фудбал

Роналдо: Меси ги натера и Бразилците да навиваат за него

Бразилската фудбалска легенда, Роналдо имаше големи зборови за Меси по крајот на Светското првенство.

И покрај ривалството меѓу Бразил и Аргентина, Роналдо му симна капа на Меси.

„Меси ги остави сите ривалства во сенка. Можам да ви потврдам дека голем број Бразилци од целиот свет навиваа за Меси во финалето. Ова беше збогување со Мундијалите не само како ѕвезда во Катар, туку човек кој одбележа една ера во светскиот фудбал. Честитки, Меси“, вели Роналдо.


Самуел Илинг го продолжи договорот со Јувентус

Јувентус денес потврди дека младиот талент, Самуел Илинг ставил потпис на нов договор со 2025 година.

19-годишниот Англичанец игра за младинците, а Алегри се одличи да му даде шанса и за првиот тим оваа сезона, а дебитираше и во Лигата на шампиони. Игра на позиција лево крило, а на своето деби запиша две асистенции и веднаш покажа дека е голем потенцијал.

Тој е продукт на школата на Челзи и во Јувентус пристигна во 2020 година, а англиските клубови го следаа и сакаа да го донесат во своите редови.

Договорот на Илинг истекуваше на крајот на сезоната, па „бјанконерите“ брзаа да ја продолжат соработката.


Саутгејт останува селектор на Англија

Англиската фудбалска федерација соопштува дека Гарет Саутгејт останува селектор на англиската репрезентација.

„Со задоволство потврдуваме дека Гарет Саутгејт останува селектор на Англија, и дека тој ќе ја води нашата кампања на Европското првенство 2024 година. Саутгејт и неговиот помошник Стив Холанд ја имаат нашата целосна поддршка“, соопштуваат од ФА.

Саутгејт е селектор на Англија од 2016 година, и до сега со оваа селекција има пласман во полуфиналето на СП во 2018 година и финале на Еуро 2020 година.


Матеус: Роналдо е најголемо разочарување на Мундијалот

Се спушти и завесата на 22. фудбалски Мундијал и тоа со лудо финале во кое Аргентина ја доби Франција дури по пенал рулетот во Лусаил.

Со ова Лионел Меси дојде до трофејот кој му фалеше во неговата кариера, трофеј кој долго го бараше, посакуваше, мина тежок пат за да го грабне во своите раце и со тоа стана лидер на уште една победничка генерација на „гаучосите“ на светските првенства.

За разлика од него, поточно неговиот вечен ривал Кристијано Роналдо немаше првенсво за паметење, па според славниот Лотар Матеус португалскиот ас е најголемо разочарување во Катар.

„Роналдо беше целосна спротивност на Лео Меси. Тој направи сè погрешно. И за себе и за неговиот тим. Неверојатен фудбалер кој без потреба уништува се што создал низ годините. Жал ми е, бидејќи не мораше така да биде“, порача Матеус за играчот кој во моментов е и без клуб откако ја заврши приказната со Манчестер Јунајтед.


Бензема ја заврши репрезентативната кариера, нема повеќе да игра за Франција

Најдобриот фудбалер во светот за 2022 година Карим Бензема се прости од националниот тим на Франција.

Во јавноста се пишуваше дека не е само повреда во прашање и дека има некоја позадинска приказна. Бензема одби да биде дел од финалниот натпревар и ако беше повикан. Денес тој потврди дека повеќе нема да игра за Франција.

„Се потрудив да ги поправам грешките кои беше потребно да се поправат за да бидам тука каде што сум денес и горд сум на тоа. Испишав своја приказна, нашата тука завршува“, порача Бензема.


Франција го искористи максималното право на седум замени во финалето

Екипите на Аргентина и Франција одиграа финале кое ќе остане во историјата со уште еден факт откако една од двете екипи направи вкупно седум замени.

ФИФА дозволува пет замени на натпревар плус уште една доколку има продолженија. Сепак, фудбалската централа неодамна дозволи од медицински причини уште една кога фудбалер ќе добие удар во главата и постои ризик од потрес на мозокот.

Токму тоа се случи во 96. минута од првото продолжение кога слична повреда заработи Адриен Рабио а Дешамп ја направи и седмата замена.


Португалецот Санчез на пат кон Серија А

Ренато Санчез ова лето беше блиску до трансфер во Милан, но на крајот се одлучи за Пари Сент Жермен. Меѓутоа, Португалецот не добива голема минутажа во Париз и главно ја грее клупата за резерви, па не доби повик и за Мундијалот.

Бидејќи не може да се избори со големата конкуренција во ПСЖ, Санчез е спремен да ја промени средината уште во јануари. Најсилен интерес за него покажуваат Милан и Јувентус, кои веќе стапиле во контакт со неговиот агент и работат на трансферот.

Италијанските гиганти го сакаат Португалецот на позајмица со право на откуп следното лето.


Анчелоти го одби Бразил, среќен е во Реал Мадрид

Италијанското радио РАИ, пренесува дека тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, демантира дека е кандидат за нов селектор на Бразил.

Репрезентацијата на Бразил во моментот е без селектор откако Тите си поднесе оставка после елиминацијата од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.

„Не знам што ќе се случи во иднина, но сега сум среќен во Реал. Имам договор со клубот до јуни 2024 година. Ќе го испочитувам договорот под услов да не ме отпуштат претходно“, вели Анчелоти.


Бензема повеќе нема да настапува за Франција

Францускиот напаѓач, Карим Бензема, објави дека се повлекува од репрезентацијата. Својата одлука Бензема ја објави еден ден после поразот на Франција од Аргентина во финалето на Светското првенство во Катар. Тој го пропушти учеството на Мундијалот поради повреда.

„Вложив голем труд и грешки кои беа потребни за да бидам таму каде што сум денес. Јас ја напишав својата приказна, а нашата се завршува“, објави Бензема на Твитер.

Бензема го носеше францускиот национален дрес од 2007 година, и одигра 97 натпревари при што постигна 37 гола.


Повеќе од еден милион посетители го посетија Катар за време на Мундијалот

Меѓународната фудбалска федерација – ФИФА, соопшти дека повеќе од милион посетители пристигнале во Катар за време на Светското фудбалско првенство, а 3,4 милиони навивачи ги проследиле натпреварите на стадионите.

Според катарските извештаи, забележано е присуство на 3.404.252 гледачи, што е трета најголема посетеност на натпревари на светските првенства, после Мундијалот во САД во 1994 година, и Бразил во 2014 година.

Финалниот натпревар помеѓу Аргентина и Франција на стадионот Лусаил во Доха го гледале 88.966 навивачи, додека дуелот за трето место меѓу Хрватска и Мароко во живо го гледале 44.137 навивачи.

ФИФА наведува дека просечната исполнетост на стадионите била 96,3 %, и дека најголем број на навивачи пристигнале од Саудиска Арабија, САД, Велика Британија и Мексико.