фудбал

Одигра 17 минути, а има четири трофеи во ЛШ!

Матео Ковачиќ со последниот трофеј од Лигата на шампионите освоен со Челзи, стигна до бројката од четири вакви одличја, иако интересно е што во сите финалиња има поминато само 17 минути на теренот.

Тој беше дел од трите по ред титули на Реал Мадрид во Лигата на шампионите, но без ниту една минута на теренот во финалните натпревари. Во првата во 2016-та кога мадрискиот тим беше подобар од својот градски ривал Атлетико по пенали, Ковачиќ воопшто не беше во составот, но си доби медал и прва титула во Лигата на шампионите во кариерата.

Следната година, во 2017-та кога Реал Мадрид беше подобар од Јуветнус со 4:1 во финалето, Ковачиќ беше на клупата, не доби шанса, но пак си доби медал.

Во 2018-та, кога Реал го освои третиот по ред трофеј после победата од 3:1 над Ливерпул, Ковачиќ беше на клупата и не влезе во игра, но го доби третиот медал без минута во финалињата.

Во дресот на Челзи на натпреварот против Сити пак, влезе во игра во 80-тата минута и одигра 17 минути, со оглед на тоа што имаше седум минути продолжение на овој меч.



ЕУРО 2020 – 14. Чешка одблиску

Чесите се секогаш фаворит од сенка, и овојпат имаат респектабилен тим.
Фудбалската репрезентација на Чешка ја претставува Чешка на меѓународните фудбалски натпреварувања и е под контрола на Фудбалската Асоцијација на Чешка (FAČR). Историски гледано, репрезентацијата на Чешка учествувала во натпреварувања организирани од ФИФА и УЕФА под разни имиња како Бохемија, Австроунгарија и Чехословачка.

Репрезентацијата е основана во 1901 година и постоела под претходно споменатите имиња сè до распадот на Чехословачка во 1993 година. Денешната репрезентација на Чешка е основана во 1993 година, а својот прв официјален натпревар го одиграла на 23 февруари 1994, победувајќи ја Турција со 4-2 во Истанбул. Првото натпреварување на кое се пласирала Чешка било Европското првенство 1996, на кое стигнале до финалето во кое загубиле од Германија. Своето деби на Светските првенства го направиле во 2006 година, каде биле елиминирани уште по групната фаза со една победа и два порази.

Финалето на „Вембли“ најголем успех на чешкиот репрезентативен фудбал.
На Европското првенство во Англија, Чешка беше во група со Германија, Италија и Русија. Во првиот натпревар на турнирот тие беа поразени од Германија со 2-0. Во вториот натпревар Чешка ја победи Италија со 2-1, со головите на Павел Недвед и Радек Бејбл. Во последниот натпревар од групната фаза и одлучувачки за пласман во четвртфиналето, Чешка играше против Русија. На полувремето Чешка водела со 2-0 со головите на Јан Сухопарек и Павел Кука, но во второто полувреме Русија постигнала дури три гола и повела со 2-3, за сепак преку Владимир Шмицер, Чешка да стигне до реми кое се испостави доволно за пласман во четвртфиналето. Во четвртфиналето Чешка се сретна со Португалија и избори победа со 1-0 која ја одведе во полуфиналето. Стрелец на единствениот гол во натпреварот беше Карел Поборски на почетокот на второто полувреме. Противник на Чешка во полуфиналето одиграно во Манчестер беше Франција. Откако по регуларното време и продолженија немаше голови, натпреварот стигнал до изведување на пенали како би се одредил првиот патник во финалето. Откако првите 10 пенали биле прецизно изведени, во шестата серија Рејналд Педрос промаши за Франција, односно одбрани голманот на Чешка Петр Коуба. Подоцна Мирослав Кадлец беше прецизен и ја одведе Чешка во финалето. Во финалето против Германија, Чешка прва дојде во водство со голот на Патрик Бергер во 59. минута од пенал, меѓутоа Германија со двата гола на Оливер Бирхоф, прво во 73. минута а потоа и златниот гол во петтата минута од првото продолжение дојде до победа и го освои Европското првенство. Со настапот во финалето Чешка го оствари својот најголем успех до денес во историјата на Европските првенства.

Патрик Шик најголема денешна чешка ѕвездa

Својата кариера Шик ја започнал во Спарта Прага. Минувајќи низ младинските категории на клубот, тој го оствари своето деби за првиот тим на 16 април 2014 година во натпреварот против Јаблонец во Купот на Чешка во поразот на неговиот тим со 3-1. Неколку недели подоцна тој го направи своето деби во лигата, на 3 мај 2014 година, влегувајќи во игра од клупата за резерви на местото на Јосеф Хушбауер во 84. минута во поразот со 3-1 од Теплице. На 18 ноември истата година, Шик го постигна својот прв професионален гол во кариерата во ремито 1-1 против Прибрам во Купот на Чешка. На 11 декември 2014 година првпат настапи во Лига Европа во поразот со 2-0 од швајцарскиот Јанг Бојс.

Следеше развој на кариерата во Италија, каде настапубаше за Сампдорија и Рома, а блесна и во Бундеслигата за РБ Лајпциг и Баер Леверкузен. 

Шик играл за сите младински селекции на Чешка почнувајќи од онаа под 16 до под 21 година. Тој е најдобар стрелец во квалификациите за Европското првенство за играчи под 21 година 2017, постигнувајќи 10 гола во 9 натпревари помагајќи и на Чешка да се квалификува за завршниот турнир. Во јуни 2017 година, Шик бил повикан во чешката репрезентација под 21 година и за завршниот турнир во Полска.

На 27 мај 2016, го оствари своето деби за сениорската репрезентација на Чешка во пријателскиот натпревар против Малта, влегувајќи во игра во 66. минута на местото на капитенот Томаш Росицки и постигна гол во завршницата за да го постави конечниот резултат на натпреварот (6-0).



Анри се врати во репрезентацијата на Белгија

Славниот француски фудбалски репрезентативец Тиери Анри се враќа во стручниот штаб на белгиската репрезентација како еден од помошниците на селекторот Роберто Мартинез на Европското првенство, објави Белгискиот фудбалски сојуз.

Анри беше асистент на Мартинез на ЕП 2016 во Франција и на СП 2018 во Русија, на кое Белгија го освои третото емсто.

Потоа, започна со самостојна тренерска кариера, но следеа неуспешни епизоди во Монако и Монтреал и во последните неколку месеци беше без ангажман.

„Воодушевени сме што Тиери може да ни се приклучи за Европското. Неговото искуство со турнирските натпреварувања и знаењето поврзано со репрезентативниот фудбал е голема вредност за нашиот стручен штаб.“ – вели селекторот Мартинез.

Анри ќе биде на клупата на Белгија веќе наредната недела, кога репрезентацијата на Хрватска гостува во Брисел.

„Ова ќе биде продолжување на незавршената приказна и ќе направиме се таа да има успешен резултат.“ – изјави Анри.



Копа Америка остана без домаќин!

Јужноамериканската фудбалска федерација (КОНМЕБОЛ) го откажа домаќинството на Аргентина на само 13 дена пред почетокот на Копа Америка, натпреварувањето кое требаше да се одржи во таа земја.

Планот беше едно од најсилните првенства на светот да се игра во Колумбија и Аргентина од 13. јуни до 11. јули, но пред десетина дена домаќинството беше предадено само на Аргентина поради нередите во Колумбија со протестите против претседателот Иван Дуке.

Денеска пристигна информација дека ниту Аргентина, поради проблеми со коронавирусот, не може да биде домаќин, иако репрезентациите веќе наголемо се подготвуваат за натпреварувањето, како и за натпреварите од квалификациите за СП.

Копа Америка требаше да се одржи минатата година, но беше одложена поради коронавирусот. Сега, се уште не е познато што ќе се случи, со оглед на тоа дека КОНМЕБОЛ бара нов домаќин.



Балак во ноќен клуб игнорира танчарки за да го следи финалето во ЛШ! (видео)

44-годишниот Михаел Балакл во саботата со пријатели беше во ноќен клуб, каде настапуваа атрактивни танчарки.

Легендарниот фудбалер не им посвети премногу внимание, бидејќи преку мобилниот телефон го следеше преносот на финалето од Лигата на шампионите помеѓу Челзи и Манчестер Сити.

Балак играше за Челзи од 2006. до 2010. година и е нивни голем фина. Финалето не можеше да го пропушти, па го гледаше натпреварот на мобилен сместен на масата.

Додека сите останати се забавуваа гледајќи ги танчарките, легендарниот Германец не обрна многу внимание што се случува околу него, а снимката веднаш стана вирален хит на социјалните мрежи.



Продолжуваат подготовките за Европското првенство

Репрезентацијата на Македонија ги продолжи подготовките за претстојното Европско првенство. Атмосферата во тимот е одлична, а нашите фудбалери максимално се фокусирани на најголемиот настан ова лето.

Офанзивниот играч на Македонија, Даниел Аврамовски со нетрпение го очекуваа настапот на Европското првенство.

„Македонија постигна голем успех со пласманот на Европското првенство, но не планираме да застанеме тука. Веќе имам настап на едно вакво натпреварување со младата репрезентација на Македонија, но ова е нешто сосема различно, со оглед на тоа што играме против најдобрите репрезентации и најдобрите фудбалери. Нашите очекувања се зголемија, што е нормално, со оглед на победата против Германија. Тоа е нормално, тоа е фудбалот, секој може да победи секого. Се надевам дека ќе одиграме добри натпревари, ќе ги изненадиме репрезентациите кои ни се противници на ова првенсто и ќе ја израдуваме македонската јавност. Ќе го дадеме максимумот на секој натпревар, а останатото ќе дојде само по себе. Знаеме дека публиката секогаш е наш 12 играч и затоа се надеваме дека ќе бидат во колку е можно поголем број. Сигурно ќе дадеме максимум и ќе гинеме за светиот дрес и на крајот дека ќе ги израдуваме сите.“ – вели Аврамовски.

Стефан Спировски вели дека е голема чест што е дел од оваа репрезентација.

„Ми претставува огромоно задоволство што ќе ја претставувам Македонија на едно вакво натпреварување, се радувам на предизвикот наречен Европско првенство. Веруваме во себе и подготвени сме да ја израдуваме нацијата. Тренираме напорно и максимално сме фокусирани на првиот натпревар што го играме против селекцијата на Австрија. Ни значи поддршката од медиумите и од луѓето. Во мојот клуб АЕК среќни се што првпат ќе имаат  фудбалери во мене и Тричковски кои ќе ги претставуваат на големо натпреварување. Македонија ќе има многу навивачи во Кипар. Се надевам дека Македонија ќе ја претставиме во вистинско светло.“ – изјави битолчанецот.



Тухел го сака Дембеле во Челзи

Осман Дембеле е на радарот на неговиот поранешен тренер Томас Тухел. Во моментов иднината на Дембеле во Барселона е главна тема бидејќи се уште нема ставено потпис на нов договор.

Барселона му нуди договор до 2025 година, но Дембеле на лето влегува по последната година од договорот и може да биде продаден.

Таквата ситуација сака да ја искористи Челзи и да го донесе на „Стенфорд Бриџ“, па веќе стапил во контакт со неговиот менаџер.

Тухел го посочил Дембеле како примарна трансфер цел во летниот преоден рок, а Французинот токму под негово водство ја доживеа својата фудбалска афирмација во Борусија Дортмунд.


Челзи и Сити заработија вртоглави средства од сезоната во Лигата на шампионите

Финалето во Лигата на шампионите синоќа во Англија донесе заработка од скоро 200 милиони долари. Тоа е сума која ќе се слее во касите на Манчестер Сити и Челзи.

Новиот европски првак предводен од Томас Тухел ќе добие 5 милиони повеќе, според финансиските пресметки на распределбата на средствата од наградниот фонд на УЕФА. Новиот првак ќе заработи 23,2 милиони, додека „граѓаните “ ќе се задоволат со 18,3 милиони.

Досега оваа сезона, „граѓаните“ остварија приход од 75,2 милиони долари, додека лондончани собраа 73 милиони.


Де Брујне има акутна скршеница на носната и јагодичната коска

Фудбалерот на Манчестер Сити Кевин де Брујне кој  се повреди на вчерашниот дуел со Челзи во финалето на ЛШ и мораше да го напушти теренот за да биде пренесен во болница, утрината првпат се огласи на социјалните мрежи.

„Се вратив од болница. Мојата дијагноза е акутна скршеница на носната коска и на јагодичната коска. Засега се чувствувам добро. Уште сум разочаран поради вчерашниот натпревар, но, ние ќе се вратиме“, порача Белгиецот.

Медиумите во неговата татковина објавија дека Де Брујне ќе мора да паузира најмалку три недели и дека ќе пропушти дел од мечевите на ЕП.


Санчо желба на Солскјер, Кавани останува уште една сезона во Манчестер Јунајтед

Екипата на Манчестер Јунајтед одлучи кој играч ќе им биде приоритет за претстојниот преоден рок. „Дејли меил“ тврди дека „црвените ѓаволи“ ќе вложат се во обезбедување на потписот на напаѓачот на Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо.

Менаџерот Оле Гунар Солсаер е подготвен да остане само со Санчо како освежување на нападот, затоа што тимот следната сезона ќе го има и Единсон Кавани кој се согласи да остане уште една година.