feature

Волвс не го пушта Куња оваа зима

Челниците на Вулверхемптон немаат намера да го продадат Матеус Куња во зимскиот преоден рок.

За 25-годишниот фудбалер се заинтересирани Арсенал и Нотингем Форест но, „волците“ се решени да ги одбијат сите понуди. Куња во сезонава одигра 21 натпревар во Премиер лигата со ефект од 10 голови и 4 асистенци.

Неговиот состав се наоѓа на 17-то место на табелата и до крајот ќе води жестока битка за опстанок.


Португалецот Веига на позајмица од Челзи во Јуве

Јувентус веќе го обезбедил и трансферот на португалскиот фудбалер од екипата на Челзи, Ренато Веига, објави Фабрицио Романо. Според изворот, „Старата Дама“ платила 5 милиони евра за шестмесечна позајмица на Вегига, без право на откуп.

Тренерот на Јувентус, Тиаго Мота има намера да го користи Веига како централен дефанзивец.

21-годишниот Португалец игра за Челзи од минатото лето. За тоа време, фудбалерот одигра 18 натпревари на сите турнири, на кои постигна два гола и даде една асистенција Договорот на играчот со Челзи е до летото 2031 година со можност за продолжување на уште една сезона.


Аморим потврди, Гарначо заминува зимава од „Олд Трафорд“

Менаџерот на Манчестер Ј. Рубен Аморим ја потврди веројатноста Алехандро Гарначо да го напушти Манчестер Јунајтед до крајот на месецот. Деновиве беше објавено дека крилниот напаѓач би можел да се пресели во Челзи или Наполи пред да се затвори зимскиот преоден рок.

„Ќе видиме што ќе се случи во наредните денови. Тој е играч на Манчестер Јунајтед и беше многу важен за нас денес. Мислам дека тој се подобрува во сите аспекти на играта. Денеска делуваше подобро во центарот, играше и крило, ги менуваше позициите, почна подобро да работи во одбраната. Понекогаш покажува незадоволство, а тоа е добро – тоа значи дека сака повеќе. Тој има потенцијал да стане многу подобар во сите аспекти“, рече менаџерот на Манчестер Јунајтед. Останува клубот да одлучи за неговата судбина, но голема е веројатноста да му дозволи да замине барем на 6-месечна позајмица.


Руди Гарсија е нов селектор на Белгија

Францускиот стручњак Руди Гарсија е нов селектор на фудбалската репрезентација на Белгија. Како што денеска потврдија од Белгиската федерација, тој ќе биде наследникот на Доменико Тедеско кој доби отказ на селекторското место.

60-годишниот Руди Гарсија ќе ги предводи Белгијанците на мечевите со Македонија во рамките на квалификациите за СП 2026. Претходно, Французинот беше тренер на Наполи, Ал-Наср, Лион, Марсеј, Рома и Лил.


Лазаров: Оваа победа е за „Фалангата“ и за цела Македонија!

Ракометната селекција на Македонија ја забележа првата победа во главната фаза, а втора на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. Веселин Вујовиќ и неговиот Катар немаа решение за разиграната Македонија и во првиот денешен натпревар од групата 2, нашите момци славеа победа од 39:34.

По средбата во Вараждин своја анализа на одиграното даде селекторот Кирил Лазаров.

„Честитки на момците за сето она што го прават за овој дрес. Тешко е на петти натпревар против квалитетен противник да имаш фокус, концентрација и борба. Секоја чест за сите играчи. Ние веруваме во она што го работиме, свесен сум дека имаме квалитет. Веруваме во системот, во поставеноста, во стратегијата. Се гледа дека собираме искуство, во неколку наврати ги вративме Катарците во натпреварот, но имаме една глава и опашка. Честитки до играчите за нивната борба.

Штета што ги нема нашите навивачи од првиот круг, многу ми е жал, но тоа го прифаќаме. Оваа победа е за нив, за цела Македонија.

Ни следи Франција, не дека тие се фаворити само против нас, туку и за златото на шампионатот. Играат во страшен ритам, шутираат од далеку и даваат голови. Тоа се мои колеги, со кои играв до пред некоја година, има четири до пет играчи од Нант, плус ѕвездите од другите клубови. Немаме што да загубиме, ќе се надигруваме, ќе се обидеме на друг начин да ја поставиме играта. Ќе биде многу тешко, но се надевам дека ќе има да се понадеваме на нешто во некој момент од натпреварот. Самото присуство на Светско првенство е големо искуство за младите играчи и се надевам дека сите во своите клубови ќе бидат на повисоко ниво. Сите добиваат шанса, а тоа е предност за нас како тим, за нив како индивидуалци и за сите“, рече селекторот.

Во последното коло од главната фаза ќе се сретнеме со фаворитот Франција, в сабота во вечерниот термин од 20:30 часот.


Најдобрата Македонија на Мундијалот го „распарчи“ бавниот Катар

Македонската машка ракометна репрезентација во својот втор натпревар од главната фаза на Светското првенство славеше над Катар со 39-34 во Вараждин.

Кај стрелците Пешевски и Кузмановски запишаа по шест голови, а Кизиќ запиша девет одбрани. По завршувањето на мечот Митев кој имаше пет голови од седум обиди беше прогласен за играч на мечот.


Сабаленка лесно во финалето на Австралија опен

Светскиот рекет број еден Арина Сабаленка претпладнево ја победи Шпанката Паула Бадоса во полуфиналето на Австралија Опен со резултат 6-4 и 6-2.

Мечот траеше 1 час и 27 минути.

Дваесет и шестгодишната Сабаленка сервира два аса и направи една двојна грешка.

Шпанката имаше четири аса и исто толку двојни сервис грешки.

Сабаленка во финалето на Грен слемот во Мелбурн ќе се соочи со победничката од дуелот Медисон Кис – Ига Швјонтек кој се игра попладнево.


Ѓорческа елиминирана од турнирот во Тунис

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа е поразена во мечот од второто коло на ИТФ фјучрсот од рангот W50 во тунискиот град Ла Марса. Поуспешна од неа во два сета беше полската тенисерка Линда Климовицова со 2-0 (6-4, 6-1). Тенисерката од Полска имаше повеќе брејк шанси во мечот и искористи пет од девет прилики, додека Ѓорческа имаше само еден брејк од четири прилики. Во вкупниот број поени скорот беше 64:46 за победничката.

Во првиот сет Климовицова поведе со 5:2 во гемови, но македонската тенисерка направи брејк и намали на 5:4, но не успеа да стигне до изедначување. Во вториот сет полската тенисерка ја искористи подобрата игра и дојде до предност, а голема борба имаше во последниот гем кога беа одиграно 10 поени.

Ѓорческа за следната недела е пријавена за настап на турнирот W75 во францускиот град Андрезио-Бутеон.


Лазаров: Очекувам да бидеме на високо ниво и против Катар

Македонија со реми и еден освоен бод ја започна втората фаза на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. Четата на Кирил Лазаров во драматичен натпревар и со гол во последните секунди на Филип Кузмановски одигра без победник против Австрија и со тоа продолжува да остaва одличен впечаток на овој собир.

Следен ривал на нашите ракометари ќе биде селекцијата на Катар, која е предводена од легендарниот Веселин Вујовиќ.

„Катар имаше одлични натпревари на Светското првенство. Борбена селекција со многу натурализирани играчи кои прават разлика на теренот. Нè очекува уште еден неизвесен натпревар. Очекувам уште еднаш да бидеме на високо ниво. Ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат”, изјави Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Катар се игра в четврток во Вараждин, со почеток од 15:30 часот.


Кевин Магнусен назначен за тест возач во Хас

Извршниот директор на Хас, Ајао Комацу, изјави дека поранешниот возач на тимот, Кевин Магнусен ќе остане да работи како тест возач.

„Во Хас тој ќе биде вклучен главно во тестирањето на претходните болиди во тимот од Банбери, што ќе му овозможи да вози болиди стари две години како репер за Окон и Бирман“, изјави Коматсу.

Дваесет и осумгодишниот Данец се натпреварува во Формула 1 од 2014 година и има постигнато 158 поени.

Единствен подиум му е на трка за Големата награда на Австралија, завршувајќи втор.