feature

Ако не го доведе Мбапе, Реал ќе тргне по Влаховиќ

Реал Мадрид останува главен фаворит за потписот на Килијан Мбапе, но „кралевите“ засега се мирни на оваа тема засега не се впуштаат во конкретна акција по „војната“ која напаѓачот ја води со Пари Сен Жермен.

Меѓутоа има уште доста до крајот на овој преоден рок и останува да се види до кога Реал ќе биде навистина трпелив со оглед на тоа што јавна тајна е колку тие сакаат да го видат Французинот на „Сантијаго Бернабеу“.

Ама „Кадена Сер“ пренесува дека Реал има и уште една опција, алтернатива за напаѓачката линија ако не може да ја добие ѕвездата на „светците“. Шпанскиот великан го ангажираше Хоселу, но јасно е дека тој не беше доведен како директна замена за Карим Бензема кој „летна“ во Саудиска Арабија.

Наводно желба на тренерот Карло Анчелоти е српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ чија што иднина е неизвесна во Јувентус. „Старата дама“ е спремна да се откаже од него за добра понуда, се обидува да го вклучи во операцијата за Ромелу Лукаку од Челси, ама во случај Реал да тропне со добра сума сигурно не би било проблем да го испрати во Мадрид.


Коло Муани најавил заминување, ПСЖ фаворит за неговиот потпис

Рандал Коло Муани ги информирал челниците на Ајнтрахт дека не сака да ја испушти шансата и инсистира на трансфер во ПСЖ, па се чини дека бундеслигашот ќе биде приморан да преговара со францускиот клуб.

Интересно е што Ајнтрахт досега преку својот претседател истакнуваше дека Коло Муани не може да замине за сума помала од 100 милиони евра, но според агентите на фудбалерот тоа е претерување и нереална валоризација, која веројатно нема да може да ја следи ниту ПСЖ.

Ова е најава за уште една трансфер сага, освен ако Ајнтрахт и ПСЖ брзо не најдат компромис околу трансфер сумата.


Иранецот Тареми го менува Кејн во Тотенхем?

Доколку Хари Кејн наскоро го напушти Тотенхем, клубот од Лондон веќе има опција за негова замена.

Во прашање е фудбалерот на Порто, 31 годишниот играч од Иран, кој веќе трета сезона настапува за оваа екипа, се вика Мехди Тареми.

Јасно е дека не е во прашање напаѓач од врвна класа, но е добра опција и замена за Хари Кејн за прва рака во Тотенхем. Иако клубот од Тотенхем го има Ришарлисон, тој по доаѓањето од Евертон не се покажа баш во најдобро светло.

Навистина, Иранецот има страшна статистика во Порто, постигна дури 80 голови во 150 натпревари, но прашање е дали и како тој ќе се вклопи во новото првенство.

За трансферот на овој играч Порто евентуално би заработил 42 милиони евра.


Хојлунд претставен на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед го искористи пријателскиот натпревар со Ленс за да го престави своето трето засилување. Расмус Хојлунд и официјално стави потпис на договор со „црвените ѓаволи“, а имаше шанса да се претстави и пред полните трибини на „Олд Трафорд“. 

Италијанскиот тим Аталанта доста добро профитираше од овој трансфер, бидејќи Данецот минатото лето беше купен за 17 милиони евра од Штурм. Сега, Хојлунд за сума од 74 милиони, плус девет во вид на бонуси се пресели во Манчестер Јунајтед. Самиот играч нагласи дека е пресреќен бидејќи му се исполни детскиот сон. 

„Не е тајна дека сум навивач на овој клуб од детските денови. Сонував еден ден да заиграм на „Олд Трафорд“ во дресот на Манчестер Јунајтед. Исклучително сум возбуден за оваа шанса да го исполнам сонот“, изјави Хојлунд. 

Во кариерата данскиот фудбалер има настапувано за ФК Копенхаген и Штурм, пред да се пресели во Аталанта. Минатата сезона за тимот од Бергамо одигра 34 натпревари и даде десет гола, а запиша и четири асистенции.


Јан Зомер од Баерн се сели во Интер

Интер решил да ја активира откупната клаузула на Јан Зомер откако не успеа да го натера Баерн Минхен да го продаде голманот со пониска цена.

„Нероаѕурите“ летово останаа без Андре Онана кој замина во Манчестер Јунајтед и Самир Хандановиќ кој го одработи договорот и го напушти стадионот –  „Џузепе Меаца“.

Затоа, италијанците решиле да ја активираат клаузулата на Јан Зомер вредна шест милиони евра.


Баер Леверкузен го продолжи договорот со Чаби Алонсо

Чаби Алонсо ќе остане на клупата на Баер Леверкузен до 30 јуни во 2026 година откако денеска ја продолжи соработката со германскиот елитен  фудбалски состав.

„Благодарен сум за довербата што ми ја укажа раководството. Позитивно гледам на изминатата сезона и на односите во клубот“ – вели Алонсо.

Тој го презеде кормилото на Баер Леверкузен во октомври 2022 година и успеа да стигне до полуфиналето на Лига Европа.


Премиер лигата најсилно национално првенство во Европа

УЕФА на својата официјална веб-страница ја претстави ажурираната табела со коефициенти за сезоната 2023/2024.

Очекувано на врвот е Англија односно Премиер лигата која и понатаму е водечка лига во Европа. Зад Англија следуваат Шпанија, Италија и Германија. Промената е меѓу Холандија и Франција кои си ги сменија местата, па во Топ 5 лигите сега е Хоалндија пред Франција.


Гвардиол на лекарски прегледи и потпис во Манчестер Сити

Дефанзивецот на РБ Лајпциг, Јошко Гвардиол се простил од
соиграчите пред преселбата во Манчестер Сити. Ова го пренесува
новинарот Патрик Бергер во својот „Твитер“.
Според изворот, хрватскиот фудбалер отпатувал за Велика Британија,
каде мора да го помине последниот лекарски преглед за да договори
трансфер во Манчестер Сити. Англискиот клуб ќе плати 90 милиони
евра за Гвардиол плус 10 милиони евра бонуси. Хрватот ќе стане
најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот.
21-годишниот Гвардиол минатата сезона забележа 41 настап за РБ
Лајпциг во сите натпреварувања и постигна три гола. Дефанзивецот
стана освојувач на бронзен медал на Светското првенство во Катар
2022 година.


Мората по третпат ќе го облече дресот на Јуве

Алваро Мората се согласил да му се приклучи на Јувентус по трет пат
во кариерата. Мората моментално е напаѓач на Атлетико Мадрид со
кого има договор до следното лето, но наводно се договорил со
Јувентус да се пресели доколку тимот од Торино не успее да го доведе
Лукаку.
Како што пишуваа англиските медиуми, Челзи и Јувентус работат на
размена во која Душан Влаховиќ би заминал во Лондон, а Јувентус би
го добил Лукаку и малку пари за него. Челзи нуди 20 милиони евра,
но Јувентус наводно нема да се согласи на помалку од 40 милиони.
Ако тоа не успее, Мората е алтернативата, тоа ќе му биде трет пат во
Јувентус. Тој во 2014 година од Реал се пресели во италијанскиот
клуб за 20 милиони евра, а Реал го купи две години подоцна за 30
милиони.


Луис Кампос пред отказ од ПСЖ поради „случајот Мбапе“

Спортскиот директор на ПСЖ, Луис Кампос би требало да добие
отказ на почетокот на сезоната. Кампос ова лето беше мета на многу
критики. Тој пристигна пред нешто повеќе од една година и му беше
доверена задачата да го стабилизира и подобри тимот на францускиот
шампион.
Но прво не можеше да го задржи Лионел Меси кој замина да игра во
Америка, па ни Килијан Мбапе не го продолжи договорот. Клубот
сега веројатно ќе мора да го продаде најдобриот стрелец на
последното Светско првенство, откако го загуби актуелниот најдобар
играч на светот. Челниците на ПСЖ го загубија трпението со Кампос,
кој би можел да го напушти клубот веќе во септември.
Кампос има богата и интересна кариера. Од 2012 до 2013 година беше
скаут во Реал Мадрид. Потоа се пресели во Монако, каде беше
спортски и технички директор од 2013 до 2016 година, а на истата
функција беше во Лил од 2017 до 2020 година. Работеше, меѓу
другите, во Галатасарај, Селта Виго и неколку португалски клубови.