фудбал

Џака: Не заминувам од Арсенал без голем трофеј

Играчот од средниот ред на Арсенал, Гранит Џака изјави дека не планира да го напушти клубот додека не освои голем трофеј со него.

„Сакам мојот однос со навивачите да биде подобар. Сакам да бидам поблиску до нив. По оваа сезона ми остануваат уште две години со Арсенал. Ќе дадам се што можам додека играм за овој клуб. Секогаш сум го велел тоа. Не го потпишав договорот само за да се забавувам. Сакам да постигнам нешто посебно со овој клуб. Додека тоа не се случи, нема да заминам“, изјави Џака за англиските медиуми.

Швајцарскиот репрезентативец е во Арсенал од 2016. Заедно со топџиите, 29-годишниот Швајцарец двапати го освои ФА Купот и Суперкупот.


Фернандињо го напушта Манчестер Сити

Играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Фернандињо објави дека нема да го продолжи договорот со клубот и дека ќе го напушти тимот на лето како слободен играч.

„Можеби по сезоната 2018/2019, кога морав да ја сменам позицијата, го загубив местото во тимот. Беше тешко да се привикнам на тоа, особено со оглед на мојата возраст. Сепак, решив дека треба да му помогнам на клубот.Дали ќе го обновам договорот со Сити? Мислам дека не, бидејќи сакам да играм. Ќе се вратам во Бразил. Оваа одлука ја донесов со моето семејство, што е најважното нешто во мојот живот“,изјави Фернандињо на прес-конференција пред реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид.

Актуелниот договор на 36-годишниот Бразилец и Манчестер Сити истекува во јуни оваа година.


Милан во проблеми: Ибрахимовиќ пропушта неколку натпревари

Скај Спортс објавува дека тренерот на Милан, Стефано Пиоли, нема да може да смета на напаѓачот Златан Ибрахимовиќ за следните три натпревари на тимот. Причината е болка во коленото на играчот.

Овој проблем ќе го принуди Ибрахимовиќ да не тренира со екипата барем во следните 10 дена, што значи дека нема да биде во конкуренција за претстојниот првенствен меч со Џенова и дербито со Интер во реваншот од полуфиналето во Купот на Италија. Под знак прашалник е и неговиот настап против Лацио во Серија А.


Анчелоти: Магијата на овој стадион беше одлучувачка

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти покажа голема радост после елиминацијата на Челзи во Лигата на шампионите. „Кралскиот клуб“ го загуби реваншот на „Сантијаго Бернабеу“ со 3:2 но со вкупен резултат 5:4 продолжува во полуфиналето каде ќе се сретне со победникот од дуелот помеѓу Атлетико Мадрид и Манчестер Сити.

 „ Поради позитивниот резултат од првиот меч немавме итна потреба да постигнеме гол. После 0:3 немавме што да загубиме и магијата на овој стадион и овој клуб повторно беа одлучувачки. На крајот заслужено продолжуваме понатаму. Многумина тврдеа дека шпанските клубови се послаби од англиските. Но, два клуба од Ла Лига веќе се пласираа во полуфиналето“, изјави Анчелоти по возбудливиот дуел со Челзи.


Емери презадоволен од големиот успех: Очекуваме одлично полуфинале

Тренерот на Виљареал, Унаи Емери беше исклучително задоволен после пласманот во полуфиналето на Лигата на шампионите. 

Шпанскиот претставник го елиминираше тимот на Баерн Минхен, откако во реваншот одигра нерешено 1:1 , но победата со 1:0 на домашен терен се покажа како решавачка.

Натпреварот на „Алијанц Арена“ го одлучи израмнувачкиот гол на Виљареал преку Чуквуезе во 88. минута.

„За да постигнете нешто, треба да направите важни работи и да ги победите фаворитите. Натпреварот против Јувентус во осминафиналето ни даде голема самодоверба пред овој дуел со Баерн Минхен. Во полуфиналето ќе се обидеме да создадеме игра за да имаме свои шанси. Ливерпул е одличен тим, а исто така и Бенфика. Ќе биде одлично полуфинале“, изјави Емери.


Ранокија не добива нов договор, дефанзивецот летово го напушта Интер

Андреа Ранокија, кој настапува во одбраната на Интер бил информиран од директорите на клубот дека нема да добие продолжување на договорот за уште една сезонa.

Тоа значи дека ветеранот ќе мора да ги напушти „нероаѕурите“ во текот на летото како слободен играч и да си побара нов клуб.

34-годишниот Ранокија во дресот на италијанскиот тим има одиграно 225 натпревари и постигнато 14 голови.


Бешикташ се откажа од намерата да го откупи Пјаниќ

Турскиот гигант Бешикташ ја смени одлуката и повеќе нема намера трајно да го задржува играчот од средниот ред Миралем Пјаниќ.

Босанецот настапува за Бешикташ како позајмен играч од Барселона.

„Пјаниќ е на позајмица во нашиот тим од почетокот на сезоната. Тој нема да биде дел од Бешикташ следната сезона“, изјави спортскиот директор на клубот Џејхан Казанчи.

Пјаниќ неодамна се врати од двомесечна пауза поради повреда која очигледно била важна за одлуката на раководството на Бешикташ.


Ориги заминува во Милан како слободен играч

Италијанските медиуми јавуваат дека напаѓачот на Ливерпул Дивок Ориги, на крајот од сезоната ќе потпише договор со екипата на Милан.

Репрезентативецот на Белгија, последните осум години ги помина во славниот англиски клуб, но најчесто беше резерва во тимот.

Неговиот договор со Ливерпул истекува на крајот од сезонава, па така тој ќе потпише за Милан како слободен играч, без обештетување. Договорот ќе биде на три години, и ќе заработува 3,5 милиони евра годишно.


УЕФА затвора дел од стадионот на Атлетико Мадрид

Европската Фудбалска Асоцијација донесе одлука за делумно затворање на стадионот на Атлетико Мадрид за реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Манчестер Сити. Како причина за одлуката се наведува однесувањето на навивачите за време на гостувањето во Манчестер, кога повеќепати го нарушија редот на стадионот, фрлајќи предмети на теренот и упатувајќи дискриминаторски пораки.

Поради оваа казна, се очекува на стадионот „Ванда Метрополитано“ да останат слободни 5 илјади места. Притоа, Атлетико Мадрид ќе мора да истакне и знаме со логото на УЕФА на кое пишува „Не на расизмот“.


Реал Мадрид покажува интерес за Кевин Де Брујне

Некои од шпанските спортски портали пренесуваат дека Реал Мадрид е заинтересиран за играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Кевин Де Брујне.

Според пишувањата, шпанскиот гигант ќе се обиде да потпише договор со белгискиот репрезентативец доколку не успеат со планираните трансфери на Килијан Мбапе или Ерлинг Халанд.

30-годишниот Де Брујне не би имал ништо против кариерата да ја продолжи во Реал Мадрид, но се претпоставува дека неговиот сегашен клуб, Манчестер Сити не би го пуштил во друг клуб за помалку од 100 милиони евра.

Играчот од средниот ред има договор со популарните „граѓани“ до летото 2025 година. Оваа сезона Де Брујне на 36 натпревари за Сити, има постигнато 13 гола и 8 асистенции.