фудбал

Клоп ги нуди Фирмино и Кеита за Брозовиќ

Ливерпул планира понуда за играчот од средниот ред на Интер, Марсело Брозовиќ.

„Црвените“ се подготвени да понудат некој помеѓу Роберто Фирмино и Наби Кеита во замена.

Јирген Клоп тврди дека има доволен број играчи од средниот ред, но се покажа дека на стартот на сезоната не може да смета на многу од нив. Кертис Џонс, Алекс Окслејд-Чембрлен и Наби Кеита се надвор од терените поради различни причини, додека Тиаго Алкантара заработи уште една повреда за време на саботниот дуел со Фулам.

По средбата, Клоп повторно беше запрашан дали ќе се обиде да ангажира нов играч од средниот ред. Тој изјави дека непредвидените проблеми со повредите нема да ги променат неговите трансфер планови, но прозорецот е се уште отворен и доколку има добра можност, клубот може да ја искористи.


Седлоски: Можеме да ја стигнеме предноста на Шармок

Македонскиот првак Шкупи, вечерва на арената Тодор Проески во реванш дуелот од квалификациите во Лига Европа го пречекува ирскиот претставник Шамрок Роверс.

Гостите во Скопје доаѓаат со предност од 3:1, но предводникот на Шкупи, Гоце Седлоски верува дека негативата може да се надополни и да се мине во следната фаза.

“Имам верба во играчите, доколку се поставиме како што игравме второ полувреме таму, мора да тргнеме од почеток. Нормално, мора да бидеме внимателни и во одбраната. Играме против еден доста квалитетен противник. Гледате сами дека ирските екипи одат во следната фаза. Утре ние ќе се обидеме, со помош на навивачите кои ги повикувам да ни дадат поддршка, да направиме резултат кој не носи понатаму”, изјави шефот на стручниот штаб на Шкупи, Гоце Седлоски.


Јунајтед и Јуве преговараат за Рабио

Манчестер Јунајтед започна преговори со Јувентус за трансфер на плејмејкерот Адриен Рабио, пренесуваат медиумите на Островот.

Договорот и на Рабио истекува во јуни 2023 година и влезе во последната година од договорот и поради тоа Јувентус сака да го продаде. Таквата ситуација сака да ја искористи Манчестер Јунајтед, бидејќи Тен Хаг бара засилување на средниот ред.

Откако пропадна трансферот на Де Јонг, сега „црвените ѓаволи“ започнаа преговори за трансфер на Французинот од Јувентус.

Јувентус за неговата слобода бара 20 милиони евра, сума која Јунајтед е спремен да ја плати и веќе започна преговори со мајката на Рабио, која е негов агент.


Тен Хаг: Незадоволен сум, ова е вистинско разочарување

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг изјави дека е многу разочаран од првиот натпревар на тимот во Премиер лигата под негово водство. Сепак, Холанѓанецот истакна дека е целосно свесен дека ќе треба време за работите да се случат онака како што тој сака.

Тен Хаг го коментираше и вклучувањето на Кристијано Роналдо, кој остана на клупата за резерви на стартот на мечот со Брајтон, загубен од „црвените ѓаволи“ со 1:2.

„Тоа дефинитивно беше неуспех. Вистинско разочарување, но мора да се справиме со тоа. Од самиот почеток знаев дека нема да биде лесно. Тоа е процес и бара време, но немаме време, мора да победуваме. Требаше да се справиме подобро. Веќе ги анализирав головите што ги примивме. Беше сосема непотребно толку лесно да се даде топката во овие две ситуации. Големи грешки во организацијата. Треба да извлечеме поука. Не сум среќен, воопшто не сум среќен бидејќи загубивме и тоа беше сосема непотребно. Реакција имаше во вториот дел. Дејствувавме тимски, се боревме. Создадовме и шанси“, вели Тен Хаг.


Линекер: Халанд е незапирлив, ќе даде многу голови сезонава

Поранешниот англиски напаѓач и сегашен ТВ-коментатор, Гери Линекер го изрази своето воодушевување од дебито на норвешкиот напаѓач Ерлинг Халанд за Манчестер Сити.

Халанд постигна два гола во победата на „граѓаните“ над Вест Хем од 2-0 во првото коло од Премиер лигата.

„Тој е незапирлив. Вистински напаѓач, ќе има многу голови на својата сметка. Исклучителен талент“, прокоментира Линекер.


Сериозна повреда за македонскиот интернационалец Ердон Даци

Македонскиот репрезентативец, Ердон Даци, ги скинал предните вкрстени лигаменти и ќе мора да паузира подолг период, објави денеска фудбалскиот состав Вестерло.

Тоа значи дека Даци ќе мора да оди на подолг процес на рехабилитација и нема да може да настапува за тимот од Белгија и нашата селекција најмалку до крајот на годинава.

Повредата на Даци е една од најтешките што може да ја добијат спортистите.


Маркос Алонсо се сели во Барселона

Како што пренесуваат медиумите во Шпанија, фудбалскиот клуб Барселона постигна договор со Челзи за доведување на левиот бек Маркос Алонсо.

Барселона како обештетување за 31-годишниот дефанзивец ќе плати осум милиони евра и најверојатно ќе потпише тригодишен договор.

Барселона ова лето доведе голем број одлични засилувања со што ќе биде сериозен кандидат за освојување на титули во Примера и Лигата на шампионите.


Муслиу блиску до трансфер во Сент Паули

Македонскиот фудбалски репрезентативец Висар Муслиу најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во тимот на Сент Паули кој настапува во втората Бундеслига.

Ако Сент Паули не се договори за целосен откуп на Муслиу тогаш клубот ќе се обиде да го доведе фудбалерот како позајмен играч од Инголштад со опција за откуп на крајот од сезоната. 

Досегашниот клуб на Муслиу, Инголштад, не успеа да избори опстанок во втората Бундеслига, па за очекување е прифаќање на понудата од Сент Паули.


Гинзало Гедеш ја напушта Валенсија и се сели во Англија

Валенсија ќе се раздели со својот најдобар играч Гонзало Гедеш. Лично, главниот тренер на „лилјаците“ Џенаро Гатузо призна дека претстојниот трансфер е причината поради која Португалецот не учествуваше во синоќешната контрола со Аталанта, добиена со 2-1.

„Од управата ми кажаа дека добиле ексклузивна понуда од клуб во Англија“, изјави Гатузо.

Според медиумите во Шпанија се работи за Вулверхемптон. „Волците“ за Гедеш ќе платат 30 милиони евра, а уште 5 милиони можат да влезат во касата на „Местаља“ како бонуси.

Гонзало Гедеш минатата сезона одигра 42 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 13 гола и 6 асистенции. Валенсија се надеваше дека ќе потпише нов договор, но Португалецот одби и кариерата ќе ја продолжи во Премиер лигата.

Против Аталанта, Уго Дуро ги постигна двата гола за „Лос Че“. Силна партија кај домаќините имаа и Карлос Солер и Самуел Лино. Едерсон погоди за Аталанта.


Нето позираше во дресот на Борнмаут

Борнмаут официјално го ангажираше резервниот голман на Барселона, Нето. 33-годишниот Бразилец пристигнува на „Виталити“ како слободен играч. Тој потпиша 12-месечен договор со „Црешите“ и станува четвртото ново засилување на клубот ова лето, по Џо Ротвел, Рајан Фредерикс и Маркус Таверние. Доминик Соланке и Луис Кук неодамна потпишаа нови договори.

Нето има еден натпревар за репрезентацијата на Бразил. Со тимот на Барселона запиша 12 натпревари во три сезони. Нето во својата богата кариера настапуваше за Фиорентина, Јувентус со кој двапати освои дабл и Валенсија.

„Да можеш да донесеш играч од калибарот на Нето е многу убаво. Ова е вистински удар за клубот и ние сме воодушевени што тој избра да ни се приклучи. Тој има огромно искуство на највисоко ниво на играта, па сигурен сум дека ќе биде огромна предност за нас“, изјави извршниот директор Нил Блејк.