фудбал

Ерв Ренар не е повеќе селектор на Саудиска Арабија

Фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија влегува во турбулентен период непосредно пред почетокот на Светското првенство, откако Ерв Ренар повеќе не е селектор на националниот тим.

Најавено е дека во најкус можен рок ќе биде именуван неговиот наследник. Ваквиот потег доаѓа по серијата разочарувачки резултати во контролните средби, во кои Саудијците беа поразени од Египет и Србија. За Ренар ова беше втор ангажман на клупата на националниот тим, откако претходно ја предводеше селекцијата и на Светското првенство во Катар во 2022 година, каде остави солиден впечаток со настапите.

Сепак, раководството очигледно не беше задоволно од моменталната форма на репрезентацијата и реши да реагира пред најголемиот фудбалски настан.

Саудиска Арабија на претстојниот Мундијал ќе се натпреварува во групата Х, заедно со селекциите на Шпанија, Уругвај и Зеленортските Острови.


Репрезентацијата на Македонија до 16 години поразена од Узбекистан

Македонската репрезентација која е дел од развојниот турнир на УЕФА за играчи до 16 години во вториот настап во Струмица е поразена од Узбекистан со 2-0.

За разлика од првиот дуел со Северна Ирска, селектор Иљами Исејни направи неколку измени во стартниот состав и им даде шанса на фудбалери кои пред два дена на почетокот од натпреварот се најдоа на клупата за резервни фудбалери.

Узбекистан поведе во 39. минута, а стрелец на голот беше Берузбек Саматов.

Во претпоследната минута од првиот дел Александар Полимац имаше можност за израмнување, но неговиот обид го одбрани голманот Алмаз Ајупов, кој исто така одлично реагираше и во 58. минута по ударот со глава на Адријан Велески.

Во продолжението од натпреварот Македонија имаше уште две можности за израмнување. Во 71. Матеј Бочески шутираше, а Ајупов одбрани, а на пет минути пред крајот на мечот обидот на Стефан Ристиќ заврши крај голот.

Конечниот резултат го постави Рузимуродјон Рузимуродов во петтата минута од судиското надополнување.

Во последното коло Македонија се среќава со Турција, која денеска беше совладана од Северна Ирска со 3-2.

Натпреварот е на програмата в понеделник и ќе се одигра на теренот на тренинг центарот Горан Пандев.


Само еден стадион во Италија ги исполнува стандардите на УЕФА за ЕП 2032

Директорот на УЕФА за Европското првенство 2032 година испрати предупредување до Милано и Неапол поради слабата инфраструктура за турнирот, пренесува „Фудбал Италија“.

Пред само неколку недели, првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, отворено се закани дека Италија може да остане без организацијата ако не се подобрат условите.

„Се надевам дека инфраструктурата ќе биде подготвена. Во спротивно, турнирот нема да се игра во Италија“, изјави Чеферин за „Газета дело Спорт“ на 2 април.

Ува се осврна на овие зборови за време на настан во Милано и се обиде да ја смири јавноста.

„Тој е во право и испрати јасна порака. Работиме интензивно и сум убеден дека Италија ќе биде домаќин на Европското првенство со пет стадиони“, изјави Ува.

Според него доцнење засега нема.

„Не доцниме и целосно сме усогласени со предвидената динамика. Нема причина за паника“, додаде тој.

Во моментов само стадионот на Јувентус во Торино ги исполнува комплетните услови за да биде домаќин на Европското првенство и тој е единствен на кој не треба ништо да се реконструира.


Почина легендарниот Оскар Шмит

Тажна вест, доцна во петокот, пристигна од Бразил. Оскар Шмит, еден од најголемите стрелци во историјата на кошарката, почина на 69-годишна возраст.

Членот на Салата на славните, познат по прекарот „Света Рака“, страдаше од тумор на мозокот 15 години.

Членовите на неговото семејство потврдија дека Шмит си заминал со „храброст, достоинство и неуморен дух, останувајќи пример за решителност, дарежливост и љубов кон животот“.

Статистичарите евидентираа дека Шмит постигнал вкупно 49.973 поени за време на неговата професионална кариера во сите натпреварувања, што го прави најдобар стрелец во историјата на кошарката до април 2024 година, кога го престигна Леброн Џејмс.

Шмит никогаш не играл во НБА, но бил високо ценет во Бразил поради неговата посветеност на националниот тим и неговите настапи на рекордни пет последователни Олимписки игри.

Тој е рекордер на олимпискиот турнир по бројот на поени. Беше клучен играч на бразилскиот тим во антологиската победа над селекцијата на САД на Панамериканските игри во 1987 година.

Својата професионална кариера ја започна во 1974 година и поголемиот дел од неа го помина во Бразил и Италија, каде што стана идол од детството на идниот великан Коби Брајант. Во 1984 година, тој беше избран од Њу Џерси Нетс во шестата рунда од драфтот на НБА. Тренираше со тимот, но го одби договорот. Во тоа време, на играчите од НБА не им беше дозволено да играат за националните тимови.

Со висина од 205 см, тој беше исклучително прецизен шутер за тројки во 1980-тите, кога тројката не беше ни приближно толку честа како што е денес. Токму затоа го доби прекарот „Мао Санта“ („Света рака“).


Интер го прегази Каљари и граби кон скудетото

Фудбалерите на Интер го победија Каљари на домашен терен со 3-0, во 33. коло од Серија А.

Од самиот почеток, Интер наметна висок ритам на играта, со константен посед на топката и постојан притисок врз последната линија на Каљари. Гостите од Сардинија издржаа во првото полувреме кое заврши без голови.

На првиот гол се чекаше до 52. минута, кога Маркус Тирам со глава ја испрати топката во мрежата по центаршут од левата страна.

Само четири минути подоцна, Николо Барела, ја дуплираше предноста на својот тим, а конечниот резултат го постави Зиелински во втората минута од судиското продолжение.

По оваа победа, Интер со натпревар повеќе има 12 поени повеќе од Наполи.


Лампард го врати Ковентри во Премиер лигата по 25 години

Ковентри се врати во Премиер лигата по 25 години чекање. Освоениот бод во драматичната завршница на гостувањето кај Блекбурн Роверс, во натпревар што заврши со резултат 1-1, беше доволен за тимот на Френк Лампард математички да обезбеди промоција воелитниот ранг на англискиот фудбал.

„Херој на историската вечер беше Боби Томас, чиј гол со глава во 84-та минута донесе неопислива прослава за навивачите на „Небесно сините“, пишува Би-Би-Си.

Се чинеше дека прославата ќе биде одложена, откако Блекбурн поведе во 54-та минута. Риоја Моришита му донесе предност на Белкбурн.

За домашниот тим, освоениот бод е исклучително важен во борбата за опстанок во лигата.

Поминаа точно 9099 дена од последниот натпревар на Ковентри Сити во Премиер лигата. Враќањето во елитата предизвика силни емоции. По последниот свиреж на судијата, навивачите на трибините беа во солзи, играчите славеа на теренот, а менаџерот Френк Лампард, познат по својата воздржаност, мирно се ракуваше со своите колеги.


Силекс убедлив, Брера со полна мрежа се враќа од Кратово

Екипата на Силекс ја забележа четвртата победа во низа, попладнево со убедливи 4-0 ја совлада Брера Струмица.

На отворањето на 28. коло во Првата македонска фудбалска лига, Силекс пред своите навивачи лесно се справи со Брера Струмица.

Момците на Васоски покажаа дека се во одлична форма и славеа со убедливи 4-0 за четврта победа во низа.

Резултатот беше отворен во 19. минута, настана мешаница по обидот на Бутуровиќ со глава, гостите не успеаја да расчистат и топката заврши во мрежата.

Силекс поведе со 2-0 на стартот од вториот дел, Додев реализираше по една лоша интервенција на голманот на Брера.

По еден час игра веќе беше 3-0, Алиќ доби одлична топка во фор и погоди за нова радост на домаќините.

Конечните 4-0 беа поставени во 69. минута, Португалецот Пиреш од тешка позиција биеше прецизно и со помош на пречката ја затресе мрежата.


Каиседо го продолжи договорот со Челзи

Фудбалерот на Челзи, Мозес Каиседо, дефанзивен играч од средниот ред, кој уште во Брајтон докажа дека е еден од најдобрите на својата позиција во најсилната лига во светот, ќе го продолжи договорот со Челзи.

Актуелниот договор му истекува дури во 2031 година, но благодарение на неговата посветеност, тој заработи нов договор и зголемување на платата.

Пред две години кога од Брајтон пристигна во Челзи, тој го урна рекордот за трансфери меѓу клубовите од Премиер лигата (неговиот рекорд подоцна го сруши Исак).

Каиседо ќе потпише со Челзи до 2033 година.

Оваа сезона играше на дури 42 натпревари, тој е еден од најстандардните фудбалери во Челзи во последните десет години.

Каиседо досега заработуваше 150.000 фунти неделно, сега таа бројка ќе биде многу поголема.


Алаба по пет сезони заминува од Мадрид

Австрискиот дефанзивец Давид Алаба ќе го напушти Реал Мадрид на крајот од сезоната, објави клубот во петокот.

32-годишникот ги помина последните пет сезони, во дресот на Реал, но не може да се каже дека ги оправда очекувањата. Само 129 натпревари, пет гола и девет асистенции со неколку повреди кои беа главен иницијатор на ставот дека неговиот период во Мадрид не поминал добро.

Пропушти над 110 натпревари поради повреди во последните години.

Неговото заминување ќе отвори голем простир во буџетот, бидејќи Австриецот беше еден од фудбалерите со најголема годишна плата.

На 32-годишна возраст, тој ќе бара нов клуб ова лето, а веќе има неколку понуди од Европа и пошироко од континентот. Веројатно станува збор за Саудиска Арабија или пред сè за МЛС лигата. Не е исклучено кариерата да ја продолжи во Турција или во Серија А.


Барса се распрашува за напаѓачите на Атлетико

Барселона има приоритет во летниот преоден рок да ангажира напаѓач и деванзивец кој се служи со левата нога.

Матео Морето, тврди дека, клубот, официјално се распрашал за можноста за доведување на Александар Серлот, напаѓачот на Атлетико Мадрид. Спортската администрација сака да се осигура поради неизвесната иднина на Роберт Левандовски, кој има профитабилни понуди и мора да одлучи дали да прифати продолжување на договорот со намалена плата.

Норвежанецот Серлот, со договор до 2028 година, се смета за добро решение поради неговата техничка сличност со Полјакот и неговата способност брзо да се прилагоди на системот на игра на тренерот Ханси Флик.

Напаѓачот, кој постигна 17 гола на 47 натпревари за Атлетико оваа сезона.

Ова значи дека Барселона нема пари за Хулијан Алварез, но јасно е дека ќе треба да издвои значителна сума и за евентуалнио трансфер на Серлот.

Од пред еден месец со Барселона се поврзува и италијанскиот репрезентативец, Алесандро Бастони.

Според овој извор, Бастони, веќе се согласи да се пресели во Каталонија, а договорот за личните услови не би требало да биде проблем. Вистинскиот предизвик се преговорите со Интер а младиот Хектор Форт би можел да игра клучна улога во нив.

Италијанскиот клуб го следи младиот играч од фудбалската школа на Барселона веќе долго време, а неговото вклучување во трансферот, со обештетување од приближно 55 милиони евра, би можело да биде клучно за италијанскиот стопер да игра за Барселона следната сезона.