фудбал

Бојан Миовски е нов член на шкотски Абердин

Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски е нов член на славниот шкотски клуб Абердин.

Според информациите кои ги пласираа од Абердин, 22-годишниот напаѓач потпиша четиригодишен договор со клубот.

Миовски во Шкотска пристигнува од унгарски МТК, а претходно има настапувано за екипата на Карабах, како и за македонските клубови Работнички, Македонија ЃП и Ренова.


Македонија со пад од две позиции во рангирањето на ФИФА

Според најновото рангирање на ФИФА, македонската фудбалска репрезентација има пад од две места на листата, и сега се наоѓа на 64.место.

Македонија периодов во Лигата на нации забележа две победи, но тие беа остварени над аутсајдерот Гибралтар, додека против Бугарија одигра реми на гостински терен, а доживеа пораз од Грузија во Скопје.

На врвот од ФИФА ранг листата се наоѓа репрезентацијата на Бразил, втора е Белгија а трета Аргентина.


Ерменецот Мхитарјан пристигна на потпис во Интер

Хенрих Мхитарјан ги помина лекарските прегледи пред да се пресели во Интер. Зделката треба официјално да биде објавена во блиска иднина. Претходно беше објавено дека играчот, кој е слободен, ќе потпише договор со Интер на две години, според кој ќе заработува 4,5 милиони евра по сезона. Мхитарјан, кој играше за Рома од 2019 година, ја одби понудата на Римјаните за нов договор поради неучеството на тимот во Лигата на шампионите следната сезона.

Рома му понуди договор 1+1 со плата од 3 милиони евра годишно. На 44 натпревари во сите натпреварувања минатата сезона, Мхитарјан постигна пет гола и девет асистенции. На 25 мај, играчот од средниот ред ја освои Конференциската лига на УЕФА со Рома.


Зидан ги одбива сите понуди и ја чека француската клупа

Фудбалскиот стратег, Зинедин Зидан, ја одбил понудата на ПСЖ бидејќи сака да ја има улогата на селектор на Франција, објавија повеќето медиуми во Европа.

Ќе потсетиме дека  сегашниот предводник на „галските петли“, Дидие Дешамп, ќе си замине кон крајот на годинава веднаш по Светското првенство во Катар.

Се претпоставува дека Зидан има усмен договор со луѓето од Француската фудбалска федерација и затоа не сака да преземе ниту еден клуб.


Ленгле би заминал од Барса само ако некој му понуди идентична плата

Дефанзивецот Клемент Ленгле е подготвен да ја напушти Барселона, но само доколку се најде клуб кој е подготвен да му ја даде истата плата, открива „Спорт“.

Сепак, ова изгледа неостварлив услов, бидејќи Французинот добива 10 милиони евра.

Ленгле е на „Камп Ноу“ четири години, но одамна го изгуби стартното место и навивачите не го сакаат. Каталонците треба итно да се разделат со барем неколку играчи за да привлечат нови.

Барса за Ленгле плати речиси 36 милиони евра, но тој никогаш не успеа да убеди дека трансферот вреди. Договорот со клубот му истекува во 2026 година.


Трансферот на Погба во Јувентус наскоро финишира

Францускиот репрезентативец Пол Погба на крајот од месецот станува слободен агент и како што стојат работите се е подготвено за неговото враќање во Јувентус.

Познатиот инсајдер за трансфери Џанлука Ди Марцио, најавува дека менаџментот на Погба ги договара последните детали со челниците на Јувентус пред склучувањето на финалниот договор со Бјанконерите. Според информациите, францускиот фудбалер на 1.јули ќе пристигне во Торино на медицински прегледи. 

Пол Погба повторно доаѓа во Јувентус од Манчестер Јунајтед како и пред 10 години кога пристигна како слободен играч. После тоа во 2016 година, тој за 105 милиони евра замина од Торино и заигра на Олд Трафорд.


Караорман и Арсими се новите екипи во Втората македонска фудбалска лига

Екипите на Караорман и Арсими се најновите тимови кои ќе настапуваат во единствената Втора македонска фудбалска лига во сезоната 2022/2023 година.

Караорман својот пласман го обезбеди после победата на пенали во баражот со Вардар Неготино. Регуларниот дел од дуелот заврши 0:0. Ова ќе биде повторно враќање на Караорман во втората лига после пауза од 20 години.

Својот историски успех и пласман во Втората лига, екипата на Арсими го обезбеди после баражот и победата од 4:1 над тимот на Овче Поле.


Клоп: Му посакуваме голем успех на Мане

Тренерот на Ливерпул Јирген Клоп му се заблагодари на Садио Мане за соработката и му посака среќа во новиот клуб.

Мане после шест години поминати на Енфилд, го напушти Ливерпул и потпиша договор со Баерн Минхен.

Репрезентативецот на Сенегал пристигна во редовите на Ливерпул во 2016 година,а беше доведен токму од Јирген Клоп. Мане за „црвените“ на 269 натпревари постигна 120 гола.

„Го почитувам Мане и неговата одлука, а сигурен сум дека и нашите навивачи го мислат истото. Ако го сакаш Ливерпул, тогаш мора да го сакаш и Садио, и околу тоа нема расправа. Му посакуваме успех на секој нареден натпревар, освен кога ќе игра против нас. Не се сомневам дека ќе продолжи да прикажува одлични игри“, изјави Клоп.


Aлер од Ајакс е замената за Халанд во Борусија Дортмунд

Фудбалерот, Себастијан Алер, е новото име во редовите на Борусија Дортмунд. Тој доаѓа од холандскиот Ајакс за 35 милиони евра.

„Милионерите“ од претходно ги договорија личните услови со одличниот напаѓач кој деновиве треба да ги помине задолжителните лекарски прегледи.

Алер во претходната сезона за „копјаниците“ одигра 42 меча на кои реализираше 34 голови.


Сити бара 75 милиони евра за Бернардо Силва

Барселона веќе подолго време е заинтересирана да го доведе Бернард Силва од Манчестер Сити, кој е најголема желба на Чави.

Португалецот има договор со Сити до 2025 година, а „граѓаните“ сигурно нема лесно да се откажат од него и ќе направат се за да го задржат. Португалецот минатото лето се наоѓаше на излезни врати од „Етихад“, но Гвардиола го убеди да остане и Силва одигра одлична сезона

Гвардиола неколку пати порача дека доколку некој не е среќен во тимот, нема потреба да го држи тука со сила. Поради тоа доколку Португалецот побара трансфер ќе му биде дозволено да замине за 75 милиони евра.