
Ракометната репрезентација на Македонија дојде до првата од двете победи кои се потребни за пласман на следното Еврппско првенство во ракомет.
Македонија убедливо славеше кај Естонија во Талин со 17:36 (10:19) во претпоследниот квалификациски меч на пат кон Европското првенство. Естонците беа нерамноправен противник на нашата селекција која дојде до посакуваната предност уште на самиот старт на мечот. Сега останува в недела да се победи Литванија со барем три гола разлика во Скопје за сигурен пласман на уште еден континентален собир.
„Им честитам на играчите за прикажаната игра. Ме радува тоа што бевме константни во сите шеесет минути, имавме одличен пристап и пруживме вистинска борба. Заслужија ракометарите честитки и поддршка во недела за прикажаното. Во следниот дуел не очекува физички моќна и тркачки добра Литванија. Се надевам дека ќе бидеме на ниво, но, сеедно, очекувам тешка борба. Ќе ни бидат потребни и концентрација и свежина за да ја исполниме целта“, рече селекторот Кирил Лазаров.
Најсигурен во нашата репрезентација беше Мартин Серафимов со „пет од пет“, додека најефикасен со шест погодоци капитенот Филип Кузмановски, четири имаше Лазаревски, по три Костески, Ивановски, Пешевски. Кај голманите Мартин Томовски заврши со 12 интервенции, додека Никола Митревски во првиот дел имаше седум одбрани.
Македонија ги разби Естонците и со победа се враќа од Талин
Македонската ракометна репрезентација се наоѓа на само една победа до пласман на Европското првенство во Шведска, Данска и Норвешка во 2026 година.
Нашите најдобри ракометари одиграа неверојатен меч во Талин и на полувреме водеа со 10-19. Разликата во квалитетот беше повеќе од очигледна. Во вториот дел Македонија продолжи со фантастичниот ракометар оствари огромен триумф.
Најефикасен ракометар во нашиот национален тим беше Филип Кузмановски со шест погодоци. Мартин Томовски забележа дванаесет одбрани во вториот дел, а Никола Митревски имаше седум во првото полувреме.
Натпреварот на одлука меѓу Македонија и Литванија се игра в недела од 18:00 часот.
Арсенал и Салиба преговараат за нов договор
Арсенал решително одговори на обидите на Реал Мадрид да потпишат договор со Вилијам Салиба со забрзување на преговорите за нов договор со францускиот дефанзивец. Според француското издание „Л’Екип“, медиумите во Англија со недели пишуваат за иден трансфер на Салиба, кој се смета за идеално засилување во срцето на одбраната на кралскиот клуб.
Новиот спортски директор на Арсенал, Андреа Берта, кој беше поранешен архитект на успехот на Атлетико Мадрид, е решен да спречи сценарио слично на она со Килијан Мбапе и ПСЖ – кога Парижаните ја загубија својата суперѕвезда без надомест за трансфер. Затоа Италијанецот започна разговори за продолжување на договорот со Салиба пред неколку недели, а во последните денови тие стануваат сè поинтензивни.
Реал Мадрид го гледа Салиба како долгорочно решение за нивните дефанзивни проблеми. Повредите на Дани Карвахал и Едер Милитао, како и напредната возраст на клучните фигури како што се Рудигер и Алаба, ги принудуваат во Реал да бараат нови лидери во одбраната. Според шпански извори, клубот има два можни планови: или да го потпише Салиба за пониска цена во 2026 година, или да го земе како слободен агент во 2027 година, кога ќе му истече договорот.
Грилиш прв пик на Наполи за следната сезона
MANCHESTER, ENGLAND – NOVEMBER 07: Jack Grealish of Manchester City during the UEFA Champions League match between Manchester City and BSC Young Boys at Etihad Stadium on November 07, 2023 in Manchester, England. (Photo by Catherine Ivill/Getty Images)
Лидерот на табелата во италијанското фудбалско првенство, Наполи, ќе се обиде да го привлече Џек Грилиш од Манчестер Сити, објавува британскиот дневен весник „Сан“.
Според информациите, тренерот на Наполи, Антонио Конте е голем поддржувач на англискиот интернационалец и лично се залага за негов трансфер.
Наполи е три бода пред Интер во трката за титулата во Италија, а Конте сака да направи значаен трансфер за да му помогне на тимот во Лигата на шампионите следната сезона.
Весникот „Сан“ пишува дека Грилиш би го напуштил Манчестер Сити доколку добие добра понуда, а Наполи не е единствениот клуб заинтересиран за играчот од средниот ред. Манчестер Сити потпиша договор со Грилиш во август 2021 година од Астон Вила за 117,5 милиони фунти и тој беше дел од тимот што освои четири трофеи во 2023 година.
Сепак, Грилиш постепено го загуби своето место во стартниот состав во Сити и одигра само 19 натпревари за тимот во Премиер лигата оваа сезона.