feature

Милевски: Верувам дека ќе ја продолжиме победничката серија

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски го најави циклусот и првиот натпревар, кој често може да биде и најзначаен во целата календарска годин.

„Дојдовме тука и максимално се спремаме за натпреварот. Би било добро да почнеме со победа и да ја продолжиме серијата со позитивни резултати, но до бодови можеме само со нашето најдобро издание.

Ме радува што фудбалерите играат во своите клубови, имавме доста проблеми минатата година со неиграњето на репрезентативците во клубовите. Но, тие секогаш даваа максимум кога играа за селекцијата. Верувам дека сега ќе биде само подобро. За да победите мора сите линии да се на високо ниво, сите фудбалери се битни и нашиот фокус е да функционираме до максимум. Неколку фудбалери не можат да ни помогнат заради повреда, го имам стартниот тим во главата и верувам дека сите ќе бидат здрави и на диспозиција по последниот тренинг.

Секој тренер има своја визија и филозофија, па така и селекторот на нашиот противник, Лихтенштајн има селектор кој две години врши добра работа и не мора да значи дека стилот ќе биде ист како и досега. Имаме максимален респект и убеден сум во максимален пристап“, рече Милевски пред новинарите.

Лихтенштајн и Македонија утре попладне од 15:00 часот ќе ја отворат нашата квалификациона група, во која во вечерниот термин ќе играат Велс и Казахстан.


Барди: Многу ни значи враќањето на Пандев во репрезентацијата

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди верува во соиграчите и очекува уште еден зрел циклус на „рисовите“ на стартот од квалификациите за пласман на СП 2026 година.

„Деновиве добро се спремивме и сакаме да го продолжиме победничкиот менталитет. Свесни сме што ни значат овие квалификации. Во модерниот фудбал нема фаворити и мора тоа да си го врежеме во глава. Треба да дејствуваме како тим и само така можеме до три бода и до целта која си ја поставивме.

Енергијата и желбата за победа сами ќе си дојдат, имаме квалитет кој може да ни донесе три бода. Нема да го потцениме противникот, ве уверувам во тоа“, рече нашиот капитен.

Потоа Барди зборуваше и за значајот со враќањето на Горан Пандев во нова улога во националната репрезентација.

„Цело време сме во контакт со Горан Пандев, многу ми помагаше цело ова време. Тој е голем човек, беше голем фудбалер и многу ќе ни помогне. Знае фудбал, знае да менаџира работи околу тимот и ќе ни биде од голема помош“, заврши Барди.


Станиќ поразен на дебито, У21 Македонија немоќна против Белорусија

Македонската репрезентација до 21 година претрпе пораз од 3-1 во денешниот пријателски натпревар против Белорусија.

Белорусија одигра подобро на натпреварот во Анталија и заслужено дојде до победата.

По првите 45 минути резултатот беше 1-0, а потоа Белорусите постигнаа уште два гола за водство од 3-0. Единствениот гол за Македонија во финишот го постигна Кире Стојанов.

Избраниците на Горан Станиќ на 25 март ги очекува уште еден натпревар и тоа против Азербејџан од 18:00 часот.


Мексички Клуб Леон исфрлен од Светското клупско првенство

Клуб Леон од Мексико е исфрлен од Светското клупско првенство кое летово првпат ќе се одржи во нов формат.

Комисијата за жалби на ФИФА ја донесе оваа одлука откако ги разгледа дисциплинските постапки против мексиканските тимови Пачука и Клуб Леон.

Утврдено е дека овие клубови ги прекршиле пропишаните правила за сопственост на повеќе клубови.

Поради ова, ФИФА одлучи да го суспендира учеството на клубот чиј најпознат играч е Хамес Еодригез, поранешен член на Реал Мадрид и колумбиската репрезентација.

Светското клупско првенство ќе се игра од 14 јуни до 13 јули во САД. Ќе учествуваат 32 клуба, а подоцна ќе биде објавено кој ќе го замени Клуб Леон.


Ѓоковиќ со победа го почна Мастерсот во Мајами

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, по пауза од шест години настапи на Мастерсот во Мајами. Во рамките на второто коло тој го победи Австралиецот, Ринки Хиџиката.

Ѓоковиќ за 81 минута победи со резултат 6-0, 7-6. Ова беше втор триумф на Новак во директни дуели со Австралиецот, кого го победи во Бризбејн на почетокот на годината.

Негов следен ривал ќе биде Аргентинецот Камило Хуго Карабели, кој приреди изненадување со победата над Алекс Микелсен со 6-7 (3), 7-5, 6-3.

По победата, Ѓоковиќ напиша трогателна порака на камерата.

„Молитви за 16-те“ која се однесува на сите 16 жртви кои ги загубија животите во трагедијата во Нови Сад на 1.ноември минтата година.


Винициус во 99. минута ја сруши Колумбија

Бразил забележа драматична победа над Колумбија во 13.коло, од јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство.

Натпреварот на стадионот „Мане Гаринча“ во Бразилија, Бразил ја победи Колумбија со 2-1.

„Кариоките„ славеа со голот на Винисиус Жуниор постигнат во 99.минута. Претходно, Рафиња во шестата минута реализираше пенал за Бразил, а Луис Дијаз во 41. минута го изедначи резултатот.

Бразил со овој триумф се искачи на второто место на табелата, а Колумбија по четвртиот пораз во последните пет натпревари падна на шестата позиција.


Нови проблеми за Артета, Калафиори се повреди против Германија

Рикардо Калафиори се здоби со повреда на четвртфиналниот натпревар од Лигата на нации против Германија, што претставува нова главоболка за Микел Артета.

Калафиори го повреди коленото на натпреварот против Германија (1-2), што не е добар знак, но се уште не е познато колку ќе треба да паузира.

Калафиори со мака го напушти стадионот Сан Сиро, а по заминувањето даде краток коментар:

„Сè уште не знам за што станува збор“, изјави загрижениот Калафиори.

Ова е сериозен проблем и за Артета. Арсенал влегува во завршниот дел од сезоната и во борбата за трофеи. Титулата во Премиер лигата е во доменот на теоријата, но тука е и борбата во Лигата на шампионите. Арсенал ќе се соочи со Реал Мадрид.


Хамилтон освои пол-позиција за спринтот во Шангај

Луис Хамилтон ја освои пол-позицијата во пресрет на спринт трката пред Големата награда на Кина.

На патеката во Шангај, возачот на Ферари, постави рекорд на патеката со време 1:30.849 минути. Квалификациите беа исклучително неизвесни, што покажуваат времињата. Макс Ферстапен имаше послаб резултат за само 18 илјадити делови од секундата, а Оскар Пјастри задоцни 80 илјадити делови од секундата.

Спринтот од вториот ред, веднаш до Пјастри ќе го започне Шарл Леклер од Ферари. Во третиот ред се Британцита Џорџ Расел (Мерцедес) и Ландо Норис (Мекларен). Зад нив се Андреа Кими Антонели (Мерцедес), Јуки Цунода (Рејсинг Бул), Алекс Албон (Вилијамс) и Ленс Строл (Астон Мартин).

Спринт трката ќе се вози утре во 4 часот по средноевропско време, квалификациите за главната трка ќе започнат во 8 часот. Трката за Големата награда на Кина, в недела ќе започне во 8 часот.


Панама ги исфрли Американците од Лигата на нации

Фудбалската репрезентација на Панама ќе се бори за трофејот во Лигата на нации на КОНКАКАФ зоната.

Панама приреди големо изненадување во полуфиналето, во Калифорнија го победи фаворитот САД. Голот за троимф го постигна Сесилио Вотерман. Напаѓачот на Кокимбо Унидо (Чиле), единствениот гол го постигна во 94.минута. За Американците и нивниот селектор Маурисио Покетино ова беше прв пораз по серијата од четири победи и предупредување за Мундијалот во 2026 година, во кој ќе влезат со големи амбиции.

Вотерман предизвика внимание и со прославата на голот. Најпрвин го фрли дресот и ја прескона оградата, каде што го здогледа легендарниот Тиери Анри.

Без размислување се искачи на платото каде Французинот седеше како стручен консултант за Си-би-ес Спортс. На почетокот, Анри не разбира што се случува, можеби во страв додека го гледаше напаѓачот на Панама како му приоѓа со ококорени очи, но потоа на лицето на Французинот се разви широка насмевка.


Македонските фудбалери пристигнаа во Бад Рагаз каде ќе биде базата пред мечот со Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација пристигна во Бад Рагаз, во швајцарската провинција Сент Гален, кое е во непосредна близина на Вадуц каде Македонија во сабота ја очекува натпреварот против Лихтенштајн на стартот од квалификациите за Светското првенство 2026 година.

Националниот тим од вечерва е во Бад Рагаз, по летот до Цирих. Утре го очекува и единствениот тренинг во Вадуц како подготовка за дуелот кој избраниците на Благоја Милевски ги очекува во сабота.

Натпреварот меѓу Лихтенштајн и Македонија во Групата Ј на стартот од квалификациите за СП 2026 се игра во сабота (22. март) со почеток од 15 часот на стадионот „Рајнпарк“ во Вадуц.