feature

ФФМ го одржа редовното генерално Собрание

Денес, Фудбалската федерација на Македонија го одржа своето редовно годишно Собрание.

На Собранието присуствуваа 61 од вкупно 65 делегати, при што беа усвоени следните значајни одлуки:

-Завршната сметка за 2025 година

– Буџетот за 2025 година

– Новиот Статут на ФФМ

– Одлука за овластување на Управниот одбор на ФФМ за донесување на Стратегија за развој на ФФМ 2026-2030

УЕФА и ФИФА направија детална анализа на нашите статутарни одредби и укажаа на области кои треба да се усогласат со меѓународните стандарди. Во заедничкиот процес беше утврдено дека значителен дел од Општинските фудбалски сојузи се нефункционални или постојат само формално.

Затоа, новиот модел предвидува регионализација, решение кое ќе создаде функционални структури, подобра застапеност и повисоко ниво на транспарентност.

По 15 години, Фудбалската федерација на Македонија добива нов Статут, документ кој не е само формалност, туку темел на системското функционирање.

Статутот е изработен во координација со УЕФА и ФИФА, што гарантира усогласеност со највисоките меѓународни стандарди. Со него се воведува поголема транспарентност, јасна распределба на одговорности и функционален систем на одлучување. Ова значи крај на импровизациите и почеток на институционална стабилност.

Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ:

„До последната пререгистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. После пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210. Во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција.

Тоа не е мала грешка. Тоа е системска манипулација. Со новиот Статут, тоа завршува. Нема повеќе клубови што постојат само на хартија. Нема повеќе лажни записници. Нема повеќе фиктивен систем.

Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, потрошени се околу 5 милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот.

Ние затекнавме таква состојба и не побаравме алиби. Почнавме да воведуваме ред.

Само трошоците за хотелски, чартер летови и авионски карти ги намаливме за повеќе од еден милион евра. Секој денар гледаме каде оди. Затоа што овие средства не се ничии приватни, тие се на фудбалот.

Ова што го правиме не е козметика. Ова е пресек. Од систем без контрола, кон систем со правила. Од фикција, кон реалност“.

„Ќе продолжиме со реформи, со ред и со јасни правила. За фудбал што е чесен, регуларен и достоен за сите што го сакаат.

Паралелно со овие реформи, ја започнавме подготовката на новата четиригодишна стратегија за развој на фудбалот.

Нашата визија е стабилен, конкурентен и модерен фудбал, заснован на реални основи и јасни правила. Фудбал што создава играчи, гради клубови и враќа доверба кај навивачите.

Систем што не зависи од поединци, туку функционира самостојно, одржливо и во интерес на спортот. Целта е да ја зголемиме базата почнувајќи од најмала возраст, од грасрут активности се до професионалниот фудбал“.

Собранието на ФФМ на денешната своја годишна седница, исто така, едногласно ги усвои извештаите за работа на претседателот на ФФМ и на Управниот одбор за изминатата година, извештајот на Надзорниот одбор на ФФМ како и извештаите на правните органи и лиценцните тела за 2025 година. Беше усвоен и извештајот од администрацијата на ФФМ за исполнување на Стратегискиот план 2021-2025 кој го презентираше генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски.

Леонид Јандреоски – генерален секретар на ФФМ:

„Изминатата година беше значаен период за Фудбалската федерација на Македонија. Година на работа, јасна насока и конкретни чекори кон исполнување на нашата визија.

Сите активности ги реализиравме согласно трите клучни стратешки документи: Генералната стратегија, стратегијата за женски фудбал и стратегијата за општествена одржливост. Фокусот беше јасен, инфраструктура, млади, женски фудбал и општествена одговорност. Тоа се темелите врз кои се гради стабилен систем.

Нашата работа се темели на вредности што не се декларативни, туку применети. Транспарентност, професионалност, инклузивност и континуиран развој. Овој процес не е индивидуален. Тој е заеднички. Клубовите, тренерите, играчите, институциите и партнерите, сите имаат свој удел во напредокот што го постигнавме.

И покрај предизвиците, останавме фокусирани и дисциплинирани. Не баравме изговори, баравме решенија. И тие резултати денес се видливи. Транспарентноста и довербата не се избор, тие се предуслов за стабилен систем. Без нив нема напредок.

Доброто управување е основата на сè што го правиме. Во изминатиот период воведовме системски пристап, редовни евалуации, усогласување со највисоките стандарди и директна соработка со УЕФА и ФИФА.

Ја зајакнавме административната структура и започнавме суштинска реформа на Статутот, процес воден заедно со УЕФА и ФИФА, со јасна цел: модерен, функционален и одговорен систем“.


Аргентина закажа пријателски натпревар со Мавританија

Репрезентацијата на Аргентина продолжува со внимателно избран распоред на пријателски натпревари во пресрет на Светското првенство. На 27 март, „гаучосите“ ќе се соочат со селекцијата на Мавританија, а натпреварот ќе се одигра на култната „Ла Бомбоњера“.

Овој дуел се вклопува во стратегијата на тимот предводен од Лионел Скалони, кој во последниот период често избира противници со понизок пласман на ФИФА-листата. Мавританија моментално се наоѓа на 115. позиција и во мечот ќе влезе со негативна серија од три последователни порази, од Сенегал со 4-0, од Либија со 1-0 и од Кувајт со 2-0.

Аргентинците нема да застанат тука со подготовките, бидејќи веќе е закажан уште еден тест-меч на 31 март. Сепак, противникот за тој термин сè уште не е официјално објавен.


Јуве преговара со Бернардо Силва

Бернанрдо Силва ќе го напушти Манчестер Сити по завршувањето на сезоната. Клубот не му понуди нов договор и тој ќе го напушти „Етихад“ без обесштетување. Фактот дека е слободен се обидува да го искористи Јувентус. Челниците на „старта дама“ ги започнале преговорите со 32-годишниот Португалец.

Според итсалијанските медиуми, Јувентус на Силва му понудил тригодишен договор, со можност тој да биде продолжен на уште една сезона.

Финансиските детали не се објавени, се претпоставува дека би играл за годишна плата од околу 7.000.000 евра по сезона, со што би станал еден од најплатените играчи на Јувентус.

Услов да ја прифати понуата е Јувентус да избори пласман во Лигата на шампионите, што воопшто нема да биде лесно.

Силва е подготвен да го чека исходот, но се споменува и интерес од Барселона, Галатасарај, Бенфика и неколку клубови од Саудиска Арабија и САД.

Во исто време, Јувентус сака уште еден врвен играч чиј договор истекува, станува збор за Леон Горецка од Баерн, но ќе имаат сериозна конкуренција во форма на Милан.


Мектоминеј херој во Сардинија, Наполи го освои Каљари

Фудбалерите на Наполи славеа во Сардинија против Каљари (1:0), во првиот натпревар од 30-то коло на Серија А. По долго време, македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, не доби шанса од Антонио Конте. Дуелот го гледаше од клупата за резерви.

Победничкиот гол за шампионите на Италија го постигна Скот МекТомини во втората минута од натпреварот.

Скратен корнер од гостите, потоа гужва пред голот на Каљари, а Шкотланѓанецот беше најснаодлив во шеснаесетникот.

Немаше многу шанси на натпреварот, Каљари практично не создаде големи, додека тимот на Антонио Конте имаше уште неколку обиди.

Со четвртата последователна победа, Наполи се враќа во трката за Скудетото и е шест бода зад лидерот Интер, кој гостува кај Фиорентина во недела.

Каљари, кој е без победа седум натпревари, е на 15-то место со 30 бода.


Македонија во жолто и во модел на Адидас на мартовски бараж натпревари

Македонската фудбалска репрезентација двата претстојни плејоф натпревари за пласман на Светското првенство ќе игра во нови дресови дизајнирани од германскиот производител на спортска опрема Адидас.

Претставувајќи ги новите дресови на својот официјален сајт, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти дека „станува збор за опрема која е наменета исклучиво за користење на овие два натпревари, додека во мај официјално ќе биде промовирана комплет опремата на македонската репрезентација од КАС програмата“.

Македонските фудбалски репрезентации во иднина ќе настапуваат во опрема на Адидас, откако на крајот од 2025 година истече договорот со досегашниот снабдувач ЈАКО.

Македонските фудбалери на 26 март во Копенхаген ќе играат против Данска во полуфиналниот бараж за пласман на Мундијалот 2026.

Доколку избраниците на новиот селектор Гоце Седлоски триумфираат во Копенхаген, последен противник за историско мундијалко учество ќе биде победникот од дуелот меѓу Чешка и Република Ирска.


Австралиецот Макевој постави светски рекорд на 50 метри слободно

Австралискиот пливач Камерон Макевој постави денеска нов светски рекорд на 50 метри слободен стил, испливувајќи ја најкратката спринт делница за 20,88 секунди и за речиси една должина на телото дојде до победа на пливачкиот митинг „Чајна Опен“ во Шенжен.

Макевој го подобри за три стотинки резултатот со кој Бразилецот Сезар Сиело стана светски рекордер во 2009 година, кога сè уште беше дозволено користењето на полиуретански костими за капење.

Австралиецот е актуелен олимписки шампион и двократен светски првак во оваа дисциплина, а на трката во Шенжен ги остави зад себе Американецот Џек Алекси (21,57) и сонародникот Кајл Чалмерс (22,01).


Воркапиќ се повреди во настапот за Србија во Ниш

Лоши вести од Србија за стратегот на РК Вардар, Иван Чупиќ.

Имено десното крило, Вукашин Воркапиќ се повредил на вчерашниот меч на кој неговата Србија ја декласира Литванија во претквалификациите за СП 2027.

Како што велат информациите од Србија, станува збор за повреда на тетивата.

“Имам воспаление на тетивата, сепак ништо сериозно“ беа првите зборови на крилото на РК Вардар по повредата.


Милан и Модриќ преговараат за нов договор

И покрај годините, Лука Модриќ игра фантастично за Милан, но Хрватот има договор само до крајот на сезоната, па неизвесно е дали ќе продолжи.

Во Милан се презадоволни од изданијата на Лука Модриќ, па Алегри потврди дека одлуката за евентуално останување треба да ја донесе Хрватот, а не клубот.

„Уште не сме дискутирале за тоа. Тоа е одлука на Лука, ние чекаме на него“, рече Алегри.


Магдевски сериозно се повреди, го чека долга пауза

Кошаркарот на МЗТ Скопје, Андреј Магдевски, заработи сериозна повреда на коленото на натпреварот на домашен терен против Тиквеш, по што ќе мора да паузира подолг период и неговата сезона е предвреме завршена, соопштија од клубот.

Инцидентот се случи при продор кон противничкиот кош, кога македонскиот репрезентативец почувствува силна болка, падна на паркетот и веднаш беше заменет.

Дополнителните медицински прегледи и снимки покажаа дека станува збор за потешка повреда на коленото, која ќе бара подолга рехабилитација.

Повредата на Магдевски претставува сериозен удар за МЗТ, со оглед дека повредени се и Војдан Стојановски и Андреј Маслинко.

Ова претставува и проблем за македонската репрезентација, со оглед што Магдевски сигурно ќе ги пропушти јулските натпревари против Ирска и Луксембург во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029, како и дуелите во август на стартот од втората претквалификациска рунда.


Јуве го враќа Спинацола во Торино

Јувентус наводно планира да го врати Леонардо Спинацола во клубот откако ќе му истече договорот со Наполи.

Крилниот бек ја започна својата кариера во Сиена, но се приклучи на младинските редови на „бјанконерите“ во 2010 година. По неколку искуства во пониските лиги со екипи како Виченца и Перуџа, тој конечно го имаше својот голем пробив за време на двегодишната позајмица во Аталанта под водство на Џан Пјеро Гасперини.

Ова му обезбеди место во првиот тим на Јувентус за сезоната 2018/19, но клубот на крајот го продаде на Рома во летото 2019 година во контроверзна размена во која Лука Пелегрини се пресели во спротивна насока.

Според италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцио, Јувентус се обидува да ја искористи можноста да го обнови договорот со играч од својата академија.