фудбал

Алкалоид поднесе жалба за судењето на дербито со Охрид

Ракометниот клуб Алкалоид ја информира јавноста дека до надлежните органи на Ракометната федерација на Македонија е поднесена официјална жалба поради сериозните судиски пропусти и крајно неконзистентното судење на натпреварот меѓу ГРК Охрид и РК Алкалоид.

Средба се одигра вечерва во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, во рамки на второто коло од плејофот во македонската Суперлига и заврши со нерешен резултат 27:27.

РК Алкалоид смета дека на овој натпревар беше драстично оштетен од одлуките на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски, чие судење, според клубот, беше лошо во текот на целиот натпревар, со невоедначен критериум, различен пристап во идентични ситуации и со повеќе спорни одлуки што директно влијаеја врз ритамот на играта, психолошката стабилност на тимот и конечниот резултат.

  • Дерби натпреварот во Охрид беше со сите карактеристики на дерби меч, во кој движењето на резултатот во текот на сите 60 минути беше во рамки на еден до два гола разлика. Натпреварот можеше да биде резултатски прекршен во кој било период од играта, а тоа особено се однесува на финишот. Сметаме дека РК Алкалоид е драстично оштетен со катастрофалното судење на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Судењето беше лошо во текот на целиот меч, критериумите не беа изедначени, а во неколку наврати беа донесени одлуки на штета на РК Алкалоид за кои сметаме дека директно влијаеја на конечниот исход на дербито, изјави претседателот на клубот, Горан Минов.

РК Алкалоид очекува Ракометната федерација на Македонија без одлагање, детално, стручно и одговорно да ја разгледа поднесената жалба и да утврди дали на овој натпревар биле исполнети основните критериуми за фер, објективно и непристрасно судење. Апелираме до надлежните да постапат професионално, одговорно и без калкулации.

РК Алкалоид и во иднина ќе продолжи да ги користи сите дозволени и легитимни механизми за заштита на своите права, интереси и спортскиот интегритет на клубот.


Тиквеш до врв ја наполни мрежата на Шкупи

Натпреварот во Кавадарци започна одлично за домашната екипа, која уште во првата посериозна акција стигна до водство. По брзиот продор по десната страна, Лавал со прецизен удар со глава ја смести топката во мрежата на гостите од Скопје.

Веднаш потоа, Лусиано успеа да продре во шеснаесетникот на Шкупи, но неговиот обид беше запрен од гостинскиот голман. Набрзо потоа, голманот Муслиу повторно беше на висина на задачата, спасувајќи го ударот на Гуели.

Во 25-тата минута, Лавал се покажа како помоќен од противничката одбрана и упати удар кон далечниот агол, каде Лусиано само ја потврди акцијата и зголеми на 2-0.

Следен кој ја тестираше одбраната на гостите беше Стојковски, но благодарение на одличната интервенција на Муслиу, резултатот остана непроменет. Истиот епилог го видовме и во следниот дуел меѓу Муслиу и Лавал, каде младиот скопски голман повторно излезе како победник.

Сепак, во 37-мата минута, по една брза контра, Лусиано мајсторски го лобуваше противничкиот голман, постигнувајќи го својот втор гол на натпреварот за високи 3-0 во корист на домашните.

Второто полувреме започна со првиот сериозен обид на Шкупи, но ударот на Ферати заврши само покрај голот на Тиквеш. На спротивната страна, Тиквеш веднаш одговори преку Сула, чиј обид беше запрен со нозе од страна на голманот Муслиу.

Сепак, веќе во следната акција, Лусиано повторно стапи на сцена. Со неверојатна ефикасност, тој го постигна својот трет, а набрзо и четврти гол на натпреварот, носејќи му на Тиквеш убедливо водство од 4-0.

Кристијан Ѓорѓиевски беше стрелец на петтиот гол на овој натпревар додека серијата погодоци ја затвори Мартин Стојанов.


Официјално одложена „Финалисима“ меѓу Шпанија и Аргентина

Натпреварот кој меѓу Аргентина и Шпанија кој беше наречен Финалисима, е откажан затоа што не беше најдено соодветно место за одржување.

Оригиналниот план беше мечот да се одигра на 27 март во Катар, но поради ситуацијата на Блискиот Исток таквата идеја пропадна.

Втор предлог беше мечот меѓу победникот на Копа Америка и Европското првенство да се игра на Бернабеу во Мадрид, но Аргентина го одби овој предлог.

Мечот официјално е откажан, а дали понатаму ќе се одржи, останува да се види.

Досега беше одиграна само една Финалисима, во 2022 година. Тогаш Аргентина со 2-0 ја победи Италија.


Арсенал ќе тргне по Хулијан Алварез

Откако последната рекордна аквизација во нападот на Арсенал, Ѓокереш не успеа да се наметне и да ги исполни очекувањата на навивачите и на тренерот Микел Артета на „Емирати“, ова лето пристигнува нова ѕвезда.

Според шпанска „Марка“, а по најавата на „Ас“ управата на Топџиите е во завршни преговори со челниците од Атлетико Мадрид околу трансфер оштетета за купопродажба на Хулијан Алварез.

Последните најави од Пиринеите велат дека лондонскиот премиерлигаш ќе им плати на Јорганџиите 130 милиони веднаш и уште 50 милиони во рок од три години, а репрезентативецот на Аргентина ќе потпише шест годишен договор со неделна плата од околу 400.000 фунти.

Ако ова се реализира, Артета е подготвен во летниот преоден рок да ги продаде Габриел Жезус и Каи Хаверц.

Воедно Ѓокереш постигна важен гол во победата на Арсенал над Евертон од 2:0 и со ова го намали притисокот врз себе поврзан со очекувањата на навивачите од Лондон.


Макс Даумен нов најмлад стрелец во Премиер лигата

Младиот фудбалер на Арсенал, Макс Даумен, испиша историја во Премиер лигата и стана најмладиот стрелец во историјата на ова натпреварување.

Даумен постигна гол на само 16 години и 73 дена во победата на Арсенал од 2-0 против Евертон. Младиот талент влезе од клупата и во самиот финиш го запечати триумфот на лондонскиот тим со погодок во судиското продолжение.

Претходниот рекорд за најмлад стрелец во историјата на Премиер лига го држеше Џејмс Вон. Тој го постави рекордот во 2005 година кога постигна гол за Евертон на натпревар против Кристал Палас, a во тој момент Вон имаше 16 години и 270 дена.

Рекордот на Вон стоеше повеќе од две децении, а сега Даумен го надмина и стана рекордер.


Реми со деветмина на Баерн во Леверкузен

Фудбалерите на Баер Леверкузен и Баерн Минхен ремизираа 1-1 во дербито на 26. коло од Бундеслигата.

Актуелниот шампион го заврши натпреварот со девет играчи на теренот, со два гола поништени по проверка на ВАР поради игра со рака.

„Фармацевтите“ не можеа подобро да го започнат натпреварот, со голот на Алеиш Гарсија веќе во шестата минута. Луис Дијас направи грешка, а подоцна топката на патот кон голот на Свен Улрајх го закачи Дајо Упамекано.

Првиот гол на Баерн беше поништен од судијата Кристијан Дингерт по интервенцијата на ВАР. Стрелецот беше Џонатан Та, но залудно.

Важен детаљ се случи на крајот од полувремето, кога Николас Џексон доби директен црвен картон за остар старт врз зглобот на противникот.

Баерн, иако бројчено послаб, ја имаше првата шанса во продолжението, но Дијас не успеа да погоди.

Левер одговори преку Малик Тилман и Патрик Шик, а потоа на Баерн му беше поништен уште еден гол во 61-та минута, поради играње со рака на Хари Кејн, кој влезе на теренот неколку десетици секунди претходно.

Лошата реакција на одбраната на домашните беше казнета во 69-та минута, кога Луис Диас рутински го совлада Јанис Блашвик.

Во 84-та минута, Диас доби втор жолт картон за симулирање во шеснаесетникот на Леверкузен.

До крајот на натпреварот, домашните се обидоа преку Ибрахим Маза и Џерел Кванса, но немаше промена на резултатот.

Јонас Хофман го провери Улрајх во третата минута од судиското продолжение, но овој пат ВАР беше на страната на Баерн, кој на крајот одзеде бод.

Баерн останува прв на табелата со 67 бода, додека Леверкузен е шести со 45 бода.

Во истиот период Дортмунд го победи Аугсбург (2:0), Ајнтрахт го совлада Хајденхајм (1:0), додека Хофенхајм и Волфсбург ремизираа 1-1.


Молина го реши малото мадридско дерби

Фудбалерите на Атлетико Мадрид го победија Хетафе со минимални 1-0, во 28-то коло од Ла Лига. Натпреварот го решу Науел Молина со спектакуларен гол, еден од најубевите од поечтокот на сезоната во Шпанија.

Атлетико издоминира во првото полувреме и нејасно е како играчите на Чоло Симеоне не постигнаа барем уште еден гол.

Се чинеше дека „јорганџиите“ лесно ќе слават, кога во 55-та минута Абделкебир Абкар доби директен црвен картон. Мароканецот го фати Александар Серлот во меѓуножјето.

До крајот Атлетико не искористи неколку панси, а во херој се претвори голманот Мусо, со брилијантни две интервенции, едната против Миља во ситуација „еден на еден“, а втората по ударот со глава на Хави Муњоз во 92-та минута.

Судијата Ортиз подели седум жолти (четири за играчите на Хетафе) и еден црвен картон.

Атлетико е на третото место во Ла Лига со 57 бода, додека Хетафе е на деветтата позиција со 35.

Наредната недела Атлетико гостува кај Реал, додека Хетафе ќе го пречека Еспањол.


Струга убедлива во дуелот со Македонија ЃП

Струга Трим Лум оствари убедлива победа од 3-0 против Македонија ЃП во првиот натпревар од 23.коло во Првата фудбалска лига. Стружани решија сѐ за едно полувреме, постигнаа три гола и ги заслужија трите бода.

Меметриза Хамза го отвори резултатот во седмата минута, а Бесмир Бојку зголеми на 2-0 во 26.минута. Третиот гол беше дело на Стефан Јевтоски во 41.минута од дуелот.

Во второто полувреме, Струга Трим Лум имаше уште неколку шанси, преку Малески, Јевтоски, Шабани, но остана резултатот од првиот дел, 3-0.


Вардар од пенал во последните секунди ја „скрши“ Брера Струмица

Со голот на Горан Закариќ во последните моменти од мечот од пенал, Вардар успеа да слави над АП Брера.

Клучниот момент се случи во судиското продолжение од натпреварот кога Спахиу шутираше, Велков блокираше со рака по што беше досуден удар од 11 метри.

Во текот на целиот натпревар Вардар имаше инцијатива, но домаќинот не создаде ниту една посериозна шанса за гол, а АП Брера беше солидно поставена и тактички добро стоеше.

Омерагиќ имаше две ситуации една со глава една со лева нога, но и во двата случаи беше непрецизен, за да следната ситуација ја има Мислав Матиќ. Давид Бабунски на два пати се обиде една од слободен удар, и еднаш од поле но не успеа посериозно да го загрози голот на АП Брера.

Во вториот дел иста слика на теренот на Арената. Вардар со теренска иницијатива, АП Брера добро поставена не дозволи посериозни атаци врз нејзиниот гол.

Цветковиќ се обиде од лево но Диковски беше сигурен и на место. Измените кои што ги направи домашниот тренер Гоце Седлоски не донесоа промени што се однесува до заканите кон противничкиот гол. Ударите од аголот се главна тема, во кои Дарко Велковски имаше два обида обата преку голот.

Во судиското продолжение, Закариќ нафрли остро на петерецот но Омерагиќ за сантиметри беше покус и не ја зафати топката.

Сепак, во петтата минута од продолжението, ударот на Едис Спахиу заврши во раката на Велков, а по ВАР консултацијата главниот судија досуди пенал. Сигурен реализатор на ударот од белата точка го реализираше Горан Закариќ.


Кристијан Киву и наредната сезона тренер на Интер

Романецот Кристијан Киву ја доби доверба од раководството на Интер и ќе биде тренер на клупата на актуелниот лидер во Серија А и следната сезона каде подготвува обнова на договорот, кој му истекува во јуни 2027 година.

Впечатокот што го остави Киву во својата дебитантска сезона на чело на Интер е позитивен, иако Нераѕурите прерано испаднаа од Лигата на шампионите.