feature

Рекорд во Англија: Премиерлигашите потрошија преку две милијарди

Иако клубовите од Саудиска Арабија направија „бум“ во летниот преоден рок, сепак Премиер лигата и понатаму го држи приматот.

Премиер лигата со години наназад е најбогата лига на светот и англиските клубови трошат најмногу пари на трансфер пазарот, па така е и оваа година. Анализата на финансиската куќа „Делоит“ покажува дека досега се потрошени 1.95 милијарди фунти на фудбалери, со што е срушен рекордот во Премиер лигата од минатата сезона.

Првпат има два трансфери над 100 милиони фунти – Моисес Каиседо од Челси во Брајтон и Деклан Рајс од Вест хем во Арсенал.

Манчестер Сити го купија Јошко Гвардиол, Матео Ковачиќ и Жереми Доку, Манчестер Јунајтед ги купија Мејсон Маунт, Расмус Хојлунд и Андре Онана.

Другите лиги се далеку од овие бројки, па од година во година се повеќе се зголемува јазот помеѓу Премиер лигата и останатите лиги.


Алегри го сака Гравенберх, Баерн спремен да го позајми Холанѓанецот

Јувентус е силно заинтересиран за играчот на Баерн Минхен, Рајан 

Гравенберх.

21-годишниот холандски талент блесна во дресот на Ајакс и направи трансфер во Баерн, каде не добива голема минутажа и е спремен да ја промени средината.

Самиот играч јавно го изрази незадоволствот од малата минутажа и сака да направи трансфер ова лето, а Баерн за неговара слобода бара 30 милиони евра.

Алегри верува дека тој е алката која недостасува за напад на Скудетото, но „старата дама“ ќе мора да ја победи конкуренцијата бидејќи за него интерес покажуваат уште Ливерпул и Манчестер Јунајтед.

Јувентус веќе стапил во контакт со неговиот агент и му нудат централна улога во тимот и голема минутажа.


Бербатов критичен кон новиот лик на Јунајтед

Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Димитар Бербатов, верува дека „црвените ѓаволи“ можат да имаат добра сезона иако почетокот им беше под очекувањата.

„Второто полувреме против Тотенхем беше посебно слабо, речиси идентично како првото полувреме на премиерата против Волвс. Кога не постигнуваш голови противникот добива на сила“, вели Бербатов.

Четата на Тен Хаг по две кола има една победа и еден пораз и се наоѓа на 12. место во Премиер-лигата.


Мехди Тареми за дваесет милиони се сели во Милан

Милан е во потрага по напаѓач за следната сезона, а прво име на списокот е Мехди Тареми од Порто.

Иранскиот напаѓач веќе неколку сезони блеска во дресот на Порто и минатата сезона постигна 31 гол, па го привлече вниманието на многу европски клубови.

Милан сака да ја победи конкуренцијата и веќе постигнал договор со агентот на 30-годишниот напаѓач, а преговорите со Порто се во напредна фаза.

Првата понуда на Милан од 15 милиони евра била одбиена бидејќи Порто за слободата на Тареми бара 20 милиони евра.

Се очекува во наредните денови да се интензивираат преговорите бидејќи самиот Тереми притиска за трансфер на „Сан Сиро“.


Клоп ги смирува фановите за иднината на Мохамед Салах

Мохамед Салах во претходните денови се најде во центарот на вниманието поради наводниот интерес од Ал Итихад, меѓутоа од тоа нема да има ништо.

Пишувањата на бројните светски медиуми ги демантираа агентот на фудбалерот и стратегот на Ливерпул, Јирген Клoп.

„Мохамед Салах останува посветен на Ливерпул. Ако разгледувавме заминување од „Енфилд“, немаше да потпишеме нов договор“, објави агентот на Рами Абас на неговиот твитер профил. Сличен беше ставот и на Јирген Клоп.

„Нема официјална понуда за Салах. Мо е наш играч и важен дел од тимот. Ако се појави понуда нашиот одговор ќе биде „не“. Салах е целосно посвете нна Ливерпул и таа тема за нас е затворена“, изјави Клоп.

По ова е јасно дека Салах и во наредната сезона ќе го гледаме во дресот на Ливерпул кој викендов го чека тежок натпревар против Њукасл.


РБ Лајпциг спрема подобрена понуда за Елмас

Наполи не сака да се раздели со македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас и ги одбил сите понуди кои пристигнале ова лето.

Како што пишуваат италијанските медиуми најсилен интерес за Елмас покажува Лајпциг кој во македонскиот репрезентативец гледа идеална замена за Собоцлај.

Лајпциг понудил 35 милиони евра, но Наполи експресно ја одбил понудата. Претседателот Аурелио де Лаурентис не сака ни да слушне за продажба на Македонецот, а размислува и да му достави понуда за продолжување на соработката.

Меѓутоа, Лаипциг не се откажува и спрема нова, побогата понуда за потписот на Елмас.


Интер го враќа Алексис Санчез по само една сезона

Алексис Санчез договори кам-бек во Интер и утре ќе пристигне во Милано, пренесува „Скај Спорт“.

Според информациите, двете страни постигнале договор за едногодишна сорабтка вредна 2,5 милиони евра и утре Санчез треба да ги мине лекарските прегледи.

Интер се ослободи од Хоакин Кореа, кој се сели во Марсеј, а Санчез доаѓа како слободен агент.

Чилеанецот една сезона помина во Марсеј, откако минатото лето токму од Интер се пресели во Франција.


Шо го повреди мускулот, Тен Хаг еден месец без бекот

Лук Шо ќе биде надвор од терените подолг период поради повреда на мускулот.

Според извори блиски до клубот, времето за опоравување за 28-годишниот Англичанец може да биде прилично долго. Манчестер Јунајтед се надева дека играчот ќе се врати на теренот за неколку недели, а не за месеци, како што објавија некои медиуми.

Шо одигра два натпревари од по 90 минути оваа сезона во Премиер лигата против Вулверхемптон (1-0) и Тотенхем (0-2) и треба да биде една од главните алки во  дефанзивата на тимот на Тен Хаг.


Несторовски има понуда од Серија Б и од легендарниот Сантос

Италијанските медиуми во последните денови се занимаваа со иднината на македонскиот напаѓач Илија Несторовски.

Изгледаше прво дека неговиот трансфер во Тернана е завршена работа, дури оптмистичка изјава даде и претседателот на овој клуб. Сепак, вчера се појави информација од Џанлука Ди Марцио дека Козенца успеала да ја сврти ситуацијата во своја корист.

Денес познатиот инсајдер за трансфери тврди дека ништо не е готово околу иднината на македонскиот напаѓач, а опција е дури и бразилски Сантос, се споменува уште и Асколи.

Во овој момент Несторовски е без клуб откако му заврши соработката со Удинезе.


Габриел Жесус ќе биде подготвен за дербито со Манчестер Јунајтед

Габриел Жесус ги обнови тренинзите, објави „Скај Спорт“. Бразилецот заработи повреда на коленото пред натпреварот во Комјунити Шилд на крајот на јули, по што беше подложен на мала медицинска интервенција. Оваа информација пред извесно време ја потврди и менаџерот на тимот Микел Артета.

„Тој е добро, очигледно беше многу разочаран од тоа што се случи бидејќи се чувствуваше добро и фит. Никој не го очекуваше овој сплет на настани, но тоа ја наложи оваа мала процедура. Тоа беше најдоброто што можевме да го направиме“, изјави Артета.

Сепак, тој најверојатно нема да биде достапен за лондонското дерби против Фулам викендов. Габриел Жесус најверојатно ќе биде достапен за патувањето кај Манчестер Јунајтед, кое ќе дојде непосредно пред репрезентативната пауза, каде ќе може да продолжи да ја подобрува својата кондиција.