фудбал

Вилшир ја заврши играчката кариера

Бившиот фудбалер на Арсенал и некогашен англиски репрезентативец Џек Вилшир соопшти дека става крај на својата играчка кариера.

30-годишниот Вилшир изникна во фудбалската академија на Арсенал, а негов последен клуб во кариерата беше данскиот Архус.

Англискиот фудбалер ги помина сите репрезентативни селекции на Англија, а за А селекцијата одигра 34 натпревари и постигна два гола.


Арсенал сака да го врати Гнабри

Арсенал сака да го врати во своите редови крилниот напаѓач на Баерн Минхен, Серж Гнабри.

Гнабри својата професионална кариера ја започна токму во Арсенал кога во 2011 година во клубот пристигна на 16.годишна возраст од Штутгарт.

Германскиот репрезентативец го напушти клубот од Лондон во 2016.година, иако тогашниот тренер на Арсенал Арсен Венгер сакаше да ја продолжи соработката со фудбалерот.

Гнабри од Арсенал замина во Вердер за само после една сезона да потпише со Баерн Минхен. Со доаѓањето на Мане во Баерн, Гнабри не е сигурен за своето место во тимот, па така разгледува опции за премин во други клубови, а една од опциите е Арсенал.


Интер достави прва понуда за Бремер

25-годишниот дефанзивец на екипата на Торино, Бремер несомнено е едно од најпосакуваните трансфер имиња во Серија А. Бразилецот одлично се развиваше во Торино и беше избран за најдобар дефанивец во сезоната, а сега е на пат да ја промени средината.

Интер е сериозно заинтересиран за неговиот потпис, но преговорите за сумата која „нероаѕурите“ би ја платиле за неговата слобода засега се во застој. Торино бара 40 милиони евра за својот стартен дефанзивец, додека Интер сака да ја намали сумата, со тоа што во договорот за Бремер сака да го вклучи младиот 19-годишен фудбалер Чезаре Касадеј, кој е централен играч за врска и актуелен италијански репрезентативец до 19 години.


Мурињо го бара Заха во Рома

Англиските медиуми пренесуваат дека напаѓачот на Кристал Палас, Вилфред Заха, би можел својата кариера да ја продолжи во Рома.

Рома и тренерот Жозе Мурињо се во потрага по фудбалер за нападот на тимот, бидејќи можно е клубот да го напушти Николо Заниоло. Една од опциите за нов напаѓач е 29-годишниот Заха.

Вилфред Заха е еден од најдобрите фудбалери на Кристал Палас. Тој веќе подолго време се обидува да го напушти клубот од Лондон, но проблем е виокото обештетување кое се бара за него.

Заха би сакал да соработува со Мурињо, но ќе треба да се почека на договор помеѓу двата клуба.


Фиорентина се засили со Лука Јовиќ од Реал

Фудбалскиот репрезентативец на Србија Лука Јовиќ потпиша договор со екипата на Фиорентина.

Италијанскиот клуб соопшти дека 24-годишниот доскорешен играч на Реал Мадрид, ги помина лекарските прегледи во Фиренца. Фиорентина го претстави својот нов напаѓач на својот официјален веб сајт и преку друштвените мрежи. Италијанските медиуми пренесуваат дека Јовиќ од Реал пристигна без обештетување, но клубот од Мадрид ќе добие 50 % од наредниот трансфер на играчот.

Лука Јовиќ во минатото има настапувано за Црвена Звезда, Бенфика, Ајнтрахт и Реал. Тој има одиграно и 26 натпревари за српската репрезентација.


Платини и Блатер ослободени од обвинението за корупција

Судот во Швајцарија пресуди дека поранешните први луѓе на ФИФА и УЕФА, Сеп Блатер и Мишел Платини не се виновни за корупција.

Против Блатер и Платини се водеше процес по обвинението дека двајцата функционери направиле проневера на два милиони швајцарски франци. После долги години на истрага сепак судот одлучи дека нема доволно докази за обвинението.


Клоп му го продолжи договорот на Џо Гомез

Дефанзивецот Џо Гомез стави потпис на нов договор со Ливерпул каде што настапува во изминатите седум години.

Гомез во Ливерпул дојде од Чарлтон во 2015 година и во тимот од „Енфилд“ оствари големи успеси, собра вкупно 142 настапи во дресот на „црвените“.

„Ова е посебен момент за мене и моето семејство. Нов момент за кој сонувате од дете. Ливерпул е фантастично место, веројатно едно од најдобрите на кое може да бидете, можеби и најдобриот клуб во светот. Не ми беше тешко да се одлучам да го продолжам договорот“, изјави Гомез

Во изминатата сезона Гомез настапи на 21 натпревар.


Кавани опција за нападот на Монца

Новајлијата во италијанската Серија А, екипата на Монца, сака да го ангажираат поранешниот уругвајски напаѓач од екпата на Манчестер Јунајтед, Единсон Кавани.

Според дел од медиумите на Апенините, клубот почнал да преговара со претставниците на играчот.

Во исто време, агентот на напаѓачот не ја исклучи можноста Единсон Кавани следната сезона да игра во Јужна Америка. Кавани имаше 19 настапи за Манчестер Јунајтед оваа сезона во сите натпреварувања, постигнувајќи два гола. Претходно тој во два наврати беше во Италија како фудбалер на Наполи и Палермо.


Без алкохол за фановите на Мундијалот во Катар

Лоша вест за навивачите и љубителите на пивото, кои планираат да ги следат натпреварите од Светското првенство во Катар на крајот на годината во живо.

Повикувајќи се на свој извор, агенцијата „Ројтерс“ ексклузивно ја објави веста дека трибините на стадионите на Светското првенство во Катар ќе бидат без алкохол, а продажбата на пиво надвор од стадионот ќе биде дозволена само пред и по некои натпревари и на одредени локации.

Овогодинешното Светско првенство е првото што ќе се одржи во муслиманска земја со строга контрола на алкохолот, што претставува уникатен предизвик за организаторите на Мундијалот, кој често се поврзува со љубителите на пивото и е спонзориран од светски брендови на пиво.

Така, одлучено е алкохолот да не се служи за време на натпреварите на стадионите, туку навивачите ќе можат да го купат за време на Светското првенство на ограничено време и во одредени делови од фан зоната на ФИФА во Доха, главниот град на Катар.


Стивен Бергвијн е нов играч на Ајакс

Досегашниот фудбалер на Тотенхем Стивен Бергвијн потпиша петгодишен договор со екипата на Ајакс.

Трансферот на 24-годишниот играч е вреден 26,4 милиони фунти. Фудбалерот го напушти Тотенхем поради фактот што не успеа да се избори за поголема минутажа во составот на тренерот Антонио Конте.

Бергвијн пристигна во Тотенхем во јануари 2020 година од ПСВ Ајндховен. Тој за клубот од Лондон одигра 83 натпревари и постигна осум гола.