feature

Пораз на дербито со МЗТ Скопје, прв за Пелистер оваа сезона

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да ја продолжат победничката серија во Супер-лигата откако во шестото коло загубија во дербито со МЗТ Скопје со резултат 67-72. Во меч со многу тензија во кој судиите во финишот исклучија двајца членови на нашиот клуб , МЗТ Скопје знаеше како да го искористи тоа и да стигне до победата.

Цврстата одбрана и грешките во нападот го одбележаа првото полувреме во кое МЗТ отвори подобро, но Пелистер беше подобар тим во втората четвртина и битолчани заминаа на одмор со предност од 32-29. Второто полувреме донесе зголемена тензија на теренот, ниту еден од тимовите не се одлепи резултатски, а откако Пелистер не искористи неколку напади за водство, гостите од Скопје реализираа во својот последен напад и во последните 10 минути влегоа со предност од 49-51.

Пресудни се покажаа првите четири минути од последната четвртина во кои Пелистер не постигна ниту еден поен, а МЗТ со тројката на Војдан Стојановски дојде до „плус десет“. Пелистер не се предаде, со тројките на Малешевиќ и на Стајиќ дојде на „минус пет“, но сите клучни судиски одлуки во завршницата беа во корист на гостите (вклучувајќи ги и исклучувачките грешки кои донесоа дополнителни слободни фрлања за играчите на МЗТ), кои на крајот триумфираа со конечните 67-72.

Стајиќ со 17 поени беше прв стрелец на Пелистер на овој дуел, Малешевиќ имаше 16 поени и 7 скокови, а двоцифрен беше и Брејси Дејвис кој го заврши мечот со 10 поени.


Еурофарм Пелистер 2 ја освои Струга и влезе во позитивна серија

Еурофарм Пелистер 2 се избори за победа од 22-26 на гостувањето кај Струга во натпреварот од единаесеттото коло во македонската ракометна Суперлига.

По првите триесет минути битолчани имаа предност од еден гол (11-12), а неизвесната игра продолжи и во второто полувреме, иако гостите постојано беа во водство од два до три гола. Стружани побараа тајм-аут во 47. минута при резултат 17-20 во корист на гостинот, но предноста на битолчани не се намалуваше. Времето изминуваше, пелистерци не дозволуваа лесен пристап кон својот гол и уште повеќе ја зголемија разликата, па така на крајот успеаја да го заокружат петтиот сезонски триумф и славеа со конечни 22-26.

Најдобар поединец во победничкиот тим беше Одифред Баптист со осум голови, а на спротивната еден гол помалку имаше Ненад Костески.

Следниот викенд во 12. коло на Суперлигата, Еурофарм Пелистер 2 ќе го пречека Прилеп.


Куманово не беше достоен ривал, шампионот победи со 25 разлика

Ракометарите на Еурофарм Пелистер забележаа рутински и убедлив триумф над Куманово со 45-20, во натпреварот од 11. коло во Суперлигата.

Бранителот на пехарот немаше никакви проблеми со претпоследниот тим на табелата и го разби со 25 разлика. „Зелено-белите“ уште во првиот дел ги решија сите дилеми околу победникот ако воопшто некој ги имаше, го добија овој период со 20:8 за да по одморот бидат уште поефикасни, подобри и го докрајчат противникот.

Кузмановски и Атанасијевиќ дадоа по седум гола, Цековски и Стојков пак имаа по четири реализации кај поразената екипа.

Во следното 11. коло Еурофарм Пелистер ќе го пречека Бутел Скопје.


Доха ќе биде домаќин на Финалисима

Натпреварот Финалисима кој се игра помеѓу европскиот шампион и освојувачот на Копа Америка во овој случај Шпанија и Аргентина, ќе се игра во Катар на стадионот „Лусаил“ na 27 март 2026.

Станува збор за стадион каде што Аргентинците и Меси имаат убави спомени, бидејќи токму таму во 2022 година ја совладаа Франција и стигнаа до титулата светски шампион, прва во кариерата на Меси.

Шпанија до натпреварот дојде откако во финалето на ЕП 2024 ја совлада Англија со 2-1, додека Аргентина трофејот во Јужна Америка го освои со триумф над Колумбија со 1-0.

Аргентина ќе го брани трофејот бидејќи во минатото издание во 2022 година ја совлада Италија со 3-0.


Мусети е ривалот на Ѓоковиќ во финалето во Атина

Италијанскиот тенисер Лоренцо Мусети остана во игра за место во АТП финалето, турнир што започнува во Торино в недела откако вечерва се пласираше во финалето на турнирот во Атина.

Мусети во полуфиналната пресметка против Американецот Себастијан Корда спаси меч-топка, триумфирајќи со 2-1 во сетови (6-0, 5-7, 7-5) по два часа и 22 минути.

Во финалето, Мусети ќе игра против српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој претходно денеска рутински со 2-0 во сетови го совлада Германецот Јаник Ханфман.


Фински Куопио ќе остане без комплексот скокалници

До почетокот на Светскиот куп во ски скокови има помалку од две недели. Првите натпревари се планирани да се одржат во норвешкиот центар Лилехамер.

Но, љубителите на овој спорт има и една „помалку“ убава вест. Зимскиот центар од Финска, Куопио ќе остане без комплексот скокалници. Таму има три скокалници: К120 на која се одржуваат натпревари од Светскиот куп, како и две помали К90 и К65.

Проблем претставува скокалницата К90, а бидејќи сите три се поврзани мора да се урнат сите и тоа е единственото решение за локалните власти на Куопио. Во комплексот има и скокалница К25, која ја користеа само деца. Процесот на уривање ќе биде на почетокот на следната година.

Реконструкцијата би чинела многу, а одложени се предлозите за изградба на нови скокалници.

Инаку, натпреварите во Куопио се забранети од 2024 година.

Рекордот од 136 метри на скокалницата е во сопственост на Даниел Андре Танде од Норвешка поставен во февруари 2016 година.


Норис прв ќе тргне на Големата награда на Бразил

Ландо Норис го освои првото место во квалификациите за спринт на Големата награда на Бразил во Сао Паоло.

Британецот во Мекларен блескаше во квалификациите, првото место го избори со резултат 1:09.243. Норис моментално е лидер во шампионатот.

Второто место изненадувачки го освои Андреа Кими Антонели зад воланот на Мерцедес, додека Австралиецот Оскар Пјастри, колегата на Норис заврши на третото место. До него ќе стартува возачот на мерцедес Џорџ Расел.

Макс Верстапен, актуелниот шампион, беше само шести, иако имаше најдобро време во првиот сектор, потоа направи грешка, па ќе стартува зад Фернандо Алонсо кој имаше одлично квалификации со Астон Мартин.

Спринтот е закажан за сабота во 15 часот. Главната трка ќе се вози во недела од 16:30 часот.


Вулверхемптон се распрашува за Тудор

Игор Тудор пред десет дена доби отказ во Јувентус, а веќе добил понуда за нова работа. Според медиумите на Англија, Тудор добил повик од Вулверхемптон, кој неодамна го отпушти Витор Переира.

Главен ривал на Тудор за работата ќе биде уште еден поранешен тренер на Јувентус, Тијаго Мота. Интересно е што двајцата се уште прмаат плата во Јувентус. Тоа ќе биде така се додека не најдат клуб.

Мота има договор до 30 јуни 2027 година, вреден околу 5,5 милиони евра по сезона, на што треба да се додадат уште два милиони бруто за неговиот тренерски персонал.

Договорот на Тудор е малку помал, а неговата вкупна бруто цена за Јувентус е приближно половина од онаа на Мота, односно околу осум милиони евра.

„Волците“ се најлошиот тим во Премиер лигата оваа сезона, со само два освоени бода и без ниту една победа во првите 10 кола.


Тухел ги врати Фоден и Белингем во англиската репрезентација

Англискиот селектор Томас Тухел го објави денеска списокот фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство 2026.

Во англиската репрезентација се враќа фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингем и Фил Фоден од Манчестер Сити, додека играчот од средниот ред на Борнмут, Алекс Скот, доби дебитантски повика, објави попладнево Фудбалската асоцијација (ФА).

Белингем нема настап за Англија од јуни оваа година, додека Фоден последен пат се појави во англискиот дрес во март. Дебитантот Скот (22), беше дел од англиската репрезентација која летото во Словачка го освои Европското првенство за фудбалери до 21 година. Англија, која веќе обезбеди пласман на Мундијалот, ќе игра против Србија на 13 ноември, а три денови во завршниот дуел од квалификациската група К противник ќе ѝ биде Албанија.


Паркер е нов селектор на француската млада селекција

Поранешната НБА ѕвезда, Тони Паркер, е назначен денес за селектор на француската кошаркарска репрезентација до 17 години.
Француската кошаркарска федерација објави дека Паркер ќе ја предводи репрезентацијата до 17 години на Светското првенство, кое ќе се одржи во Турција од 27 јуни до 5 јули 2026 година.

„За својата нова кариера разговарав со мојот татко и на обајцата ни се чинеше логично да се почне со репрезентацијата, односно со помлада возрасна група. Аплицирав за работата како селектор на репрезентацијата до 17 години и на 15 октомври, роденденот на татко ми, се јавија од Француската федерација и ми кажаа дека ја имам работата“, изјави Паркер за дневниот весник „Л’Екип“.

Паркер играше во НБА лигата 18 сезони и освои четири шампионски титули со Сан Антонио. Во 2013 година, со Франција ја освои првата титула на Европското првенство, а кариерата ја заврши во 2019 година.