фудбал

Астон Вила подготви 40 милиони евра за Кутињo

Раководството на Астон Вила е подготвено да ја плати сумата од 40 милиони евра за бразилскиот репрезентативец Филипе Кутињо. 

Бразилскиот играч за врска во моментот настапува за Астон Вила како позајмен од Барселона до крајот на сезоната.

По враќањето во Премиер лигата, Кутињо повторно ја откри посакуваната форма и моментално е еден од главните играчи во тимот на тренерот Стивен Џерард.

Сериозен интерес за Бразилецот покажува и екипата на Арсенал, но се зборува дека играчот преферира да биде воден од Џерард, со кој во минатото беа соиграчи во Ливерпул.


Познати полуфиналните парови на Купот на Македонија

Денес во просториите на Фудбалската федерација на Македонија беше одржана ждрепката за полуфиналините натпревари во најмасовното натпреварување – Купот на Македонија.

Пласман меѓу најдобрите четири екипи обезбедија Македонија Ѓорче Петров, Пелистер, Струга Трим Љум и Силекс.

На извлекувањето денес се одредија полуфиналните парови и домаќините, а среќата посака пресметки меѓу Пелистер и второлигашот Силекс, како и дуел на Струга Трим Љум и Македонија Ѓорче Петров.

Полуфинале:

Пелистер – Силекс

Струга Трим Љум – Македонија Ѓорче Петров

Полуфиналињата во Купот се играат на еден натпревар во 16:00 часот на 20 април, па победниците ќе обезбедат место во финалето.

Натпреварот за трофејот е закажан за 20 мај на Арената „Тодор Проески“ во Скопје. Бранител на трофејот од минатата година е екипата на Силекс, кој подоцна се пресели во втората лига.


Алавес го отпушти тренерот Мендилибар

Алавес го отпушти менаџерот Хозе Луис Мендилибар по поразот од Атлетико Мадрид со 4-1 во 30. коло од шпанската лига.

Под водство на шпанскиот тренер Алавес извојува една победа во 12 натпревари и е на 20. место во Ла Лига со 22 бода. Договорот со Мендилибар првично беше со важност до крајот на оваа сезона.

Мендилибар го презеде Алавес на 28 декември 2021 година. Тој го замени Хавиер Калеха, кој исто така беше отпуштен од управата на клубот поради лошите резултати. Мендилибар беше на чело на Еибар од 2015 до 2021 година. На крајот од минатата сезона, тимот испадна од првата лига на Шпанија. Пред тоа, 60-годишниот тренер работеше со Леванте, Осасуна, Атлетик, Ваљадолид и други шпански клубови.


Артета со извинување за фановите на Арсенал по поразот од Кристал Палас

Тренерот на Арсенал, Микел Артета им се извини на навивачите за лошиот настап на екипата во поразот со 0:3 од Кристал Палас во 31. коло од Премиер лигата.

Со овој пораз Арсенал ги намали шансите за пласман во топ 4. „Топџиите“ се сега на петтото место со 54 бодови, колку што има и четвртопласираниот Тотенхем, кој има еден натпревар повеќе.

„Едноставно не бевме конкурентни, особено во првото полувреме. Доцневме на секоја топка и не бевме доволно агресивни во дуелите. Воопшто не успеавме да доминираме и примивме лесни голови. Генерално, нашиот настап беше недозволив и поради тоа се извинувам“, изјави Артета.


Атлетико загреан за Маркос Алонсо од Челзи

Атлетико Мадрид  покажува сериозен интерес за левиот бек на Челзи, Маркос Алонсо, пренесуваат шпанските медиуми.

Алонсо е во Челзи од 2016 година, но во последно време го загуби првотимскиот статус и е спремен да ја промени средината. 31-годишниот Шпанец на лето влегува во последната година од договорот, па и Челзи е спремен да го продаде, а за неговата слобода бара 14 милиони евра.

„Јорганџиите“ се спремни да ја платат таа сума и веќе стапиле во контакт со агентот на Шпанецот.


Азар налето заминува од Реал, но само на позајмица

Еден Азар најверојатно ќе го напушти Реал на лето со позајмица. Mадридскиот клуб веќе бара опции за настап на фудбалерот. Азар беше надвор од комбинација од страна на селекторот Роберто Мартинез за репрезентацијата на Белгија поради недостиг на одиграни натпревари. Оваа една од причините за промена на клубот.

Претходно беше објавено дека Азар ќе отсуствува до крајот на сезоната поради повреда. Операцијата за отстранување на плочата за остеосинтеза на десната фибула беше успешна. 31-годишниот Азар веќе го започна процесот на опоравување.

Да потсетиме дека во 2019 година Азар се пресели во Реал Мадрид за 115 милиони евра.Сезонава на 17 натпревари од шпанското првенство даде една асистенција. Претходно имаше информации дека Азар сака да го напушти Реал Мадрид. Договорот помеѓу тимот и играчот е до летото 2024 година.


Муслиу влезе во тимот на колото на Втората Бундеслига

Репрезентативецот на Македонија, Висар Муслиу беше избран во тимот на колото во втората германска лига. 

Дефанзивецот одигра одлична партија за својот Инголштад во победата над Ауе со 3:2, постигнувајќи го и својот деби гол за екипата. Ова допринесе магазинот „Кикер“ да го вклучи Муслиу во најдобрите единаесет играчи за изминатиот викенд.

Висар Муслиу беше и еден од најдобрите поединци во нашата селекција за време на бараж дуелите против Италија и Португалија.


Ливерпул со шанса за израмнување на свој клубски рекорд

Екипата на Ливерпул има шанса да го израмни клубскиот рекорд на гостувањето кај Бенфика во четвртфиналето од Лигата на шампионите. 

Имено, доколку „црвените“ го добијат овој натпревар, тимот ќе се израмни со постигнувањето кое Ливерпул го забележа во сезоната 1983-84 година, кога запиша пет последователни победи како гостин во европските натпревари.

Од почетокот на тековната сезона во ЛШ, тимот на Јирген Клоп има само победи во нивните гостувања. Во групната фаза победија кај Порто, Атлетико Мадрид и Милан, а во осминафиналето славеа и над Интер на Сан Сиро.


Фрајбург ќе бара поништување на победата на Баерн

Бундеслигашот Фрајбург и официјално ќе бара поништување на дуелот со Баерн Минхен во кој претрпе пораз од 4:1. 

Причина за барањето на поништување е фактот што шампионот Баерн во еден момент од натпреварот на теренот имаше 12 играчи. Недоразбирањето се случи поради неправилната измена на играчи.

Во соопштението од клубот Фрајбург, се наведува дека поради процедурални правила, екипата ќе испрати жалба до фудбалската федерација на Германија.


Локатели еден месец надвор од терените заради повредата во дербито со Интер

Од Јувентус потврдија дека играчот за врска, Мануел Локатели ќе биде надвор од терените околу еден месец. Денес на Локатели му беа направени детални лекарски прегледи кои покажале повреда на десното колено.

Локатели предвреме го заврши синоќешното дерби со Интер, најпрво доби удар во главата, а потоа се пожали на болки во коленото.

Според прогнозите, Италијанецот ќе може да се врати во последните три меча од Серија А и ќе биде на располагање за евентуалното финале од Купот.