feature

Родри ќе го пропушти дербито со Арсенал

Фудбалерот на Манчестер Сити, Родри ќе добие три натпревари суспензија по црвениот картон добиен на вчерашниот меч со Нотингем Форест. Фудбалерот на Манчестер Сити го фати за гуша Морган Гибс-Вајт и доби директен црвен картон.

„Граѓаните“ успеаја да го задржат водството од 2 гола и го добија натпреварот. Сепак, Пеп Гвардиола нема да може да го користи Родри во следните три натпревари, меѓу нив и дербито со Арсенал на 8 октомври на „Емирати“.


Ајакс го отпушти спортскиот директор

Доцна синоќа, Ајакс го смени спортскиот директор Свен Мислинтат откако навивачите направија тежок инцидент и го прекинаа дербито против Феенорд.

Откако тимот од Амстердам губеше со 0-3 во 55. минута, фановите почнаа да фрлаат факели на теренот, а потоа влегоа во клупските простории и го бркаа токму германскиот скаут кој минатото летото дојде во клубот како големо засилување во раководството. За среќа, не дојде до нивна средба и избегната е можеби и трагедија од поголеми размери.

Откако дојде на функцијата, Мислинтат прво го постави Морис Стајн за тренер, потоа ги продаде најдобрите играчи и на крајот, на нивно место донесе просечни фудбалери кои во моментов не се способни да го носат тимот. Заминаа Тадиќ, Кудус, Тимбер, Алварес, Беси и Дарами, а дојдоа Ѓутало, Микутадѕе, Форбс, Авила, Акпом, Соса, Тахировиќ, Мансверк и Медиќ. Никој од нив досега не покажа квалитет достоен за Ајакс.

Меѓу другото, во тек е истрага за корупција против Мислинтат поради ангажирањето на левиот бек Борна Соса бидејќи постои сомнеж за корупција во овој трансфер.


Повредата на Мбапе на француското дерби не е сериозна

©YOAN VALAT/EPA/MAXPPP – epa10881385 Paris Saint Germain’s Kylian Mbappe reacts during the French Ligue 1 match between Paris Saint-Germain and Olympique de Marseille in Paris, France, 24 September 2023. EPA-EFE/YOAN VALAT (MaxPPP TagID: maxsportsfrtwo786238.jpg) [Photo via MaxPPP]

Во дербито од шестото коло во францускиот шампионат, ПСЖ на „Паркот на принцовите“ го победи Марсеј со 4-0. Единствено што може да ја засени победата на францускиот шампион е повредата на првата ѕвезда на тимот и нејзин најдобар играч, Килијан Мбапе, кој мораше да го напушти теренот во 32. минута.

Францускиот шампион поведе веќе во осмата минута со одличниот гол на Хакими од слободен удар, а истиот играч беше најзаслужен за вториот гол на натпреварот. Мароканецот имаше одличен удар во 37. минута, но погоди во рамката од голот, а Рандал Коло Муани ја смести топката во мрежата.

Од 32. минута ПСЖ играше без својот најдобар играч Килијан Мбапе, кој беше заменет поради повреда на скочниот зглоб. Мбапе се повреди во седмата минута по контакт со Леонардо Балерди, но некако издржа до 32. минута кога беше заменет.

Наместо него во игра влезе Гонкало Рамос кој веќе во 47. минута се запиша меѓу стрелците. Усман Дембеле нафрли, а Рамос со глава погоди за 3-0. Во последните моменти од натпреварот Рамос го постигна четвртиот гол на натпреварот.

Се уште не е познато колку е сериозноста на повредата на Мбапа и колку ќе отсуствува од терените.


Де Јонг се повреди, се враќа на терените во ноември

Барселона вчера направи спектакуларен пресврт против Селта, но го загуби Френки Де Јонг.

Холандскиот фудбалер беше принуден да го напушти натпреварот уште во првото полувреме поради повреда на скочниот зглоб. Информациите од Шпанија велат дека фудбалерот го очекува подолг период на отсуство.

Се шпекулира дека тој ќе отсуствува од терените до ноември, односно дека ќе пропушти неколку важни натпревари меѓу кои и „Ел Класико“ дуелот против Реал.


Златан пред враќање во нова улога во Милан

Златан Ибрахимовиќ е подготвен за голем кам-бек. Имено, Тутоспорт пренесува дека постои реална можност Ибрахимовиќ да ја преземе улогата на менаџер во Милан и да му помогне на стручниот штаб.

Швеѓанецот неодамна го следеше тренингот на Милан, што ги „загреа“ шпекулациите дека наскоро ќе се врати во клубот. Од голема помош би му помогнал на тренерот Стефано Пиоли, а италијанските медиуми пренесуваат дека само го чекаат одговорот на популарниот Ибра.

Ибрахимовиќ се врати во Милан за да му помогне на овој клуб да ја освои шампионската титула по 11 години и тој помогна во тоа. Сепак, тој имаше големи проблеми со повредите и повеќе не можеше да биде активен на теренот.

Навивачите на Милан со насмевка ја дочекаа веста за можното враќање на Ибрахимовиќ, свесни колку тој може да значи за сите фудбалери и само атмосферата.


Клоп се предомисли, сега целосно смета на Тиаго

Тиаго Алкантара на крајот на летниот преоден рок беше пред заминување од Ливерпул, но на крајот сепак остана на „Енфилд“.

За шпанскиот фудбалер беа заинтересирани неколку клубови ширум Европа, но трансферот не се реализираше.

Сега се случи пресврт на целата ситуација и според последните информации, Алкантара се договорил со Ливерпул да ја продолжи соработката.

И покрај големиот број повреди кои му се случија по доаѓањето во Англија, Ливерпул сака да го задржи и му понудил нов договор, што е изненадувачки потег.


Меси неодлучен дали ќе игра на следниот Мундијал

Лионел Меси ја предводеше селекцијата на Аргентина до мундијалското злато на шампионатот во Катар, поточно дојде до остварување на големиот сон, освојување на пехарот кој му недостасуваше во кариерата.

Ветеранот понатаму е активен, настапува за „гаучосите“,  но постои едно прашање кое знае одвреме навреме да биде актуелно, а тоа е дали Меси ќе може како капитен да ја носи, води Аргентина и на Мундијалот во 2026 година.

Тоа дефинитивно го сака јавноста во оваа земја, неговите соиграчи, меѓутоа тој засега не сака ништо да ветува со оглед на тоа што има 36 години и е во фаза на кариерата каде едноставно не може да се гледа толку далеку.

„Не знам дали ќе го достигнам. Тоа го кажав и претходно. Сè уште не размислувам за тоа бидејќи е далеку, но мислам на Копа Америка. Целта е да пристигнеме во добра форма на Копа Америка во САД. Ќе биде супер. Тоа ќе се разгледа во зависност од тоа како се чувствувам во тоа време“, порача ѕвездата на Интер Мајами.


Големата Цибона објави банкрот

Најтрофејниот кошаркарски клуб во Хрватска, Цибона и официјално и банкротираше.

Клупската смета на Цибона е блокирана повеќе од 12 дена, па сега мораше да биде прогласен стечај. Неодамна клубот објави дека е започнат процес на трансформација во спортско акционерско друштво во кое долговите би се трансформирале во акции.

Сега „волците“ имаат 45 дена да ги убедат институциите како ќе се извлечат од оваа тешка.

Покрај финансиската ситуација, Цибона не изгледа добро ниту во играчкиот кадар. Поради блокадата од ФИБА за регистрација на играчи во овој момент имаат само пет професионални кошаркари и десетина јуниори за да се задоволат барањата за старт во АБА-лигата.


Руседски го избра најдобриот тенисер на сите времиња

Новак Ѓоковиќ со добриот настап на УС Опен си овозможи враќање на првата позиција на АТП листата.

Србинот има значајна предност во однос на второпласираниот Карлос Алкарас, но воедно има и доста поени кои треба да ги одбрани до крајот на сезоната.

Ова дефинитивно гарантира возбудувања во продолжението, но за некогашниот светски рекет број четири, Грег Руседски нема дилеми кој е најдобриот ас во 2023 година.

„Новак е број еден за оваа година кај тенисерите, иако на таа позиција помина помалку недели од Карлос. Причината е едноставна, тој не можеше да игра на Мастерсите во Индијан Велс и Мајами. И тенисерите знаат колку големи турнири пропушти Ѓоковиќ поради ковид. Сето тоа треба да се земе предвид. Мислам дека Новак се чувствуваше најдобро на светот дури и кога АТП рејтингот тоа не го покажуваше, токму поради сето тоа“, истакна Руседски.


Де Геа размислува за фудбалска пензија

Давид де Геа би можел да ја заврши кариерата доколку не добие понуда која би го направила прв голман на врвен клуб, откри „Гардијан“.

Шпанецот кариерата ја започна во Атлетико Мадрид, а Манчестер Јунајтед го доведе во 2011 година за 25 милиони евра. Де Геа помина 12 години во клубот од Манчестер. Неговиот договор истече ова лето и оттогаш е слободен играч. „Гардијан“ објави дека Де Геа одбил неколку понуди во последните месеци, вклучително и богати опции од Саудиска Арабија.

Парите не се главниот мотиватор на Де Хеа, тврдат угледните англиски медиуми, тој ја чека поканата од клубот каде ќе има важна улога и со кого ќе се бори за трофеи.

Со Јунајтед ја освои Премиер лигата, ФА Купот, два Лига Купа и Лига Европа. Двапати беше најдобар голман на англиското првенство.

Со Атлетико Мадрид ја освои и Лигата на Европа. За шпанската репрезентација има 45 настапи, а Tрансфермаркт неговата вредност ја проценува на 13 милиони евра.