фудбал

Јуве ќе го продаде Артур за да го доведе Закарија

Артур Мело пристигна во Јувентус како скапо платено засилување, но не ги оправда очекувањата. Артур требаше да биде големо засилување, но воопшто не се снајде во Јувентус, па клубот сака што побрзо да се ослободи од него.

Италијанските медиуми тврдат дека Јувентус е спремен да го испрати на 18-месечна позајмица со право на откуп.

Алегри воопшто не смета на Бразилецот, а „бјанконерите“ наводно веќе нашле негова замена.

Станува збор за фудбалерот на Борусија Мехенгладбах, Денис Закарија. Швајцарецот може да игра на сите позиции во средниот ред, па токму поради тоа е голема желба на италијанскиот гигант.


Проблем за Тотенхем, Ромеро заработи повреда

Дефанзивецот на Тотенхем, Кристијан Ромеро, поради повреда ќе биде надвор од теренот најмалку шест недели. 

Аргентинецот повредата ја заработил настапувајќи за националната селекција на натпреварот против Бразил.

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, ја потврди повредата на својот играч на прес конференција со медиумите.

„Повредата на Ромеро е сериозна, немам повеќе детали за што точно се работи, но сигурно е дека тој нема да биде во тимот до завршетокот на годината. Ќе го очекуваме неговото опоравување некаде до месец февруари“, изјави Конте.

Кристијан Ромеро, пристигна во екипата на Тотенхем ова лето за сума од 50 милиони евра и веднаш се наметна како еден од главните играчи во одбраната на тимот.


Проблемот со договорот е причината заради која Кристенсен не игра за Челзи

Томас Тухел изјави дека Данецот Андреас Кристенсен останува надвор од стартниот состав поради неподготвеноста на дефанзивецот да го продолжи договорот со клубот. Кристенсен одигра 13 натпревари за Челзи од почетокот на сезоната, но не беше меѓу стартерите во ремито 1-1 со Барнли на 6 ноември. Актуелниот договор на данскиот репрезентативец истекува на крајот од сезоната.

„Се надевам дека ова барем малку ќе влијае на ситуацијата околу неговиот договор“, изјави Тухел пред вечерашното гостување на лондончани кај Ватфорд во натпревар од 14. коло на Премиер лигата.

„Долго чекавме потврда. Сега зависи од Андреас да дејствува надвор од теренот, како што го прави тоа на теренот. Пред неколку недели добив впечаток дека Андреас го сака истото како мене и клубот”, изјави Томас Тухел.

„Тој вели дека го сака Челзи, дека сака да остане и да биде важен дел од тимот бидејќи навистина е важен дел од него. Мислам дека совршено се вклопува и дека не завршил со неговите достигнувања во Челзи“, додаде Тухел.

Челзи е лидер во Премиер лигата со 30 бодови, а Ватфорд е 17-ти со 13 освоени бодови.


Анчелоти: Нема да доведувам нови играчи во јануари

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во интервју за шпански медиум соопшти дека не планира да доведува засилувања за време на зимскиот преоден рок.

Иако веќе подолго време се најавува дека во Реал Мадрид го очекуваат пристигнувањето на Килијан Мбапе и Антонио Рудигер, сега стана извесно дека тоа нема да се случи во јануари.

„Не сакам да доведувам нови играчи во јануари. Ако некој не е задоволен и сака да го напушти клубот, тогаш за тоа може да се разговара. Нема потреба од засилувања на тимот оваа зима“, изјави Анчелоти.

Реал Мадрид во моментот е лидер на табелата во Ла лига, со четири бода предност пред Атлетико Мадрид.


Кјелини: Јуве ни даде многу, време е да му возвратиме

Капитенот на Јувентус Џорџо Киелини објави дека тој и неговите соиграчи во последно време му останале должни на клубот. Јувентус во моментов е само седми во Серија А, oткако синоќа ја совлада Салернитана на гости со 2-0. 37-годишниот дефанзивец призна дека тренерот Масимилијано Алегри успеал да ги мотивира сите со своите зборови пред натпреварот.

„Клубот ни даде толку многу и време е да му се оддолжиме“, изјави Киелини по натпреварот.

„Тренерот не натера да сфатиме што точно се очекува од нас. Игравме напорно и победивме. Мора да бидеме одговорни и да се стремиме да направиме нешто исклучително на теренот“, додаде ветеранот во редовите на Јувентус.


Тимо Вернер ќе го напушти Челзи во текот на летото

Англискиот „Телеграф“ пишува дека големи се шансите напаѓачот на Челзи, Тимо Вернер, да го напушти клубот ова лето. За репрезентативецот на Германија, голем интерес покажуваат Баерн Минхен и Борусија Дортмунд.

25-годишниот Вернер, пристигна на Стемфорд Бриџ во летото 2020 година од РБ Лајпциг како огромно засилување, но засега ги нема оправдано големите очекувања од навивачите и тренерот Тухел.

Германскиот репрезентативец оваа сезона одигра 8 натпревари во Премиер лигата на кои има постигнато само еден гол. 


Ралф Рангник го носи Халанд на „Олд Трафорд“

Новиот привремен тренер на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, ќе се обиде да го донесе Ерлинг Халанд на „Олд Трафорд“.

Спрема пишувањата во германскиот магазин „Билд“, Рангник и Халанд се во доста добри односи и германскиот тренер ќе се обиде да го убеди напаѓачот на Борусија Дортмунд да премине во Манчестер Јунајтед.

Тој во дресот на „црвените ѓаволи“ би му се придружил на Џејдон Санчо кој до неодамна беше негов соиграч во Дортмунд и со кој би биле супер тандем во нападот на екипата.

Ерлинг Халанд е трансфер желба на повеќе европски гиганти, меѓу кои најспоменувани се Париз Сен Жермен, Манчестер Сити и Реал Мадрид.


„Камп Ноу“ ќе се реновира, Барса бара алтернативен стадион

Барселона објави дека и официјално тргнува во голема реконструкција на „Камп Ноу“ и дека започнува нова фаза во историјата на клубот.

Генералниот директор на клубот Феран Реверетер изјави дека клубот ќе подигне кредит од милијарда ипол евра кој ќе го потроши на реновирање на „Камп Ноу“. Кредитот клубот ќе го подигне на 35 години со поволна каматна стапка. Барселона одлучи и да го продаде името на „Камп Ноу“, веќе и се преговара со неколку заинтересирани спонзори.

Тој потег на Барселона ќе и донесе 48 милиони евра годишно, а договорот би бил потпишан на десет или 20 години. Работата на „Камп Ноу“ ќе започне следната сезона и Барселона на својот стадион. Реверетер изјави дека клбубот пред почетокот на сезоната 2023/24 ќе треба да пронајде нов стадион.


Маскерано ја започна својата тренерска кариера

Легендарниот фудбалер од Аргентина, Хавиер Маскерано, го доби својот прв тренерски ангажман. 37-годишниот Маскерано, кој е поранешен играч на Барселона и Ливерпул, е именуван за селектор на аргентинската репрезентација за играчи до 20 години.

Тој на ова место ќе го замени Фернандо Батиста, кој е дел од стручниот штаб на Хозе Пекерман во селекцијата на Венецуела.

Хавиер Маскерано ја заврши својата играчка кариера пред една година и веднаш се вклучи во работата на аргентинската фудбалска федерација во програмата за развој на младински тимови.


Ибра: Го посоветував Мбапе да си замине од ПСЖ

Иднината на Килијан Мбапе и понатаму е тема во светските медиуми, последните најави се дека кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид после истекот на договорот.

Договорот на Мбапе истекнува на крајот од сезоната. Во претходното лето Мбапе се поврзуваше со Реал Мадрид, трансферот беше блиску до реализација, но ПСЖ не дозволи трансферот да се реализира. Сепак, идното лето ПСЖ нема да може ништо затоа што ќе биде без договор.

Златан Ибрахимовиќ потврди дека го советувал Мбапе да го напушти ПСЖ.

„Да, го советував Мбапе да го напушти ПСЖ. На Мбапе му е потребна средина како во Реал Мадрид“, изјави Ибрахимовиќ.