feature

Охрид и Бутел добија поволни противници во Европскиот Куп

Во седиштето на Европската ракометна федерација се одржа ждрепката за ЕХФ Европскиот Куп во машка конкуренција.

Бутел за ривал во првото коло го доби Дуделанж. Првиот дуел ќе биде во Луксембург а реваншот во Скопје. Тимот на Тиквеш го доби Бешикташ. Македонскиот состав во првиот меч ќе гостува кај турскиот шампион. Екипата на Охрид ќе игра против Баку (Азербејџан). Во воведната пресметка охриѓани треба да гостуваат.

Првите натпревари од второто коло се закажани за 6/7 септември додека реваншите ќе се одиграат седум денови подоцна.


Алкалоид го доби најсилниот можен ривал во квалификациите за Европската лига

Ракометарите на Алкалоид добија силен противник во баражот за пласман во групите на Европската лига на ЕХФ.

Избраниците на Кирил Лазаров на извлекувањето беа во вториот шешир, а среќата не беше на страната на македонскиот тим затоа што го доби бундеслигашот Хановер за противник на патот кон групите во второто по ранг натпреварување на ЕХФ.

Двомечот ќе се одигра на 30/31 август, односно 6/7 септември. Алкалоид доаѓа во Европската лига како освојувач на ЕХФ Купот и со „вајлд-карта“.

Екипата на Вардар 1961 како вуцешампион е директен учесник во групната фаза, додека место во оваа фаза преку квалификациите ќе бара екипата на Алкалоид.


Ливерпул го сака Матета како замена за Дарвин Нуњез

Претставници на Ливерпул се сретнале со напаѓачот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета, и неговиот агент. Според новинарот Себастијан Дени од Foot Mercato, ова се случило пред неколку дена во Париз.

28-годишниот Французин, кој во минатата сезона постигна 17 гола и направи четири асистенции за Кристал Палас на 46 натпревари во сите натпреварувања, има договор со „орлите“ до 2027 година. Се верува дека Лондонците го оценуваат на 50-60 милиони евра.

Милан, исто така, е заинтересиран за Матета, кој беше дел од Олимпискиот тим на Франција минатата година. На тој турнир, тој постигна пет гола на шест натпревари.

Во Британија се сигурни дека Ливерпул ќе доведе нов централен напаѓач, и досега многу имиња беа поврзувани со „црвените“. Најпосакуван е голгетерот на Њукасл, Александар Исак, но таков трансфер тешко може да се реализира во моментов. Југо Екитике и Виктор Осимен, исто така, се поврзуваат со англискиот шампион. Меѓутоа, пред да доведе нов голгетер, клубот треба да го продаде Дарвин Нуњес.

Ливерпул има интерес и за друг фудбалер на Кристал Палас – централниот бек Марк Геи.


Барса тргна со припреми, Тер Штеген тренира одвоено

Голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген, не учествуваше на првата тренинг сесија на каталонците од предподготвителниот период на тимот.

Германскиот голман остана во фитнес салата, каде што изведуваше вежби одвоено од групата.

Тој го заврши сезоната 2024/25, опоравувајќи се од сериозната повреда на коленото, се врати како стартер под рамката на голот во Барселона и започна како стартер за Германија во двата натпревари од финалето на Лигата на нациите пред летниот одмор.

Тер Штеген се соочува со период на несигурност поради доаѓањето на Жоан Гарсија, додека според сите медиуми во Шпанија, Ханзи Флик му кажал дека нема да смета на него.


Два европски гиганти го сакаат Толисо

Манчестер Јунајтед покажува интерес за Корентен Толисо, соопшти француското издание “Екип”.

„Црвените ѓаволи“ воспоставиле контакт со претставниците на играчот од среден ред на Лион, кој веќе одби две понуди од Турција ова лето.

Лион сака да го задржи играчот и да ја гради екипата околу него во следната сезона. Од друга страна, евентуалната продажба би го олеснила финансиското потешкотии на клубот, бидејќи Толисо е највисокоплатениот фудбалер во тимот.

“Екип” тврди дека ситуацијата околу Толисо ја следи и новиот член на елитната дивизија на Саудиска Арабија Неом, како и Атлетико Мадрид. „Јорганџиите“ во лицето на светскиот шампион гледаат добра замена за Родриго де Пол, кој е пред трансфер во Интер Мајами.

Толисо е играч од младинскиот погон на Лион. Дебитираше за првиот тим на „лавчињата“ во 2013 година, а во 2017 година беше продаден на Баерн (Минхен) за тогаш рекордни 41,5 милиони евра во историјата на клубот. Во 2022 година играчот од среден ред се врати во Лион како слободен играч.


Сопствениците на Барнли го купија шпански Еспањол

Еспањол доби нова сопственичка структура. Како што е објавено во официјалното соопштение на клубот, досегашниот мнозински сопственик, кинеската групација RASTAR, постигна договор со англиско-американскиот холдинг Velocity Sport Limited (VSL), кој е сопственик и на старо-новиот англиски премиерлигаш Барнли.

Ова не е класична продажба, туку стратешка алијанса. Со овој договор, Еспањол и Барнли стануваат дел од иста инвестициска група, со што се создава моќна фудбалска оска помеѓу Ла Лига и Премиер лигата.

Според договорот, групацијата RASTAR на кинескиот бизнисмен Чен Јаншенг ги интегрира своите акции во холдингот VSL, со што VSL ја презема контролата врз Еспањол. Главен човек на операцијата е Алан Пејс, сопственикот на Барнли, кој веќе пристигна во Барселона за да го финализира договорот.


Надал прифати да му биде ментор на Зверев

Германецот Александар Зверев имаше разочарувачки настап на Вимблдон, каде што беше поразен во првото коло, а германскиот телевизиски оператор Sky денеска објави дека 28-годишникот ќе се обиде да напредува во кариерата со помош на семејството Надал.

Новинарот на Sky, Пол Хојзер, објави на платформата X дека Тони Надал би можело да стане нов тренер на треторангираниот тенисер на АТП ранг-листата, а неговиот внук Рафаел Надал ќе учествува во улога на еден вид ментор.

Sky објави снимки од тренинзите што Зверев ги имал со Тони Надал во Академијата Рафаел Надал во Мајорка. Несомнено еден од најталентираните тенисери на својата генерација, 28-годишниот Германец го освои златниот олимписки медал во Токио 2021 година, но ги загуби сите три финалиња на Грен слем турнирите.


Тадиќ пред потпис со Атлетико Мадрид

Душан Тадиќ ќе настапува за мадридски Атлетико следната сезона, објави српски „Телеграф“. Искусниот офанзивец имаше неколку сериозни понуди, меѓу кои и финансиски многу великодушна опција од Црвена звезда, актуелниот шампион на Србија.

Сепак, одлучи да ја продолжи кариерата во значително посилна конкуренција. Тадиќ го избра Атлетико Мадрид.

Во главниот град на Шпанија патува веќе утре, а целиот трансфер треба да биде завршен до крајот на неделата. Доаѓа како слободен играч бидејќи му истече договорот со Фенербахче и се очекува дека ќе биде значаен додаток во кадарот за напад кој го води Диего Симеоне.

Во интервју за „Арена Спорт“, првиот човек на Звезда, Звездан Терзиќ, рече: “Самиот се изненади кога ја виде понудата што му ја подготвив со деталите од финансиските услови. Ни би зборувал за бројките, не е коректно, но ќе беше најплатениот играч во историјата на српскиот спорт“.


Џорџо Скалвини пред портите на „Олд Трафорд“

Централниот дефанзивец на калчолигашот Аталанта, Џорџо Скалвини, би можел ова лето да се пресели во Манчестер Јунајтед, објави денеска весникот „Сан“.

Претходно се појавија информации за интересот на Њукасл за 21-годишниот дефанзивец, а голем број клубови од Серија А, како и Тотенхем, исто така, се заинтересирани за трансфер на италијанскиот фудбалер.

Според најавите, трансфер цената на Скалвини ќе изнесува 50 милиони евра.

Скалвини го пропушти поголемиот дел од минатата сезона поради сериозна повреда и одигра само осум натпревари.

Договорот на италијанскиот дефанзивец со Аталанта е со важност до лето 2028 година.


Ѓорческа со победа стартуваше на челинџер турнирот во Рим

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа имаше убедлив старт на Челинџер турнирот во Рим 125 што се игра за награден фонд од 100.000 евра. Таа вечерва во првото коло ја совлада Лаура Пигоси од Бразил со 2-0 во сетови (6-1 и 6-1) за 87 минути игра.

Македонската тенисерка во првиот сет имаше одличен почеток и поведе со 4-0 во гемови, а потоа ривалката освои еден гем, за Ѓорческа да го освои сетот со 6-1 и да поведе со 1-0. Во вториот сет по 1-1 во гемови Ѓорческа направи серија од пет гема стигна уште еднаш до 6-1 во гемови и 2-0 во сетови.

Македонската тенисерка во второто коло ќе игра со победничката од мечот меѓу Доминика Салкова (6.носителка, Чешка) и Петра Марчинко (Хрватска).