фудбал

Мектоминеј херој во Сардинија, Наполи го освои Каљари

Фудбалерите на Наполи славеа во Сардинија против Каљари (1:0), во првиот натпревар од 30-то коло на Серија А. По долго време, македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, не доби шанса од Антонио Конте. Дуелот го гледаше од клупата за резерви.

Победничкиот гол за шампионите на Италија го постигна Скот МекТомини во втората минута од натпреварот.

Скратен корнер од гостите, потоа гужва пред голот на Каљари, а Шкотланѓанецот беше најснаодлив во шеснаесетникот.

Немаше многу шанси на натпреварот, Каљари практично не создаде големи, додека тимот на Антонио Конте имаше уште неколку обиди.

Со четвртата последователна победа, Наполи се враќа во трката за Скудетото и е шест бода зад лидерот Интер, кој гостува кај Фиорентина во недела.

Каљари, кој е без победа седум натпревари, е на 15-то место со 30 бода.


Македонија во жолто и во модел на Адидас на мартовски бараж натпревари

Македонската фудбалска репрезентација двата претстојни плејоф натпревари за пласман на Светското првенство ќе игра во нови дресови дизајнирани од германскиот производител на спортска опрема Адидас.

Претставувајќи ги новите дресови на својот официјален сајт, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти дека „станува збор за опрема која е наменета исклучиво за користење на овие два натпревари, додека во мај официјално ќе биде промовирана комплет опремата на македонската репрезентација од КАС програмата“.

Македонските фудбалски репрезентации во иднина ќе настапуваат во опрема на Адидас, откако на крајот од 2025 година истече договорот со досегашниот снабдувач ЈАКО.

Македонските фудбалери на 26 март во Копенхаген ќе играат против Данска во полуфиналниот бараж за пласман на Мундијалот 2026.

Доколку избраниците на новиот селектор Гоце Седлоски триумфираат во Копенхаген, последен противник за историско мундијалко учество ќе биде победникот од дуелот меѓу Чешка и Република Ирска.


Милан и Модриќ преговараат за нов договор

И покрај годините, Лука Модриќ игра фантастично за Милан, но Хрватот има договор само до крајот на сезоната, па неизвесно е дали ќе продолжи.

Во Милан се презадоволни од изданијата на Лука Модриќ, па Алегри потврди дека одлуката за евентуално останување треба да ја донесе Хрватот, а не клубот.

„Уште не сме дискутирале за тоа. Тоа е одлука на Лука, ние чекаме на него“, рече Алегри.


Јуве го враќа Спинацола во Торино

Јувентус наводно планира да го врати Леонардо Спинацола во клубот откако ќе му истече договорот со Наполи.

Крилниот бек ја започна својата кариера во Сиена, но се приклучи на младинските редови на „бјанконерите“ во 2010 година. По неколку искуства во пониските лиги со екипи како Виченца и Перуџа, тој конечно го имаше својот голем пробив за време на двегодишната позајмица во Аталанта под водство на Џан Пјеро Гасперини.

Ова му обезбеди место во првиот тим на Јувентус за сезоната 2018/19, но клубот на крајот го продаде на Рома во летото 2019 година во контроверзна размена во која Лука Пелегрини се пресели во спротивна насока.

Според италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцио, Јувентус се обидува да ја искористи можноста да го обнови договорот со играч од својата академија.


Фиорентина го сонува Мареска на клупата

Фиорентина размислува за амбициозен трансфер на Енцо Мареска на клупата на „виолетовите“, откако клубот веќе воспостави првичен контакт со италијанскиот стратег.

Според блиски извори, спортскиот директор на „Ла Виола“, Фабио Паратичи, имал неформален разговор со Мареска за да го претстави долгорочниот проект на клубот. Му бил објаснет проектот на клубот, бидејќи тие во моментов се обидуваат да избегнат испаѓање од лигата.

Иако постои мислење дека доаѓањето на поранешниот менаџер на Челзи ќе биде речиси невозможно, тосканскиот клуб е решен да ги тестира своите можности без оглед на тоа.


Анри: Нема кој да ја сопре оваа Барса

Поранешниот француски репрезентативец Тиери Анри, кој ја освои Лигата на шампионите во 2009 година со Барселона, по големата победа на Каталонците над Њукасл во осминафиналето од ЛШ, изјави дека Барселона го покажа своето вистинско лице на реваншот.

„Честитки за Барселона, Европа почнува да ја чувствува опасноста. Кога еден тим е така возбуден, не остава ништо зад себе. Она што се случи не е триумф, туку светски земјотрес, во ноќ што ќе влезе во историјата. Какво второ полувреме беше ова? Се случи целосна трансформација. Барса играше со поинаков карактер. Ова е вистинската Барселона. Кога сакаат, прават сè. Тие се неверојатен тим. Како повторно да го имавме „Тимот од соништата“ на Јохан Кројф. Њукасл се распадна пред таков офанзивен тек. Да се ​​запре Барселона ако се вакви е речиси невозможно“, потенцирал Анри.


ФА поведе постапка против Игор Тудор

Менаџерот на Тотeнхем, Игор Тудор, е предмет на постапка од Англиската фудбалска асоцијација поради изјавите по поразот од Фулам од 2-1.

Хрватскиот стратег жестоко го критикуваше судијата Томас Брамал, обвинувајќи го дека го фаворизирал домашниот тим, особено при акцијата за првиот гол на Фулам.

„Не ми се допадна судијата денеска, премногу го протежираше домашниот тим. Не сум задоволен од неговото судење. Сите одлуки беа во нивна корист. Тој не го разбира фудбалот, нема чувство што е правилно, а што погрешно“.

Од ФА реагираа дека Тудор со ваквите коментари го довел во прашање интегритетот на судијата и дека неговото однесување било несоодветно. Тотнем и Тудор имаат рок до понеделник да одговорат на обвинението.


Форест на пенали го исфрли Мидтјиланд во Лига Европа

Англискиот претставник, Нотингем форест го надополни она што го изгуби на домашен терен, но дури по подобро изведување на пенали го мина Митјиланд и се пласираше меѓу осумте најдобри во Лига Европа.

Во првиот натпревар Нотингем форест со 0-1 беше поразен на домашен терен од Митјиланд, па денеска им требаше гостинска победа.

Со гол на Домингез во 40. минута Нотингем поведе со 1-0, а по седум минути игра во вториот дел Јатес зголеми на 2-0.

Сепак, Митјиланд не се предаде, во 69. минута погоди Ерлиќ за 1-2. Вкупниот резултат беше израмнет, мечот отиде во продолженија.

Немашe голови во дополнителните 30 минути, па пеналите го решаваа победникот.

Интересно, Митјиланд не реализираше ниту еден удар од белата точка, промаши трипати, а на спротивната страна Нотингем даде три од три, па пенал серијата заврши тука.


Џампаоло именуван за нов тренер на Кремонезе

Калчолигашот Кремонезе го назначи Марко Џампаоло за нов тренер, откако претходно денеска го разреши од должноста Давиде Никола по серијата од 15 натпревари без победа.

Џампаоло по повеќе од десет години се враќа на клупата на Кремонезе кој го предводеше во третолигашката конкуренција во 2015 година. Претходно, Џампаоло ги предводеше Милан, Торино и Сампдорија во Серија А, а минатата сезона беше на чело на Лече. Кремонезе ја почна сезоната со победа на гостински терен против Милан и загуби само еден од првите девет натпревари за да се искачи во горната половина од табелата.

Сепак, 11 порази на последните 15 натпревари без победа го втурнаа тимот во зоната на испаѓање со 24 бодови на 18 место, три помалку од Лече место погоре.


ФИФА ја објави првата официјална песна на Мундијалот

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) денес ја објави првата песна од официјалниот музички албум за Светското првенство кое oва лето ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

ФИФА на социјалните мрежи објави дел од песната, насловена, „Lighter“, во изведба од Карин Леон и Џели Рол.

Песната комбинира елементи на кантри, рок и хип-хоп, што предизвика изненадување во кај дел од публиката, но, воедно, предизвика љубопитност дали целиот албум ќе следи сличен музички концепт што комбинира различни жанрови и култури.

За разлика од претходните мундијалски турнири, ФИФА сè уште не ја објави официјалната химна, што отвора можност овој пат да се користат повеќе песни за различни натпревари и локации, во согласност со желбата да се прикаже културната разновидност на домаќините – САД, Канада и Мексико.

Светското првенство ќе почне на 11 јуни во Мексико Сити, додека финалето е закажано за 19 јули во Њу Џерси.