feature

Кик-боксерот Илиоски вторпат е спортист на годината на Македонија

Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, на свечена церемонија во Националната опера и балет, ги прогласија најдобрите во македонскиот спорт за 2024 година.
Традиционалната манифестација „Спортист на годината“ оваа година одбележува 70-годишен јубилеј.

Признанието спортист на годината за 2024 му припадна на кикбоксерот Бобан Илиоски, европски шампион во категоријата до 86 кг. на ЕП во Атина. Најдобра спортистка за 2024 година е таеквондистката Милијана Рељиќ, македонска олимпијка и четвртфналистка од Олимписките игри во Париз.

Наградите на најуспешните македонски спортисти за 2024 година им ги врачија, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.


Убедлива победа над Нови Београд на стартот на подготовките во Стара Пазова

Само три дена по стартот на подготовките за Светското првенство во Данска, Норвешка и Хрватска, репрезентација на Македонија го одигра првиот контролен турнир. Момците на Кирил Лазаров во натпревар трипати по триесет го совлада српскиот суперлигаш Нови Београд со 85-44.

Сите ракометари кои ги поведе селекторот добија шанса и скоро сите се запишаа во листата на стрелците.

До крајот на подготовките во Стара Пазова македонските ракометари ќе одиграа пријателски мечеви и против Динамо Панчево и Саудиска Арабија.

Унгарија, Холандија и Гвинеја се ривали на нашиот национален тим на Мундијалот во Вараждин.


Кирил Лазаров е тренер на годината во изборот на Министерството за спорт

Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, на свечена церемонија во Националната опера и балет, ги прогласија најдобрите во македонскиот спорт за 2024 година. Традиционалната манифестација „Спортист на годината“ оваа година одбележува 70-годишен јубилеј.

Најдобри репрезентации за 2024 година беа женската и машката ракометна селекција, додека за тренер на годината е избран селекторот Кире Лазаров.

„Сакам да се заблагодарам за наградата за тренер на годината. Задоволство ми е што сум ваш избор. Посакувам многу успеси на сите репрезентации во иднина. Тие го обединуваат народот и мора да вложуваме повеќе за да ги израдуваме навивачите“, кажа Лазаров.

Македонската репрезентација се наоѓа на подготовки во Србија и на првиот натпревар го совлада Нови Београд со 85:44, во натпревар трипати по триесет години.


Двете ракометни селекции се најдобри за 2024 година

Вечерва во Македонската опера и балет се одржува изборот за Спортист на годината по јубилеен седумдесетти пат

Министерството за спорт за првпат организираше церемонија на која се избираа спортистите и клубовите кои ја одбележаа 2024 година.

Во категориите најдобри репрезентации во женска и машка категорија доминираа нашите ракометни селекции. Тимот предводен од селекторот Кирил Лазаров е избран за најдобра селекција за оваа година. Нашата ракометна гордост годинава настапи на уште едно Европско првенство, а во спектакуларен бараж со Фарски Острови обезбеди ново учество на Светско првенство.


Пет медали за македонските пинг-понгари во Подгорица

Неколку македонски пинг-понг клубови учествуваа на „Подгорица Опен 2024“ – меѓународниот турнир со силна конкуренција. Македонските играчи во повеќе категории прикажаа одлична игра, а се вратија со пет медали и еден пехар.

Софија Хасану од Младост 96 се закити со злато во младинска категорија и бронза во сениорска, додека Андреј Стојановски од клубот 10 60 АС Ѓорче Петров освои бронзен медал кај јуниорите.

Македонците освоија и ветерански медали со третото место за Сашо Стојановски од 10 60 АС Ѓорче Петров во категорија 40-49 години и Томе Петков од Пелагонија во категорија над 70 години.

Екипата на Младост 96, покрај со Софија Хасану, се претстави со Давид Јоноски, Мартин Ристески и Трајче Маркоски, кои заедно со Кристијан Митев, Андреј Бејковски и Дарко Китановски од Пелагонија одиграа одлично во младинските категории. Митев и Бејковски се пласираа помеѓу осумте најдобри во категорија до 12 години. Идентичен успех забележа Китановски во категорија до 18 години. Христијан Јовановски отскокна со пласман помеѓу шеснаесетте најдобри.

Мартин Стаменковски од Крива Паланка 2007 загуби во четвртфиналето од шампионот во категоријата 40-49 години. За тимот од Крива Паланка настапија и Мики Петковски, Игор Јовановски и Влатко Михајлов.

На турнирот настапија вкупно 320 натпреварувачи од 8 земји.


Капитенот ја напушта Рома, два калчолигашот го сакаат неговиот потпис

капитенот на Рома, Лоренцо Пелегрини би можел да замине од Олимпико уште во јануари, а интерес за него има и од Наполи и Фиорентина.

Пелегрини има пад во формата и веќе не е во главните планови на Рома, па веќе подолго време се шпекулира за разделба.

Наполи и Фиорентина ја следат ситуацијата на Пелегрини и се подготвени да реагираат во наредните недели.

Фиорентина токму од Рома го донесе Бове, тој веќе не може да игра за нив откако му вградија дефибрилатор, па виолетовите ќе се обидат да го донесат неговиот поранешен соиграч и репрезентативец на Италија, Лоренцо Пелегрини.


Педри добива договор до 2030 година

Играчот за врска на Барселона, Педри, наскоро треба да го продолжи договорот со Каталонците до 2030 година.

Според изворот, клубот планира тоа да го направи до крајот на годинава. Шпанецот кој дејствува во средниот ред , има тековна соработка до летото 2026 година. 22-годишниот фудбалер постигна четири голови и имаше три асистенции во 25 мечеви во сезонава.

Според одредени проценки, неговата вредност на трансфер-пазарот е околу 80 милиони евра.


Пјерија Хенри суспендиран на четири години заради допинг

Кошаркарот на Басконија, Пјерија Хенри минатата година доживеа суспензија по рутинска антидопинг контрола, а Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) денес официјално ја потврди и казната поради која ќе биде надвор од теренот до 13. јануари 2027 година.

Во јануари 2023 година Хенри не доби позитивен тест на допинг, туку беше откриено дека станува збор за лажна, синтетичка урина која ќе го оддалечи од теренот вкупно четири години.

Триесетиедногодишниот Американец кој ја покрива бековската позиција во текот на кариерата беше дел од Вита Тбилиси, Улм, Хапоел Еилат, Тофаш, Уникс Казањ, Фенербахче и Басконија.


Јаго Аспас доби нов договор во Селта Виго

Селта чекаше до Божиќ за да потврди дека легендарниот Јаго Аспас ќе го продолжи договорот.

Легендарниот капитен на Селта имаше договор до крајот на актуелната сезона, но двете страни се договорија да ја продолжат соработката до летото 2026 година.

Јаго Аспас има 37 години, а во својата Селта се врати во 2015 година по неуспешната епозида во Ливерпул.

Тој е дете на Селта, ги мина сите младински катагории во клубот, а во 2013 година се пресели во Ливерпул. Неговиот трансфер на „Енфилд“ ги реши финансиските проблеми со кои во тој момент се соочуваше Селта.

За својот сакан клуб одигра вкупно 509 натпревари, постигна 210 голови и забележа 82 асистенции.

На „Балаидос“ ќе остане до својата 39. година од животот и без сомнение ова е најдобриот божиќен подарок за сите фанови.


Винициус е најдобар во Примера за 2024 година

Новинарите од шпанското издание на порталот „90min“, ги избраа и рангираа десетте најдобри фудбалери во Ла Лига оваа година.

Реал Мадрид во 2024 година ги освои трофеите во Примера, Лигата на шампионите, Супер купот на УЕФА и Интерконтинеталниот куп.

Најдобар играч во Ла Лига, спроед новинарите на „90min“ е Винициус Жуниор, добитник на наградата „Најдобар“ на ФИФА и второ рангиран во изборот за „Златната топка“.

Најдобрите играчи во Ла Лига за 2024 година, избрани од „90min#:

  1. Винициус |униор (Реал Мадрид)
  2. Џуд Белингем (Реал Мадрид)
  3. Ламин Јамал (Барселона)
  4. Роберт Левандовски (Барселона)
  5. Рафиња (Барселона)
  6. Лука Модриќ (Реал Мадрид)
  7. Антоан Гризман (Атлетико Мадрид)
  8. Артем Довбик (Xирона)
  9. Александар Сeрлот (Виљареал, Атлетико Мадрид)
  10. Нико Вилијамс (Атлетик Билбао)