фудбал

Синот на Жорж Веа ќе биде прво засилување на Гатузо во Валенсија

Новиот тренер на фудбалерите на Валенсија, Џенаро Гатузо, сака да го купи напаѓачот на Лил, Тимоти Веа.

„Лилјаците“ ги започнале воведните преговори со колегите од Франција бидејќи така наречениот пит-бул, проценува дека Веа ќе биде одлично засилување за неговиот состав.

22-годишниот играч е роден во Њујорк и има државјанство на САД. Тимоти е син на добитникот на Златната топка, Џорџ Веа, кој на времето беше страв и трепет за противничките голмани.


Луис Суарез ќе игра за Ривер Плата

Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез се враќа во Јужна Америка и ќе ги брани боите на аргентинскиот клуб Ривер Плата.

Договорот на 35-годишниот Суарез со Атлетико Мадрид истекува на крајот од јуни, и тој во Ривер Плата ќе пристигне како слободен играч.

Суарез во Ривер се очекува да биде замена за младиот Хулијан Алварез кој ја напушти екипата и потпиша за Манчестер Сити.

Искусниот Уругваец претходно настапуваше за Ајакс, Ливерпул, Барселона и Атлетико Мадрид.


Евертон добива нови сопственици

Американски конзорциум предводен од Питер Кенион, некогашен извршен директор на Манчестер Јунајтед и Челзи, се обидува да го купи Евертон.

Конзорциумот е финансиран од група околу полскиот тајкун Мациек Камински со седиште во Минеаполис и милијардерот, Џон Торнтон.

„Карамелите“ кои се спасија од испаѓање од Премиер-лигата се проценети на околу 550 милиони фунти.


Дарко Чурлинов се враќа во Штутгарт

Македонскиот фудбалски репрезентативец Дарко Чурлинов, нема да остане да настапува за Шалке бидејќи клубот не се договори со Штутгарт за откуп на неговиот договор.

Чурлинов минатата сезона во Шалке играше како позајмен играч од Штутгарт, и беше еден од подобрите поединци во тимот од Гелзеркирхен. 

Кај раководството на Шалке постоеше желба за задржување на Чурлинов, но високата сума од 3 милиони евра која ја побарува Штутгарт очигледно е превисока. Останува неизвесноста каде македонскиот фудбалер ќе ја продолжи својата кариера наредната сезона.


Дани Алвеш; Ќе ви недостасува моето лудило и постојана среќа

Дани Алвеш напиша емотивна порака на социјалните мрежи откако стана јасно дека неговиот договор со Барселона нема да биде продолжен. По 30 јуни, Алвеш ќе биде слободен агент. Неговата желба беше да остане во Барса, но клубот донесе поинаква одлука.

„Време е да се збогуваме. Му посветив осум години на овој клуб, но нашите патишта се разминуваат. Се обидоа да се ослободат од мене, но не можеа. Бев толку тврдоглав и силен. Не можам да заминам без да им се заблагодарам на сите што остануваат во сенка, но ги прават нашите животи совршени: Ви благодарам.

Голема благодарност до раководството на клубот за можноста да се вратам и повторно да го облечам дресот на овој голем тим. Не можете да замислите колку сум среќен. Се надевам дека нема да ви недостасува моето лудило и постојана среќа. 23 трофеи, 2 требли – ова е крај на една прекрасна приказна и почеток на друга. Да живее Барса“, напиша Алвеш на Инстаграм.


Ливерпул го договори третото летно засилување

Медиумите од Англија пренесуваат дека Ливерпул се согласи да ги плати бараните 4 милиони фунти на Абердин за десниот бек Калвин Ремзи.

Се очекува следниот викенд шкотскиот интернационалец да ги мине лекарските прегледи, по што ќе потпише петгодишен договор со тимот од Енфилд.

Ремзи ќе биде третото летно засилување на Јирген Клоп, откако клубот го купи Дарвин Нуњес од Бенфика, како и 19-годишниот играч од средниот ред на Фулам, Фабио Карваљо.


Вест Хем – Манчестер Сити уште во првото премиерлигашко коло

Денес се одржа ждрепката за новата сезона во Премиер лигата. Шампионот на Англија, Манчестер Сити ќе ја започне одбраната на титулата со гостување кај Вест Хем на 7 август.

Најголемиот конкурент на „граѓаните“, Ливерпул сезоната ќе ја започне против новиот Премиерлигаш, Фулам и тоа на „Кревин Котиџ“ на 6 август.

Челзи ерата со новиот сопственик ќе ја започне со гостување кај Евертон. Тотенхем го пречекува Саутемптон, додека Арсенал му гостува на Кристал Палад.

Ерик Тен Хаг ќе дебитира на клупата на Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ против Брајтон.

Новата сезона ќе започне порано поради Мундијалот во Катар, на 6-7 август и ќе биде прекината на 13 ноември откако ќе се одиграат 16 кола. Сезоната ќе продолжи на „Боксинг деј“, само осум дена по завршувањето на Мундијалот.


Тен Хаг ќе му даде уште една шанса на Антони Марсијал

Раководството на Манчестер Јунајтед ја разгледува можноста да му даде уште една шанса на Ентони Марсијал во следната кампања, пренесе „Атлетик“. Првично, „црвените ѓаволи“ планираа да се разделат со Французинот и да направат напор да го привлечат Дарвин Нуњез, но Уругваецот го одбри Ливерпул.

Недостигот на друга алтернатива со добар квалитет по прифатлива цена, како и недостатокот на сериозен интерес за Марсијал на крајот доведоа до оваа одлука. Новиот менаџер на тимот Ерик тен Хаг го гледа Марсијал како играч со добри квалитети, иако во последно време не покажува добро ниво и верува дека може добро да ја заврши работата како резерва на Кристијано Роналдо.

Парите за офанзивен играч ќе бидат пренасочени за привлекување на крилен напаѓач. Со денови се споменуваше на играчот на Ајакс, Бразилецот Ентони, кој до неодамна работеше со Тен Хаг и беше ѕвезда на холандскиот гигант во последната кампања.


Дин Хендерсон прва желба на Нотингем Форест

Двократниот освојувач на Лигата на шампионите и повратник во англиската Премиер лига, Нотингем Форест, почнал преговори со Манчестер Јунајтед за голманот Дин Хендерсон.

„Шумарите“ се надеваат дека ќе можат да го позајмат Хендерсон со опција за откуп за 20 милиони фунти (околу 23 милиони евра).

Англичанецот е дете на Манчестер. Во август 2015 година, Хендерсон го потпиша својот прв професионален договор, а по враќањето од позајмицата во Шефилд Ј., повторно не успеа да се наметне во првиот тим на „ѓаволите“.


Милан ги задржува Диаз и Месијас

Фудбалскиот гигант Милан после 11 години повторно стана шампион на Серија А, па сега желба на раководството е да обезбеди појачувања за наредната сезона. Планот е освен доведување на нови имиња, да се задржат играчите кои што имаа одлична шампионска сезона.

Милан веќе го обезбеди доаѓањето на Дивок Ориги, а пред трансфер е и Ренато Санчез. Имаше шпекулации дека фудбалерите Брахим Диаз и Жуниор Месијас кои настапуваат на Сан Сиро како позајмени играчи ќе бидат вратени во своите клубови, но спортскиот директор Малдини одлучи дека двајцата играчи ќе останат во тимот и наредната сезона.

Договорот на Месијас ќе биде откупен од Кротоне за сума од 5,4 милиони евра, додека Диаз ќе  одработи уште една година од позајмицата на Реал, а на крајот од сезоната ќе се одлучи дали Милан ќе го плати откупот од 22 милони евра на клубот од Мадрид.