feature

Премиер лигата најави промени пред почетокот на новата сезона

Новата фудбалска сезона во Премиер лигата започнува на 11 август со дуелот помеѓу Барнли и Манчестер Сити, а пред неговиот почеток донесени се низа правила со кои раководството на лигата сака дополнително да го подобри квалитетот.

Меѓу важните точки е и фактот што судиите имаат задача да направат продолженија за секоја изгубена секунда во текот на натпреварот.

Премиер лигата минатата сезона забележа само 54 минути активнa игра. Причината за ова се прегледите на ВАР, прославите на головите и бројните задржувања на натпреварите.

Сепак, ЕФЛ реши да го направи она што го направи ФИФА за време на Светското првенство во Катар. Натпреварите ќе траат многу подолго бидејќи на судиите им е наредено да ја надополнат секоја загубена секунда.

Така, во новата сезона од Премиер лигата може да очекуваме многу натпревари со огромно продолжување, па дури и клубовите кои имаат намера да украдат време сега добро ќе размислат.


Лапорта: Мбапе е страшен играч, но Барса ги има најдобрите

Килијан Мбапе е на излезна врата од Пари Сен Жермен, поточно се чини тоа е единственото решение за „војната“ меѓу двете страни.

Напаѓачот не сака да оди во Саудиска Арабија и неговата цел е јасна, преселба во Реал Мадрид и останува да се види дали и кога ова сценарио ќе се реализира, сценарио за кое се говори, работи изминативе години, ама никако да се заокружи таа операција.

Доаѓањето на Французинот ќе значи многу за Реал, засилување од светска класа, но тоа не го плаши претседателот на Барселона, Жоан Лапорта.

„На хартија, страшен играч кој прави разлика. Да го имаш пред себе ја комплицира играта. Ама јас и верувам на мојата екипа. Играчите кои Барселона ги има за мене се најдобри. Тимот е составен од единаесет играчи и приоритет секогаш треба да биде тимот пред индивидуалците.

Би бил загрижен ако екипата пред мене има поголема силна како тим од мојата. Имаме подобар тим од минатата година и ќе имаме уште подобар“. порача Лапорта.


Аке доби нов договор со европскиот шампион

Холандскиот дефанзивец, Нејтан Аке, ја продолжи соработката со англискиот шампион Манчестер Сити до летото во 2027 година, објавија денеска медиумите.

Фудбалерот кој може да игра како стопер и воедно како десен бек, има реалзирано 50 мечеви за „граѓаните“ и постигнато четири голови. Тој во 2020 година беше купен од Бурнмаут.

„Да се биде фудбалер на Манчестер сити е нешто неверојатно. Горд сум што го носам дресот“, изјави Аке на чинот на потпишување на новиот договор.


Сао Паоло е новиот клуб на Хамес Родригез

Поранешниот член на клубови како Реал Мадрид и Баерн Минхен, Хамес Родригез, официјално е претставен во новиот клуб, во кој ќе настапува наредните сезони.

Колумбиецот потпиша за Сао Пауло и ќе биде уште една голема ѕвезда, која добила шанса да настапува во бразилското првенство и тоа за еден од најтрофејните клубови во земјата со богата фудбалска традиција.

„Фудбалот ме одведе на многу места, но една земја остави посебен белег во мојата кариера. СП во Бразил во 2014 година ме претстави пред светот, а јас и мојата репрезентација имавме незаборавни моменти. Тоа беше како сон“, вели Хамес кој имаше одличен мундијал со Колумбија, која стигна до четвртфиналето на првенството.

Бразил е десеттата земја во која ќе настапува Хамес, откако играше и во родната Колумбија, Аргентина, Португалија, Франција, Шпанија, Германија, Анлгија, Катар и Грција, односно во Олимпијакос кој беше и негов последен клуб.


Елмас: Мојот Наполи може да ја одбрани титулата

Наполи чекаше 33 години на нова титула во домашното првенство, но изминатата сезона Елиф Елмас и неговите соиграчи стигнаа до тронот на најдоминантен можен начин, правејќи огромна разлика пред конкуренцијата која едноставно постојано имаше двоцифрена негатива на табелата.

Во моментите на најголема еуфорија во Неапол во последните три децении, Лучијано Спалети донесе неочекувана одлука и реши да си замине од тимот, па поради тоа, играчите веќе некое време се адаптираат на новиот тренер Руди Гарсија.

Елмас ова лето има шанса да се избори за статус на стартер и работи напорно за да му се допадне на Гарсија, а во интервјуто за „Скај Италија“ ги изнесе и првите впечатоци кои ги добил за новиот тренер.

„Од тоа што го гледам, Гарсија е многу добра личност. Веќе работиме со него некое време и првите импресии се многу добри. Имаме одлични тренинзи, тој е добар тренер и тоа веќе го покажа во Рома и во Франција каде беше шампион. Тој е добар пример за сите, растам со него како играч и му посакувам многу среќа во новата сезона. Се уште не сме разговарале за улогата во која ме гледа на теренот, но рано е за тоа. Потребно е да одиграме неколку натпревари. Претходните тренери ме ставаа на различни страни, ќе видиме каква ќе биде неговата одлука“, изјави Елмас и додава.


Седум кандидатури за организација на ЕП 2028 и 2032

Италијанската фудбалска конфедерација (ФИГЦ) и Турската фудбалска федерација (ТФФ) побараа да ги спојат нивните индивидуални понуди во заедничка кандидатура за домаќин на Евро 2032 година, објави Европската фудбалска федерација (УЕФА).

Во 2021 година, УЕФА започна натпреварување за домаќин на две последователни изданија на Европското првенство, во 2028 и 2032 година. TФФ влезе во процесот за двете изданија, додека FIGC се пријави само за изданието од 2032 година. Заедничка понуда за домаќин на изданието во 2028 година, исто така, поднесоа пет асоцијации: Англија, Северна Ирска, Република Ирска, Шкотска и Велс.

Како што објави УЕФА во петокот, турската и италијанската фудбалска асоцијација одлучија да ги здружат нивните напори. „УЕФА сега ќе работи со ФИГЦ и ТФФ за да се осигура дека документацијата што ќе ја достават за заедничката понуда е во согласност со барањата за натпреварувањето“, се вели во соопштението на фудбалското тело на стариот континент.

Англија, Северна Ирска, Република Ирска, Шкотска и Велс исто така поднесоа заедничка кандидатура за домаќин на изданието во 2028 година. „Доколку заедничката понуда е во согласност со овие барања, таа ќе биде поднесена до Извршниот комитет на УЕФА на состанокот закажан за 10 октомври, каде што ќе бидат извршени именувањата за 2028 и 2032 година. Одлуките за местата и распоредот на натпреварите ќе бидат донесени на подоцна“, соопшти УЕФА. Следното европско фудбалско првенство ќе биде во Германија во 2024 година.


Арда ја заврши американската турнеја заради повреда и предвреме се врати во Мадрид

Арда Ѓулер воодушеви во првата фаза од тренинг кампот на Реал Мадрид и сите со нетрпение го чекаа неговото деби во првиот тим, но за жал, фановите ќе мора да почекаат на тоа уште извесно време.

Талентираниот Турчин не настапи против Милан и Манчестер Јунајтед поради повреда на мускулот, но сега испадна дека поголем проблем му создавале болките во коленото.

Реал Мадрид вечерва излезе со официјално соопштение за состојбата на Ѓулер, кој експресно ќе ја напушти турнејата во Америка и се враќа во Мадрид за да продолжи со рехабилитација.

Арда има проблем со менискусот на коленото и ќе подлегне на алтернативен третман, кој според проценките на Реал Мадрид многу брзо треба да вроди со плод.

„Сакав да бидам денеска на теренот, но морам да се вратам во Мадрид за да го забрзам моето враќање на теренот и да бидам подготвен што поскоро. Ви благодарам за поддршката“, порача Арда Ѓулер на неколку часа пред одигрување на „Ел Класико“ пресметката меѓу Реал и Барса во Америка.


Челзи заработи казна од 10 милиони евра од УЕФА

Европската фудбалска унија го казни Челзи со десет милиони пари за кршење на правилата за финансиски фер-плеј кои датираат од „ерата на Роман Абрамович“.

Откако Роман Абрамович беше принуден да го продаде клубот, Тод Биоли веднаш по купувањето на Челзи (мај 2022 година) контактираше со УЕФА за да ја разјасни оваа ситуација.

Прекршувањата на правилата за финансиски фер-плеј се однесуваат на недоставувањето на нецелосни финансиски извештаи за работата на клубот за период од 2012 до 2019 година, а беа прекршени и правилата за лиценцирање на УЕФА.

По истрагата на надлежните комисии на УЕФА, одлучено е Челзи да биде казнет со десет милиони евра.


Хојлунд од Аталанта во Јунајтед за 70 милиони евра

Манчестер Јунајтед одамна се откажа од опцијата Хари Кејн и тргна во сосема друг правец кога е новиот напаѓач во прашање, но оваа тема „ѓаволите“ и дефинитивно ја заокружиле оваа вечер.

Сите угледни медиуми од Англија ја пренесоа ексклузивата на „Би-Би-Си“, извор кој никогаш не објавува вести се додека работата не е целосно завршена. Влијателниот медиум информира дека Јунајтед конечно попуштил во преговорите со Аталанта и ги прифатил условите на клубот од Бергамо, па така Расмус Хојлунд ќе се претвори во трето големо засилување за тимот на Тен Хаг ова лето.

После Мејсон Маунт и Андре Онана, Јунајтед одново реши да пазари во Италија, а за талентираниот Данец ќе издвои фиксни 70 милиони евра, со опција трансферот да достигне и 85 милиони евра.

Вторите 15 милиони евра се варијабилни и ќе се исплатат доколку бидат исполнети одредени бонуси, што автоматски значи дека Манчестер сепак малку успеал да се „исценка“ и да ја намали почетната сума која ја бараше Аталанта.

Италијанскиот калчолигаш ги започна преговорите со барање од 90 милиони евра, а иако водечките луѓе на Јунајтед во прв момент најавија дека нема да понудат повеќе од 60, на крајот очигледно сфатија дека не им преостануваат многу други опции на трансфер пазарот.


Јокиќ добива астрономски договор од преку 400 милиони евра

Почнувајќи од претстојната сезона, српскиот ас Никола Јокиќ ќе го почне својот петгодишен договор, вреден 274 милиони долари, но тој нема да биде последен супермакс во неговата кариера.

Американските новинари сметаат дека веќе во 2026 година, кошаркарот на Денвер ќе потпише уште поголем договор и ќе биде првиот што ќе ја пробие границата од 400 милиони долари.

„Никола Јокиќ е без дилеми најдобар кошаркар кој оди по земјата во овој момент. Потпиша договор вреден 274 милиони долари, но благодарение на неговата опција во летото 2026 година, би можел да потпише на уште пет сезони за 404 милиони долари. Јокиќ ќе ги добие тие пари без оглед на тоа дали ќе освои уште една титула или ќе биде МВП бидејќи веќе ќе има над десетгодишен стаж во НБА“, тврди НБА аналитичарот Курт Хелин.

Претстојните години, почнувајќи од идната, нови договори треба да потпишат и другите големи ѕвезди на НБА лигата, како Јанис Адетокунбо, Џејсон Тејтум, Жоел Ембид и Лука Дончиќ и сите ќе бидат над 300 милиони евра.