фудбал

Леонардо: Заминувам од ПСЖ, но Мбапе не е причината

Леонардо зборуваше за прв пат откако беше отпуштен од клубот. Според некои информации, Килијан Мбапе поставил услов Бразилецот да си замине за да потпише нов договор. Набргу по објавувањето на новиот договор на играчот, Леонардо бил информиран дека повеќе нема да биде дел од клубот.

Запрашан дали има врска меѓу договорот на Мбапе и отказот, тој одговори: „Не. Беше крај на сезоната и можеби беше време да се решат работите за иднината. Не ми е кажано дека моето заминување е услов Мбапе повторно да потпише, но не сакам да навлегувам во оваа тема. Фактот дека успеаја да го задржат овој фудбалер, кој е Французин, Парижанец, е важен за ПСЖ и Лига 1“.

Леонардо не откри какво објаснување му дале од ПСЖ: „Некои работи остануваат внатре во клубот. Кога клубот сака да се ослободи од вас, нема пријатен начин да ви каже. Сакав да останам, но разбирам дека овие работи се случуваат. Јас сум прагматичен. Три години во фудбалот се многу време. Заминувам без горчина. Искрено, без горчина. Имам мои ставови, но сега не е време да го отворам срцето. Време е да им се заблагодарам на Катар и Париз што ми ја дадоа оваа можност и не го правам тоа од популизам“.

Својот престој во клубот Бразилецот го оцени вака: „Можевме подобро, секогаш можеме подобро. Но, поминавме низ два различни периоди. Првиот во 2011 година беше во изградба, почнавме речиси од нула. Имавме можност да направиме нешто несекојдневно. Идејата беше да се изгради нешто. Вториот период ПСЖ веќе имаше добар тим. Тогаш дојде време за промена и стигнавме до финалето на Лигата на шампионите. Достоинствено загубивме од Баерн. Следната година отпаднавме од Манчестер Сити. Ако ги погледнете играчите што ги регрутиравме, кој го доживеал ова? Селекцијата беше неверојатна. Мислам дека тоа беше поврзано со коронавирусот. Обично такви играчи не се достапни. Да победевме против Реал…“


Базун од Манчестер Јунајтед се сели во Саутемптон

Саутемптон успеа во намерата да го купи голманот на Манчестер Сити, Гевин Базун, за 12 милиони фунти со тоа што сумата може да се искачи и до 15-ет доколку се остварат одредени бонуси.

20-годишниот чувар на мрежата во претходната сезона во Премиер-лигата одигра 46 мечеви како позајмен во Портсмут.

Базун откако ќе ги помине медицинските прегледи денеска треба да го потпише договорот со новиот тим.


Милан планира продажба на Анте Ребиќ

Фудбалскиот шампион на Италија, Милан, има намера да го продаде хрватскиот напаѓач Анте Ребиќ.

Продажната цена за Хрватот би се движела околу 20 милиони евра. Тој пристигна во екипата на Милан како позајмен играч од Ајнтрахт во 2019 година, но по одличните игри неговиот договор беше целосно откупен.

Како причина за неговата продажба се наведуваат неговите чести повреди во минатата сезона, падот во формата, како и доаѓањето на Дивок Ориги на Сан Сиро.


Мирослав Клосе стана тренер на Алтах

Некогашниот репрезентативец на Германија, Мирослав Клосе стана тренер на австрискиот прволигаш Алтах .

Легендарниот 44-годишен фудбалер, кој е рекордер по бројот на голови постигнати на Светските првенства, имаше одлична играчка кариера играјќи во Кајзерслаутерн, Вердер, Баерн и Лацио.

Клосе во дресот на германската репрезентација запиша 137 настапи и постигна 71 гол.

Како помошник тренер има работено во Баерн, каде ја водеше и екипата до 17 години. Заминувањето во Алтах ќе биде негова прва посериозна тренерска работа.


Челзи ја одби понудата од Интер за Лукаку

Раководството на Челзи ја одби првата понуда од Интер за напаѓачот Ромелу Лукаку.

Италијанскиот новинар Фабрицио Романо објави дека Интер испратил понуда од 7 милиони евра, 5 милиони фиксно и 2 милиони во бонуси, но клубот од Лондон без многу размислување ја одбил понижувачката понуда.

Како што е познато, Челзи за белгискиот напаѓач минатото лето на Интер му плати 97.5 милиони фунти. Се очекува дека претставниците на Интер во наредниве денови повторно ќе имаат разговор со англискиот клуб и ќе испратат нова повисока понуда.

Минатата сезона Лукаку во дресот на Челзи одигра 44 натпревари и постигна 15 гола и две асистенции.


Монако и Фабрегас се разделија по три сезони

Монако денеска објави дека се разделува со искусниот шпански фудбалер, Сеск Фабрегас. Договорот на 35-годишниот Шпанец истекува овој месец и нема да биде обновен.

Фабрегас одигра 68 натпревари за Монако откако пристигна од Челзи во 2019 година. Навивачите на тимот ќе го паметат со неговата брилијантна партија против Пари Сен Жермен во ноември 2020 година.

Минатата сезона, поранешниот играч од средниот ред на Арсенал и Барселона му помогна на тимот да заврши на третото место. Сепак, имаше сериозни проблеми со повредите, пропуштајќи ја првата полусезона.


Баерн – Ајнтрахт на стартот на новата сезона во Германија

Баерн Минхен ќе ја започне одбраната на титулата во Бундеслигата со гостувањето кај шампионот во Лига Европа, Ајнтрахт Франкфурт на 5 август.

Во Германија, шампионот го отвора првенството во првиот меч од новата сезона.

Вицешампионот Борусија Дортмунд ќе ја започне кампањата со Баер Леверкузен, кој минатата сезона заврши на третото место, на 6 или 7 август.

РБ Лајпциг ќе започне со гостување кај Штутгарт.

Првиот натпревар помеѓу Баерн (Минхен) и Борусија (Дортмунд) во текот на сезоната ќе се игра во Дортмунд на 7, 8 или 9 октомври, а вториот натпревар во Минхен ќе биде на 31 март 2023 година, 1 или 2 април.

Точните датуми ќе бидат објавени по преговорите со носителите на телевизиските права.


Постигнат договор, Мане се сели во Минхен

Ливерпул и Баерн се договорија за трансферната сума на напаѓачот Садио Мане.

Баварците за фудбалерот ќе платат 41 милион евра. 32 милиони се фиксна сума, 6 милиони ќе предвидени за бонуси за одиграни натпревари а 3 милиони за индивидуалните и тимските достигнувања.

Сенегалецот ги договор личните услови со германскиот тим и ќе потпише договор на три години.


Арсенал се засили со Виеира од Порто

Фабио Виеира е нов фудбалер на премиерлигашот Арсенал. Фудбалскиот клуб Порто објави дека изврши продажба на 22-годишниот фудбалер, и дека вкупната вредност на трансферот изнесува 34 милиони фунти. Договорот на Виеира со Арсенал е потпишан на пет години.

Виеира е играч која настапува во средината од теренот, и целата своја кариера досега ја помина во шампионот на Португалија, Порто.

Арсенал до крајот на преодниот рок, сака да го доведе бразилскиот напаѓач Габриел Жезус, како и фудбалерот на Лестер, Тилеманс.


Бисума е нов играч на Тотенхем

Тотенхем ја исполни желбата на тренерот Антонио Конте, и го реализира трансферот на фудбалерот Ив Бисума.

Бисума кој е играч од средината на теренот, во Тотенхем пристигна од екипата на Брајтон каде настапуваше од 2018 година.

 Тој со клубот од Лондон потпиша договор со важност до 2026 година кој е вреден 25 милиони фунти, плус 10 милиони во вид на бонуси.