feature

Работнички му врачи отказ на тренерот Бојан Марковски

Фудбалерите на Работнички по само три кола во ПМФЛ ќе добијат нов стратег откако клубот од Дебар Маало денеска потврди дека отказ добива тренерот Бојан Марковски.

Работнички во Првата лига од стартот на сезоната ремизираше со Тиквеш (0-0) и загуби од Башкими (2-0) и Струга (2-0). Посебно загрижувачки е што тие се единствената екипа која сезонава по три натпревари е без гол.

Но, она што е интересно, отказот доаѓа по победата 16:0 против третолигашот Карбинци во Купот на Македонија. Работата во Работнички беше прва за Марковски како главен тренер претходно беше дел од АЕЛ Лимасол и Етникос каде што имаше улога на помошник.

Засега нема најави кој би можел да го наследи Марковски на клупата на дебармаалци.


Финалето на Лигата на шампионите ќе се игра во дневен термин

На денот кога ќе се одржи ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите, УЕФА потврди една голема промена за новата сезона.

Имено, финалето во Лигата на шампионите кое досега секогаш започнуваше од 21:00 часот од оваа сезона ќе се игра три часа порано во 18:00 часот.

„Одлуката е донесена со цел да се подобри севкупното искуство од натпреварот за навивачите, тимовите и градовите-домаќини, преку оптимизација на логистиката и операциите на денот на натпреварот, додека истовремено се обезбедуваат неколку конкретни придобивки. Нашата цел е денот на натпреварот да го направиме навистина пријатно искуство за сите што сакаат да бидат дел од возбудата, создавајќи гостопримлива атмосфера која им овозможува на семејствата и децата полесно да присуствуваат на најголемиот и најважниот клупски фудбалски натпревар во сезоната,“ објаснија од Европската куќа на фудбалот.

Претходно, УЕФА од сезоната 2018/2019 го помести стандардниот термин за натпреварите од 20:45 во 21:00 часот.


Сити не го продава Савињо, Тотенхем бара други солуции во нападот

Манчестер сити го извести Тотенхем дека нема да го промени својот став во врска со трансферот на крилниот напаѓач Савињо.

Сити нема намера да го пушти Бразилецот во Лондон, дури ни за сума поголема од 70.000.000 евра, бидејќи го смета за клучен играч за оваа сезона и во иднина.

Тотенхем за кратко време претрпе уште еден тежок удар на „летниот пазар“, откако минатата недела нивниот најголем ривал Арсенал буквално го грабна Еберечи Езе од Кристал Палас.

Победникот на Лигата на Европа потоа се сврте кон Савињо, но клупските челници добија негативен одговор. Тотенхем сега има многу малку опсции да донесе засилување до крајот на преодниот рок, кој во Премиер лигата завршува на 1 септември во 18 часот.

Овој потег на „граѓаните“ исто така ја блокира секоја можност Родриго од Реал Мадрид да се пресели во Манчестер сити.


Нкунку пред вратите на Милан

Челзи и Милан експресно го договрија трансферот на напаѓачот Кристофер Нкунку.

Клубовите го договорија трансферот за помалку од 24 часа. Двете страни се согласија за обештетување од околу 35 милиони евра.

Што се однесува до Нкунку, тој ќе потпише петгодишен договор со „росонерите“. Потенцијалниот француски репрезентативец е седмото засилување на Милан, но преодниот рок сè уште не е завршен. Тие би сакале да доведат уште еден напаѓа и стопер на „Сан Сиро“. Главни кандидати во моментов се Душан Влаховиќ и Артим Довбик, односно Мануел Аканџи.

Нкунку дојде во Челзи како големо засилување во 2023 година од РБ Лајпциг за 60 милиони евра. За две сезони, тој одигра 62 натпревари и постигна 18 голови.


Медведев парично казнет за испадите на УС Опен

Поранешниот шампион на УС Опен, рускиот тенисер Данил Медведев е казнет со 42.500 долари за неспортско однесување за време на неговиот пораз во првото коло на турнирот во Њујорк, објави денеска Би-Би-Си.

Русинот беше елиминиран од Французинот Бенџамин Бонзи по бурната реакција предизвикана од влегувањето на фотограф на теренот во клучните моменти од натпреварот.

Тениската асоцијација на САД го казни Медведев со 30.000 долари за неспортско однесување и дополнителни 12.500 долари за кршење на рекетот.

Инцидентот се случи во третиот сет, при резултат 5:4 за Бонзи, кога фотограф стапна на теренот помеѓу првиот и вториот сервис на Французинот. Судијата Грег Аленсворт пресуди дека Бонзи треба да го повтори првиот сервис, што предизвика гнев кај Медведев и бурна реакција од публиката. Дуелот беше прекинат повеќе од шест минути додека атмосферата не се смири.

Медведев успеа да се избори за петти сет, но на крајот загуби по драматична борба. По поразот, тој гневно го искрши рекетот и седеше на столчето неколку минути пред да го напушти теренот.

Самиот Медведев кратко изјави по натпреварот дека очекувал таква казна: „Добив доволно висока казна, па ако кажам нешто, ќе бидам во уште поголема неволја. Затоа нема да зборувам“.


Стадионот во Битола доби лиценца за европски натпревари

Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола е подготвен за големиот натпревар Македонија-Италија за репрезентации до 21 година, истакна Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ.

-Успехот во Битола е пример за сите. За кратко време го доведовме стадионот „Петар Милошевски“ до нови стандарди, што УЕФА и самата го потврди. Ова е најдобар доказ дека кога заеднички се работи, резултатите се гледаат. Благодарност до општина Битола и градоначалникот Коњановски за посветеноста во исполнувањето на обврските, посочи тој.


Кларица потпиша за Киелце од следната сезона

Хрватскиот ракометен репрезентативец Лука Ловре Кларица го реализира трансферот на кариерата.

Oфицијално 24-годишникот од Задар ќе го напушти Загреб и ќе премине во полскиот гигант Киелце, каде што ќе игра од следната сезона.

Европски ракометен шампион од 2016 година објави дека Кларица доаѓа од сезоната 2026/27, а договорот е потпишан до 2030 година.

Така, младиот десен бек ќе игра уште една сезона во Загреб, а потоа ќе замине во својата прва странска авантура.


ЖРК Металург двапати домаќин во европските дуели со Диферданж

Македонскиот вицепрвак два пати ќе игра на домашен терен во второто коло против тимот на Диферданж од Луксембург.

Европската ракометна федерација заедно со клубовите ги потврдија термините и саатниците за двата меча.

Првиот натпревар е на програмата на 4 октомври од 16:00 часот, додека реваншот на кој Металург Автокоманда е формално гостин се игра следниот ден во истото време.

Двата меча се закажани во салата во Автокоманда.


Франција ја сака организацијата на Светското првенство во кошарка во 2031 година

Кошаркарската федерација на Франција ќе се обиде да ја добие кандидатурата за организација на Светското кошаркарско првенство во 2031 година.

Франција досега никогаш не била домаќин на континентален шампионат, а нема ни титула на овие натпреварувања при што најголемиот успех е третото место во 2014 и 2019 година.

Она што е најинтересно, Французите сакаат сами да го организираат кошаркарскиот Мундијал, за разлика од европските првенства, па и последното светско, каде повеќе држави се појавија во улога на домаќини.

Светско првенство не се одржало на европскиот континент од 2014 година кога домаќин беше Шпанија, во 2019 година тоа се одржа во Кина, во 2023 организатори беа Филипини, Јапонија и Индонезија, а следното ќе биде во Катар, во 2027 година.


Халанд ќе го промени името на дресот

Ерлинг Халанд донесе одлука да го измени името што ќе стои на дресот на националниот тим пред претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство, пренесува Дејли Мејл. Извонредниот 25-годишен напаѓач на Манчестер Сити отсега на грбот, над бројот девет, ќе го носи своето средно име, што значи дека на дресот ќе стои “Браут Халанд”.

Селекторот на Норвешка, Стале Солбакен, е изненаден од оваа одлука. “Тоа е неговото име [Браут], не е толку комплицирано. Не знаев за тоа до сега,” изјави Солбакен. Интересно е дека Халанд веќе е познат на Инстаграм под неговото целосно име Ерлинг Браут Халанд и под истото име триумфираше со девет гола за Норвешка на Светското првенство за играчи до 20 години во 2019 година.

Меѓутоа, во своите претходни клубови, како Ред Бул Салцбург и Борусија Дортмунд, како и во Сити, на дресот секогаш беше само презимето Халанд.

По летниот одмор, Халанд се враќа на репрезентативните обврски со цел да ја осигура Норвешка за пласман на Светското првенство во 2026 година. Норвешка засега е на првото место во својата квалификациона група со максимални 12 поени од четири натпревари. Следниот тест е на 4 септември во пријателски дуел против Финска, по што ги очекува клучниот квалификациски натпревар против Молдавија на 9 септември.