фудбал

Левандовски ја потврдил својата желба да заигра за Барселона

Медиумите во Шпанија велат дека трансферот на голгетерот на Баерн, Роберт Левандовски во Барселона изгледа се пореален. 

Неодамна излегоа шпекулации дека двете страни имаат усмен договор, а сега шпански „Спорт“ тврди дека полскиот интернационалец уште еднаш му потврдил на раководството на Каталонците дека е подготвен да се пресели на „Камп Ноу“ ова лето.

Договорот на Левандовски со Баерн е до летото 2023 година. Во моментов нема преговори за нов договор меѓу двете страни, но се зборува дека германскиот шампион ќе понуди едногодишна соработка што не е прифатлива опција за Левандовски кој и самиот најави дека е подготвен за нов предизвик на крајот од кариерата.


Емери: Баерн е многу поразличен тим од Јувентус

Тренерот на Виљареал, Унаи Емери го искоментира претстојниот четвртфинален дуел во Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Виљареал е домаќин на Баерн во првиот натпревар кој е закажан за среда.

„Сега играме против Баерн. Способни сме и имаме шанса да победиме. Ни се допаѓа различноста на фудбалот. Баерн е многу различен од Јувентус. Тие се уште еден фаворит за освојување на Лигата на шампионите. Тактички ќе треба да се поставиме поинаку отколку против Јуве. Сè ќе биде поинаку“, коментира Емери.


Њукасл го купува Роберт Санчез од Брајтон

Њукасл се поврзува со многу имиња откако на чело на клубот застанаа богати газди.

Во зимскиот преоден рок Њукасл доведе неколку засилувања и нов тренер и набрзо овој тим започна да игра многу подобро и го обезбеди опстанокот кој се доведуваше во прашање во првиот дел од сезоната.

Според најавите од Островот на лето Њукасл ќе се обиде да доведе нов голман, а мета е чуварот на мрежата на Брајтон Роберт Санчез. 24-годишниот голман напредуваше во претходните сезони и Њукасл за него ќе плати 30 милиони евра со што ќе го направи шести најскап голман во историјата.


Во Ферари горди на своите возачи Леклер и Саинц

Претседателот на Ферари, Џон Елкан, е уверен дека Скудерија ги има најдобрите возачи во Формула 1 – Шарл Леклер и Карлос Саинц. Ова го соопшти Елкан во обраќањето до акционерите на италијанската компанија.

По првите две кола во Формула 1 оваа сезона, Ферари е на врвот кај конструкторите, а Леклер и Саинц се први во поредокот кај возачите.

„Во 2021 година нашиот тим стигна до пет подиуми и заврши на третото место кај конструкторите, но видовме охрабрувачки знаци. Свесни сме дека Леклер и Саинц се најдобрите возачи во Формула 1 и добро ја започнаа сезоната“, изјави Елкан.

Во истиот допис, Елкан го потврди враќањето на Ферари во Светскиот шампионат во издржливост (WEC), а во 2023 година „Скудерија“ ќе дебитира во класата на Hypercar во Ле Ман.


Манчестер Сити ќе го награди Фил Фоден со нов договор

Англискиот весник „Дејли стар“ пренесува дека Манчестер Сити планира да го награди Фил Фоден со нов договор. 

21-годишниот играч одигра уште една добра сезона за тимот, и клубот е задоволен од неговиот учинок. Челниците на Сити се спремни да му понудат долгорочна соработка со нов договор, и сериозно покачување на платата. 

Фоден има иста плата од 2018 година, кога потпиша договор до 2024 година. Во последните сезони тој е еден од клучните играчи во тимот на Пеп Гвардиола и клубот одлучи да го награди со нов договор.


Клоп ќе има комплетен тим за дуелот со Бенфика

Тренеротна Ливерпул, Јирген Клоп ја објасни ситуацијата со повредените играчи пред гостувањето кај Бенфика во првата четвртфинална пресметка од Лигата на шампионите.

Од коментарите на Клоп е јасно дека Ливерпул ќе настапи во полн состав, а досегашните повредени играчи веќе му се на располагање.

Наби Кеита и Трент Александер-Арнолд имаа ситни повреди и не настапија на последниот меч со Ватфорд, додека Матип и Џонс добија мали удари на тој натпревар, но сепак се целосно подготвени за Бенфика.

„Во моментов на располагање го имам целиот тим“, потенцира Клоп.


Чави: Се додека има теоретски шанси ќе продолжиме да се бориме за титулата

Екипата на Барселона успеа да оствари вредна победа во дерби дуелот со Севиља со резултат 1:0. Победничкиот гол на натпреварот го постигна Педри во 73.минута.

После натпреварот, тренерот на каталонците Чави, изјави дека се додека има теоретски шанси, неговиот тим ќе се бори за титулата во Ла лига. Барселона во моментот е на втората позиција од табелата и заостанува 12 бода зад лидерот Реал Мадрид, но има еден натпревар помалку.

“Многу сум среќен. Верувам во работата, напорите и пожртвованоста на тимот. Се претставивме добро, доминиравме против голем противник. Севиља е одличен тим, а Лопетеги е неверојатен тренер. овој успех вреди многу“,изјави Чави.


Почетино ги спореди киксевите на ПСЖ во Европа со Јуве и Сити

Маурисио Почетино, ги искористи Јувентус и Манчестер Сити како примери за други големи клубови во Европа кои со години напорно работат на освојување на трофејот во Лигата на шампионите, но тоа не им успеало.

Аргентинецот се најде под сериозни критики откако Парижаните испаднаа од Реал Мадрид од Лигата на шампионите и уште една сезона се простија од своите желби за да го кренат пехарот во ова натпреварување.

„Досега ПСЖ стигна до полуфиналето и финалето во Лигата на шампионите, така што ова е дел од процес кој бара време. Има клубови како Јувентус и Манчестер Сити кои исто така сакаат да го освојат турнирот, но не можат да успеат, иако работат напорно“, изјави Почетино.

Јувентус има два трофеи – во 1985 година и во 1996 година, иако на своето конто има девет финалиња. Манчестер Сити нема ниту еден трофеј во Лигата на шампионите, а минатата сезона првпат стигна до финалето, но таму беше поразен од Челзи, за кого ова беше втор трофеј.


Инзаги: Направивме голем чекор напред кон титулата

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги рече дека неговиот забележа важна победа на дербито со Јувентус.   

Интер синоќа победи во Торино со 1-0 и остана во трка за шампионскиот трофеј. 

„Направивме важен чекор напред бидејќи сме во потера по Милан и Наполи. Во последно време губиме бодови, но ќе се обидеме да ги стигнеме ривалите на преостанатите осум натпревари. Јувентус не ни задаваше многу проблеми. Имаа некои шанси, но моите играчи ретко дозволуваа опасност пред нашиот гол. Во последно време ни недостигаат важни играчи. Навивачите пред натпреварот зборуваа дека Интер не го победил Јуве на гости 11 години. Сепак, оваа победа е само еден чекор кон целта. И многу добро се сеќавам за што зборуваа луѓето не толку одамна“, истакна Инзаги. 

По 30 одиграни натпревари во Серија А, Интер е трет на табелата со 63 бода. Пред него се Наполи со 66 бодови собрани од 31 натпревар и Милан со 66 од 30 одиграни кола.


Мбапе повторно кажа дека нема донесено одлука каде ќе игра наредната сезона

Фудбалерот на Париз Сен Жермен, Килијан Мбапе, откри дека сеуште не одлучил каде ќе игра наредната сезона, додавајќи дека секој ден се јавуваат нови моменти во конечната одлука. Тој се наоѓа во последните три месеци од неговиот договор со клубот од Париз.

„ Сите знаат дека немам донесено одлука. Размислувам, постојат нови параметри и елементи, и затоа не сакам да погрешам. Да имав донесено одлука секако дека ќе ја објавев“, изјави Мбапе.