фудбал

Гинисов рекорд за голман на иранската репрезентација

Со фрлена топка во должина од 61.26 метри голманот на иранската репрезентација Алиреза Беиранванд од оваа недела и официјално е сопственик на Гинисовиот рекорд за најдалечно исфрлена фудбалска топка со рака.

Гинисовиот рекорд на иранскиот голман официјално е признаен откако Беиранванд го оствари подвигот на натпреварот против Јужна Кореја во рамки на квалификациите за Мундијалот 2018, исфрлувајќи ја топката со рака од голманскиот простор на далечина од над 61 метри. Иран се квалификуваше на тоа Светско првенство одржано во Русија, а на завршниот турнир се истакна кога му одбрани пенал на португалскиот капитен Кристијано Роналдо.

Актуелниот чувар на мрежата на португалскиот прволигаш Боависта, кариерата ја почна во ирански Персополис, а во националниот дрес досега одигра 49 натпревари.


Куман и Барса постигнаа договор за спогодбена исплата

Барселона и Роналд Куман постигнаа договор за спогодбено предвремено раскинување на договорот, пренесуваат каталонските медиуми.

Клубот ќе му плати отштета од десет милиони евра на холандскиот тренер откако му беше врачен отказ.

До крајот на договорот Куман требаше да заработи 12 милиони евра, но двете страни постигнаа спогодба за раскин и Холанѓанецот се согласил да добие 2 милиони евра помалку.


Германецот Ралф Рангник е нов привремен тренер на Манчестер Јунајтед

Според информациите од Англија, екипата на Манчестер Јунајтед постигна договор со Германецот Ралф Рагник за местото тренер на „црвените ѓаволи“.

Според договорот 63-годишниот Рангник ќе го води тимот од Манчестер во наредните 6 месеци со можност за неговото останување во клубот како советник за фудбалски прашања.

Сега се чека само на одобрение од неговиот сегашен клуб Локомотив Москва, каде ја има улогата на шеф за спорт и развој во клубот.


Резервист на Реал Мадрид ќе ја спасува сезоната на Јуве

Масимилиано Алегри сака во јануари да го засили тимот со играч на Реал Мадрид, пренесуваат италијанските медиуми.

Алегри не е задоволен од настапите на Адриен Рабио и сака да го донесе шпанскиот плејмејкер Дани Себаљос.

„Старата дама“ сака да го засили средниот ред, а Алегри смета дека Себаљос ќе биде идеален партнер за Локатели. Себаљос ова лето се врати во Реал од позајмицата во Арсенал, но се уште нема одиграно ниту една минута, бидејќи се опоравува од повреда со која се здоби за време на Олимписките игри.


Во Неапол откриен споменик на легендарниот Диего Марадона

Во италијанскиот град Неапол беше откриен споменик на легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона.  

Настанот се случи по повод првата годишнина од смртта на поранешниот играч на Наполи кој почина на 25 ноември 2020 година. 

Марадона стана легенда на клубот со освојувањето на шампионските титули во Серија А во 1984 и 1991 година.

 Статуата на Диего Марадона ја изработи скулпторот Доменико Сепе и истата беше поставена пред стадионот во Неапол кој сега го носи името на аргентинската легенда. 



Ривер Плата е нов шампион на Аргентина

Тимот на Ривер Плата е нов шампион на Аргентина. Ривер титулата ја освои на домашен терен со победата над Расинг со 4:0.

Ова е прва титула на легендарниот аргентински клуб после пауза од 7 години и истата во живо ја прославија 70 илјади гледачи присутни на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес.

Ривер Плата шампионската титула ја освои на 4 кола пред крајот на сезоната во аргентинското првенство.

https://twitter.com/RiverPlate/status/1464073885234737154?s=20



Педри ќе се врати дури во јануари по незгодната повреда

Барселона се соочи со нов кадровски проблем. Играчот од средниот ред Педри, кој претходно ја освои наградата „Златно момче“ за најдобар млад играч во Европа, нема да биде во можност за настап пред крајот на 2021 година.

Според изворот, проблемите со повредата ќе го спречат Педри да игра до крајот на 2021 година. Сезонава учествуваше само на два натпревари на тимот во Примера. Барселона во текот на тековната сезона веќе се соочи со сериозни кадровски проблеми поради повреди.

Чави, кој го замени тренерот на Каталонците Роналд Куман, по неговото назначување го разреши шефот на медицинскиот тим на Барселона. Беше објавено дека играчите го обвинуваат медицинскиот персонал за чести повреди и предолго време за опоравување.


Тиаго Силва добива нов договор во Челзи

Бразилецот Тиаго Силва игра во одлична форма и тоа го покажа и во натпреварот против Јувентус во Лигата на шампионите кога во една ситуација спаси и чист гол.

Силва се покажа како вистински лидер во одбраната и затоа „сините“ сакаат да го задржат во своите редови. Италијанскиот новинар Фабрицио Романо тврди дека наскоро двете страни ќе започнат преговори за нов договор со јавност до јуни 2023 година.

37-годишниот дефанзивец го сака клубот, фановите, атмосферата и има одличен однос со Тухел со кого и соработуваше во ПСЖ.


Челзи подготвува огромна понуда за Федерико Киеза

Од екипата на Челзи подготвуваат понуда од 84 милиони фунти за напаѓачот на Јувентус, Федерико Киеза. 

Репрезентативецот на Италија настапува за Јувентус како позајмен играч од Фиорентина, но „црно-белите“ од Торино имаат право на негов откуп на крајот од сезоната.

По трансферот во Јувентус, Киеза многу брзо успеа да се наметне како главен напаѓач во тимот, а прикажа и одлични партии на Европското првенство изминатото лето.

За 24-годишниот Италијанец, голем интерес покажуваат и од таборот на Минхенски Баерн, кој исто така се очекува да излезе со своја понуда за негово купување.


Манчестер Јунајтед се вклучува во трката за Душан Влаховиќ

Според англискиот „Дејли Мејл“, Манчестер Јунајтед е заинтересиран за напаѓачот на Фиорентина, Душан Влаховиќ.

Иако тимот од Олд Трафорд се наоѓа во турбулентен период по поставувањето на привремен тренер во името на Мајкл Карик, сепак клубот од поодамна ја прати играта на Србинот и неговиот прогрес во Серија А.

Договорот на 21-годишниот центарфор со„виолетовите“ истекува на крајот од сезоната и како што е познато тој изрази желба да го напушти клубот и да заигра во посилна екипа.

За потписот на Влаховиќ се заинтересирани неколку европски фудбалски гиганти, меѓу кои предничат Јувентус, Милан, Тотетенхем, Арсенал и Њукасл.

Српскиот репрезентативец минатата сезона постигна вкупно 21 гол во сите натпреварувања за Фиорентина, а оваа сезона продолжи во ист ритам постигнувајќи 12 гола на 14 натпревари.