feature

Семења до петок ќе потпише за Сити

Напаѓачот на Борнмаут, Антоан Семењо, ќе го одигра утрешниот меч против Тотенхем во Премиер-лигата по што ќе се пресели во редовите на Манчестер Сити, објави весникот – Атлетик“.

„Црешите“ и Сити се договорија за трансфер во јануарскиот преоден рок но, „граѓаните“ му дозволија на црномурестиот фудбалер да одигра уште неколку мечеви пред да замине на „Етихад“.

Манчестер Сити за интернационалецот од Гана ќе плати 65 милиони фунти во наредните три години.


Лазаров: Со труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот!

Најдобрата ракометна репрезентација на Македонија пак ќе биде доста актуелна на стартот на една календарска година, но уште пред да дојде до било какви анализи за настапите на националниот тим во Хернинг, Федерацијата се одлучи за чекор кој носи голема стабилност во соблекувалната.

Откако Кирил Лазаров ги објави патниците за настап на Европското првенство, Ракометната Федерација на Македонија ја извести јавноста дека двете страни продолжуваа со иста визија, па така селекторот од денес има нов договор.

„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка.

Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, рече селекторот.

Оваа вест е најдобрата можна за добро планирање и мир пред претстојното Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка.


Селекторот доби нов договор, Лазаров ќе ја води Македонија до 2029 година

Ракометната федерација на Македонија денес ја извести јавноста дека со заедничка визија, доверба и јасна стратегија за развој на македонскиот ракомет, продолжува соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов по потписот изјави:

„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“.

Откако Лазаров ја презеде репрезентацијата Македонија секоја година е дел од големите светски ракометни смотри.


Познат распоредот на „Жолтиот Куп“: Македонија отвора со Бахреин

По контролниот натпревар против Хрватска на крајот од 2025 година, македонската ракометна репрезентација ќе тестира уште на три меча пред Европското првенство. Познати се термините за настап на нашите ракометари за настапот на „Жолтиот Куп“.

Распоред на натпреварите на Македонија на „Жолтиот Куп“:
8 јануари – Македонија – Бахреин (20:30 часот)
9 јануари – Македонија – Украина (17:45 часот)
10 јануари – Македонија – Швајцарија (18:30 часот)

Репрезентативниот камп на Македонија ќе отпатува кон Швајцарија в среда во раните утрински часови. Планиран е еден попладневен тренинг пред трите натпревари во исто толку дена.


Потврден ростерот за Европското првенство, Лазаров патува со деветнаесет ракомегари

Селекторот Кирил Лазаров ги отстрани сите дилеми и официјално го објави списокот на ракометари на кои ќе смета за претстојното Европско првенство. По завршувањето на базичните подготовки, македонската експедиција се подготвува за лет кон Швајцарија, каде преку силни контролни мечеви ќе се бруси формата за големата сцена.

Ова е конечниот список на ракометари кои ќе ја претставуваат Македонија на претстојното Европско ракометно првенство.

  1. Иван Галевски
  2. Петар Атанасијевиќ
  3. Никола Костески
  4. Филип Кузмановски
  5. Игор Ѓорѓиев
  6. Жарко Пешевски
  7. Михаил Аларов
  8. Мартин Велковски
  9. Самоил Ристевски
  10. Никола Митревски
  11. Мартин Томовски
  12. Иван Џонов
  13. Ненад Костески
  14. Марко Митев
  15. Павле Атанасијевиќ
  16. Марко Стојковиќ
  17. Никола Марковски
  18. Мартин Серафимов
  19. Дамјан Митев

Согласно натпреварувачката форма и здравствена состојба на играчите, последниот ракометар кој беше дел од досегашниот процес на подготовки, а по одлука на стручниот штаб отпадна од списокот патници на Европското првенство, е Мартин Ивановски.

Македонската машка ракометна репрентација во раните утрински часови ќе отпатува во Швајцарија, каде финалното темпирање на формата ќе го има на пријателските натпревари во рамки на ,,Жолтиот Куп”.


Шведска го освои Светското првенство во хокеј на мраз

Репрезентацијата на Шведска ноќеска ја победи Чешка со 4-2 во финалниот натпревар на Светското првенство во хокеј на мраз за играчи до 20 години. Натпреварот се одржа во Сент Пол, САД.

Каспер Јустовора Карлсон, Виктор Еклунд, Саша Бумедин и Ивар Стенберг постигнаа голови за Шведска. Адам Јиричек и Матеж Кубиша постигнаа голови за Чесите.

Во полуфиналето на Светското јуниорско првенство во хокеј на мраз во 2026 година, Шведска ја победи Финска (4:3) додека Чешка ја победи Канада (6:4).

Во натпреварот за третото место, Канада ја победи Финска со 6:3.

Последниот пат кога Шведска освои злато на Светското јуниорско првенство во хокеј на мраз беше во 2012 година. Чешката репрезентација победи во 2001 година.


Штип УГД аутсајдер на гостувањето во Италија

Последниот македонски претставник на европската одбојкарска сцена во сезоната 2025/2026, вицешампионот Штип УГД, утре во Италија против Милано го игра реваншот во рамките од шеснаесетфиналето од Челинџ купот.

Штип УГД на првиот дуел во Радовиш пред неполн месец загуби во три сета од фаворизираниот италијански противник, а на ова гостување ќе биде без главниот стратег Кристијан Ристески, кој поради здравствени причини нема да биде на клупата.

„Испишавме клупска историја со пласманот во 1/16 финалето од Челинџ купот. Јасно е дека Милано е фаворит, тоа го потврди и на првиот меч, а во реваншот нашиот тим ќе се потруди да понуди што е можно поквалитетен отпор и да одиграме најдобро што можеме. Не сме оптоварени резултатски“, изјави Ристески во пресрет на дуелот за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

На премиерата на европската сцена штипскиот состав до главната фаза од Челинџ купот стигна откако преку „златен сет“ го елиминираше норвешки Кол Ил.

Реваншот против италијанскиот фаворит е на програмата утре попладне, со почеток во 17:30 часот во „Центро Павеси“ во Милано.


Ислами од Клуж прво засилување на Шкендија во новата година

Актуелниот македонски фудбалски првак Шкендија ги засили денеска своите редови со поранешниот младински репрезентативец на Косово, Дрилон Ислами.

Дваесетипетгодишниот дефанзивен играч за врска доаѓа во Шкендија од редовите на романскиот прволигаш Клуж, откако претходно настапуваше за косовските екипи Феризај, Дрита и Приштина.

Ислами е првото засилување во јануарскиот преоден рок во редовите на Шкендија, која денеска официјално ги стартуваше подготовките за пролетниот дел од сезоната во која тетовскиот тим го очекуваат настапи во домашното првенство и Купот, како и настапот во шеснаесетфиналето во Конференциската лига на УЕФА.

Потенцијални противници на Шкендија во Конференцијата лига се турски Самсунспор и полски Лех Познањ, а противникот ќе биде познат на 16 јануари за кога во Нион е закажана жрепката за нокаут фазата.

Шкендија на првиот натпревар, закажан за 19 февруари, ќе биде домаќин.


Охрид раскина со Грузиецот Орјоникидзе

Еден од најдобрите од минатата сезона, левиот бек, грузиецот Теимураз Орјоникидзе по повредата со која се здоби при репрезентативен настап во месец мај, на жалост не успеа да му се стави на располагање на тренерот Ројевиќ за време на зимскиот припремен период, по што клубот и играчот се договорија

спогодбено да го раскинат договорот кој што беше со важност до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

„На нашиот Темо му посакуваме добро здравје и побрзо да се врати на ракометните терени“, порачаа од ГРК Охрид.


Лохте продаде три олимписки злата на аукција

Еден од најуспешните пливачи на сите времиња, Американецот Рајан Лохте (41), продаде на аукција три од своите шест златни олимписки одличја, за вкупно сума од 385.520 долари, јавија американските медиуми.

Лохте ги продаде медалите преку аукциската куќа „Голдин Аукшнс“, а највисоката цена беше неговиот златен медал од штафетата 4×200 метри слободен стил на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, која ја освои заедно со Мајкл Фелпс. За неа доби 183.000 долари.

Златниот медал од штафетата 4×200 метри слободен стил од Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година достигна цена од 122.000 долари, додека златниот медал од штафетата 4×200 метри слободен стил од Олимписките игри во Атина во 2004 година беше продаден за 80.000 долари.

„Никогаш не сум пливал за златни медали“, напиша Лохте на социјалните мрежи кога беше обелоденето дека ќе ги продаде своите медали на аукција.