feature

Градското дерби за Вардар, тимот на Седлоски е нов лидер во Првата лига

Фудбалерите на Вардар вечерва славеа триумф над Работнички со 3-1 во 7. коло на Првата лига.

До триумфот на „Тодор Проески“ во Скопје „Црвено-црните“ дојдоа со пресврт.

Работнички поведе преку Имери во 7. минута, изедначи Бабунски од пенал во 41. минута. Кастањеда во 59. минута донесе водство за домашниот тим, а конечниот резултат го постави Мато на 20 минути пред крајот.

По оваа победа Вардар е лидер со 19 бодови, три повеќе од Струга Трим Лум која има натпревар помалку. Трет е Силикс со 15 бода и натпревар помалку.


Спахиу човек на одлука, Шкендија со минималец го надигра Тиквеш

Шкендија ја оствари четвртата победа во Прва МФЛ оваа сезона, откако на домашен терен во Тетово го совлада Тиквеш со 1-0. Гостите пружија силен отпор, играа отворен фудбал и создадоа неколку шанси, но не успеаја да реализираат, за разлика од актуелниот првак.

Стојанов и Тодоров најавија дека Тиквеш нема лесно да се предаде, но голманот Гаје спречи да се затресе неговата мрежа во воведниот дел од натпреварот.

На спротивната страна, Љатифи пропушти одлична можност, но во 36. минута му подготви гол-шанса на Себастијан Спахиу, кој натрча на вториот дирек и реализираше, постигнувајќи го својот прв гол во дресот на Шкендија.

Тиквеш не се помири со резултатот и во второто полувреме. Притискаше и создаде неколку шанси преку Стојкоски, Садик и Стојанов, но реализацијата повторно беше проблем, а одличниот Гаје остана непремостлива пречка.

Бесарт Ибраими имаше можност да го зголеми водството на Шкендија десетина минути пред крајот, но неговиот удар не беше доволно прецизен.

На крајот, Шкендија славеше со 1-0, освои нови три бода, додека Тиквеш ќе мора да ја подобри реализацијата за да бележи подобри резултати.


Слот најави ротација во Лига Куп дуелот со Саутемптон

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, објави дека пет клучни играчи ќе бидат надвор од составот за натпреварот од Лига купот во вторник против Саутемптон.

По победата од 2-1 над Евертон на „Енфилд“, Холанѓанецот потврди дека Вирџил ван Дајк, Ибрахима Конате, Мохамед Салах, Рајан Гравенберг и Доминик Собослај ќе бидат одморени. Сите тие ги одиграа полните 90 минути во последните пет натпревари од Премиер лигата и натпреварот од Лигата на шампионите со Атлетико Мадрид.

„Можам да ви кажам сега дека нема да ги видите во вторник. Ако тоа им помага на Саутемптон, тие веќе знаат“, изјави Слот за медиумите по победата над нивниот градски ривал.


Витални бодови за Еуофарм Пелистер 2, полн плен за тимот на Зарков во Куманово

Еурофарм Пелистер 2 славеше со 28-30 на гостувањето во Куманово во рамките на третото коло од Суперлигата, во меч каде што тимот од Битола го контролираше резултатот во најголемиот дел од средбата.

Најефикасни кај победниците беа Белистојаноски со седум гола, го следеше Марковски исто така со седум, додека Баптист додаде шест. Тоше Ончев беше најрасположен кај домаќините со девет гола, од кои четири врзани во периодот од 53. до 59. минута, а Александар Стојков запиша седум гола.

Во следното четврто коло Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен ќе го пречека Охрид.


Хосни донесе бод од тешкото гостување во Автокоманда

Екипите на Алкалоид и Еурофарм Пелистер го одиграа второто дерби во третото суперлигашко коло, а мечот во „Автокоманда“ по голема битка и неизвесност, заврши со нерешен исход, со резултат 33-33 (15-14). Алкалоид со два гола предност влезе во финишот, но тогаш првакот се разбуди. Прво преку Тајник реализираше за 33-32 за да потоа пред звукот на сирената реализира и Хосни за реми на ова соочување.

Екипата на Рубен Гарабаја настапи без повредените Абутовиќ, Ристевски и Кузманоски, а само неколку минути доби повратникот Хаидарирад.

Тордарсон беше прво име кај „сино-белите“ со седум реализации, а Кузмановски постигна десет гола за битолчани.

Во следното четврто коло Еурофарм Пелистер на домашен терен го пречекува тимот на Струга.


Лука Заложник се квалификува на Светско првенство

Македонскиот репрезентативец во коњички спорт, Лука Заложник, ја продолжи својата импресивна сезона со уште еден извонреден настап на престижниот турнир во Сен Тропе.

Заложник успеа да се закити со едно второ и едно трето место во силната меѓународна конкуренција, што е потврда за неговата континуирана врвна форма.

​„Посебно значаен е неговиот пласман во Grand Prix натпреварот на 160 см, кој му донесе заслужена квалификација за финалето на Светското првенство во прескокнување пречки, кое ќе се одржи во Ахен, Германија, во 2026 година“, соопштија од федерацијата за коњички спортови.

​Ова е веќе 16-ти подиум за Лука Заложник оваа година во Grand Prix натпревари во рамките на Longines Светскиот куп, што го прави еден од најконзистентните натпреварувачи на светската сцена.


Анадолу Ефес се пофали со потписот на Лојд

Кошаркарот на Монако, Џордан Лојд, е новото засилување на Ефес Анадолу

Американецт со полски пасош ќе потпише едногодишен договор со клубот предводен од Србинот Игор Кокошков.
Ефес му плати отштета на Монако бидејќи Лојд имаше договор со тој тим до следното лето.

Вицешампионот на Евролигата потврди дека Лојд го напуштил клубот, така што неговото доаѓање беше официјализирано од Ефес. Лојд импресионираше со своите игри во дресот на Полска на Европското првенство, каде што, заедно со Матеус Понитка, даде клучен придонес во пласманот на селекцијата на Игор Миличиќ во четвртфиналето.

Овој комбо бек имаше просек од 22,4 поени, 3,3 скока и две асистенции по натпревар.


Халанд е сонот на Барса по пензионирањето на Левандовски

Фудбалерот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, би можел да ја продолжи кариерата во Шпанија.

Според „Фудбал Инсајдер, Барселона е заинтересирана за 25-годишниот Норвежанец. Каталонците го гледаат напаѓачот како долгорочна замена за Роберт Левандовски.

Халанд е во Манчестер сити од летото 2022 година.

Тој одигра 151 натпревар за англискиот клуб, постигнувајќи 130 гола и 21 асистенција.


Тудор загрижен, Бремер се жали на повреда на мускулот

Јувентус одигра само нерешено против Верона (1:1), а информациите од Италија велат дека дефанзивецот на тимот од Торино, Бремер заработил повреда.

Бразилскиот дефанзивец беше одморен од тренерот Игор Тудор за натпреварот, но како што е вообичаена практика, играчите кои не учествуваа во натпреварот добија вежби на теренот под надзор на тренери и физиотерапевти.

За време на една од тие вежби, Бремер се струполи на тревата, жалејќи се на мускулен проблем. Ова е нов удар за Бразилецот, кој ја пропушти речиси целата минатата сезона поради сериозна повреда.

Во текот на денот медицинскиот персонал на Јувентус ќе ја процени состојбата на дефанзивецот, а Тудор се надева дека повредата не е сериозна.


Одложено француското дерби меѓу Олимпик Марсеј и ПСЖ

Натпреварот од 5. коло од француската Лига 1 помеѓу Марсеј и ПСЖ, закажан за денес, 21 септември, е откажан поради лоши временски услови. Оваа информација предмалку беше објавена од страна на Лига 1 на социјалните мрежи.

Како што нагласува прес-службата на Лига 1, овој натпревар ќе биде одложен и ќе се одигра утре (понеделник 22 септември од 20 часот).

Во официјалното соопштение се нагласува дека се очекуваат обилни врнежи од дожд во регионот во текот на попладневните часови, што ќе резултира со обилни врнежи од дожд во областа на домашниот стадион на Марсеј, „Велодром“, во вечерните часови.

Исто така од страна на локалните власти ги повикуваат луѓето да избегнуваат патување со автомобил.

Во последното коло, Олимпик Марсеј го победија Лориент со резултат од 4-0, а парискиот тим победи против Ленс со резултат од 2-0.