фудбал

Ориги заминува во Милан како слободен играч

Италијанските медиуми јавуваат дека напаѓачот на Ливерпул Дивок Ориги, на крајот од сезоната ќе потпише договор со екипата на Милан.

Репрезентативецот на Белгија, последните осум години ги помина во славниот англиски клуб, но најчесто беше резерва во тимот.

Неговиот договор со Ливерпул истекува на крајот од сезонава, па така тој ќе потпише за Милан како слободен играч, без обештетување. Договорот ќе биде на три години, и ќе заработува 3,5 милиони евра годишно.


УЕФА затвора дел од стадионот на Атлетико Мадрид

Европската Фудбалска Асоцијација донесе одлука за делумно затворање на стадионот на Атлетико Мадрид за реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Манчестер Сити. Како причина за одлуката се наведува однесувањето на навивачите за време на гостувањето во Манчестер, кога повеќепати го нарушија редот на стадионот, фрлајќи предмети на теренот и упатувајќи дискриминаторски пораки.

Поради оваа казна, се очекува на стадионот „Ванда Метрополитано“ да останат слободни 5 илјади места. Притоа, Атлетико Мадрид ќе мора да истакне и знаме со логото на УЕФА на кое пишува „Не на расизмот“.


Реал Мадрид покажува интерес за Кевин Де Брујне

Некои од шпанските спортски портали пренесуваат дека Реал Мадрид е заинтересиран за играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Кевин Де Брујне.

Според пишувањата, шпанскиот гигант ќе се обиде да потпише договор со белгискиот репрезентативец доколку не успеат со планираните трансфери на Килијан Мбапе или Ерлинг Халанд.

30-годишниот Де Брујне не би имал ништо против кариерата да ја продолжи во Реал Мадрид, но се претпоставува дека неговиот сегашен клуб, Манчестер Сити не би го пуштил во друг клуб за помалку од 100 милиони евра.

Играчот од средниот ред има договор со популарните „граѓани“ до летото 2025 година. Оваа сезона Де Брујне на 36 натпревари за Сити, има постигнато 13 гола и 8 асистенции.


Маскерано како тренер се враќа во Барселона

Хавиер Маскерано би можел да се врати во Барселона каде што би имал функција на тренер во младинските категории.

Маскерано на „Камп Ноу“ помина осум години, а во 2018 година премина во Кина, две години подоцна ја заврши кариерата. Во овој момент Маскерано е селектор на репрезентацијата на Аргентина до 20 години и во Барселона размислуваат да му доделат некоја слична улога.

Вториот план е Маскерано да стане тренер на Барселона Б што за Аргентинецот сигурно би бил поголем предизвик.


Рамос не помислува на пензија, сака да игра уште 4-5 сезони

36-годишниот шпански дефанзивец на Пари Сен Жермен Серио Рамос откри дека сака да одигра уште најмалку 4-5 сезони на високо ниво и дури потоа да размислува за нешто друго во кариерата.

„Имам уште двегодишен договор со Пари Сен Жермен и ќе се обидам да го зголемам барем за уште една сезона. Тогаш ќе видиме. Физички се е во ред со мене и мислам дека ќе се фокусирам на исполнување на мојата цел“, прокоментира Рамос, кој минатото лето со слободен трансфер од Реал Мадрид се пресели во ПСЖ. Поголемиот дел од натпреварите во Париз ги пропушти поради повреди.


Дидие Дрогба сака да биде прв човек на федерацијата

Поранешниот голгетер на Челзи, Дидие Дрогба се кандидира за претседател на Фудбалската федерација на Брегот на Слоновата Коска.

44-годишниот Дрогба, е еден од шесте кандидати кои ќе се кандидираат на изборите закажани за 23 април.

Дрогба има повеќе од 100 настапи за репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, со која учествуваше на светските првенства во 2006 и 2010 година.


Абрамович ја купува Валенсија?

Роман Абрамович додека ја чека продажбата на Челзи е во потрага по нов клуб. Абрамович мораше да го напушти Челзи поради случувањата во Украина и инвазијата на Русија, но сака да остане во фудбалот.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Абрамович сериозно размислува да испрати понуда за купување на Валенсија.

Абрамович планира од продажбата на Челзи да добие скоро 5 милијарди евра, а дел од тие средства сака да ги насочи за купување на клубот од „Местаља“.

Валенсија е во лоша финансиска ситуација и нема големи спортски успеси во последно време, па со доаѓањето на Абрамович тоа може да се промени.

„Сопственикот Петер Лим неколку пати се обиде да го продаде клубот. Се чини дека сега има понуда од Абрамович“, изјави еминентен шпански новинар.


Интер ќе ја продолжи соработката со тренерот Инзаги

Калчомеркато пишува дека Интер ќе го продолжи договорот со тренерот Симоне Инзаги.

Новиот договор на 45-годишниот Италијанец ќе трае до крајот на 2024 со опција за продолжување на уште една година, а неговата плата ќе изнесува 5 милиони евра годишно, без бонуси.

Актуелниот договор на Инзаги е до крајот на следната сезона, според кој добива 4,5 милиони евра. Интер продолжува со борбата за титулата во Серија А, и во моментот е на втората позиција од табелата, два бода зад лидерот Милан, но и еден натпревар помалку.


Реал последен се приклучи во трката за Тилеманс

Белгискиот репрезентативец од екипата на Лестер, Јури Тилеманс е една од можните трансфер цели на Реал Мадрид за следната сезона. Како што објави „Марка“, фудбалерот има еден куп понуди за продолжување на кариерата, па останува неизвесно кој ќе го убеди ова лето да се пресели во нивните редови.

Освен Реал, за услугите на Белгиецот е заинтересиран и Манчестер Ј, а претходно се појавија информации за интерес и од уште еден куп други тимови. Мрежата CBS објави дека белгискиот играч за врска има понуди и од Ливерпул, Вест Хем Јунајтед, Арсенал, па дури и од Јувентус.


Три клуба се фаворити за потписот на Дарвин Нуњес од Бенфика

Екипите на Манчестер Јунајтед, Челзи и Париз Сен Жермен се главните фаворити за потписот на Дарвин Нуњес од Бенфика. 22-годишниот напаѓач со своите одлични игри оваа сезона го привлече вниманието на европските гиганти.

Според медиумите во Англија, Уругваецот ќе биде еден од најголемите трансфери ова лето. Големите европски тимови ја скаутираат ѕвездата на Бенфика, а како најзаинтересирани се споменуваат Манчестер Јунајтед, Челзи и ПСЖ. Вредноста на играчот се очекува да биде околу 58 милиони фунти. Неговиот договор со клубот од Лисабон  е до летото 2025 година.

Нуњес оваа сезона има скор од 31 гол во сите натпреварувања за Бенфика.