фудбал

Брера триумфираше на гостувањето против Арсими

Екипата на Арсими претрпе пораз на домашен терен од Брера Струмица со резултат 0-2, во натпревар во кој домаќините имаа повеќе посед, но не успеаја да создадат вистински опасни шанси.

Првото полувреме помина во доминација на Арсими во играта, со контрола на топката, но без сериозни закани кон голот на гостите. Шикиру се обиде со удар, но без поголема опасност. Во 21. минута Башким Велија испрати топка во шеснаесетникот, каде Селмани шутираше, но гостинскиот голман интервенираше сигурно.

Само една минута подоцна следуваше казна, по брза контра, Петровиќ успеа да излезе пред Авдули и ја затресе мрежата на Ислами за водство од 0:1 за гостите.

До крајот на полувремето Арсими се обиде да одговори, но одбраната на Брера беше на висина на задачата.

Во вториот дел се забележа одредена конфузија во редовите на домаќините. Грешка меѓу Авдули и Џелили можеше да биде казнета, но Тодоров не успеа да реализира.

Продолжението донесе поактивна игра од двете страни, но без конкретни завршници. Во 79. минута Петровиќ повторно се најде во шанса да ја реши дилемата околу победникот, но неговиот удар беше непрецизен.

Арсими во 89. минута ја имаше најголемата можност , по нафрлување од левата страна, Селмани се најде сам пред голманот, но шутираше над пречката. Се обиде и Цучули, но без успех.

Во судиското продолжение, по уште една контра, Стојанов го постигна вториот гол и го запечати триумфот на Брера од 0-2.

Арсими ја продлабочува резултатската криза во вториот дел од сезоната, додека Брера се враќа од гостувањето во Гостивар со полн плен.

Во следното коло Арсими гостува кај Шкупи, додека АП Брера на домашен терен ќе го пречека Работнички.


Реал Мадрид се вклучи во трката по Сандро Тонали

Иднината на Сандро Тонали е главна тема во спортските медиуми бидејќи Италијанецот на лето најверојатно ќе го напушти Њукасл.

По појавата на гласина за трансфер на италијанскиот репрезентативец во Арсенал на последниот ден од зимскиот трансфер прозорец, „Газета дело спорт“ денес пишува дека токму поранешниот играч на Милан е главната цел на Реал Мадрид за ново засилување во летото.

„Кралевите“ бараат засилување за средниот ред и веруваат дека Тонали ќе биде идеален избор и се подготвени да понудат 75 милиони за неговиот потпис.

Ако Њукасл не успее да се квалификува за Лигата на шампионите во следната сезона тогаш нема да може да го задржи Тонали.

Реал Мадрид сака да ја победи конкуренцијата бидејќи за Тонали силен интерес покажуваат уште Јувентус, Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити.


Виктор Валдепењес го менува Реал со Милан

Челниците на Милан веќе се подготвуваат за наредната сезона.

Според италијанските медиуми, Алегри и Таре целат на ново засилување, и тоа ниту повеќе ниту помалку од Реал Мадрид.

Имено, во фокусот на клубот од Сан Сиро е дефанзивецот Виктор Валдепењес, кој има само 19 години.

Тој е дете на „кралскиот клуб“ и игра за Реал Мадрид Кастиља. Има одиграно 78 минути и во Ла Лига.

Велат дека е голем талент, а бидејќи е познато дека Милан и Реал Мадрид добро соработуваат, многу е веројатно дека трансферот ќе се оствари.


Мектоминеј добива нов договор со Наполи

Иако многумина беа скептични, Скот Мектоминеј и Наполи се вистински добитнички во фудбалска смисла. Италијанскиот шампион подготви нов, подобрен договор за најдобриот играч на Серија А во претходната сезона.

Шкотскиот репрезентативец се пресели во Наполи од Манчестер Јунајтед во лето 2024 година за 30,5 милиони евра, и брзо стана клучен играч на стадионот „Диего Армандо Марадона“. Веќе во неговата прва сезона придонесе за освојување на вториот Скудето за три години, прикажувајќи импресивни перформанси.

Мектоминеј потпиша четиригодишен договор, но, според италијанските медиуми, клубот сака да го продолжи договорот до 2030 година. Агентот на играчот веќе е во Напеи за разговори со спортскиот директор Џовани Ману околу условите на новиот договор.

Финансиските детали не се откриваат, но се очекува дека фудбалерот ќе добие значително зголемена плата по неговите извонредни настапи.

Во шампионската сезона, Мектоминеј запиша 12 голови и шест асистенции, додека во тековната сезона веќе постигнал 10 гола и четири асистенции во Серија А и Лигата на шампионите.


Елмас асистент, Наполи само ремизираше со Рома

Наполи одигра само 2-2 против Рома на „Диего Марадона“ и полека го губи чекорот со водечкиот Интер во битката за Скудетото.

Рома поведе со гол на Мален уште во седмата минута. Пред крајот на првиот дел Елмас му додаде на Спинацола кој постигна фантастичен погодок од далечина за 1-1.

Во 71. минута Мален од пенал го врати водството на Наполи, а десет минути подоцна новото засилување Алисон Сантос израмни на 2-2 што беше и конечен резултат.

Елмас на овој меч настапи до 79. минута. По 25 одиграни натпревари, Интер има дури 11 бодови повеќе од Наполи


Џордон Ајб уапсен поради физички настап

Поранешниот играч на Ливерпул и младинскиот репрезентативец на Англија Џордон Ајб беше уапсен минатиот месец по слетувањето на аеродромот Лутон. Ајб, кој денес игра во Бугарија за Локомотив Софија, беше испрашуван поради наводен напад што се случил средината на декември минатата година.

Триесетгодишниот фудбалер беше пуштен со кауција и пред прекршочниот суд во Кројдон треба да се појави на 6 март. Во Обединетото Кралство се вратил од Бугарија за да присуствува на рочиштето во друг, одвоен случај. Неговото апсење го потврди и полицијата.

„Џордон Ајб е обвинет за напад со нанесување телесни повреди. Обвинението се однесува на нападот кој наводно се случил во недела, на 14 декември 2025 година,” изјави портпаролот на полицијата. „Беше уапсен на аеродромот Лутон во петок, на 30 јануари, и приведен.” Дејли Мејл Спорт ги контактираше претставниците на Ајб за коментар.


Пелистер се засили со млад фудбалер на ОФК Београд

Пелистер се пофали со уште едно српско засилување за остатокот од сезоната во Првата македонска фудбалска лига.

Се работи за 20-годишниот фудбалер Михајло Петровиќ кој во Пелистер доаѓа на позајмица од ОФК Београд до крајот на сезоната.

Петровиќ е офанзивен фудбалер за врска кој потекнува од фудбалската школа на Партизан, а ги мина и сите младински категории на српската репрезентација.

Тој доаѓа на барање на тренерот Милан Стојановски кој го познава фудбалерот од периодот поминат во Телеоптик.

Петровиќ го гледа Пелистер како шанса да се стекне со поголемо искуство во сениорскиот фудбал.


Силекс со пресврт до победа на гостувањето во Струга

Силекс во одличен меч и со пресврт ја освои Струга и триумфираше со 2-3 против Струга ТЛ, која го забележа и вториот пораз по ред во пролетниот дел од сезоната, и ја губи битката за првото место на табелата. Кратовската екипа двапати губеше, но на крајот најде сила да дојде до големи три бода на овој натпревар.

Струга ТЛ првпат поведе во 22. минута. Радески со прекрасен удар од 22-23 метри ја упати топката прецизно во горниот десен агол, топката од стативата заврши зад гробот на Џеков.

Гостите од Кратово стигнаа до израмнување во 53. минута. Акцијата одеше по левата страна, од каде беше проигран Алиќ, кој од 6-7 метри го совлада Ангелети и го израмни резултатот.

Седум минути подоцна, нова предност за Струга ТЛ. Компаоре најдобро се снајде во мешаницата во петерецот на гостите, и успеа да го најде патот до мрежата.

Се играше 81. минута кога Силекс израмни. Акција од средината и топката стигна до Додев кој упати прецизен удар, Ангелети одбрани само до Алиќ, кој беше изблокиран од одбраната на Струга, но топката третпат стигна во нозете на играч на Силекс, поточно кај Николовски, кој успеа да израмни.

Само три минути подоцна прва предност за Силекс. Додев нафрли од корнер до Пиреш, а овој со глава упати прецизн удар во голот на Струга ТЛ, за пресврт и големи три бода.


Витор Переира нов менаџер на Нотингем Форест

Нотингем Форест попладнево го именуваше Витор Переира за за нов тренер, португалскиот стратег доби договор до јуни 2027 година, но прашање е колку долго ќе издржи.

Популарните „шумари“ сезоната ја започнаа со Нуно Еспирито Санто на кормилото, но тој издржа само три месеци, поради недоразбирања со сопственикот Евангелос Маринакис, го напушти клубот.

На негово место дојде Анге Постекоглу, но откако не успеа да победи на осум натпревари и тој доби отказ.

Потоа Шон Дајч беше именуван за нов тренер на Нотингем Форест и се чинеше дека Англичанецот ќе ја донесе потребната стабилност. Тој донесе 7 победи на првите 12 натпревари, но следуваше резултатска криза, само две победи на последните 10 натпревари, па и тој „доби клоца“.

Попладнево Нотингем Форест соопшти дека Витор Переира е поставен за нов тренер, португалскиот стратег доби договор до јуни 2027 година, но прашање е колку ќе издржи.


Вардар доминантен во скопското дерби со Работнички

Вардар оствари убедлива победа против Работнички (0-3) на натпреварот што се одигра на стадионот на ФФМ.

Веќе во првиот напад Вардар веднаш го погоди дирекот преку Цветковиќ, а во осмата минута дојде и до водство.

Омерагиќ продре по левата страна, уфрли во петерецот, а Закариќ погоди за 0-1.

Во 17 минута, Вардар ја удвои предноста. На нафрлувањето од десната страна слабо реагираше Ондоа, дуелот го доби Азер Омерагиќ и ја затресе мрежата на Работнички.

Талаков ја имаше првата шанса за Работнички во 37 минута. Од десната страна шутираше од 12 метри барајќи го спротивниот агол, но Давор Талески одлично интервенираше.

Во 48 минута, прекрасен гол на Стефан Цветковиќ, за 0-3. Се одлучи на удар од работ на шеснаесетникот од левата страна и погоди во спротивниот горен агол.

Во 70 минута, Дашмир Елези беше во шанса да постигне почесен гол за Работнички, но Давор Талески добро интервенираше.

Заслужен триумф на вардарци и нови три бода.