feature

ПСЖ му нуди нов побогат договор на Мбапе

Сагата околу иднината на Килијан Мбапе никако да престане бидејќи ПСЖ не се откажува од намерата да го задржи во своите редови.

Медиумите изминатите денови со голема сигурност објавија дека Мбапе на лето како слободен агент ќе се пресели во Реал Мадрид, па дури открија и детали од договорот.

Меѓутоа, ПСЖ не се откажува и според последните информации спремил последна понуда и се надеваат дека ќе успеат да го убедат да се предомисли и да остане.

„Паризиен“ објави дека управата на клубот му понудила на Мбапе нов двегодишен договор според кој би заработил 160 милиони евра и сега се чека одговор на Французинот.


Фратези се повреди, ќе пропушти два натпревари во Серија А

Фудбалерот на Интер, Давиде Фратези, има повреда на мускулот и веројатно ќе ги пропушти наредните два меча во Серија А.

Тој нема да биде достапен за саботното дерби со Рома на Олимпико како и за мечот со Салернитана на 16 февруари во Милано. Фратези во сезонава одигра 19 натпревари и постигна два гола.

Фратези би можел да се врати во тимот на 20 февруари кога Интер ќе го пречека Атлетико Мадрид во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.


Шпанецот Сабате доби нов договор како чешки селектор

Ракометната федерација на Чешка, односно нејзиниот извршен одбор, одлучи и покрај неуспехот на континенталниот собир да не прави смена на селекторската функција.

Тоа значи дека селектор на Чешка останува искусниот Хавиер Сабате, кој на клупско ниво го предводи полскиот вицепрвак Висла Плоцк.

Шпанецот новиот предизвик со Чешка ќе го има во бараж двомечот против Романија за пласман на Светското првенство 2025.


Тони Крос е идеалното засилување за Јуве ова лето

Toни Крос се приближува кон крајот на својот договор со Реал Мадрид, Германецот влезе во последните шест месеци и прашаање е дали ќе остане во овој клуб и наредната сезона.

Реал Мадрид се уште не донел одлука за Крос кој веќе има 34 години. Јасно е дека најдобриот фудбал во кариерата е зад Крос, но далеку од тоа дека тој не е способен да одигра уште некоја сезона на високо ниво.

По последните информации интерес за Крос, покажал Јувентус. Во минатото „старата дама“ знаеше да „погоди“ со доведувањето на бесплатни засилувања, меѓутоа тоа беше најмногу благодарение на Бепе Марота кој денес работи одлично во Интер.

Крос сезонава одигра 30 натпревари за Реал Мадрид, а во нив постигна еден гол и подели седум асистенции. „Газета дело Спорт“ додава дека во овој момент се работи само за интерес од Јувентус и немало некои посериозни контакти.


Даглас Луиз од Астон Вила магнет за европските гиганти

Европските гиганти покажуваат силен интерес за играчот на Астон Вила и бразилскиот репрезентативец, Даглас Луиз.

Даглас Луиз е еден од најдобрите поединци во Астон Вила, неодамна го продолжи договорот, но е спремен да ја промени средината.

Тој игра фантастична сезона и се етаблираше во еден од најдобрите играчи за врска во Премиер лигата.

Неколку европски гиганти го сакаат Бразилецот, но главната битка за неговиот потпис ќе ја водат Арсенал и Манчестер Јунајтед.


Дванаесет федерации бараат исклучување на Израел од баражите за ЕП

Иако не би требало, политичката ситуација често пати знае да влијае и на случувањата на спортските терени, а сега тоа е случај со селекцијата на Израел.

Имено, 12 земји од Блискиот Исток побарале Светската фудбалска организација (ФИФА) да го суспендира Израел.

Палестина, Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ, се едни од земјите кои со испратено писмо до УЕФА, барале суспензија за Израелците. Освен до ФИФА, посмото било испратено и до регионалните конфедерации вклучувајќи ја и УЕФА.

Израел има шанса да се пласира на Европското првенство 2024 бидејќи ќе игра во баражите кои треба да ги пополнат последните места на шампионатот кој ќе започне на 14 јуни.


Пи Џеј Вашингтон потпиша за Далас

Екипата на Далас го ангажираше кошаркарот, Пи Џеј Вашингтон, откако се договори со луѓето од Шарлот.

За возврат, Хорнетс ќе ги добијат Грант Вилијамс, Сет Кари и пик од првата рунда на драфтот 2027. Далас ќе добие два драфт пика од втората рунда. Вашингтон во сезонава има  44 натпревари во НБА со просек од 13,6 поени, 5,3 скока и 2,2 асистенции.

Ќе потсетиме дека Шарлот го испрати Гордон Хејворд во Оклахома за да ги добие: Василије Мичиќ, Тре Ман и Дејвис Бертанс.


Сити се враќа по потписот на Пакета

Манчестер Сити е силно заинтересиран за ѕвездата на Вест Хем и бразилски репрезентативец, Лукас Пакета.

Бразилецот одигра одлична сезона и Гвардиола се обиде да го донесе пред крајот на преодниот рок, но Сити не беше спремен да плати 100 милиони фунти колку што бара Вест Хем.

„Граѓаните“ не се откажуваат и повторно ќе се обидат да го донесат Пакета на лето, бидејќи е најголема трансфер желба на Гвардиола.

Англиските медиуми пренесуваат дека Сити е спремен да понуди 80 милиони фунти за Бразилецот, кој и самиот инсистира на трансфер на „Етихад“ бидејќи сака да направи чекор напред во кариерата.


Пропадна трансферот на Алиоски во Анкарагучу

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски не успеа да направи трансфер во турската Суперлига. Иако вчера се појавија информации дека за неко е заинтересирана екипата на Анкарагучу, денеска турските медиуми потврдија дека трансферот пропадна.

Левиот бек, како што наведуваат турските медиуми, бил во списокот на можни засилувања на тренерот Емре Белозоглу, но во последен момент Анкарагучу го донесе фудбалерот на Галатасарај, Караташ.


Еурофарм Пелистер се засили со „џин“ од Полска

Македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер, пред почетокот на пролетниот дел од сезоната, доведе нов ракометар на пивотменската позиција.

Нов член на пелистерци е кружниот напаѓач од Полска, Матеуж Пиеховски, кој според договорот ќе го носи зелено-белиот дрес во наредната една и пол година.

28-годишниот Пиеховски е висок 210-сантиметри и во Битола доаѓа од редовите на турски Бешикташ, а претходно настапувал во Висла Плоцк, шпански Адемар Леон, Виктор Ставропол од Русија и германски Емшдетен.