feature

Барса му даде гола на корејски Сеул во вториот меч од азиската турнеја

Барселона без поголем отпор го совлада Сеул со високи 3-7 на ефикасен пријателски дуел во Јужна Кореја.

Каталонците имаа само минимална предност по првото полувреме (2-3), но во вториот дел запнаа со полна сила и ги растурија домаќините. Ламин Јамал блесна со два погодоци, а по еден постигнаа Левандовски, Кристенсен и Гави. Феран Торес двапати ја тресеше мрежата и покажа дека е подготвен за новата сезона.

Барса има уште два контролни натпревари во рамки на азиската турнеја, прво против Даегу, а потоа и против италијанскиот Комо. Првиот официјален натпревар ќе биде на 16 август со гостување кај Мајорка во воведното коло од Примера.


Седлоски: Ова е тежок пораз за мене и за клубот

Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски е разочаран по очајното издание на Вардар во Лозана и поразот од 5-0, смета дека првиот примен гол бил клучен за поразот.

Вардар во Лозана отпатува со големи амбиции по одличниот меч во Скопје, но од Швајцарија се враќа со тежок пораз.

„Многу тежок резултат за нас како клуб, за мене, за навивачите, за играчите, за сите. До првиот гол бевме добри, но по првиот примен гол се растуривме тотално и тим како Лозана не ги опростува тие шанси кои ги создаде. Секоја шанса беше гол. Дали беше до вештачката трева или малку полетавме по резултатот во Скопје, тоа мора да видиме. Знаев дека Лозана има врвни играчи. Ние завршивме со Европа, на Лозана им посакувам се најдобро понатаму“, вели Гоце Седлоски.

„Мора да се кренеме по овој резултат, почнува новата сезона, првиот меч ни е дерби против Пелистер, ќе гледаме, ќе се подготвиме. Мора да кажам дека овој излез во Европа преку купот беше награда за нас, знаевме каде беше Вардар претходно. Сега почнува новата сезона, ќе видиме како ќе биде понатаму“.

„Не верувам дека е замор, кажав дека по првиот примен гол паднавме комплетно психички, Лозана не опростува ништо. Во Скопје одигравме еден фантастичен натпревар, а денеска тотално потфрливме. Не бараме кривица, криви сме самите ние. На полувреме им кажав на играчите да се стабилизираме, но Лозана притискаше се повеќе и повеќе. Ние со враќањето на топките кон одбраната им дававме можност да го прават тој пресинг“.


Вардар со убедлив пораз во Лозана се прости од Европа

Фудбалерите на Вардар го завршија европскиот пат откако убедливо загубија на гостувањето кај Лозана со 5-0 во реванш-мечот од второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА.

Швајцарскиот тим доминираше во текот на целиот натпревар и заслужено продолжи во наредното коло со вкупни 6-2 гледно со првата средба во Скопје.

Головите за Лозана ги постигнаа Душене, Ајдини, Траоре и Шене кој два пати ја матираше одбраната на „црвено-црните“.


Нојер се враќа во германската репрезентација

Голманот на Баерн, Мануел Нојер, може да се врати во германската репрезентација, објави „Билд“.

Според германскиот весник, оваа одлука е поврзана со ситуацијата со голманот Марк-Андре тер Штеген во Барселона. Каталонскиот тим е незадоволен од главниот голман на германската репрезентација, покрај тоа, Тер Штеген ќе отсуствува околу 3-4 месеци поради закрепнување од повреда.

Самиот Нојер не е против враќање во германската репрезентација. Триесет и деветгодишниот голман го објави своето заминување од репрезентацијата во август 2024 година.

Голманот е подготвен да се врати доколку селекторот Јулијан Нагелсман го побара тоа.


Семедо пред потпис со Фенербахче

Фенербахче објави на својата официјална веб-страница дека преговара за договор со 31-годишниот фудбалер Нелсон Семедо.

Нелсон Семедо доаѓа во Истанбул за да ги продолжи преговорите за трансфер со нашиот клуб и да се подложи на медицински преглед, се вели во соопштението за медиумите.

Во јуни се дозна дека Марсеј е во преговори со дефанзивецот, но страните не постигнаа договор.

На 1 јули, играчот стана слободен агент откако го напушти Вулверхемптон.

Во сезоната 2024/25, Семедо одигра 37 натпревари во сите натпреварувања и имаше пет асистенции. Претходно играше за Барселона и Бенфика.


Мареска состави трансфер листа од шеснаесет имиња

Победникот на клупскиот Мундијал Челси, ќе биде исклучително активен до крајот на преодниот рок. „Сините“, во досегашниот тек од преодниот рок потрошија 290 милиони евра, се засилија со Жоао Педро (70 милиони), Џејми Гитенс (65 милиони), Естевао (34 милиони), Лиам Делап (35,5 милиони), Јорел Хато (42 милиони).

Челси, во овој момент има многу фудбалери на платниот список, па ќе мора да продава и да позајмува за да направи место во составот и буџетот.

Мадуеке и Кепа заминаа во Арсенал, Петровиќ во Борнмут, а Жоао Феликс во Ал Наср. Италијанскиот инсајдер Николо Скира пишува дека Челзи сака да се ослободи од дури 16 играчи кои не се во плановите на менаџерот Енцо Мареска до крајот на преодниот рок.

Наводно им било кажано дека можат да бараат нов клуб или да одат некаде на позајмица. Меѓу нив се „јаки“ имиња како Николас Џексон, Кристофер Нкунку и Рахим Стерлинг.

Мареска не смета на следниве играчи:

– Веига
– Брете
– Сар
– Бадијашил
– Анселмино
– Чилвел
– Гилкрист
– Угочукву
– Чуквуемека
– Дјусбери-Хол
– Паес
– Стерлинг
– Џексон
– Енкунку
– Нумберс
– Адер


Бразилецот Реис сака да замине од Сити по само шест месеци

Витор Реис, суперталентираниот 19-годишен стопер, сака да го напушти Манчестер сити.

Бразилецот пристигна во Англија во јануари оваа година во трансфер вреден 30 милиони евра од Палмеирас.

Поради малата минутажа кај Пеп Гвардиола, тој сега сака да оди на позајмица во клуб каде што ќе добие шанса да игра во континуитет.

Рубен Дијаш, Јошко Гвардиол, Мануел Аканџи, Нејтан Аке, Џон Стоунс и Абдукодир Хасанов моментално се на неговата позиција во клубот, младиот Бразилец е свесен дека ќе има малку можности за игра.

Англиските медиуми ги споменуваат Порто и Баер Леверкузен како опции за Реис.


Бушар ја заврши тениската кариера

Поранешната тенисерка број 5 во светот, Ежени Бушар го одигра последниот натпревар во кариерата.

Триесет и едногодишната Канаѓанката ноќеска загуби од 20-тата тенисерка во светот, Белинда Бенчиќ, во натпреварот од второто коло на турнирот во Монтреал – 2:6, 6:3, 4:6.

„Пораснав играјќи на овие терени, гледајќи го овој турнир. Тенисот ми даде толку многу. Вечно сум благодарна на овој спорт и на сите што беа со мене на овој пат. Сакам да им се заблагодарам на мајка ми, татко ми, сестрите и брат ми за нивните жртви. Сакам да знаете дека кога публиката навиваше за мене, навиваше и за вас. Без вас, не би била тука“, рече Бушар во солзи веднаш по мечот со бенчиќ.

Бушар беше финалистка на Вимблдон во 2014 година и поранешна тенисерка број 5 во светот.

Во текот на својата кариера, таа освои една ВТА титула во сингл и една ВТА титула во двојки, како и трофејот во „Били Џин Кинг“ во 2023 година.


Интер заработи најмногу од ТВ правата во Серија А

Интер стана лидер по приходи од ТВ права помеѓу клубовите од Серија А во сезоната 2024/25, објави „Газета дело Спорт“.

Клубот од Милано доби 81,6 милиони евра од ТВ права.

Во Топ 5 на оваа листа покрај Интер се: Наполи – 67,8 милиони евра, Јувентус – 67,7 милиони евра, Милан – 67,3 милиони евра и Рома – 61,2 милиони евра.

На крајот од сезоната 2024/25, Наполи ја освои Серија А, Интер се најде на второто место, а Аталанта на третото.


Договорени два НБА натпревари во Европа

НБА лигата соопшти дека два натпревара од регуларниот дел од новата сезона ќе се играат во Европа.

Во јануари 2026 година Мемфис и Орландо ќе одиграат еден натпревар во Берлин – 15.јануари и на 18.јануари во Лондон.

Натпреварите ќе се играат во Убер Арената во Берлин и во О2 Арената во Лондон. Воедно раководството на лигата објави дека два натпревара во сезоната 2026/2027 ќе се играат во Манчестер и во Париз (јануари 2027) и во Берлин и во Париз во јануари 2028 година.

Не е првпат овие градови од Европа да бидат домаќини на натпревари меѓу екипи од НБА лигата, како од регуларниот дел на сезоната, така и пријателски пред почетокот на сезоната.