фудбал

Арсенал го доведе американскиот голман Мет Тарнер

Мет Тарнер е најновото засилување за фудбалскот состав Арсенал. Еден од најдобрите голмани во МЛС лигата кој стоеше на голот на Њу Ингланд, сега ќе има шанса да ги покаже квалитетите и во Европа.

Американецот кој има 28 години потпиша со „топчиите“ за наредните две сезони.

Неговото доаѓање веројатно ќе го натера резеврниот, голман Берн Лено, да си побара нова средина.


Малдини ќе добие нов договор и ќе го раководи Милан и во иднина

Директорот на Милан, Паоло Малдини ќе продолжи да работи во клубот и во иднина. Легендата на „росонерите“ постигна договор со газдите на клубот и ќе потпише нов договор. Се очекува веста да биде објавена во секој момент.

Актуелниот договор на Малдини истекува на 30-ти јуни, а постоеја сомнежи дали тој ќе продолжи да работи на „Сан Сиро“, велејќи дека постои несовпаѓање во разбирањата за развојот на клубот меѓу него и новите сопственици. Сепак, се чини дека нема ништо точно во оваа информација, бидејќи се очекува Малдини повторно да потпише до 2024 година. Истото ќе го направи и другиот директор на кој му истекува договорот, Рики Масара.

Малдини имаше прилично позитивен состанок со новиот сопственик Џери Кардинале претходно овој месец. Таму стана јасно дека тој ќе има можност да го засили тимот за новата сезона, без оглед на ограничениот трансфер буџет.


Арсенал ја засилува одбраната со играч на Ајакс

Арсенал е клуб кој е многу активен во летниот трансфер период. Тимот од Лондон веќе го доведе напаѓачот Габриел Жезус, пристигна и голманот Тарнер, а сега се работи на трансфер на дефанзивецот Лисандро Мартинез од Ајакс.

Челниците на Арсенал веќе испратија и втора понуда за Аргентинецот Мартинез вредна 40 милиони евра. Од Ајакс и натаму бараат 50 милиони, но се очекува дека двата клуба ќе дојдат до договор.

Тренерот Артета е решен да направи силна конкуренција во одбраната на тимот, каде освен Габриел и Бен Вајт, во екипата се врати и Салиба кој беше на позајмица во Марсеј.


Левандовски бара од Барселона да ги забрза преговорите со Баерн

Фудбалерот на Баерн Минхен Роберт Левандовски побара од својот менаџер што е можно побрзо да го реализира трансферот во Барселона.

Левандовски има договор со Баерн до јуни наредната година, но тој повеќе пати јавно изјави дека неговата ера во клубот од Минхен е завршена.

Според објавите во медиумите, менаџерот на полскиот репрезентативец веќе го контактирал претседателот на Барселона Жоан Лапорта со цел да се забрза постапката за трансфер во каталонскиот клуб. Информациите велат дека преговорите меѓу клубовите влегуваат во завршна фаза. Баерн за Левандовски побарува 60 милиони евра, но Барселона е подготвена да понуди околу 40 милиони евра.


Карлос Вела доби нов договор во Лос Анџелес

Напаѓачот на ФК Лос Анџелес, Карлос Вела го продолжи договорот со клубот на една година. Ова го соопшти прес-службата на МЛС лигата.

„Не сакам да го напуштам клубот без да освојам трофеј. Се надевам дека ќе успеам оваа година“, изјави Вела.

Пред околу една недела Вела објави дека е подготвен да го напушти Лос Анџелес доколку не се договори со клубот за нов договор.

Вела важи за еден од најуспешните играчи во историјата на американскиот фудбал. За Лос Анџелес забележа 116 натпревари во МЛС, постигнувајќи 73 гола и 33 асистенции.


Ди Марија се согласи да настапува за Јувентус

Италијанските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Париз Сен Жермен Анхел Ди Марија се согласи да ја продолжи својата кариера во Јувентус.

Ди Марија пристигна во ПСЖ во 2015 година, а неговиот договор со клубот од Париз истекува на 30. јуни.

Аргентинецот веќе неколку недели е во преговори со Јувентус кој му понуди двегодишен договор со заработка од осум милиони евра по сезона.

Медиумите тврдат дека тренерот на Јуве Масимилијано Алегри го убедил Ди Марија да го облече црно-белиот дрес. Фудбалерот имаше понуда и од Барселона но сепак се одлучи за заминување во Торино.


110 милиони евра е цената за Виктор Осимен која ја одреди Наполи

Наполи одреди конкретна цена од 110 милиони евра за својот напаѓач Виктор Осимен.

Раководството на клубот одлучило дека тоа е сума која ќе го задоволи клубот и доколку се најде кандидат подготвен да ја плати, нема да го попречат заминувањето на Нигериецот. Наполитанците не сакаат да се разделат со играчот, но не лесната финансиска ситуација околу клубот го оневозможува одбивањето на посолидни понуди за играчи, како што се случуваше во минатото.

Посебно се очекува заминувањето на уште еден многу важен играч за тимот во последните години – Калиду Кулибали. Њукасл е најмногу заинтересиран за Осимен.


Ареола потпиша договор со Вест Хем

Од премиерлигашот Вест Хем соопштуваат дека францускиот голман Алфонс Ареола потпиша долгорочен договор со клубот.

Ареола минатата сезона ја помина во Вест Хем како позајмен играч на Париз Сен Жермен, за сега да потпише петгодишен договор со екипата од Лондон.

Французинот не успеа да се избори за место во ПСЖ, и често беше испраќан на позајмици во други клубови. Тој го бранеше голот на Ленс, Бастија, Виљареал, Реал Мадрид, Фулам.


Галатасарај доставил понуда за ангажман на Видал

Артуро Видал сигурно нема да остане во Интер, а нема недостиг од луѓе кои сакаат да го привлечат. Меѓу нив е и турскиот гигант Галатасарај, кој е подготвен да му понуди речиси иста плата како што ја добива Чилеанецот од „нероазурите“.

Видал има понуди од неколку други клубови – Фламенго, Бока Јуниорс и Интер Мајами, но нивните понуди финансиски се инфериорни во однос на турската.

35-годишниот играч од средниот ред веќе изјави дека не му пречи да се врати во Јужна Америка, но во оваа фаза поверојатно е кариерата да ја продолжи во Галатасарај.

Минатата сезона Видал одигра вкупно 41 натпревар на кои постигна два гола и четири асистенции.


Лукаку одлета за Миланo да потпише за Интер

Интер треба да го комплетира трансферот на  Ромелу Лукаку следната недела. Напаѓачот на Челзи се враќа во италијанскиот клуб на позајмица.

Во среда тој ќе пристигне во Милано, ќе ги помине медицинските прегледи и ќе потпише договор со Интер. Ромелу Лукаку  наводно се согласил на 30% намалување на платата за да се врати во Интер, од 10 милиони фунти годишно на 7 милиони фунти годишно по оданочување.

Белгиецот играше за Интер од 2019 до 2021 година. Тој минатото лето беше продаден на Челзи за 115 милиони евра. 29-годишниот напаѓач минатата сезона постигна 15 гола на 44 настапи за Челзи  во сите натпреварувања.