фудбал

110 милиони евра е цената за Виктор Осимен која ја одреди Наполи

Наполи одреди конкретна цена од 110 милиони евра за својот напаѓач Виктор Осимен.

Раководството на клубот одлучило дека тоа е сума која ќе го задоволи клубот и доколку се најде кандидат подготвен да ја плати, нема да го попречат заминувањето на Нигериецот. Наполитанците не сакаат да се разделат со играчот, но не лесната финансиска ситуација околу клубот го оневозможува одбивањето на посолидни понуди за играчи, како што се случуваше во минатото.

Посебно се очекува заминувањето на уште еден многу важен играч за тимот во последните години – Калиду Кулибали. Њукасл е најмногу заинтересиран за Осимен.


Ареола потпиша договор со Вест Хем

Од премиерлигашот Вест Хем соопштуваат дека францускиот голман Алфонс Ареола потпиша долгорочен договор со клубот.

Ареола минатата сезона ја помина во Вест Хем како позајмен играч на Париз Сен Жермен, за сега да потпише петгодишен договор со екипата од Лондон.

Французинот не успеа да се избори за место во ПСЖ, и често беше испраќан на позајмици во други клубови. Тој го бранеше голот на Ленс, Бастија, Виљареал, Реал Мадрид, Фулам.


Галатасарај доставил понуда за ангажман на Видал

Артуро Видал сигурно нема да остане во Интер, а нема недостиг од луѓе кои сакаат да го привлечат. Меѓу нив е и турскиот гигант Галатасарај, кој е подготвен да му понуди речиси иста плата како што ја добива Чилеанецот од „нероазурите“.

Видал има понуди од неколку други клубови – Фламенго, Бока Јуниорс и Интер Мајами, но нивните понуди финансиски се инфериорни во однос на турската.

35-годишниот играч од средниот ред веќе изјави дека не му пречи да се врати во Јужна Америка, но во оваа фаза поверојатно е кариерата да ја продолжи во Галатасарај.

Минатата сезона Видал одигра вкупно 41 натпревар на кои постигна два гола и четири асистенции.


Лукаку одлета за Миланo да потпише за Интер

Интер треба да го комплетира трансферот на  Ромелу Лукаку следната недела. Напаѓачот на Челзи се враќа во италијанскиот клуб на позајмица.

Во среда тој ќе пристигне во Милано, ќе ги помине медицинските прегледи и ќе потпише договор со Интер. Ромелу Лукаку  наводно се согласил на 30% намалување на платата за да се врати во Интер, од 10 милиони фунти годишно на 7 милиони фунти годишно по оданочување.

Белгиецот играше за Интер од 2019 до 2021 година. Тој минатото лето беше продаден на Челзи за 115 милиони евра. 29-годишниот напаѓач минатата сезона постигна 15 гола на 44 настапи за Челзи  во сите натпреварувања.


Барселона со ултиматум до Дембеле

Фудбалерот на Барселона Усман Дембеле доби ултиматум до 30.јуни да одговори дали ќе ја прифати понудата за продолжување на договорот со каталонскиот клуб.

Францускиот фудбалер сеуште не дал мислење за новиот предлог договор со кој се предвидува пониска плата од досегашната. Тренерот на Барселона, Чави Ернандез изјави дека посакува Дембеле да остане во тимот, но прашање е дали фудбалерот ќе прифати намалување на платата.

Дембеле пристигна во Барселона во 2017 година од Борусија Дортмунд за сума од 140 милиони евра. Според шпанските медиуми тој има шанса да ја продолжи својата кариера во Барса, или да направи трансфер во Ливерпул, Челзи или ПСЖ.


Петар Чех го напушти Челзи

„Скај Спорт“ пренесува дека досегашниот технички советник во Челзи, Петар Чех, соопшти дека се повлекува од функцијата и го напушта клубот.

Медиумите во Англија пред неколку дена најавија дека иднината на Чех во Челзи е неизвесна откако клубот од Стенфорд Бриџ доби нови сопственици.

Челзи по завршувањето на преодниот рок ќе го напушти и директорката Марина Грановскаја, додека претседателот на клубот Брус Бак пред неколку денови си поднесе оставка.

Во наредниот период функцијата претседател и спортски директор на Челзи ќе ја извршува еден од новите сопственици, Тод Боели.


Мурињо и Рома внимателно го следат процесот на Роналдо, Португалецот не е невозможна мисија

Рома има амбициозен план да го доведе напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, откри поранешниот дефанзивец на „волчицата“ Фабио Петруци. Тој за Retesport изјави дека има информации од внатре дека газдите на клубот во моментов прават се што е во нивна моќ за да го доведат 38-годишниот играч на Олимпико.

До пред една година Роналдо го носеше тимот на Јувентус, но летото реши да си замине за да се врати во Манчестер Јунајтед. Иако постигна 24 гола оваа сезона, не успеа да им помогне на „црвените ѓаволи“ да завршат во топ 4 и не е особено задоволен од она што се случува на „Олд Трафорд“.

Се чини дека Рома сака да ја искористи оваа ситуација и да се обиде да го привлече Роналдо во својот тим.


Белоти ја напушта Серија А, напаѓачот се сели во Лига 1

Андреа Белоти наскоро би можел да стане играч на Монако,. Белоти следната недела ќе го напушти Торино со слободен трансфер по седум години минати во италијанскиот клуб. Претходно имаше информации дека Андреа Белоти би можел да премине во Милан, но преговорите не доведоа до ништо и сега постои голема веројатност напаѓачот да го напушти италијанското првенство. Според изворот, Монако е најреалната опција за Андреа Белоти и клубот очекува да склучи тригодишен договор со италијанскиот напаѓач.

Се најавува дека италијанскиот напаѓач ќе има водечка улога во Монако. Покрај се, токму во клубот од Кнежеството Монако фудбалерот има шанса да игра во Лигата на шампионите. Се истакнува и дека Фиорентина учествува во трката за потпис на напаѓачот.



Јуве преговара со Нејмар, трансферот не е невозможен

Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар, може да ја продолжи кариерата во италијанската Серија А. Јувентус од Торино веќе влезе во преговори со претставници на 30-годишниот Бразилец.

Според изворот, иднината на Нејмар во Париз сега е голем знак прашалник. Јувентус би сакал да го ангажира Бразилецот, но раководството на екипата е незадоволно од високите барања за плата на фудбалерот.

Претходно беше објавено дека ПСЖ во летниот преоден рок планира да го растовари платниот список и е подготвен да се ослободи од неколку играчи. Нејмар со плата од околу 50 милиони евра за една сезона е еден од кандидатите за заминување. Да потсетиме дека 30-годишниот Нејмар игра за ПСЖ од 2017 година, каде дојде од Барселона за 222 милиони евра.


Конте го сака Јошко Гвардиол од РБ Лајпциг

Хрватскиот дефанзивец Јошко Гвардиол кој е член на РБ Лајпциг се
најде на мета на Тотенхем, објавија медиумите на Островот.
Според нив, лондонскиот клуб бил импресиониран од настапот на 20-
годишниот Хрват во неговата прва сезона во Бундеслигата по
трансферот од Динамо Загреб за 19 милиони евра.
Централниот дефанзивец, кој може да игра и како лев бек, одигра
десет натпревари за Хрватска во кариерата постигнувајќи еден гол ,
додека на 46 настапи во сите натпреварувања минатата сезона за РБ
Лајпциг, постигна два гола и две асистенции. Гвардиол може да се
пофали со солидно европско искуство за толку млад играч, играјќи во
сите шест натпревари од групната фаза во Лигата на шампионите
минатата сезона, како и во Лигата на Европа и за германскиот тим и
за Динамо Загреб.