Извршниот директор на Борусија Дортмунд, Ханс-Јоаким Вацке во изјава за германските медиуми објави дека клубот нема да го продаде напаѓачот Ерлинг Халанд овој месец.
„Халанд нема да замине во јануари. Нема шанси тоа да се случи. Кој би се согласил да го продаде најдобриот напаѓач во Европа за време на зимската пауза кога нема потреба да го стори тоа?“, изјави Вацке.
Сепак, тој признава дека на клубот ќе му биде тешко да ја задржи својата ѕвезда следната сезона. „Секако дека сакаме да остане, но ќе биде многу тешко,но тоа не значи дека нема да се трудиме да го задржиме“,појасни Вацке.
Тотенхем до крајот на јануари без Хеунг-Мин Сон
Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте објави дека тимот до крајот на месецов ќе настапува без еден од најдобрите играчи, Хеунг-Мин Сон.
Напаѓачот од Јужна Кореја има проблеми со повреда која се очекува да биде санирана до крајот на јануари, па така Сон нема да може да игра на неколку наредни средби на клубот од Лондон.
Тој најверојатно го пропушта гостувањето против Морекомб во ФА Купот, реванш дуелот со Челзи во Лига купот како и градското дерби против Арсенал.
Повреда на Гризман и можна пауза од 4 недели
Антоан Гризман беше стрелец во победата на Атлетико од 5:0 над Рајо Мајадахонда во Купот на кралот, но заработи повреда на крајот од натпреварот.
Засега нема подетални информации од клубот, меѓутоа според весникот „АС“, Гризман поради повреда на бутниот мускул ќе биде надвор од терените помеѓу 4 и 5 недели.
Во овој период, Атлетико Мадрид има многу згуснат распоред,и го очекува меч со Атлетик Билбао во полуфиналето на шпанскиот Суперкуп, потоа гостување кај Реал Сосиедад за Купот на кралот и натпревар во Ла Лига со Валенсија.
Пол Ванер најмлад дебитант во историјата на Баерн
Германскиот фудбалер Пол Ванер стана најмладиот играч на клубот на натпревар од Бундеслигата. Тој со 16 години и 15 дена дебитира за баварскиот гигант на средбата со Борусија Менхенгладбах во натпреварот од 18. коло на шампионатот во Германија.
Ванер во игра влезе во 75. минута но не успеа да му помогне на својот тим да го избегне поразот (1-2).
Претходно, најмлад фудбалер на Баерн на меч од Бундеслигата беше Џамал Мусиала со 17 години и 115 дена.
Ванер оваа сезона одигра 17 натпревари за младинскиот тим на Баерн Минхен, постигна три гола и три асистенции.
Фиорентина го претстави Криштоф Пјонтек
Иако се најавуваше негово враќање во Џенова, Криштоф Пјонтек се реши да се врати во Италија, но во дресот на Фиорентина.
Пјонтек во редовите на Фиорентина пристигна на позајмица, а клубот од Фиренца ќе има опција да го откупи неговиот договор за 15 милиони евра на крајот од сезоната. Доаѓањето на Пјонтек можеби е најава за заминување на Душан Влаховиќ кој е мета на голем број европски гиганти.
Пред неколку дена се најавуваше дека Пјонтек ќе се врати во Италија, но во „неговата“ Џенова каде што го играше најдобриот фудбал во кариерата сепак тоа не се случи. Пјонтек во Џенова на 21 натпревар постигна 19 гола по што следуваше трансфер ов Милан за 35 милиони евра.
Рома се засили со Ејнсли Мејтланд-Најлс од Арсенал
Од фудбалскиот клуб Рома официјално ја потврдија веста за ангажманот на Ејнсли Мејтланд-Најлс од Арсенал.
24-годишниот Англичанец ќе настапува за тимот на Жозе Мурињо како позајмен играч до крајот на сезоната.
„Среќен сум што ќе играм за Рома. Сакам да му помогнам на тимот и да покажам за што сум способен. Голема благодарност до навивачите за поддршката. Се надевам дека ќе бидат задоволни од моите игри до крајот на сезоната“, изјави Мејтланд-Најлс за официјалниот сајт на екипата од Рим.
Судот прифати кауција за Менди, Французинот оди во домашен притвор
Бенжаман Менди денес бил ослободен од судот во Честер, откако судијата го прифатил неговото барање за кауција и бранење од домашен притвор.
Фубалерот кој е суспендиран од Манчестер Сити е обвинет за напад на пет жени во периодот од октомври 2020-та до август 2021-ва година, но по денешното последно сослушување, бил за момент помилуван од судијата и дозволено му е да се врати во својот дом во Англија пред да се појави на новото рочиште.
Поранешниот француски репрезентативец беше во притвор 134 дена откако за првпат беше уапсен и приведен на 26-ти август минатата година, а барањето за кауција е одобрено откако неговото конечно судење е одложено од јануари за крајот на месец јуни.
Како што пренесуваат англиските медиуми на кои денеска им бил дозволен влез во судот во Честер, судијата Томпсон ја одобрил кауцијата и Менди ќе биде во домашен притвор до 24-ти јануари, за кога е закажано ново судско рочиште за неговиот предмет. Во овој период, Менди мора да биде постојано на својата домашна адреса во Англија, а до вечерва на полноќ треба да го предаде и пасошот на надлежниот суд.
Пиоли бара замена за Кјаер во зимскиот преоден рок
Тренерот на Милан, Стефано Пиоли откри дека негово единствено трансфер барање во јануари е да биде донесе дефанзивец.
Симон Кјаер ја заврши сезоната поради повреда, па Пиоли сака да биде донесена достојна замена за данскиот дефанзивец.
„Идејата на трансфер пазарот е јасна. Повредата на Кјаер не принуди да бараме дефанзивец, немам други барања од раководството. Мислам дека тимот е компетентен, но потребен ни е дефанзивец. Тој треба да биде добар во дуелите еден на еден, но и да биде добар со топка и да носи правилни решенија кога ја има топката. Нема да биде лесно, но сум убеден дека ќе биде доведен вистинскиот“, изјави Пиоли.
Прва желба на Милан е дефанзивецот на Лил, Свен Ботман но преговорите ќе бидат тешки бидејќи францускиот клуб не прифаќа понуди помали од 30 милиони евра.
Диего Коста го напушти Атлетико Минеиро
Поранешниот голгетер на Атлетико Мадрид и Челзи, Диего Коста го напушти бразилскиот клуб Атлетико Минеиро за кој одигра 19 натпревари и успеа да стане шампион на Бразил.
Поранешниот шпански репрезентативец договорил спогодбено прекинување на соработката со клубот во кој пристигна од Атлетико Мадрид во 2021 година.
Неколку медиуми во Шпанија пренесуваат дека за 33-годишниот напаѓач интерес покажува екипата на Селта Виго, па можно е негово повторно враќање во Ла Лига.
Трипие: Со Симеоне станав подобар играч
Киран Трипие пред шест месеци се радуваше на титулата во Примера, но сега одлучи да прифати еден сосема поинаков предизвик, односно да се бори за опстанок во Премиер лигата до крајот на сезоната.
Десниот бек на Атлетико Мадрид и официјално се претвори во прво големо засилување во новата ера на Њукасл, клуб кој неодамна беше купен од страна на конзорциум од Саудиска Арабија кој е во сопственост на милијардери.
Трипие се поврзуваше со враќање во Премиер лигата и во летниот преоден рок, но желбата му се оствари шест месеци подоцна и вели дека со нетрпение чека повторно да се докажува пред домашната јавност.
„Ми беше многу тешко кога си заминав од Англија и кога дојдов во Атлетико. На крајот, минав речиси три години во Мадрид и тоа беше неверојатно искуство. Пресреќен сум што остварив многу работи во Атлетико, со Симеоне станав подобар играч. Ја освоив Примера, имам безброј убави спомени од Шпанија и оставам големи пријатели кои ќе ми останат пријатели и во иднина.
Уште на почетокот на оваа сезона во месец август се зборуваше за мое заминување и на крајот тоа не се случи. Ја наведнав главата, продолжив да работам напорно и побарав од клубот да ги разгледа опциите во јануари. Њукасл се појави и поради лични причини се враќам во Англија. За мене и моите деца беше многу важно да се вратам во Англија, а Њукасл се покажа како клуб кој верува во мене. Многу сум среќен, го познавам менаџерот на тимот и привилегија е да се биде дел од оваа нова ера на клубот“, вели Трипие.