фудбал

Најдобриот напаѓач на Ремс се сели во Вест Хем

Вест Хем сака да го ангажираат напаѓачот на Ремс, Булае Диа, објавија медиумите во Англија.
Популарните „чекани“ сакаат да го купат репрезентативецот на Сенегал како замена за Себастијан Але кој му беше продаден на Ајакс. 24-годишниот Диа предизвика големо внимание уште од почетокот на сезоната во Лига 1.
Африканецот постигна 12 гола на 17 натпревари и го запоседна врвот на листата на стрелците заедно со Килијан Мбапе од ПСЖ. Трансферната вредност на Диа е 11 милиони евра.


Ибра: Донарума е најдобар голман во светот

Златан Ибрахимовиќ смета дека Џанлуиџи Донарума во овој момент е најдобриот голман во светот. Донарума на само 16 години доби шанса во Милан и од тогаш е на голот на „росонерите“. Меѓутоа поради ситуацијата во која се наоѓаше Милан во изминатите години Донарума се уште нема одиграно ниту еден натпревар во Лигата на шампионите. „Донарума е најдобар голман во светот и не е нормално тоа што не бранел на ниту еден натпревар во Лигата на шампионите. На крајот од сезоната ќе донесам одлука за својата иднина. Се додека се чувствувам добро на теренот ќе продолжам да играм“, потенцираше Швеѓанецот.


И богатите во проблеми – ПСЖ бара помош од Владата!

Француската Лига 1 барем засега сезонава ни донесе одличен фудбал. Се чини дека ПСЖ веќе не е недопирлив, Лион и Лил се во трката заедно со тимот на Покетино. Она што го расипува впечатокот, а уште повеќе и финансиите на клубовите, вклучително со тоа и трансферите, се неисплатените ТВ договори. Медиапро го прекрши договорот, па јасно е дека КОВИД-19 влијае на се. Медиумската групација се обврза дека ќе им плати на клубовите вкупен износ од 800 милиони евра годишно до 2024. година. Првите две рати не се уплатени, платени се само 100 милиони евра. На петти октомври требаше да се исплатат 172.3 милиони, а во декември 152.5 милиони евра. Резултат на сето тоа се финансиските проблеми на француските клубови, па дури и ПСЖ влегува во таа група! Шампионот на Франција користи помош на државата за плаќање на 400 вработени од вкупно 700, не вклучувајќи ги фудбалерите. ПСЖ веќе објави загуба од 124 милиони евра поради пандемијата.


Пике ја купува Калчо лигата?!

Жерар Пике поради повреда не настапи на последниот натпревар на Барселона против Реал Сосиедад, но сепак 33-годишниот Пике и онака има полни раце работа. Според италијанските медиуми, Пике е заинтересиран за откуп на ТВ правата за пренос на натпреварите од Серија А! Раководството на лигата го започна процесот за продавање на спортските права за сезоните 2021/22, 2022/23 и 2023/24. Објавата секако со себе повлекува и голем интерес, а преку 50 компании се заинтересирани за преговори, една од нив е и онаа на Пике, Космос Глобал Холдинг. Според пишувањето на Газета, Пике и Космос имаат најголема конкуренција во Медиапро, ДАЗН и ИМГ агенцијата. Пике има искустов во овој бизнис, засега негова најголема аквизиција на компанијата е правата на тенискиот Дејвис куп.


Шалке ја враќа клупската легенда пред крајот на кариерата

Германски Шалке се обидува да го доведе 37-годишниот напаѓач на Ајакс, Клас Јан Хунтелар, кој за овој клуб настапуваше од 2010. до 2017. година. Хунтелар најави повлекување од фудбалот на крајот на оваа сезона, но на Шалке секако му е потребен до крајот на сезоната, со цел да изборат опстанок во Бундеслигата. Шалке во моментот е на претпоследното место на табелата и има четири бода помалку од Келн кој е на 16. место, а има шест бода помалку од Билефелд кои се 15. Овој клуб беше во голема резултатска криза до минатиот викенд, кога ја забележа првата победа по 30 натпревари. На тој натпревар, каптенската трака ја носеше Сеад Колашинац, кој се врати во клубот по настапите за Арсенал. Шалке по успешното враќање на Колашинац се одлучи да тргне и по Хунтелар, кој во текот на седумте сезони поминати во Гелзенкирхен стана вистинска клупска легенда одигрувајќи 240 натпревари во кои постигна 126 погодоци и подели 35 асистенции.


Продолжува егзодусот, Вардар го напушти и капитенот

Капитенот на ФК Вардар и повремен репрезентативец на Македонија, Дарко Мицевски беше претставен како нов играч на ФК Рига од Латвија. Мицевски се одлучи да ја прифати понудата од главниот град на таа земја, па Рига ќе биде шестиот клуб во неговата кариера. Мицевски беше дел од црвено-црните од јуни 2018. година, но поради финансиските проблеми со кои се соочува клубот, тој е уште еден на листата играчи кои го напуштија актуелниот првак на Македонија.


Дембеле претставен на „Ванда Метрополитано“

Лидерот во шпанската лига, Атлетико Мадрид ја заврши потрагата по фудбалер за навалната линија, ангажирајќи го Муса Дембеле од француски Лион.
Дембеле во дресот на „јорганџиите“ до крајот на сезоната ќе настапува како позајмен фудбалер, а потоа, шпанците ќе го откупат во трансфер вреден 35 милиони евра.
Дембеле на „Ванда Метрополитано“ стадионот ќе го замени Диего Коста, кој си замина од клубот.
Лион празнината на Дембеле ја пополни со доведување на Слимани од англискиот премиерлигаш Лестер.


Тунискиот тинејџер кој дебитираше со гол за Јуве, го повреди коленото

Јувентус вчера дури после продолженија ја победи Џенова со 3-2 и се пласираше во четвртфиналето од купот на Италија.
Херој на „старата дама“ беше младиот Хамза Рафија кој во игра влезе во вториот дел за во продолжението да постигне гол за победа.
Рафија вчера беше херој на „старата дама“ , но денес доби лоши вести. Тој по натпреварот почувствувал болки во коленото па му биле направени дополнителни лекарски прегледи.
Прегледите покажале дека 21 годишниот Тунижанец ги повредил лигаментите на десното колено. Според информациите сега гочека пауза од две до три недели.


Почетино: Овој трофеј е само почеток за мојот ПСЖ

Маурисио Почетино им се заблагодари на сите во клубот откако го доби натпреварот од Суперкупот на Франција против Олимпик Марсеј со 2-1. Трофејот беше прв за Аргентинецот како тренер на парискиот клуб.
„Извојувавме многу важна победа. Трофејот е чест за клубот и навивачите. Тимот постепено почнува да го прави она што го барам. Јас сум тренер на ПСЖ скоро две недели, работиме напорно. Ова е само почеток. Веруваме дека со текот на времето ќе можеме да да ги зацврстиме нашите идеи и да напредуваме во играта. Сакам да им се заблагодарам на управата на клубот, играчите и мојот претходник Томас Тухел, заедно со неговиот тренерски штаб. Благодарение на овие луѓе имавме шанса да го освоиме Суперкупот“, рече Почетино по натпреварот.
Суперкупот на Франција е првиот официјален трофеј во кариерата на Почетино. Пред тоа, аргентинскиот тренер го освои трофејот нa пријателскиот турнир Ауди Куп 2019 со тимот на Тотенхем.


Ангеловски доби нов договор, ќе ја води Македонија на ЕП

Игор Ангеловски и ФФМ си подадоа рака за продолжување на соработката, промени по однос на селекторот нема, сега останува играчите да ја подигнат формата, да останат здрави и желни за голем успех.
„Благодарност до претседателот на федерацијата и Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа.
Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката.
Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава“, изјави селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски.
На Европското првенство нашата селекција ќе дебитира со Австрија, а потоа ќе се сретне со Украина и Холандија.