Ѓоковиќ: Мислам дека вистинска одлука е да го прескокнам Торонто
Новак Ѓоковиќ го откажа настапот на овогодинешното издание на Мастерс 1000 АТП турнирот во Торонто, кој ќе се игра од 7 до 13 август, а како причина го наведе заморот. Последниот настап на Ѓоковиќ беше на Вимблдон, каде пред осум дена го загуби финалето од Карлос Алкараз, а претходно играше и на Ролан Гарос во Париз, каде ја освои титулата на 11 јуни.
„Отсекогаш уживав во Канада, но откако разговаравме со мојот тим, решивме дека е вистинската одлука да го прескокнеме овој турнир“, изјави Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ го освои Мастерсот во Торонто во 2007, 2011, 2012 и 2016 година.
Астон Вила ја одби првата понуда на Интер за Еми Мартинез
Интер е во потрага по нов голман откако го продаде Андре Онана во Манчестер Јунајтед, а најново име на списокот е Емилијано Мартинез.
Аргентинецот се прослави на Мунијалот и беше избран за најдобар голман, а Интер верува дека би бил идеална замена за Онана.
Италијанските медиуми пренесуваат дека првата понуда на „нероаѕурите“ изнесува 15 милиони евра, но Астон Вила бара многу повеќе за неговата слобода.
Самиот Мартинез сака да направи чекор напред во кариерата и да се пресели во Милано, но Интер ќе мора да ја подобри понудата.
Самуел Чуквуезе е нов фудбалер на Милан
Милан ова лето е исклучително активен на трансфер пазарот, па „росонерите“ денес го договорија седмото засилување за новата сезона.
Станува збор за ѕвездата на Виљареал и нигериски репрезентативец Самуел Чуквуезе, кој доаѓа во Милан за 28 милиони евра. Денес двата клуба ги договорија последните детали и се очекува утре Чуквуезе да пристигне во Милано на лекарски прегледи.
Нигериецот веќе има договор со „росонерите“ и ќе потпише 5-годишен договор тежок 4 милиони евра по сезона.
23-годишниот крилен напаѓач минатата сезона беше хит во Лигата на шампиони, а и оваа сезона одигра одлично во дресот на Виљареал со 13 гола и 11 асистенции.
Скамака и Ориги ги менуваат клубовите?
Џанлука Скамака минатото лето се пресели во Вест Хем, но може експресно да се врати во Серија А.
Скамака со настапите во Сасуоло се етаблираше во еден од најголемите таленти на Апенините, но во Премиер лигата се уште не може да се адаптира.
Интерес за Скамака покажуваат Рома и Милан, а сега во трката за неговиот потпис се приклучи и Милан.
Милан веќе исппратил понуда до Вест Хем и како дел од трансферот го нуди Дивок Ориги. „Чеканите“ се заинтересирани за Белгиецот, но во моментов нема договор околу цената на Италијанецот.
Пропаѓа трансферот на Фабињо во Саудиска Арабија?
Бразилецот Фабињо требаше да се пресели од Ливерпул во Ал-Итихад за 45 милиони евра.
Јирген Клоп се согласи да го пушти играчот од средниот ред бидејќи претходно ги донесе Алексис Мак Алистер и Доминик Шобослаи. Сепак, трансферот на Фабињо може да пропадне поради неговите кучиња. Имено, Фабињо сака таму да ги однесе своите два француски булдога, а Саудијците овие кучиња ги сметаат за опасни и агресивни и затоа се забранети во својата земја.
Исто така, во Саудиска Арабија не се дозволени питбули и ротвајлери, така што Фабињо не смее да ги носи своите миленици во Саудиска Арабија.
Токму тоа може да го расипе неговиот богат трансфер на Блискиот Исток.
Фабињо пристигна во Ливерпул од Монако во летото 2018 година за 45 милиони евра и беше еден од најважните играчи на Клоп во последните сезони. За Бразил одигра 29 натпревари.
Дебито на Меси е најгледан фудбалски натпревар во САД
Првиот натпревар на Лионел Меси за Интер Мајами постави рекорд на гледаност на американската телевизија.
Натпреварот меѓу Интер Мајами и Круз Азул го следеле околу 12,5 милиони гледачи, што е највисока бројка во историјата на гледаноста на еден фудбалски меч.
На овој натпревар 36-годишниот Аргентинец во 94 минута реализираше гол од слободен удар, по што со семејството на трибините го прослави голот.
Меси дојде во Интер Мајами на 15 јули, приклучувајќи се со слободен трансфер од ПСЖ.
Борусија Дортмунд го купи Марсел Сабицер од Баерн
Фудбалерот од средниот ред на Баерн, Марсел Сабицер се сели во Борусија Дортмунд. Веста е потврдена од повеќе извори и се чека само официјалното преставување од страна на „милионерите“.
Трансферот ќе го чини Дортмунд 19 милиони евра со бонуси.
29-годишниот Австриец ќе потпише договор оваа недела доколку успешно помине на лекарските прегледи.
Сабицер минатата сезона играше за Манчестер Јунајтед како позајмен од Баерн.
Чави не го сака Жоао Феликс во Барса
Жоао Феликс го предизвика гневот на навивачите на Атлетико Мадрид со признанието дека сака да игра за Барселона и се надева дека трансферот е можен до крајот на летниот преоден рок.
Додека Феликс се надева дека Барса ќе испрати понуда за него , пристигнаа лоши вести кои го направија таквиот исход речиси невозможна мисија. Жоао Феликс по шестмесечната позајмица во Челзи се врати во Атлетико Мадрид, кој на крајот не сакаше да го откупи неговиот договор, иако Португалецот со сите сили се обидуваше да го оствари тоа.
Беше јасно дека Феликс не сака да се врати во Атлетико, но и тие не го сакаа баш во тој клуб. Неговиот број седум веќе му го дадоа на Антоан Гризман, додека Диего Симеоне на почетокот на подготовките му порача дека нема да смета на него.
Шпанските медиуми со денови пишуваат дека Барселона навистина се обидува да го доведе Феликс и дека преговара со Атлетико Мадрид за позајмица со задолжителен откуп на договорот.
Исто така, Феликс преку својот агент им порача на Каталонците дека е подготвен да ги чека онолку колку што е потребно и дека во предвид доаѓа само да замине од Атлетико и дека воопшто не го интересираат долгорочни договори.
Сепак, се чини дека за Феликс од каталонскиот клуб пристигна ладен туш. Мундо Депортиво објави дека Чави разговарал со Деко за доаѓањето на Португалецот и го дал своето искрено мислење за сето тоа.
Чави му порачал на Деко дека не го гледа вистинското место во формацијата на Барселона за Феликс и дека Португалецот моментално воопшто не се вклопува во неговите планови и дека доаѓањето на младиот напаѓач би било сосема непотребно.
Тренерот на Барселона смета дека моментално нема место за Феликс во играчкиот кадар и дека има доволно опции во офанзивата.
Висока понуда на Панатинаикос за Миротиќ
Еден ден откако официјално ја одби понудата од Партизан, Никола Миротиќ се поврзува со најтрофејниот грчки клуб Панатинаикос кој и порано беше заинтересиран за него.
Според грчките медиуми, ПАО му нуди на шпанскиот интернационалец договор од четири милиони евра по сезона што е малку пониска плата од онаа што ја заработуваше во Барселона и со која повторно ќе биде еден од најплатените европски кошаркари. Панатинаикос, заедно со Црвена Звезда, ова лето е најактивен клуб на трансфер пазарот и веќе донесе девет нови кошаркари во своите редови.
Ако Миротиќ ја прифати понудата, заедно со Слукас, Вилдоса, Лесор, Гај, Грант, Адетокунбо и останатите ќе го направи атинскиот тим можеби најголем фаворит за шампионската титула во Евролигата.
Исмаила Сар од Вотфорд се сели во Олимпик Марсеј
Исмаила Сар ќе се приклучи на францускиот Олимпик Марсеј. Веќе е постигнат целосен договор меѓу клубовите за зделката. Сенегалскиот фудбалер веднаш ја прифатил понудата од францускиот клуб штом се појавила, односно биле договорени и личните услови на договорот. Играчот ќе биде потпишан на договор до крајот на јуни 2028 година. Марсеј го чека конечното зелено светло од Ватфорд за да ги направи лекарските прегледи, кој се планира да биде во следните денови.
Исмаила Сар минатата сезона во Чемпионшип имаше 39 настапи за Вотфорд, постигнувајќи 10 гола и 7 асистенции. Цената на сенегалскиот фудбалер според Трансфермаркт е 20 милиони евра.