фудбал

Дидие Дешамп сака да тренира клуб од Франција

Селекторот на актуелниот светски шампион Франција, Дидие Дешамп, во интервју за француската телевизија најави дека по завршувањето со водење на репрезентацијата сака да се врати како тренер во клубскиот фудбал. Договорот на Дешамп со француската фудбалска федерација истекува наредната година.

„Сакам да бидам тренер на клуб во Франција. Искрено, не знам кој, но знам дека ќе биде возбудливо. Тоа е повеќе потреба што ја чувствувам, тренерската работа го подига адреналинот. Денес сум ретко на теренот и веќе ми недостига “, изјави поранешниот тренер на Монако, Јувентус и Олимпик Марсеј.


Лапорта најави 3 нови засилувања за Барселона во оваа зима

Шпанскиот весник Марка објави дека претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, на средбата со фановите на Барса во Галиција најавил дека во зимскиот период  каталонскиот тим ќе доведе 3 нови засилувања.

Приоритет на Барселона ќе биде нов централен напаѓач поради здравствените проблеми на Серхио Агуеро, кој ќе отсуствува од терените најмалку три месеци поради откриена срцева аритмија. Реализацијата на трансферите ќе започне многу наскоро, најавил претседателот на клубот.

Жоан Лапорта ветил дека сите активности за доведување нови играчи ќе бидат координирани со новиот тренер на клубот, Чави Ернандез.


Шевченко ќе биде нов тренер на Пандев во Џенова

Андриј Шевченко ќе потпише договор со Џенова до 2023 година со опција за продолжување на уште една сезона. Тренерот ќе заработува 1,8 милиони евра годишно во Џенова, плус бонуси.

Во стручниот штаб на Шевченко ќе бидат Андреа Мулдера и Мауро Тасоти, кои соработуваа со него во репрезентацијата на Украина.

Четириесет и петгодишниот Шевченко ја водеше украинската репрезентација од 2016 до 2021 година.

Џенова за која настапува Македонецот Горан Пандев, по 12 натпревари во Серија А има само една победа, шест нерешени средби и пет порази и се наоѓа на 17. место на табелата.


Анчелоти: Не сум му татко на Бејл да му кажувам дали да игра за Велс

Карло Анчелоти на прес-конференцијата зборуваше и за Герет Бејл.

Велшанецот долго време не игра, се опоравува од повредата, но Реал му дозволи да игра за Велс во квалификациите за СП.

„Има дозвола од докторите и може да тренери. Не можеме да му кажеме да не игра за Велс. Постои снимка која покажува дека се заздравил. Како прво, јас не сум негов татко. Можеби последниот период не беше добар за него, но никој не треба да заборави што направи Бејл за Реал“.


Рајт Филипс го советува Сити да не го купува Кејн

Шон Рајт Филипс смета дека клубот не треба да троши над 100 милиони фунти за ангажман на Хари Кејн и Ерлинг Халандкои се поврзуваа со трансфер на „Итихад“.

За разлика од многумина кои сметаат дека Кејн ќе биде последното делче од мозаикот на Пеп Гвардиола, Рајт Филипс тврди дека на клубот би му помогнале и напаѓачи од типот на Лаказет и Воткинс кои дефинитивно ќе чинат многу помалку од гореспоменатиот двоец.

Јасно е дека Гвардиола ќе сака да го засили нападот во следниот летен преоден рок, откако по заминувањето на Кун Агуеро остана без класичен напаѓач во тимот, а Рајт Филипс во интервју за „Сан“ го даде своето мислење за целата ситуација.

„Кога некој ме праша кој напаѓач треба да дојде во Сити, веднаш одговорив со Воткинс. Или Лаказет, и тој знае да дава голови. Знае како да ги натера соиграчите да му ја додаваат топката и секогаш велам дека кога игра за Арсенал, нивната тројка зад напаѓачот игра подобро, се чувствува подобрата поврзаност меѓу нив“, изјави Рајт Филипс.


Њукасл со план за доведување на Тер Штеген

Според информациите од Скај Спорт Германија, Њукасл Јунајтед пројавил сериозен интерес за купување на голманот на Барселона, Марк-Андре Тер Штеген. 

Членот на Премиер лигата планира да изгради сериозен проект откако сопственик на клубот стана инвестициски фонд од Саудиска Арабија. Германскиот медиум пренесува дека клубот од „Сент Џејмс Парк“ веќе испратил понуда од 55 милиони евра за 29-годишниот голман, кој има договор со Каталонците до 2025 година. Во договорот на Тер Штеген има откупна клаузула од неверојатни 500 милиони евра.

Марк-Андре Тер Штеген е член на Барселона од 2014 година кога за 12 милиони евра пристигна од екипата на Борусија Менхенгладбах.


УЕФА подготвува драконска казна за Црвена Звезда

Црвена Звезда ја очекува драконска казна од УЕФА, по серијата инциденти што нејзините навивачи ги предизвикаа по натпреварот во Лига Европа против дански Митјиланд.

Српскиот тим загуби со 1-0, а натпреварот го заврши со девет играчи по исклучувањата на Милош Дегенек и Марко Гобељиќ.

Разочарани од поразот на својата екипа, навивачите на Ѕвезда на патот кон соблекувалната фрлаа тврди предмети кон унгарскиот судија Тамаш Богнар, а притоа еден од предметите го погоди во главата помошникот тренер на белградскиот клуб, Италијанецот Федерико Панончини. Тој со повреди на главата итно беше пренесен во болница, а поради инцидентот тренерот на Црвена ѕвезда Дејан Станковиќ ја пропушти прес-конференцијата за да го посети својот помошник во болничкиот кревет.

Дел од српските медиуми објавија дека во инцидентот бил повреден и помошникот судија.


Матеус: Санчо погреши што замина од Дортмунд летово

Лотар Матеус процени дека младиот Џејдон Санчо имаше лоша проценка кога се определи да ја напушти Борусија Дортмунд и да се пресели во редовите на Манчестер Јунајтед.

Санчо кај „милионерите“ имаше речиси загарантирано место во првата постава додека кај „црвените ѓаволи“ не успеа да се избори за првотимскиот статус. Напаѓачот во меѓувреме го загуби и местото во репрезентацијата на Англија.

„Санчо треба многу да работи за да направи чекор напред. Мислам дека неговите настапи и значењето на мечевите на кои се појавува не се доволни да напредува“, изјави Матеус.


Рафаел Бенитез бара засилувања за Евертон

Од англиските медиуми пристигнуваат информации дека тренерот на Евертон, Рафаел Бенитез сака да доведе најмалку двајца играчи во јануарсkиот преоден рок. Тој изјавува дека на Евертон му се неопходни засилувања за да остане конкурентен во продолжението на сезоната.

Идејата на Рафа Бенитез е да го засили тимот со уште еден крилен напаѓач и играч од средината на теренот. Имиња на потенцијални засилувања не се соопштуваат бидејќи нема одговор од управата на клубот колку пари ќе му бидат ставени на располагање за трансфери оваа зима.


Милан одлучи: Целосно ќе го откупи договорот на Брахим Дијаз

Милан во летниот преоден рок постигна договор со Реал Мадрид за двегодишна позајмица на Брахим Дијаз.

Милан за позајмицата плати 3 милиони евра, но на крајот на позајмицата ќе има право да го откупи за додатни 20 милиони евра. Шпанецот игра фантастично од почетокот на сезоната и Милан веќе донесе одлука да го откупи уште на крајот на оваа сезона.

Реал во договорот ќе има бај-бек клаузула и во следните две години ќе може да го врати Шпанецот за 27 милиони евра.

Брахим Дијаз е задоволен на Сан Сиро и дал согласност да остане и ќе потпише 5-годишен договор со „росонерите“.