фудбал

Барса не добила никаква понуда за Гризман

Барселона сè уште не добила никаква официјална понуда за напаѓачот Антоан Гризман, пренесува „Марка“. Каталонците бараат купувач за 30-годишниот фудбалер, кој во моментов прима најголема плата на „Камп Ноу“, откако Лионел Меси стана слободен играч.

Во оваа фаза, сепак, клубот сè уште нема добиено ниту една понуда за Французинот. Каталонците итно треба да го намалат буџетот за плати за новата сезона, со цел да ги исполнат барањата за Финансиски фер-плеј и да можат да ги пријават своите нови засилувања. Затоа сакаат да го продадат Антоан Гризман. Тој не ги оправда големите очекувања што ги имаше за него по неговиот трансфер од Атлетико Мадрид во 2019 година за 120 милиони евра.

Во исто време, тој добива огромна плата, од која сакаат да се ослободат на „Камп Ноу“. Гризман беше на чекор да се врати во Атлетико, но во последен момент двата клуба не се договорија и зделката пропадна. За него се заинтересирани Јувентус, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Челзи, но никој од нив сè уште не испратил официјална понуда до канцелариите на „Камп Ноу“. Гризман има договор со Барса до 2024 година.


Сити испрати официјална понуда за Грилиш

Пеп Гвардиола е цврсто решен да го донесе Џек Грилиш во Манчестер Сити во овој преоден рок.

Според островските медиуми, „Граѓаните“ испратиле понуда до Астон Вила од 75 милиони фунти за англискиот репрезентативец.

Капитенот на Астон Вила е достапен за нешто над 100 милиони фунти, но од Сити веруваат дека ќе успеат да го ангажираат за помала трансфер отштета.

Грилиш неодамна изјави дека се уште нема одлучено дали сака да ја напушти Астон Вила пред почетокот на новата сезона.


Барса ќе замине на германската турнеја без Агуеро и Меси

Барселона го објави списокот на фудбалери со кои ќе оди на подготовки во Германија. Каталонците во предсезонските подготовки во Германија ќе играат пријателски натпревари со Штутгарт и Салцбург.

Во групата од 25 фудбалер не се вклучени Лионел Меси и Серхио Агуеро.

Меси се уште нема потпишано договор и моментално е слободен агент. Што се однесува до Агуеро тој денес пристигна во Барселона, но доби уште неколку слободни денови.


Нагелсман: Очекувам да имаме проблеми на почетокот на сезоната

Тренерот на фудбалерите на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман,  по лошите резултати на пријателските мечеви – порази од Келн и Борусија Менхенгладбах и реми со Ајакс, вели дека ќе биде тешко на стартот на сезоната.

„Немаме многу време, можно на стартот од сезоната да имаме проблеми. Ќе ни биде потребно време да ја развиеме нашата игра“, потенцираше Нагелсман.

Баварците  в сабота ги очекува пријателски меч со Наполи, а потоа и стартот на Бундес-лигата и гостувањето кај Борусија Менхенгладбах.


Ибраими: Можеме до поразличен резултат

Македонскиот фудбалски првак, Шкендија не успеа да постигне ниту еден гол на досегашните три европски натпревари летово, а нова шанса за тоа ќе има во реваншот против Рига во второто квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига.

Напаѓачот на Шкендија, Бесарт Ибраими уверува дека негативата од 2:0 е достижна, но за тоа мора да проработи нападот.

„Време е да почнеме да даваме голови. Знам дека можеме да славиме над Рига. На првиот меч загубивме поради наши грешки. Ако бидеме посконцентрирани во нападот, резултатот ќе биде поразличен.“ – изјави Ибраими на прес конференција пред натпреварот во Скопје.


Европскиот првак се засили со голман на Фулам

Челзи синоќа го потврди првото засилување за новата сезона, а станува збор за голманот на Фулам, Маркус Бетинели.

Бетинели ќе биде трета опција меѓу диреците, после Менди и Кепа, и доаѓа на местото на ветеранот Кабаљеро, кој го напушти клубот.

Искусниот голман една деценија беше дел од тимот на Фулам каде не беше редовно прв избор, а со Челзи потпиша двегодишен договор.


Арсенал покажува интерес за Лаутаро Мартинез

Екипата на Арсенал покажува сериозен интерес во своите редови да го доведе играчот на Интер, Лаутаро Мартинез.

Интер има финансиски проблеми и ќе мора да продаде некоја од своите ѕвезди, а Арсенал сака да ја искористи таквата ситуација.

„Топџиите“ се спремни да понудат 70 милиони евра за Аргентинецот плус бонуси, но ќе треба да ја победат силната конкуренција.

Лаутаро во моментов одбива да се пресели во тим кој не настапува во Лигата на шампиони, но Арсенал е спремен да му понуди двојно поголема плата од актуелната, што би можело да биде пресудно во преговорите.


Јуве го стави на трансфер пазарот Арон Ремзи

Јувентус бара купувач за играчот за врска Арон Ремзи. Велшанецот беше разочаран во последните две сезони со тимот на Јувантус и никогаш не го потврди целиот свој потенцијал.

Причината за ова беа некои повреди што го мачеа во овој период. Сепак, клубот работи на освежување на составот и Ремзи е еден фудбалерите кои најверојатно ќе го напуштат клубот ова лето. Не недостасува интерес за него, бидејќи два клуба од Англија се подготвени да влезат во трансфер битка за неговиот потпис. Станува збор за Тотенхем и Вулверхемптон. Дури се тврди дека тие веќе разговараат со Јувентус за можноста за таков договор.

Сепак, Јувентус чека на продажба на Ремзи, бидејќи сака да биде сигурен дека најпрво ќе најде замена. Клубот гледа во Миралем Пјаниќ од Барселона. Бјанконерите се подготвени да го вратат во својот состав, и ова е желба на новиот тренер Масимилијано Алегри.


Халанд: Челзи? Се надевам дека тоа не е вистина!

Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд изјави дека вестите за негов трансфер во Челзи за 175 милиони евра се само гласини.

Германски „Скај“ претходно објави информација дека Челзи неформално понудил еден играч и пари како би проверил какви се шансите за доведување на Халанд. Лондонскиот клуб наводно беше спремен да го понуди Тами Абрахам или Калум Хадсон-Одои.

Подоцна пристигна информација дека се подготвени да понудат 175 милиони евра за Норвежанецот. Сепак, Халанд ги отфрли таквите наводи.

„Навистина немам што многу да кажам на таа тема. Имам уште три години договор со Дортмунд и уживам овде. Не се грижам премногу. Тоа се многу пари, а јас се надевам дека тоа се само гласини, бидејќи тоа е премногу за еден фудбалер.“ – вели Халанд.

Челзи е во потрага по нов напаѓач иако минатата сезона, под водство на Томас Тухел, ја освои Лигата на шампионите.


Откриено зошто пропадна трансферот на Алиоски во Галатасарај

Македонскиот репрезентативец, Езгјан Алиоски требаше да биде нов играч на Галатасарај, но наместо тоа тој прифати да се пресели во Саудиска Арабија.

Тренерот на Галатасарај, Фатих Терим објасни зошто трансферот не беше реализиран.

„Ние имаме трансфер стратегија.  Алиоски беше една од нашите цели, но тој бараше 7,5 милиони евра за три сезони. Точно е дека баравме лев бек, но Алиоски не е класичен бек, а и не вреди толку пари.“ – изјави Терим.

Алиоски ја прифати понудата од саудиски Ал Ахли, откако одби нов договор со премиерлигашот Лидс.