feature

МЗТ Скопје го доби дербито со Пелистер

Кошаркарите на МЗТ Скопје му одржаа лекција на Пелистер (82-62) во дерби средбата од 13. коло во Првата лига.

Бранителот на трофејот покажа далеку повеќе на средбата во СЦ „Јане Сандански“, го разби противникот и со тоа му се одмазди за тесниот пораз на првиот меч одигран во Битола

„Металците“ ја добија првата четвртина со 20-7, втората со 19-17 и со убава предност од 39-24 заминаа на пауза. Пелистер подобро се снајде во вториот период (20-23), ама домаќините одново одговорија во завршните десет минути и забележаа конечно славје од 20 разлика.

Ова за клубот од Аеродром беше десетта победа во сезоната, најефикасен беше Едвин со 18 поени, Маслинко додаде 15, а Магдевски имаше дабл-дабл од 16 поени и 10 скока. Кај поразените Стајиќ и Антоан реализираа по 14 кошеви.


Доужер потпиша за Анадолу Ефес

Американскиот кошаркар, Пи Џеј Доужер се врати во Европа. До крајот на сезоната ќе го носи дресот на Анадолу Ефес.

Доужер, неодамна доби отказ од НБА, откако челниците на Минесота решија да го раскинат неговиот договорот.

Крилниот бек, минатата сезона прв пат во кариерата играше во Европа, го носеше дресот на Партизан. Сезоната в Белград не беше сјајна за него, па Партизаб реши да не му го продолжи договорот, а тој се врати во НБА.

Откако не доби шанса во Минесота, доби раскин на договорот и се врати во Евролигата.

Тој е поранешен студент на универзитетот Јужна Каролина и поранешен член на Оклахома, Бостон, Денвер и Сакраменто.


Фулкруг сериозно се повреди, Вест Хем бара нов напаѓач

31-годишниот напаѓач на Вест Хем, Никлас Фулкруг, поради повреда ќе паузира до три месеци, објави „Скај Спорт“.

Според изворот, во текот на викендот напаѓачот бил подложен на лекарски преглед, каде му било констатирано оштетување на тетивата на бутниот мускул.

Да потсетиме, Фулкруг ја повреди тетивата за време на натпреварот на Вест Хем со Астон Вила во петок, 10 јануари (1:2). Фудбалерот беше заменет во 15. минута.

Оваа сезона Фулкруг учествуваше на 11 натпревари во сите натпреварувања, на кои постигна два гола и една асистенција. Актуелниот договор на играчот со клубот е до летото 2028 година.


Барса доминантно го освои Суперкупот на Шпанија

Барселона го освои 15. трофеј во Суперкупот на Шпанија. Во финалето, во Ријад, Барселона го декласира Реал Мадрид со 5-2 (4-1).

Барселона го надигра и го понижи најголемиот ривал во финалниот меч. Каталонците за 26 минути спакуваа пет гола во мрежата на Тибо Куртоа. Колку Реал беше инфериорен говори и податокот дека и со играч повеќе не успеаја да и наштетат на Барселона.

Во 52.минута исклучен беше голманот на Барселона, Војчех Шчесни.

Мбапе го постигна првиот гол на натпреварот во петтата минута. барселона изедначи во 22. преку Јамал, а до крајот на првиот дел погодија Левандовски, Рафиња и Балде.

На стартот од вториот дел, во 48. минута, петтиот гол го постигна Рафиња. По исклучувањето на Шчесни, Родриго го намали поразот.


Одермат во велеслалом не греши, победи и во Аделбоден

Швајцарскиот скијач Марко Одермат победи на денешниот велеслалом што се одржа во Аделбоден, Швајцарија и ја зголеми својата предност во оваа дисциплина, но и во вкупниот пласман во Светскиот Куп.

Одермат победи со време од 2:27.55 минути и така ја забележа четвртата последователна победа на оваа патека. Швајцарец по првото возење беше трет, но во второто успеа да ја надополни разликата од 0.34 секунди и стигна до 42-та победа во Светскиот куп, односно 26-та во велеслалом.

Второто место му припадна на неговиот сонародник Лоик Мејар со заостанување од 0.20 секунди. Италијанецот Лука де Алипрандини го освои третото место со 0.69 секунди заостанување зад Одермат.

Во генералниот пласман во велеслалом, Одермат е прв со 300 бода, пред Кристоферсен со 199 бода. Одермат е прв во вкупниот пласман за Светскиот Куп со 730 бода, пред второпласираниот Кристоферсен кој има 574, додека Мејар со 474 бода е трет.


Тјери Анри фаворит за белгиската клупа

Белгискиот новинар Саша Таволиери најавува дека челниците на белгиската фудбалска федерација размислува за доведување на нов селектор и тоа не било кој туку легендарниот Французин Тјери Анри.

Анри летово беше на чело на олимписката репрезентација на Франција со која стигна до сребрениот медал на Игрите во Париз. Сега работи како стручен коментатор на ЦБС, но на Анри не му е непозната работата во белгиската репрезентација.

Французинот работеше како помошник на селекторот Роберто Мартинез и беше дел од Светското првенство во Катар, каде Белгија испадна уште во групната фаза, завршувајќи зад Хрватска и Мароко.

Главен фокус на белгиската репрезентација во 2025 година ќе бидат квалификациите за пласман на Светското првенство кое следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Во квалификациите, Белгија е во иста група со Македонија, а ривали се уште и Велс, Казахстан и Лихтенштајн.


Вокер побарал да замине од Манчестер Сити

Пеп Гвардиола откри зишто во составот за овој меч го немаше капитенот Кајл Вокер, а Гвардиола откри зошто е изоставен.

„Пред два дена Вокер дојде кај мене да разговараме и бараше да си замине. Сака кариерата да ја заврши во странство“, откри Гвардиола.

Вокер оваа сезона одигра 18 мечеви за Сити, но во последни време почесто беше надвор од стартниот тим. Актуелниот договор со Граѓаните му е до јуни 2026 година, а како негова нова дестинација се споменува Саудиска Арабија.


Консеисао: Првото полувреме против Каљари е најслабото на мој тим во кариерата

Тренерот на Милан, Серхио Консеиао беше доста лут на своите играчи за нивниот настап на мечот со Каљари (1-1).

Тој беше особено незадоволен од нивниот настап во првото полувреме, а изјави и дека тоа било најслабото полувреме што го видел во неговата 13-годишна тренерска кариера.

„Очекував многу, многу повеќе во секоја област на теренот. Со оглед на класата на составот што го имам, ова може да се опише како најлошото прво полувреме во мојата 13-годишна тренерска кариера. Ни недостигаше виталност, бевме премногу бавни. Каљари се повлече во сопствениот шеснаесетник за да спречи гол. Тоа беше нивната стратегија, но ние моравме да го правиме она што го трениравме, да ги најдеме празните места. Не бевме доволно паметни да го направиме тоа. Второто полувреме беше подобро, имавме 25 шутеви. Каљари почна да го троши времето. Знам дека такви работи често се случуваат во Италија и нема проблем, но судијата требаше да му даде повеќе дополнително време на натпреварот. Ова не е оправдување, ниту заморот по Суперкупот. Требаше да направиме повеќе, но има и други фактори кои не можам да ги игнорирам“, рече Консеисао по мечот./


Лука Јовиќ заминува и од Милан, клубот бара опција за позајмица

Лука Јовиќ оваа сезона три пати играше за Милан во Серија А, поточно на теренот мина само 78 минути. Српскиот центарфор не е во плановите на новиот тренер Серџо Консеисао. Сличен статус Јовиќ имаше и кај претходниот тренер Паоло Фонсека.

Милан е подготвен да го пушти без обештетување за да заштеди на неговата плата. Јовиќ има договор до крајот на сезоната и во следните шест месеци ќе заработи милион и пол евра. Тој за 500 илјади евра пристигна во Милан од Фиорентина во септември 2023 година. Постигна девет гола и еднаш асистираше во 33 натпревари за Росонерите.

Јовиќ беше хит напаѓач во 2019 година, кога од Ајнтрахт Франкфурт се пресели во Реал Мадрид за 63 милиони евра. Во Реал крај Карим Бензема не доби вистинска шанса, па многумина сметаат дека Јовиќ е најлошото засилување во историјата на клубот.

За Реал одигра 51 натпревар, постигна пет гола и забележа исто толку асистенции.


Конте го сака Гарначо како замена за Кварацхелија

Алехандро Гарначо, крилниот напаѓач на Манчестер јунајтед нема сигурен статус во клубот по доаѓањето на новиот тренер Рубен Аморим. Англиските медиуми шпекулираат дека Аргентинецот ќе го напушти тимот во актуелниот преоден рок.

Пишувањата на англискиот печат ги подржува и Танкреди Палмери еден од најпознатите италијански спортски новинари.

Наполи е подготвен да го донесе Гарначо доколку Кварацхелија го напушти клубот и замине во Пари Сен Жермен.

Наполи е подготвен да плати 50 милиони евра, оваа сума со задоволство би ја прифатиле челниците на Јунајтед.

Гарначо оваа сезона одигра 29 натпревари за Манчестер јунајтед, постигна осум гола и додаде четири асистенции, но е без гол или асистенција на последните осум натпревари во Премиер лигата.