фудбал

Роналдо го доби судскиот спор со Јуве

Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо ја доби правната битка против својот поранешен клуб Јувентус и ќе може да ги задржи 9,8 милиони евра што клубот од Торино му ги исплати за заостанати плати, објавија денеска италијанските медиуми.

Роналдо се пресели од Јувентус во Манчестер Јунајтед во летото 2021 година, а во 2023 година поведе арбитражна постапка против италијанскиот клуб, тврдејќи дека му должи 19,6 милиони евра за неисплатени плати за време на пандемијата на коронавирусот.

Во април 2024 година, арбитражниот совет пресуди дека Јувентус мора да му исплати на португалскиот фудбалер половина од бараната сума, или 9,8 милиони евра. Јувентус, потоа, поднесе жалба на одлуката до судот во Торино.

Италијанските медиуми јавија дека судот во Торино ја отфрли жалбата на Јувентус, што значи дека Португалецот може да ги задржи 9,8 милиони евра.


Компани го сака Стоунс во Баерн

Фудбалерот на Манчестер сити, Џон Стоунс, ова лето станува слободен фудбалер, откако ќе му истече договорот со „граѓаните“ и ќе може бесплатно да се пресели било каде.

Интерес за него има од Милан, Наполи, Комо, Евертон и Атлетико Мадрид, но се чини дека сите ќе извисат, откако во трката се вклучи и Баерн Минхен.

Тој сака да го ангажира дефанзивецот уште зимава, а „баварците“ за тоа ќе мора да платат, па на тој начин ја претекнаа конкуренција.

Целта и на самиот фудбалер е да замине од Манчестер сити уште зимава, а желбата е тоа да биде во екипа во која ќе игра и ќе освојува трофеи.


Рома го враќа Цимикас во Ливерпул

Италијанскиот тим Рома планира големи промени во својата одбранбена линија за време на зимскиот преоден рок. Според извештаите од Италија, „волчицата“ е подготвена предвреме да го раскине договорот за позајмица на Костас Цимикас и да го врати во Ливерпул.

Откако веќе го засили својот напад со Робињо Ваз од Марсеј и Дониел Мален од Астон Вила, главниот тренер Џан Пјеро Гасперини го насочи вниманието кон одбранбениот ред.

Грчкиот дефанзивец не е дел од плановите на „римјаните“ за втората половина од сезоната. И покрај здравствените проблеми на стартерот Анхелињо, Цимикас не успеа да се етаблира во првиот тим.


Банкротираше словенечкиот Домжале

Екипата на Домжале, која во својата историја двапати ја освои шампионската титула во Словенија, се наоѓа на работ на банкрот.

Словенечкиот „Спорт Клуб“ објави дека клубот подолг период се соочува со сериозни финансиски проблеми, а последниот удар го нанел Том Зеленовиќ, кого медиумите го опишуваат како измамник.

Зеленовиќ неодамна беше назначен за претседател на Домжале и претставен како спасител, со најави за големи инвестиции, но кратко потоа се повлече, оставајќи го клубот со огромни долгови.

Според информациите, наскоро се очекува распуштање на првиот тим, а под големо прашање е и функционирањето на младинската школа. Поради банкротот, Домжале нема да продолжи да се натпреварува во Првата лига на Словенија.


Два премиерлигаши веќе го контактирале Чаби Алонсо

Англиските фудбалски тимови Тотенхем и Ливерпул се заинтересиран да го назначат Чаби Алонсо на тренерското место на овие екипи објави денес лондонски „Индипендент“.

Во меѓувреме, Тотенхем почна интерни разговори за евентуално отпуштање на Томас Франк.

Ајнтрахт Франкфурт, исто така, покажува интерес за Алонсо.

Шпанскиот стратег е без ангажман, откако беше отпуштен од тренерската должност во Реал Мадрид на 12 јануари.


ФИФА и Инсфантино го осудија однесувањето во финалето на Купот на Африка

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино го осуди однесувањето на репрезентативците на Сенегал, кои во неделата во финалето на Африканскиот куп на нации против домаќинот Мароко привремено го напуштија теренот во Рабат, незадоволни од судиските одлуки.

Мароко доби пенал во судиското продолжение на второто полувреме по сугестија од ВАР собата, кратко време откако на Сенегал му беше поништен гол. Потоа, сенегалскиот тим го напушти теренот во знак на протест пред Брахим Дијаз да може да го изведе пеналот. Во исто време имаше и судири меѓу сенегалските навивачи и полицијата на трибините.

Играчите се вратија 16 минути подоцна, по што Мароко не го реализираше пеналот, а Сенегал во првото продолжение постигна гол и ја освои титулата.

„За жал, видовме неприфатливи сцени на теренот и на трибините – го осудуваме однесувањето на некои навивачи, како и на некои од играчите и персоналот на Сенегал. Неприфатливо е да се напушти теренот на овој начин, а насилството не може да се толерира во нашиот спорт, едноставно не е во ред. Секогаш мора да ги почитуваме одлуките на судиите на теренот и надвор од него“, напиша Инфантино на својот Инстаграм профил.

Инфантино ги опиша настаните од финалето како „неприфатливи“ и изрази очекување да бидат воведени санкции против инволвираните.

„Очекувам одговорните дисциплински тела во Африканската фудбалска конфедерација да преземат соодветни мерки“, додаде претседателот на ФИФА.


Кристал Палас ја одби понудата на Јуве за Матeта

Премиерлигашот Кристал Палас ја отфрли понудата на Јувентус за трансфер на францускиот напаѓач Жан-Филип Матета, јавија денеска италијанските медиуми. Јувентус понуди два милиони евра за шестмесечна позајмица и 28 милиони за откуп на договорот на крајот од сезоната, при што откупот е задолжителен доколку италијанскиот клуб обезбеди најмалку пласман во Лига Европа.

Медиумите наведуваат дека Кристал Палас е повеќе заинтересиран за продажба на Матета, бидејќи му преостануваат уште година и пол од договорот. Англискиот клуб ја проценува пазарната вредноста на Матета на 40 милиони евра. Матета постигна десет голови и додаде две асистенции во сите натпреварувања оваа сезона. Пред да му се приклучи на Кристал Палас, францускиот фудбалер настапуваше за Лион, Ле Авр и Мајнц.


Филип Петровиќ трет Србин оваа зима во Пелистер

Пелистер продолжи да носи играчи од соседството и потпиша со уште еден фудбалер од Србија.

Нов играч на „зелените“ е 25-годишниот Филип Петровиќ кој игра на позицијата центарфор. Минатата сезона ја мина во Раднички Пирот.

Во кариерата Петровиќ настапуваше и за Свилајнац, Мешево, Кусиљево, како и У19-тимот на Крагујевац, клубови кои генерално играат во пониските лиги.

Пелистер го чека битка за опстанок во Првата лига под палката на Милан Стојановски.


Пелистер се засили со Томче Гроздановски

Во вториот дел од сезоната зелениот дрес на Пелистер ќе го носи уште еден македонски фудбалер кој се враќа во домашниот шампионат по интернационално искуство. Томче Гроздановски е нов фудбалер на Пелистер, се обврза на договор до крајот на сезоната и официјално беше претставен на стадионот „Петар Милошевски“ вп Битола.

25-годишниот фудбалер во есенскиот дел настапуваше за Конкордија. Претходно во Македонија, Гроздановски настапуваше за Силекс. Работнички, Металург и Кожуф, додека во странство беше дел од словачки Вион и хрватски Дугопоље.

Гроздановски треба да биде од витално значење за нашиот среден ред. Тој веќе ги мина медицинските прегледи и му се стави на располагање на тренерот Милан Стојановски и стручниот штаб во Анталија.


Сенегал изненадувачки го освои Купот на Африка

Фудбалската репрезентација на Сенегал дојде до огромен успех, откако со победа над домаќинот Мароко во финалето (0-0 регуларен дел, 1-0) ја освои својата втора титула во Африканскиот Куп на Нации.

Мечот понуди вистинска драма и сцени кои ретко се гледаат на фудбалските терени.

Прекин и повлекување од теренот заради спорен пенал на самиот крај беше во фокусот, а уште повеќе светот го обиколи промашената најстрога казна на домаќинот.

Сенегал уште на самиот почеток покажа дека има јасна намера да го наметне својот ритам. Веќе во шестата минута, по корнер, Папа Гуеј се најде во одлична позиција и упати удар со глава, но мароканскиот голман Боно реагираше сигурно и ја сочува мрежата. Во текот на првото полувреме Мароко тешко доаѓаше до израз. Сенегал беше поагресивен и поконкретен, а покрај воведната шанса, создаде уште една сериозна можност, додека Мароканците речиси и да немаа вистинска закана кон противничкиот гол.

Првата посериозна опасност за Сенегал дојде дури во 58. минута. Ел Кааби се најде во идеална позиција за погодок, но неговиот удар заврши малку покрај левата статива, пропуштајќи можност да го донесе Мароко во водство.

По таа ситуација, темпото на игра значително опадна и мечот влезе во помирна фаза, сè до судиското продолжение, кое донесе неверојатна драма.

Во 90. минута Езалзули се обиде со удар од дистанца, но топката заврши над пречката. Само три минути подоцна, Сенегал успеа да ја затресе мрежата преку Сек, но радоста траеше многу кратко, погодокот беше поништен поради офсајд.

Кулминацијата следуваше во осмата минута од судиското продолжение, кога судијата покажа на белата точка и досуди пенал за Мароко.

Таа одлука предизвика хаос на теренот, а селекторот на Сенегал, револтиран од судиската проценка, донесе радикална одлука и нареди неговата екипа да се повлече од игра.

Сцените што следуваа беа шокантни и ретко видени во светот на фудбалот, но, сепак, по убедување на Садио Мане тимот се врати на теренот. Одговорноста за пеналот ја презеде Брахим Дијаз кој се обиде да погоди со „паненка“, но топката заврши во рацете на голманот и следеа продолженија.

На самиот старт на екстра-времето се покажа дека постои карма за се во животот. Гаје во 94. минута погоди за 1-0 и голема радост за Сенегал.