feature

Познати учесниците на женскиот ракометен турнир во Париз

Репрезентациите на Унгарија, Холандија и Шпанија први од квалификацискиот турнир обезбедија пласман на Олимписките игри во Париз.

Во дерби дуелот од првата група, репрезентацијата на Унгарија славеше над Шведска со три гола разлика, 28-25. Унгарија во првото коло ја совлада Велика Британија и со победа дојде до четири бодови, со кои си обезбеди билет за настап на најголемата спортска манифестација.

Шведска и Јапонија имаат по два бодови, но во последното коло, азиската репрезентација ја чека тешко соочување со Унгарија, додека Шведска ќе игра со Велика Британија.

Од втората група пласман на ОИ обезбедија репрезентациите на Холандија и Шпанија, откако денес остварија нова победа.

Холандија без многу проблеми славеше над Чешка со 32-18, а „црвената фурија“ потешко од очекуваното победи против Аргентина со 26-23.


Бешикташ го смени шестиот тренер оваа сезона

Турскиот фудбалски гигант Бешикташ соопшти дека ја прекинува соработката со Фернандо Сантош.

Под водство на поранешниот селектор на Португалија, 16-кратниот шампион е на 4. место во Суперлигата на Турција со 48 бода, 36 зад водечкиот Галатасарај. Сантош на тренерското место кај „црно-белите“ беше назначен во јануари.

Во последните пет натпревари тимот не успеа да оствари ниту една победа и тоа е причината за неговиот отказ.

Фернандо Сантош е шестиот тренер на тимот за оваа сезона. Бешикташ ја започна кампањата со Французинот Валериен Исмаел, потоа се наредија Шенол Ѓунеш, Бурак Јилмаз, Риза Чалибај, Сердар Топрактепе.


Луис Алберто најави заминување од Рим

Фудбалерот од средниот ред на Лацио, Луис Алберто, предизвика реакции во Рим, откако објави дека сака да го раскине договорот. По победата на Лацио над Салернитана, Алберто јавно објави дека побарал прекин на соработката.

„Имав неколку тешки недели зад мене поради се што се случи. Што планирам? Не знам, но знам дека ова е мојата последна сезона овде, не сакам повеќе да бидам дел од Лацио. Не сакам ниту евро од Лацио и веќе побарав да го раскинам мојот договор“, изјави Алберто.

Шпанецот веќе извесно време е во немилост, а не беше во добри односи со Маурицио Сари кој претходно си замина од клубот. Сезонава одигра 39 натпревари на кои постигна четири гола и забележа осум асистенции.

Алберто во Лацио дојде од Ливерпул, во 2016 година, а за овој тим одигра дури 302 натпревари постигна 51 гол и забележа 76 асистенции. Најавите се дека Алберто има понуди од Шпанија и би можел да се врати во неговата татковина.


Артета: Еден пораз не смее да ја разниша екипата

Арсенал не смее да остане само на пропуштената шанса, туку мора да го надмине поразот од Астон Вила, изјави лондонскиот менаџер Микел Артета. Во неделата „топчиите“ загубија на домашен терен со 2-0, и останаа два бода зад Манчестер Сити, кој е сега осамен на врвот на табелата.

„Тоа е реалноста. Така беше во последните неколку месеци. Знаевме дека може да дојде овој тежок момент и сега мораме соодветно да реагираме. Ако само еден резултат не потресе, тогаш не сме доволно силни. Имавме одличен настап во првото полувреме, моментумот се смени, сега мораме да застанеме на нозе“, изјави Артета по вчерашниот пораз од Астон Вила.

Веќе в среда Арсенал го очекува мечот со Баерн Минхен во реванш четвртфиналниот натпревар од Лигата на шампионите, откако првата средба меѓу двата тима заврши нерешено 2-2.


Фудбалер на Барса славеше заедно со фановите на поранешниот клуб

Фудбалерот на Барселона Иниго Мартинез предизвика голем скандал бидејќи со приватен авион отишол на прославата на трофејот на Aтлетик Билбао.

32-годишниот стопер на Барселона во минатото правеше потези кои во најмала рака се дискутабилни, но овојпат веројатно ја помина границата. Мартинез, со приватен авион заминал во Билбао за со навивачите да ја прослави победата на Атлетик во шпанскиот Копа дел Реј.

Билбао го освои Копа дел Реј на 6. април победувајќи ја Мајорка во финалето на пенали, а претходната вечер беше организирана голема прослава. Мартинез се приклучи на играчите на Атлетик кои со чамци славеа во реката и покажаа непочитување кон неговиот сегашен клуб Барселона.

Ова не е прв пат Мартинез да предизвикува скандали. Тој порасна во Реал Сосиедад, лутиот ривал на клубот од Билбао и секогаш велеше дека никогаш нема да се пресели во Атлетик, за потоа да заигра за овој клуб во 2018 година.


Касиљас: Се плашам да не ни го одземат Мундијалот во 2030 година

Легендарниот, Икер Касилјас, вели дека ФИФА би можела да ја елиминира Шпанија како домаќин на Мундијалот во 2030 година поради скандалот поврзан со Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ), чиј поранешен претседател Луис Рубиалес е обвинет за корупција.

„Се плашам дека може да ни биде одземено Светското првенство во 2030 година, ќе видиме!“, напиша Касиљас, означувајќи го профилот на „RFEF“.

Шпанија, Португалија и Мароко треба да бидат домаќини на големиот фудбалски настан кој ќе биде специфичен бидејќи за прв пат ќе донесе и три натпревари во Јужна Америка: по еден во Аргентина, Уругвај и Парагвај.


Синот на Леброн сака да се пријави на НБА-драфтот

Порталот „Атлетик“ објави информации за непосредните планови на Брони Џејмс, синот на кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн, кој реши да се пријави за драфтот во 2024 година.

„Брони планира да го посвети своето време и енергија на драфтот во НБА. Ова е опцијата која би била најпосакувана за Леброн и неговата придружба.

Планот е да се почека до 29 мај, кога ќе треба да се донесе конечна одлука за нацрт-апликацијата“, стои во објавеното на „Атлетик“.


МекМанаман: Чаби Алонсо го одби Ливерпул заради Реал

Стив Мекманаман во интервју за англиските медиуми истакна дека според него Чаби Алонсо не сака да го наследи Јирген Клоп на клупата на „црвените“ следната сезона бидејќи единствена желба му е да го преземе Реал Мадрид.

Алонсо, кој оваа сезона прави чуда со Леверкузен, неодамна јасно стави до знаење дека нема намера да биде тренер на Ливерпул, а поранешниот англиски репрезентативец ги откри плановите на Шпанецот.

„Не можам да кажам со сигурност, но работата во Реал е приоритет. Доколку Карло Анчелоти се повлече следната година, ќе помине уште една година, а Чаби да го стекне потребното искуство и овој потег воопшто не би изненадил, сепак, една година е долг период и ќе видиме што ќе се случи“.

Во неодамнешното интервју за „ТНТ Спортс“, Чаби Алонсо зборуваше за причините поради кои ги одби Баерн и Ливерпул и одлучи да остане во Баер Леверкузен.

„Имам многу причини за оваа одлука. Овде градиме одличен тимски дух. Има многу причини и многу играчи кои ме тераат да останам. Оваа сезона беше одлична досега. Сите сме свесни дека сакаме да продолжиме заедно, јас се чувствувам како дел од клубот“, изјави Алонсо.


Артета го сака Себаљос на „Емирати“

За Себаљос повеќе нема место во Реал Мадрид и „кралевите“ му порачале дека конечно може да си бара нов клуб.

Интерес за Себаљос покажуваат неколку клубови од Премиер лигата, пред се Арсенал.

Артета многу ги цени квалитетите на Шпанецот и верува дека би бил одлично засилување за средниот ред.

Реал нема да постави висока цена па Арсенал веќе почнал преговори со агентот на Себаљос, кој исто така е спремен да ја промени средината.


Баерн не жали средства за Виртц од Леверкузен

Младиот фудбалер на Баер Леверкузен Флоријан Виртц е голема желба на Баерн Минхен, пишуваат германските медиуми.

Виртц може да игра во средниот ред, но и како крилен напаѓач и е еден од најбараните германски фудбалери.

Младиот плејмејкер има долгорочен договор во Леверкузен и најверојатно ќе чини цело богатство, но Баерн нема да жали пари за да го доведе во Минхен.

Баварците сакаат да ја градат иднината околу Виртц и поради тоа сакаат да ја победат конкуренцијата, па се спремни да испратат рекордна понуда, која ќе надминува 100 милиони евра.