фудбал

Нејмар: Не знам што треба повеќе да направам за Бразил, за да ја добијам довербата на луѓето

После победата на Бразил над Перу, Нејмар се пожали дека не го добива респектот кој го заслужува.

Нејмар постигна гол и запиша асистенција, но беше критикуван од фановите и аналитичарите после мечот.

„Не знам повеќе што треба да направам за да ја добијам почитта на фановите. Ова не е нормално. Се случува подолго време и го прават истите коментатори и аналитичари. Понекогаш дури не ми се даваат интервјуа“, изјави нервозно Нејмар.


Едно од најголемите промашувања на Алекс Фергусон ја заврши кариерата

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед Ерик Џемба Џемба објави крај на професионалната кариера на 41 година.

Тој импресионираше со своите настапи во француски Нант, од каде во 2003. година направи трансфер од соништа и пристигна во Манчестер Јунајтед.

Англискиот великан го плати 3.5 милиони фунти, а Сер Алекс Фергусон го доведе како потенцијална замена за Рој Кин. Сепак, планот не успеа и Камерунецот после две години замина во Астон Вила.

Неговиот највпечатлив момент во Јунајтед се случи во 2003 година, кога пред крајот на продолженијата постигна гол против Лидс во Лига купот.

„Можам само да кажам дека официјално се простувам од фудбалот. Имам фудбалска академија во Камерун и ќе се фокусирам на тоа да ги едуцирам младите играчи како да станат фудбалери и да изградат успешна кариера“– изјави Џемба Џемба.

По Астон Вила играше за Барнли и Сент Мирен, а кратко време беше и во регионов, носејќи го дресот на Партизан. Во текот на кариерата играше и во Катар, Индија и Индонезија, а последниот ангажман му беше во швајцарски нисколигаш.


Солскјер потврди кога ќе дебитира Роналдо

Кристијано Роналдо ќе дебитира викендов во дресот на Манчестер Јунајтед, потврди тренерот Оле Гунар Солскјер.

Португалецот по 12 години се врати во Манчестер Јунајтед, откако играше и за Реал Мадрид и Јувентус. По враќањето на Олд Трафорд, тој потпиша двегодишен договор со опција да биде продолжен на дополнителна година.

Тој постигна 118 погодоци во 292 натпревари за Јунајтед во шесте години кои ги помина во клубот, а нов настап и шанса за погодоци ќе има веќе против Њукасл.

„Имаше добри подготовки со Јувентус, играше и за репрезентацијата. Со нас имаше добра недела и сигурно на теренот ќе помине некое време. Знаеме што се оствари во кариерата, но тука доаѓа да направи уште повеќе. Тој ни носи нешто дополнително, таков сет од способности не сме имале во екипата. Никој од нас тоа го немаше, бидејќи тој е еден од најдобрите играчи на сите времиња, ако не и најдобар.“ – вели Солскјер.


Сабицер: Дојдов во Баерн за да освојувам трофеи

Марсел Сабицер, кој се пресели од РБ Лајпциг во Баерн Минхен, ги сподели своите емоции откако направи трансфер во наголемиот германски состав.

„Мразам да губам – татко ми го всади тоа во мене. Сакам притисок, сакам да чувствувам дека треба да направам нешто. Јас сум на вистинското место. Сакам да решавам натпревари и да земам трофеи. Многу ми е удобно во Баерн. Отсекогаш сонував да бидам во Баерн. Но, јас не добивам ништо само така. Работев напорно за да стигнам овде“, рече Сабицер.

Баерн Минхен го објави трансферот на Забицер од Лајпциг на 30 август. Минхенскиот клуб плати 15 милиони евра за Австриецот, со дополнителни бонуси.


Легендарниот Сидорф има 45 години – погледнете во каква форма е! (видео)

Легендарниот холандски фудбалер Кларенс Сидорф гостуваше во Милано на „Gold’s Gym” каде ги воодушеви посетителите со својата неверојатна форма.

Иако одамна веќе не игра фудбал, 45-годишниот Сидорф покажа дека е во одлична форма, а притоа и демонстрираше вежби со кои ја одржува истата.

„Повеќе од физичкиот изглед би сакал да ми завидуваат на она што ми е во главата, бидејќи само тоа ми овозможува да правам се што правам за да се чувствувам добро. Сите можат да изгледаат убаво.“ – вели Сидорф.

Сидорф во својата кариера настапуваше за Ајакс, Сампдорија, Реал Мадрид, Интер, Милан и Ботафого, а единствен е фудбалер во историјата кој ја освојувал Лигата на шампионите со три различни клубови (Ајакс, Реал, Милан).

Во кариерата одигра 87 натпревари за репрезентациајта, а во тренерската кариера ги водеше Милан, Шенжен, Депортиво и репрезентацијата на Камерун.


Јапонија се откажа од домаќинството на клупското СП

Светското клупско првенство годинава нема да се одржи во Јапонија, откако таа земја се откажа од домаќинството.

Јапонија веќе месеци се мачи со пандемијата на коронавирусот и порастот на бројот на заразени, па тамошните власти испратија информација до ФИФА дека не се во можност да бидат домаќини на клубовите кои треба да настапат на клупското СП од 9. до 19. декември годинава.

„Не можеме да процениме каква ќе биде состојбата со пандемијата во декември. Освен тоа, веројатно нема да има гледачи, па заклучивме дека организацијата ќе биде многу тешка.“ – објави јапонскиот фудбалски сојуз.

ФИФА сега забрзано бара нов домаќин на клупското СП на кое треба да играат Челзи, Ал Ахли, Оукленд Сити и се уште непознатите шампиони на Јужна Америка, Средна Америка, Азија и уште еден клуб.

Минатата година титулата ја освои Баерн Минхен, кој во финалето го совлада Тигрес со 1:0.


Млад хрватски талент од Славен Белупо се пресели во Баерн

Баерн успеа да го ангажираат 16-годишниот хрватски фудбалски талент, Ловро Звонарек, од екипата на Славен Белупо.

Бундес-тимот првично ќе плати 2 милиони евра, но, сумата може да се зголеми до пет со одредени бонуси. Тоа претствува трансфер-рекорд за Баварците кога станува збор за играч до 18 години. Звонарек во тековнава сезона ќе остане во Хрватска а на 1 јули во 2022 година ќе замине во Баварија.

„Баерн е еден од најпознатите и најуспешните клубови во светот. Горд сум што ќе играм таму во иднина”, изјави Звонарек


Холандски тренерски великан објави крај на кариерата

Гус Хидинк, еден од најголемите холандски тренери на сите времиња објави дека заминува во пензија на 74 годишна возраст.

Тој ја заврши кариерата која траеше 34 години и во текот на која по два пати ги водеше ПСВ, Валенсија, репрезентацијата на Холандија и Челзи, како и по еднаш Фенербахче, Реал, Бетис, Јужна Кореја, Австралија, Русија, Турција, Анжи, младата репрезентација на Кина и Курасао.

Најголемите успеси ги оствари со ПСВ, кој го водеше до шест шампионски титули и четири Куп трофеи, како и до Купот на европските прваци во 1988. година, што е круна на неговата кариера.

Со Холандија, успеа да стигне до четвртото место на СП 1998. година, а четири години подоцна сензационално до истиот успех стигна и со Јужна Кореја, за што доби и почесно државјанство на таа земја.

Хидинк е еден од тројцата добитници на наградата за животно дело на Холандскиот фудбалски сојуз, останатите двајца се Ринус Михелс и Јохан Кројф.


Нуно од Тотенхем е менаџер на месецот во Премиер лигата

Менаџерот на фудбалерите на Тотенхем, Нуно Еспирито Санто, беше прогласен за најдобар во месец август во Премиер-лигата.

Тој во рангирањето ги остави зад него Дејвид Мојс (Вест Хем), Томас Тухел (Челзи) и Рафаел Бенитез (Евертон). Сите тројца имаат идентичен ефект по две победи и еден нерешен резултат. Санто со неговиот состав започна фуризно со сигурни три победи на исто толку мечеви. Тука влегува и триумфот против шампионот Манчестер Сити.

Тотенхем утре од 13.30 го очекува мечот со Кристал Палас во рамките на четвртото коло во Премиер-конкуренцијата.


Милан му нуди трампа на Ливерпул: Кеси за Тиаго

Милан размислува за размена на играчот од средниот ред Франк Кесие за играчот на Ливерпул, Тиаго Алкантара.

Договорот на играчот од Брегот на Слоновата Коска истекува следното лето и во оваа фаза тој одбива повторно да потпише. Така, за да не го загубат без пари, „росонерите“ во јануари ќе се обидат да го разменат за шпанскиот репрезентативец , објавија медиумите во Милано. Директорите на Милан, Фредерик Масара и Паоло Малдини, тргнаа да преговараат за ваков договор со преставниците на Ливерпул.

Од Ливерпул може да размислат за таков предлог, бидејќи Кесие е играч кој го сака Јирген Клоп. Тој е 6 години помлад од Тиаго Алкантара, а покрај тоа, Шпанецот не импресионираше во својата прва сезона на „Енфилд“, постигнувајќи само 1 гол на 30 натпревари.
Инаку, за само неколку дена Ливерпул и Милан ќе го продолжат ривалството во Лигата на шампионите. Двата тима се соочуваат еден против друг следната среда на „Енфилд“ во натпревар од групата Б.