feature

Ворачова пренесена во имиграциски хотел заради исти причини како и Ѓоковиќ

)

Австралиските власти и ја укинаа визата на чешката тенисерка Рената Ворачова и ја одведоа во истиот имиграциски хотел во кој се наоѓа и најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ., јавија денеска светските агенции.

Ворачова (38) пристигна во Австралија во декември и веќе настапи на турнир во Мелбурн, но во текот на вчерашниот ден била приведена од австралиските погранични служби и пренесена во хотелот „Парк“.

На тенисерката и било соопштено дека треба веднаш да ја напушти Австралија, меѓутоа Ворачова, како и Ѓоковиќ, има право на жалба. Таа влегла во Австралија со медицинска потврда дека е ослободена од вакцинирање врз основа на прележан коронавирус.

Директорот на Австралија Опен, Крег Тили, деновиве објави дека вкупно 26 луѓе поврзани со грен – слем турнирот во Мелбурн се пријавиле за медицинска потврда со која се изземат од обврската за вакцинирање и оти им било одобрено само на неколкумина, без да наведе за кого станува збор.


Винициус нов највреден фудбалер на светот според ЦИЕС

На влезот во новата година светот има нов најскапоплатен фудбалер.

Винисиус Жуниор со вредност од 154.6 милиони евра е највредниот фудбалер според анализата на ЦИЕС – Фудбалската опсерваторија за статистика.

Вредноста се одредува според трансфер-вредноста на фудбалерите, иако во неа не се вклучуваат клаузулите за раскин на договорот.

Зад Винисиус се Фил Фоден со вредност од 152.6 милиони евра и норвешкиот ас на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд со 142.5 милиони евра.

Меѓу највредните десет уште се Мејсон Гринвуд од Манчестер јунајтед (133.9 милиони евра), Флоријан Вирц од Баер Леверкузен (133 милиони евра), Џуд Белингам, од Борусија Дортмунд (130.1), Алфонсо Дејвис од Баерн Минхен (122.3 милиони евра), Рубен Дијаш од Манчестер Сити (120.5 милиони евра), Педри од Барселона (118 милиони евра) и Френки де Јонг, исто така од Барселона (115.2 милиони евра).


Британските власти не сакаат Мундијал на Островот во 2030 година

Претседателот на британскиот парламентарен комитет за спорт, Џулијан Најт, препорача британската и ирската фудбалска федерација да се откажат од кандидатурата за домаќин на Светското првенство во 2030 година.

„Сите знаат дека кандидатурата за Светското првенство е само еден огромен, залуден и скап проект“, рече тој, цитиран од Би-би-си.

Осврнувајќи се на инцидентите за време на финалето на ЕП 2020 што се одржа во Лондон, Најт рече дека проблемот е и во угледот што го има Британија кога е фудбалот во прашање.

„Тажно е, бидејќи идеално сме подготвени да бидеме домаќини на овој турнир, но имаме огромен проблем со реномето на меѓународно ниво кога е фудбалот во прашање“, рече тој.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, веднаш по завршувањето на Европското првенство изјави дека инцидентите нема да влијаат на шансите на Велика Британија и Република Ирска да организираат големи настани во иднина, пренесе Бета.


Зидан ќе го наследи Почетино на клупата на ПСЖ

Зинедин Зидан веќе одреден период е без тренерски ангажман, а француските медиуми денес пренесуваат дека тој има договор со ПСЖ.

Новинарот на „РМЦ“ Даниоло Риоло кој се прослави откако прв го објави трансферот на Меси сега тврди дека Зидан следната сезона ќе го води ПСЖ без разлика какви ќе бидат резултатите на Почетино сезонава.

Според неговите информации Почетино не може да се соочи со големиот притисок и присуствувото на многу ѕвезди во соблекувалната. Риоло потенцира дека одлуката во ПСЖ нема да се промени дури и ако сезонава францускиот клуб ја освои Лигата на шампионите.

Во ПСЖ се надеваат и дека доаѓањето на Зидан би можело да го премисли Килијан Мбапе и да се откаже од трансферот во Реал Мадрид. Сепак, засега Мбапе е многу поблиску до трансфер во Реал отколку до останување во ПСЖ.


Манчини, Гвардиола и Тухел кандидати за тренер на годината

Европскиот шампион на Италија, Роберто Манчини, менаџерот на освојувачот на Лигата на шампионите, Челси – Томас Тухел, и на англискиот шампион на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола се финалисти за наградата Тренер на годината на ФИФА.

Откако во средата ги објави финалистите за најдобар голман и најдобра голманка во изминатата година, ФИФА денеска ги објави и конечните кандидати за тренер во машката и женската селекција.

Во машка конкуренција, последните тројца номинирани за најдобар тренер се Италијанецот Роберто Манчини кој ја освои европската круна на кормилото на „азурите“, потоа Германецот Томас Тухел, кој со Челси ја освои Лигата на шампионите и Шпанецот Пеп Гвардиола кој го освои англискиот шампионат со „граѓаните“, Лига купот, и стигна до финалето на Лигата на шампионите.

Во женскиот фудбал финалистите се Шпанката Луис Кортес (Барселона), Англичанката Ема Хејс (Челси) и Холанѓанката Сарина Вигман (холандска/англиска репрезентација).

Во средата ФИФА ги објави кандидатите за најдобар голман и најдобра голманка во изминатата година.

Во машка конкуренција номинирани за најдобар голман се голманот на европскиот шампион на Италија Џанлуиџи Донарума, голманот на победникот во Лигата на шампионите Челси – Сенегалецот Едуард Менди и голманот на германската репрезентација и Баерн, Мануел Нојер.

Во женска конкуренција ќе се натпреваруваат Германката Ан-Катрин Бергер (Челси), Чилеанката Кристијане Ендлер (Пари Сен Жермен / Олимпик Лион) и Канаѓанката Стефани Лин Мари Лабе (Розенгард / Пари Сен Жермен).

ФИФА во петок ќе ги објави и имињата на тројцата кандидати за наградата играч на годината во двете конкуренции.


Жоао Педро доби пасош и ќе заигра за италијанската репрезентација

Жоао Педро доби дозвола од ФИФА да настапува за репрезентацијата на Италија.

На бразилскиот фудбалер потребна му беше дозвола за да може да игра за Италија затоа што во минатото настапуваше за младинските селекции на бразилската репрезентација.

Сега фудбалерот ќе има право да игра и во баражот кој Италија ќе го игра против Македонија на 24. март. Во случај да добие повик Педро во селекцијата ќе им се придружи на своите сонародници Жоргињо, Емерсон Палмери и Рафаел Толои кои претходно добиваа повик од Манчини.

Ќе потсетиме, подобриот од полуфиналниот дуел Италија – Македонија оди на победникот од мечот Португалија – Турција.


Дракслер од јуни се сели од Париз во Барселона

Јулијан Дракслер може да ја промени клупската средина следното лето. Барселона е заинтересирана за услугите на 28-годишниот германски плејмејкер.

Зделката би можела да изнесува 15 милиони евра. ПСЖ нема да се меша во заминувањето на Дракслер, бидејќи стручниот штаб на тимот не го гледа како клучен играч во главниот тим. Барселона, сепак, има намера да направи низа подобрувања  на тимот по намалувањето на платниот список. Јулијан Дракслер е една од приоритетните опции за каталонскиот клуб.

За потсетување, Дракслер се пресели во ПСЖ од Волфсбург во јануари 2017 година. Сезонава Јулијан одигра 14 натпревари за парижаните во сите натпреварувања, постигна два гола и две асистенции. Неговата пазарна цена се проценува на 20 милиони евра.


Марсијал е во плановите на Барса ако пропадне трансферот на Мората

На Барселона тешко и оди во намерата да го доведе Алваро Мората и 

како што стојат работите овој трансфер нема да се реализира. Затоа клубот се насочи кон ново решение – Ентони Марсијал.

Каталонските медиуми пренесуваат дека Барселона е заинтересирана да го доведе Французинот на позајмица до крајот на сезоната. Марсијал така би бил решение за да се заврши сезоната, а потоа би бил доведен нов напаѓач.

Марсијал јасно порача дека не е задоволен во Манчестер, нема минутажа кај Рагник и сака промена на средината. Французинот не е класичен напаѓач, но во Барселона може да помогне, посебно затоа што се најавува заминување на Лук Де Јонг и Кутињо.

Можеби Марсиајл не е подобар напаѓач од Мората, но е многу подобра опција. Атлетико за откуп на Мората бара сума од 30-35 милиони евра што ако се земе во предвид формата на Шпанецот е премногу.


Сити и Барса подготвуваат трампа Лапорт-Де Јонг

Барселона сака дополнително да го засили тимот во зимскиот преоден рок во битката за место кое води во Лигата на шампиони.

После Феран Торес, Каталонците се заинтересирани за уште еден играч на Манчестер Сити, а станува збор за дефанзивецот Емерик Лапорт.

„Граѓаните“ се спремни да го продадат, но не за помалку од 60 милиони фунти, што е проблем за Барселона која има финансиски проблеми.

Поради тоа каталонскиот клуб е спремен да му понуди трампа на Сити, така што во спротивна насока ќе го испрати играчот за врска Френки де Јонг.

Вредноста на двајцата фудбалери е приблична, а Чави е спремен да се откаже од услугите на Холанѓанецот за да го добие потписот на Лапорт.

Манчестер Сити исто така е отворен за таква трампа, па се очекува во наредните денови двата клуба да седнат на преговарачка маса.


Канаваро: Влаховиќ ќе доминира во следните десет години

Фабио Канаваро има големи пофалби за Душан Влаховиќ. Канаваро беше гостин пред медиумите во својата земја, зборуваше за неговата тренерска кариера, но и за актуелните ситуации во италијанското првенство. Тој откри дека бил блиску да седне на клупатан а Фиорентина, па доби и прашање за Душан Влаховиќ кој во овој момент важи за еден од најдобрите напаѓчи во Европа.

„Би сакал да тренирам таков играч. Можев да седнам на клупата на Фиорентина, но на крајот тоа не се случи затоа што имав договор со Гвангажу и не се поклопија работите. Влаховиќ е идеален напаѓач кој секој тренер би го посакал. Знае да постигнува голови, соработува со соиграчите и ги надополнува заостанувањета. Влаховиќ е биде најдобар во наредните 10 години. Халанд повеќе е свртен кон голот, додека Влаховиќ има способност да направи разлика и кога е со грб свртен кон противникот“, изјави Канаваро.

Во разговорот Канаваро најави негово враќање и порача дека сака да води тим од Европа.