feature

Ѓоковиќ: Сакам уште неколку години да играм на Вимблдон

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ им се обрати на медиумите пред учеството на претстојниот Гренд слем – Вимблдон.

Ѓоковиќ има 24 Гренд слем титули, а новинарите беа заинтересирани дали токму Вимблдон е негова најголема шанса да дојде до 25 Гренд слем трофеј.

„Дали е ова мојот последен танц? Не знам. Имам желба да играм уште неколку години! Би сакал да бидам физички здрав и ментално мотивиран да продолжам да играм на највисоко ниво. Тоа е мојата цел, но на оваа возраст којзнае. Би се согласил дека Вимблдон е мојата најголема шанса, поради резултатите овде и како се чувствувам и како играм овде.“

Новак Ѓоковиќ седум пати во кариерата победил на Вимблдон. Рекордер со осум трофеи е Роџер Федерер.


Милан се раздели со Сотил и Жоао Феликс

Милан објави на својот официјален профил на социјалната мрежа X дека напаѓачот Жоао Феликс и крилниот напаѓач Рикардо Сотил го напуштаат клубот поради истекување на нивните договори за позајмица.

Феликс им се придружи на „росонерите“ од Челзи во февруари 2025 година. Во овој период, тој одигра 21 натпревар во сите натпреварувања, постигнувајќи три гола и запишувајќи една асистенција.

Сотил беше позајмен во Милан од Фиорентина. Италијанскиот фудбалер одигра осум натпревари за црвено-црните, но не постигна гол.

На крајот од минатата сезона, Милан го освои осмото место во Серија А.


Челзи по продолженија ја „скрши“ Бенфика

Фудбалерите на Челзи се пласираа во четвртфиналето на Светското клупско првенство во САД откако ја победија екипата на Бенфика во осминафиналето, кое траеше „половина ден“. Натпреварот на стадионот „Бенк оф Америка“ во Шарлот заврши со резултат 4-1 (0-0, 1-1).

Сè до таа 86-та минута беше нормално. Челзи поведе од 64-та минута со голот на Рис Џејмс и беше на прагот да се пласира во следната рунда. А потоа….Молњи се појавија на небото над Шарлот и организаторите решија да го прекинат дуелот само четири минути пред крајот на натпреварот. Од безбедносни причини, фудбалерите на двата тима и судиите предводени од Словенецот Славко Винчиќ се повлекоа од теренот, исто како и навивачите од трибините.

Паузата траеше два часа.

Конечно, кога играта продолжи, беше досуден пенал за Бенфика во судиското продолжение. Аргентинскиот ветеран Анхел Ди Марија рутински ја реализира најстрогата казна и го доведе натпреварот во продолженија.

Фудбалерот на Бенфика, 19-годишниот Аргентинец Џанлука Престијани, во дополнителните 30 минути го доби вториот жолт картон.

Од тој момент со играч помалку Португалците едноставно потонаа. Поточно, тие издржаа во првото продолжение, но кога резервниот играч Кристофер Енкунку повторно му донесе водство на Челзи, јасен беше епилогот.

Педро Нето и Киран Дјусбери Хол набрзо постигнаа голови и крајот тимот од Лондон славеше убедлив триумф – 4:1. Екипата на Енцо Мареска ќе игра во четвртфиналето против Палмеирас, кој го победи Ботафого со 1:0 по продолженијата во Филаделфија.


Клоп: Светското клупско првенство е најлошата идеја во фудбалската историја

Поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп предвидува дека поради СКП во наредната сезона ќе се повредуваат фудбалерите како никогаш претходно.

Наместо да добијат одмор по завршувањето на сезоната, ФИФА имплементираше ново долго натпреварување, Светското клупско првенство, па играчите добија дополнителни мечеви.

Според многумина оваа идеја е штетна по здравјето на фудбалерите, така мисли и Клоп.

„Светското клупско првенство е најлошата идеја некогаш имплемнтирана во фудбалот. Луѓе кои никогаш немале ништо со секојдневна работа во фудбалот измислуваат вакви идеи“, вели Клоп.

„Стравувам дека во наредната сезона фудбалерите ќе се повредуваат како никогаш претходно. Ако не, тогаш тоа ќе се случи на Светското првенство или после него“.


Милан и Торино си подадоа рака за Ричи

Милан и Торино го договорија трансферот на 23-годишниот Самуеле Ричи, во наредните денови тој треба да биде и комплетиран.

Договорот е вербален, наскоро ќе биде преточен и на хартија со потпис на двата клуба.

Милан за Ричи на Торино ќе му плати 23 милиони евра плус 2 милиони евра во бонуси.

Веќе се закажани медицинските тестови по кои ќе следува потпис на договорот.


Александра Пејковска и Сашо Даневски од ФФМ ќе учествуваат на ЕП за женски фудбал во Швајцарија

Александра Пејковска и Сашо Даневски, претставници на Фудбалската федерација на Македонија, ќе бидат дел од престижното Европско првенство во женски фудбал што ќе се одржи во Швајцарија од 2. до 27. јули.

Александра Пејковска ќе биде делегат на натпревари од групната фаза што ќе се играат во Базел, каде ќе настапат селекциите на Швајцарија, Норвешка, Германија и Данска. Истиот град ќе биде домаќин и на еден четвртфинален натпревар, како и на големото финале, каде што Македонија ќе има свој претставник.

Со кариерата како УЕФА делегат, Александра Пејковска има над 150 меѓународни натпревари зад себе, вклучувајќи две Европски првенства за жени, финален натпревар од Лигата на шампионите, како и бројни средби од европските натпреварувања.

Нашиот национален тренер за фудбалски судии, Сашо Даневски, ќе биде дел од четиричлениот експертски тим за физичка подготовка на УЕФА, задолжен за кондицијата на најдобрите фудбалски судијки во Европа. Подготовките започнаа во базата во Нион, каде што веќе се одржуваат интензивни тренинзи и отворени сесии на кои присуствуваат врвни фудбалски имиња од континентот.

Сашо Даневски е дел од УЕФА едукативната структура веќе четири години. Како главен фитнес тренер на програмите за развој на млади судии, тој редовно учествува на семинари за елитни судии и неодамна беше дел од тимот на ЕУРО 2024 во Германија, каде што беше одговорен за функционалната и тимската подготовка на судиските екипи.

ФФМ изразува гордост за нивното учество и придонес на врвно европско ниво, како потврда за посветеноста и стручноста што ја вложуваат македонските претставници во фудбалските структури на УЕФА.


Турција и Романија доминантни на Балканскиот шампионат во одбојка на песок до 22 години

Апсолутна доминација на турските парови на БВА Балканскиот шампионат во одбојка на песок до 22 години за мажи и жени, кои играа во финалето во машка конкуренција. Тимот на Турција 1 Сачит/Џан со 2:0 во финалето ги победија своите сонародници Туна/Бариш. Во женска конкуренција, пак, романската двојка Хододи/Миу втора година во низа е шампион во У22 откако во финалето со 2:0 славеше над турскиот пар Су/Доџа.

Во распределбата на медали се замешаа и молдавските парови, па така во мечот за третото место кај мажите двата пара од Молдавија се бореа за бронзата. Пламадеала/Усатов со 2:1 во сетови и по голема борба ги совладаа Зуев/Дидорчиуч. Во женска конкуренција, пак, бронзата им припадна на Молдавките Усатова/Ставер кои со 2:0 се радуваа против вториот турски пар Доган/Јилдирим.

Учесниците понудија вистинско уживање во одбојка на песок на градот Тетово и сите сите љубители на одбојката во изминативе три дена. Кулминација беа натпреварите за медалите, кои иако беа одложени за еден час поради невремето во Тетово, сепак, не ги спречивозбудувањата кои ги понудија финалистите.

Градот Тетово кој за првпат беше домаќин на еден Балкански шампионат во одбојка на песок комплетно ја оправда довербата на Одбојкарската Федерација на Македонија да биде технички организатор. Одлични услови за игра, преполни трибини и гостопринство кое во полн сјај ја пренесе летната атракција на градскиот плоштад.


Јуве нуди 50 милиони за Араухо од Барса

Приказните за трансфер пазарот стануваат сè почести, а шпанските медиуми објавуваат спектакуларна шпекулација во режија на Јувентус и Барселона.

Според „Диарио Спорт“, „Старата Дама“ нуди 50 милиони евра за „капиталистот“ на Барселона – Роналд Араухо.

Каталонците направија силен потег за Нико Вилијамс, но за да ги поминат сите прописи околу трансферот без никакви проблеми, некој ќе мора да го напушти клубот.

Веќе некое време се зборува за заминување на Араухо од Барселона, а сега првиот кандидат да го донесе е италијанскиот гигант – Јувентус. „Старата Дама“ го гледа Уругваецот како одлично решение за нивните проблеми во задната линија и ќе направи силен потег за него ова лето.

Јувентус сака да направи голем камбек следната сезона, што значи дека има шампионски амбиции, а за да ги постигне своите цели, ќе мора значително да го засили својот играчки кадар.


Отаменди доби нов договор во Бенфика

37-годишниот Николас Отаменди го продолжи договорот со Бенфика за уште една сезона, објави клубот.

Аргентинскиот дефанзивец игра за португалскиот гигант од летото 2020 година. Минатата сезона, тој одигра 31 натпревар во португалското првенство, постигнувајќи 6 гола и 2 асистенции.

Отаменди е капитен на Бенфика и се чини дека ќе ја заврши кариерата во клубот.


Барселона и Де Јонг на работ на нов договор

Претседателот на Барселона, Хоан Лапорта, потврди дека преговорите за продолжување на договорот со Френки де Јонг се во напредна фаза и дека двете страни се блиску до постигнување договор. По месеци на бавни преговори, дискусиите забрзаа, а клубот се надева дека новиот договор ќе биде официјално објавен пред крајот на јуни. 

Сегашниот договор на Де Јонг важи до 2026 година, но се очекува тој да прифати прилагодување на платата кое ќе му овозможи на клубот подобро финансиско планирање и полесна регистрација на новите играчи. 

Под водство на тренерот, Ханси Флик, Де Јонг повторно се наметна како клучен играч и имаше значајни настапи во вториот дел од сезоната. Неговите перформанси го направија клубот да го стави во фокус продолжувањето на неговата кариера во Барселона. 

Овој договор е клучен за стабилноста на тимот и усогласеноста со финансиските правила пред почетокот на новата сезона.